Браќа Карамазови
Браќата Карамазови (руски: Братья Карамазовы) — роман на рускиот писател Фјодор Достоевски.
Корица на македонскиот превод на „Браќа Карамазови“, издание на Табернакул. | |
Автор | Фјодор Достоевски |
---|---|
Изворен наслов | Братья Карамазовы |
Преведувач | Димче Биљаноски и други. |
Земја | Русија |
Јазик | руски |
Жанр | филозофска |
Издавач | Руски весник (како серијал) |
Издадена | ноември 1880 |
Медиум | печатено |
Страници | 1.044 (Табернакул) |
Претходна | Нежно суштество |
Следна | Дневникот на писателот |
Настанување на романот
уредиВрз Достоевски и неговото творештво влијаеле религијата и филозофијата. Во мај 1878 година, тригодишниот син на Достоевски умрел од епилепсија, наследна болест од татко му. Жалоста на писателот е присутна во романот и ликот Алјоша е именуван во чест на неговиот син. Смртта на синот на Достоевски резултурала со посетување на Манастирот Оптина, истата година. Таму, тој пронашол инспирација за неколку аспекти од книгата „Браќа Карамазови“, иако првично имал намера да пишува за детството. Дел од животот на Отец Зосима е заснован врз „Животот на старецот Леонид“, текст кој го пронашол во манастирот Оптина и го копирал „од збор до збор“.[1]
Во 1850-те години, за време на неговиот престој во Омск, Достоевски сретнал тројца браќа кои го претставувале одличниот братски сојуз во слога. Измислениот град Скотопригоневск најверојатно е заснован врз Стараја Руса, каде Достоевски поминал еден дел од животот, поточно од 1872 до 1880 година.[2]
„Браќа Карамазови“ е последниот роман на Фјодор Достоевски кој го пишувал околу две години, а бил објавен во продолженија, во списанието „Руски весник“, во текот на 1879 и 1880 година. Достоевски посветил многу време работејќи на романот, а за таа цел привремено го прекинал издавањето на „Дневникот на писателот“, кој не излегувал во 1878 и 1879 година, т.е. во периодот на најинтензивната работа на романот.[3] Романот бил завршен во ноември 1880 година. Од белешките принајдени во неговата оставнина се гледа дека, во обликот во кој конечно бил напишан, Достоевски го замислил романот во првата половина на 1876 година. Според идејата на Достоевски, романот требало да биде прв дел од епопејата[4] во која имал намера да ја изрази својата „главна идеја“, како што се изразил во едно писмо. Првобитно, тој роман требало да се вика „Атеизам“, но подоцна насловот бил променет во „Животот на големиот грешник“. Тој замислен роман требало да биде животното дело на Достоевски. Така, во писмото до Аполон Мајков од 11 октомври 1868 година, Достоевски напишал: „... ќе го напишам овој роман, а потоа макар и да умрам - целиот ќе се изразам“, додека во писмото до А. С. Иванова од 14 декември 1869 година нагласил: „Таа идеја е сето она поради кое живеев.“ Во писмото до Мајков од 25 март 1870 година, Достоевски напишал дека главното прашање што ќе биде обработено во сите делови на романот е постоењето на бога. Истовремено, во „Животот на големиот грешник“, тој имал намера да го постави прашањето на позитивниот јунак кој, како што сведочи писмото до Мајков, требало да биде моделиран според свештеникот од XVIII век, Тихон Задонски. Достоевски не успеал да ја оствари својата „главна идеја“, но неговата замисла најблизу е реализирана во „Браќата Карамазови“, каде ликот на старецот Зосима е направен според Тихон Задонски, а како „позитивен руски тип“ може да се смета и Аљоша, иако тој лик не е потполно довршен. Според сопругата на Достоевски, Ана Григориевна, тој планирал да напише продолжение на „Браќата Карамазови“ во кое, на крајот, Аљоша требало да премине во редот на револуционерите.[5]
Во своите дела Достоевски обработувал и некои вистински настани за кои читал во весниците или за нив дознал на друг начин. Така постапил и во романот „Браќата Карамазови“ во кој ликот на Митја Карамазов е насликан според некој Илински - вистински лик со кој Достоевски се запознал во затворот. Илински бил лекомислен човек кој бил осуден поради убиството на татко му, но подоцна бил откриен вистинскиот убиец. Исто така, во едно писмо, Достоевски напишал дека сите анегдоти за децата биле преземени од весниците и дека тој не измислил ништо. Најпосле, романот „Браќата Карамазови“ е поврзан и со публицистичкото творештво на Достоевски, а особено „Дневникот на писателот“. Според А. С. Долинин, Дневникот не само што претставува идеолошка лабораторија од која произлегла основната композиција на романот, туку во Дневникот за 1876 година може да се најдат цели делови кои буквално се пренесени во романот. Впрочем, токму фактот дека во времето на најинтензивната работа на „Браќата Карамазови“ Достоевски престанал да го објавува Дневникот зборува за тоа дека станува збор за реализација на истата идеја.[6]
Ликови
уредиФјодор Павлович Карамазов — татко на тројца синови од неговите два брака. Тој е на возраст од 55 години, а опишан е како „паразит“ и „кловн“. Според гласините во округот, тој е татко и на вонбрачното дете, Павел Фјодорович Смердјаков, кој е вработен како негов слуга. Фјодор не изразува никаква желба и интерес кон своите синови, кои пак се израснати одделени еден од друг. Односите меѓу татково и синовите се една од главните теми на романот.
Дмитри Фјодорович Карамазов, познат и како Митја, Митка, Митенка или Митри, е најстариот син на Фјодор Карамазов, а воедно и единствено дете од првиот брак. Тој е сензуалист, слично како неговиот татко, кој многу пари за ноќи поминати со шампањ, жени и забава. Дмитри стапува во контакт со неговото семејство во моментот кога има потреба од наследството од неговиот татко, за кое тој верува татко му му го задржува. Дмитри има лоша врска со таткото, често ескалирајќи во насилство. Насилството често ескалира во врска со жената Грушенка, за која пројавува желба и татко му. Иако Дмитри има добри односи со Иван (средниот брат), сепак тој има најблиски односи со Алексеј (најмладиот брат).
Иван Фјодорович Карамазов, познат и како Вања, Ванка или Ванечка, е средниот син на Карамазов и прв син од вториот брак на Фјодор. Тој е млад човек на возраст од 24 години, рационалист, особено вознемирен од бесчуствителното страдање во светот. Тој е опишан како високо интелигентен човек. Уште од раните години, Иван е изолиран и недружељубив. Во еден разговор со Алексеј, таткото Фјодор изјавува дека повеќе се плаши од Иван отколку од Дмитри. Некои од најзабележителните делови од романот се однесуваат на Иван.
Алексеј Фјодорович Карамазов, познат и како Алјоша, Алошка, Алјошенка, Алјошечка, Алексејчик или Лјошенка, е најмладиот син на Фјодор. Тој е на возраст од 20 години и е втор син од вториот брак на Фјодор. Алексеј е опишан како херој на романот во воведното поглавје. Тој, исто така, е опишан како доста љубезна личност. Во почетокот на романот, Алјоша е почетник во еден православен манастир. Неговата вера е во судир со атеизмот на брат му Иван. Неговиот претпоставен, Отец Зосима, го испраќа во светот каде Аљоша се соочува со замрсените односи во неговото семејство.
Павел Фјодорович Смердјаков — слуга на Фјодор, за кој се смета дека е негов вонбрачен син. Тој е син на „Смрдливата Лизавета“, нема жена која живеела на улица и умрела при породување. Прекарот на Павел значи „смрдлив“ или „син на смдрлив“. Смердјаков израснал во куќата на Карамазови, како слуга и готвач. Тој е недружељубив и намуртен и најверојатно страда од епилепсија. Општо гледано, Смердјаков му се воодушевува на Иван и го дели неговото мислење кога е во прашање атеизмот.
Катерина Иванова Верховцева, наречена и Катја, Катка или Катенка, е вереница на Дмитри, иако тој јавно пројавува желба и интерес за Грушенка. Веридбата со Дмитри е прашање на гордост од двете страни. Дмитри позајмил пари на таткото од Катарина, додека пак таа има голема гордост и тежнее да дејствува како благороднички маченик. Поради тоа, таа не може да ја изрази симпатијата кон Иван и постојано создава бариери меѓу нив. Кон крајот на книгата и Катерина запичнува вистинско и реално душевно прочистување.
Аграфена Александровна Светлова, наречена и Грушенка, Груша и Грушка, е девојка од 22 години, која има неверојатен шарм и привлечност. Во нејзината младост таа била напуштена од еден полски офицер и таа потпаднала во закрила на еден тирански скржавец. Тоа предизвикало кај неа да се појави желба за независност и самоконтрола на нејзиниот живот. Таа изразува интерес и за Фјодор и за Дмитри Карамазов и се труди да ги измачува двајцата. Сепак, со започнувањето на пријателството со Алјоша, таа тргнува по друг пат.
Отец Зосима, Старецот — старец и духовен советник во манастирот и учител на Алјоша. Понекогаш, тој се славел од луѓето како личност со проповеднички и исцелувачки способности. Неговите учења му помогнале на Алјоша да се справи со предизвиците во животот.
Преку некои ликови во романот Достоевски настојувал да ги изрази своите или погледите на своите идеолошки противници. Во прв ред, станува збор за: старецот Зосима, Иван Карамазов, Аљоша Карамазов, Михаил Ракитин, итн. Сепак, како одраз на противречните сфаќања на самиот автор, некои од овие ликови не се доследно насликани. На пример, ликот на Ракитин не се одликува со уметничка вистинитост и реалистичност; Исто така, идеите на Иван Карамазов не се во согласност ос неговите постапки, т.е. уметничката логика на овој лик е во спротивност на тенденцијата на писателот. Така, Иван Карамазов го изразува својот протест против насилството над луѓето и го негира поредокот во светот, но истовремено тој е приврзаник на аморалниот принцип дека „сè е дозволено“. Оваа контрадикторност настанала оттаму што Иван е претставник на атеизмот и рускиот „нихилизам“ кои биле мета на силна критика од Достоевски, кој сметал дека тие не се воздржуваат од ништо во остварувањето на нивните цели. Меѓутоа, убедливоста на ликот на Иван Карамазов е нарушена со тоа што тој носи морална одговорност за убиството на татко му, иако тој нема никакви причини да го поттикнува слугата Смердјаков да го изврши убиството. Меѓутоа, според тенденцијата на писателот, оној што е атеист и бунтовник мора да биде и соучесник во убиството.[7]
Исто така, не се успешни ниту „позитивните јунаци“ во романот, во прв ред, носителите на „главната идеја“, старецот Зосима и Аљоша Карамазов, кои се прилично неодредени и нереални. Авторот се обидува да го прикаже Зосима како носител на нови идеи и како идеен водач на народот, но не е убедлив во прикажувањето на разликата меѓу неговите идеи и идеите на другите калуѓери, кои се негови противници. Оттука, улогата на Зосима во еден современ општествен роман е депласирана. Ликот на Аљоша Карамазов е пореален, а особено голема поетска топлина и реализам има во сцените во кои се опишуваат неговите односи со децата, но неговиот лик, општо земено, е неодреден и растргнат. Авторот го прикажува Аљоша како едноставен и благороден, но постојано истакнува дека тој е Карамазов при што не покажува на кој начин во таа карамазовска средина Аљоша израснал во едне вид светец. Исто така, писателот постојано ја нагласува големата животна мисија на Аљоша поради која старецот Зосима го наговара да го напушти манастирот, но не е јасно каде е неговата голема мисија, зашто тој не извршува никаква голема задача. Сепак, неуспехот во сликањето на „позитивните јунаци“ во романот не е доказ за опаѓањето на уметничката дарба на Достоевски, туку причината лежи во нереалноста на задачата што си ја поставил самиот автор. Независно од тоа колку ликовите на Аљоша и Зосима се симпатични и благородни, едноставно не може да се очекува од еден остарен калуѓер и едно неизградено момче да бидат вистински претставници на народот и носители на највисоките морални и интелектуални особини. Во времето кога е напишан романот, таквите луѓе веќе биле надминати во руското општество и нив не можел да ги оживее ниту генијот на Достоевски.[8]
Содржина
уредиКнига прва: Повест за едно семејство
уредиФјодор Павлович Карамазов е расипан човек кој во околината се претставува како глупак, а лесните жени се неговата најголема страст. Тој има тројца синови: Дмитри (Митја) од првиот брак и Иван и Алексеј (Аљоша) од вториот брак, но веднаш по смртта на сопругите, тој едноставно ги заборава своите деца и тие растат во туѓи домови. Дмитри станува офицер и го посетува својот татко, верувајќи дека има наследено имот, но само одвреме-навреме успева да извлече пари. Иван завршува факултет и потоа ненадејно се враќа во родниот дом, а Аљоша одлучува да се замонаши во манастирот во близината на родното место. Еден ден, тројцата браќа и таткото закажуваат состанок во манастирот, во ќелијата на стариот монах Зосима кого го слават како исцелител.[9]
Книга втора: Неумесен собир
уредиВо договорениот ден, во манастирот пристигаат Фјодор и Иван Карамазови, во придружба на Петар Миусов, роднина на првата жена на Фјодор, додека Дмитри доцни. При средбата со старецот Зосима, Фјодор се претставува себеси како глупак, но старецот го препознава неговото лажно однесување. Подоцна, во ќелијата на Зосима пристигнува и Дмитри, кој веднаш влегува во остра кавга со татко му. Зосима, кој веќе чувствува дека му се ближи смртта, му остава завет на Аљоша да го напушти манастирот, а Аљоша дознава од еден калуѓер дека нетрпеливоста во неговото семејство не е само поради парите, туку и поради тоа што Фјодор и Дмитри се вљубени во иста жена, а Иван ја сака свршеницата на Дмитри. Најпосле, на ручекот што го дава игуменот, Фјодор предизвикува голем скандал со тоа што грубо ги напаѓа црквата и свештениците.[10]
Книга трета: Сладострасници
уредиПо скандалот во манастирот, Аљоша оди да ја посети свршеницата на Дмитри, Катарина Ивановна. Патем, тој го среќава растревожениот Дмитри, кој му раскажува како се свршил со Катарина: нејзиниот татко ги проневерил парите од армиската каса, Дмитри му дал пари, а подоцна Катарина му понудила да се свршат. Исто така, Дмитри му признава дека е страсно вљубен во Грушенка, иако знае дека таа е неморална. Притоа, тој го испраќа Аљоша кај татко им, со молба да му позајми пари, а потоа нив да ѝ ги однесе на Катарина. Меѓутоа, подоцна, Дмитри лично упаѓа во родната куќа и се нафрла врз татко му, мислејќи дека таму се крие Грушенка. Потоа, Аљоша ја посетува Катарина и таму ја среќава и Грушенка, која ја исмева домаќинката. Најпосле, тој се враќа во манастирот и таму го чита писмото од девојчето Лиза, која му пишува дека е вљубена во него.[11]
Книга четврта: Кинење и мачење
уредиВо манастирот, старецот Зосима ги живее последните мигови при што повторно му порачува на Аљоша да го напушти манастирот. Одејќи кон домот на Лиза, Аљоша среќава група ученици, од кои едена еден од нив (Иљуша) го напаѓа со камења, а потоа му го гризнува прстот. Во домот на Лиза се наоѓаат Катарина и брат му Иван, кој ѝ признава дека ја сака и ја искажува својата намера да замине во Москва. Катарина го замолува Аљоша да го посети капетанот Снегирјов и да му даде пари како надомест за навредата што му ја нанесол Дмитри. Во домот на капетанот, Аљоша сфаќа дека детето го нападнало поради одмазда за понижувањето што го претрпил татко му. Аљоша му ги дава парите на капетанот, но тој одбива да ги прими, иако му се многу потребни.[12]
Книга петта: Про и контра
уредиАљоша оди во домот на Лиза и двајцата си ветуваат дека ќе стапат во брак штом таа порасне. Потоа, барајќи го Дмитри, Аљоша оди во една кафеана, каде се среќава со Иван, кој опширно му ги образложува своите сфаќања за човекот, за светот и за бога. Притоа, Иван му ја раскажува својата поема „Големиот инквизитор“: Дејството се случува во Севиља, во 16 век, кога во градот се појавува Исус Христос, кој воскреснува едно умрено девојче, но веднаш потоа е затворен по наредба на главниот инквизитор. Во затворот, инквизиторот го обвинува Христос дека погрешил со тоа што на луѓето им понудил слободна вера, убедувајќи го дека луѓето не ја заслужуваат слободата, туку треба да бидат држени во покорност. Христос не му одговара на инквизиторот, туку само молкум го бакнува, а тој го пушта да излезе од затворот. Завршувајќи ја приказната, Иван и Аљоша се разделуваат, по што Аљоша заминува во манастирот, заборавајќи дека го барал Дмитри, додека Иван се упатува во домот на татко му. Таму го среќава слугата Смердјаков, кој му предвидува дека наскоро ќе добие епилептичен напад, а слугата Григори ќе се разболи, а потоа во куќата ќе се случи нешто. Утредента, Иван заминува во Москва, Смердјаков паѓа во несвест, Григори наеднаш се разболува, а Фјодор нестрпливо ја очекува Грушенка, зашто Смердјаков му кажал дека овојпат таа сигурно ќе дојде.[13]
Книга шеста: Рускиот монах
уредиВо манастирот, Аљоша го затекнува старецот Зосима како им се обраќа на монасите, а подоцна го запишува житието на старецот, вклучувајќи ги и неговите проповеди: Зосима е роден во сиромашно благородничко семејство, живеејќи со мајка му и постариот брат, кој умрел млад. Непосредно пред смртта, брат му почнал да верува во бога и да проповеда необични идеи кои подоцна извршиле големо влијание врз духовниот развој на Зосима. По смртта на брат му, Зосима заминал во Петроград, каде учел во кадетското училиште, а по некое време умрела и мајка му. Долго време, Зосима водел живот својствен за младите офицери, исполнет со забава и пијанки. Пресвртот настапил кога се вљубил во една девојка, која се омажила за друг човек кого Зосима го предизвикал на двобој. Непосредно пред двобојот, тој силно го удрил својот помошник, но тоа предизвикало големо каење кај него и го поттикнало на душевно преиспитување. Затоа, Зосима одбил да пука кон својот противник во двобојот и побарал прошка од него, а потоа поднесол оставка и јавно објавил дека ќе се замонаши. Наскоро по тој настан, Зосима почнал да држи еден вид проповеди, а еднаш него го посетил еден богат човек кој му ја открил својата тајна - пред 14 години ја убил саканата жена, а за убиството бил обвинет еден слуга. Поттикнат од Зосима, човекот јавно да го признал злосторството и набргу умрел. Тогаш, луѓето во градот го обвиниле Зосима за смртта на човекот и тој го напуштил градот, заминувајќи во манастир. Покрај биографијата на Зосима, Аљоша ги запишува и најважните погледи на старецот во однос на задачите на монасите, за потребата од блиски односи со народот, за грешниот живот на современиот човек кој е заслепен во трката по богатство, итн. По разговорот со монасите, старецот Зосима клекнува, ја бакнува земјата и умира.[14]
Книга седма: Аљоша
уредиУтредента почнува постапката околу закопот на Зосима и во манастирот се собира многу народ при што сите присутни очекуваат дека веднаш ќе се случи некое чудо. Меѓутоа, неговото тело почнува прерано да се распаѓа и да испушта непријатен мирис, а непријателите го искористуваат тоа за да го исмејат старецот. И Аљоша е разочаран и потиштен од непријатниот настан и ја прифаќа поканата на монахот Ракитин, кој го носи кај Грушенка. Таа е вознемирена од веста дека во блиското место пристигнал офицерот кој бил нејзината прва љубов, а кој потоа ја оставил и се оженил со друга жена. Сепак, гледајќи го Аљоша, таа е многу среќна и му признава дека одамна ја посакувала неговата посета, сакајќи да го освои како одмазда за неговиот презир кон неа. Кога ги слуша топлите, пријателски зборови на Аљоша, во Грушенка наеднаш се јавува силна душевна промена. Потоа, во нејзиниот дом пристигнува кочија и таа заминува кај својот сакан офицер. Аљоша се враќа во манастирот и таму го слуша читањето на Евангелието над мртвото тело на Зосима. Слушајќи го делот во кој се опишува првото чудо на Исус за време на свадбата во Кана галилејска, на Аљоша му се појавува привидението на Зосима во кое тој е присутен на свадбата. Потресен од таа визија, Аљоша чувствува голем душевен потрес и три дена подоцна го напушта манастирот.[15]
Книга осма: Митја
уредиВо меѓувреме, Митја поаѓа очајна потрага по три илјади рубљи, со цел да ѝ ги врати на својата свршеница, а потоа, со чиста совест, да започне нов живот со Грушенка. Најпрвин, тој оди кај богатиот трговец Самсонов, кој се поигрува со него и го советува да му побара пари на трговецот со шума Горсткин, така што Митја мора да оди во едно село, каде го затекнува трговецот пијан, со што му пропаѓа планот. Оттука, Митја ја посетува госпоѓата Хохлакова, но таа, наместо да му даде пари, го советува да оди во рудниците за злато во Сибир. Ноќта, откако не ја наоѓа Грушенка дома, љубоморниот Митја тајно оди кај татко му, кого го здогледува како ја очекува Грушенка. При обидот да избега, слугата Григори се обидува да го запре и тогаш Митја го удира по главата. Потоа, кога дознава дека Грушенка веќе избегала кај својот офицер, тој носи судбоносна одлука: да ја види за последен пат, а потоа да изврши самоубиство. Притоа, Митја најпрвин оди кај службеникот Перхотин за да си ги земе своите пиштоли, а таму се појавува облеан во крв, а во рацете држи многу пари. Потоа, зема кочија, од блиската продавница купува многу храна и пијалаци и заминува во кафеаната во Мокро, каде на сопственикот му порачува да повика многу девојки и музичари. Во кафеаната, Митја ја среќава Грушенка во друштво со нејзиниот офицер и со уште неколку луѓе. На почетокот, Митја е воздржан пред нив, подоцна му нуди пари за да си замине и најпосле го брка надвор од собата. Тогаш, Митја и Грушенка си изјавуваат љубов и започнуваат голема забава, а потоа заедно заспиваат. Меѓутоа, изутрината, во кафеаната влегуваат претставници на власта кои го обвинуваат Митја за убиство на татко му.[16]
Книга деветта: Претходна истрага
уредиПо заминувањето на Митја во Мокро, службеникот Перхотин ја посетува госпоѓата Хохлакова и дознава дека таа не му позајмила пари. Потоа, тој оди да ги извести претставниците на власта, но тие веќе дознале за настанот, зашто сопругата на слугата Григори претходно ги известила за нападот врз него и за убиството на Фјодор Карамазов. По апсењето на Митја започнува првичната истрага во која тој им раскажува за сите свои постапки. Сепак, бидејќи сите докази се насочени против него, тужителот го обвинува Митја за убиството на татко му, иако тој се колне дека е невин. Главното прашање при испитувањето на Митја се однесува на потеклото на парите кои тој во два наврати ги потрошил во кафеаната во Мокро. Митја е обвинет дека парите ги украл од татко му, но тој тврди дека потрошените пари во кеафеаната се дел од парите што ги украл од својата свршеница, а кои цело време ги чувал скриени околу вратот. Најпосле, по испитувањето на сите сведоци, Митја е уапсен и одведен во притвор.[17]
Книга десетта: Деца
уредиНа почетокот на ноември, група дечиња, организирани од Аљоша, се собираат и го посетуваат своето болно другарче Иљуша. Најпосле, ним им се придружува и детето Коља Красоткин, најдобриот другар на Иљуша. Тој заминува во посета со своето куче Перезвон за кое се покажува дека е кучето Жолтко кому своевремено Иљуша му направил лошо дело. Иљуша, кој цело време тагува по Жолтко, мислејќи дека е мртов, многу се радува кога го гледа здрав и жив. Потоа, во посета на Иљуша доаѓа и еден познат лекар од Москва, а во меѓувреме Коља и Аљоша се спријателуваат. За жал, лекарот кажува дека детето набргу ќе умре и дека единствената надеж е да го однесат на лекување во Сиракуза, Сицилија.[18]
Книга единаесетта: Братот Иван Фјодорович
уредиЕден ден, два месеца по затворањето на Митја, Аљоша ја посетува Грушенка, која е потресена пред судењето, закажано за утредента. Во меѓувреме, случајот на Митја станува познат низ цела Русија и поради тоа еден познат адвокат се нафаќа да му биде бранител, а познатиот лекар од Москва доаѓа со намера да докаже дека Митја бил непресметлив во моментот на убиството, со цел тој да добие поблага казна. Потоа, Аљоша ја посетува Лиза, која во меѓувреме се откажала од намерата да се омажи со него. Таа му кажува дека ја посетил Иван Фјодорович (кој во меѓувреме се вратил од Москва за да му биде поддршка на Митја) и му дава писмо за него. Аљоша го посетува и Митја и тој му кажува дека Иван го наговара да избега од затворот. Од затворот, Аљоша оди кај Катарина Ивановна и таму го затекнува својот брат Иван, кој по враќањето од Москва повторно се зближува со неа. Подоцна, браќата разговараат за утрешното судење на Митја, а Аљоша му кажува дека е убеден во невиноста на Митја, а истовремено, сигурен е дека убиецот не е ниту Иван. Тогаш, растревожениот Иван повторно го посетува Смердјаков, откако претходно веќе двапати го испитувал за убиството на татко му. Притоа, за време на двете претходни средби, Смердјаков го обвинил Иван дека ја посакувал смртта на татко му и дека токму Иван е вистинскиот убиец. При третата средба, Смердјаков отворено признава и опишува како го извршил убиството, а на Иван му ги дава украдените три илјади рубљи. Иван, кој по враќањето од Москва покажува знаци на лудило, донесува одлука дека сè ќе раскаже за време на судењето, но во својот дом доживува мачни халуцинации и „разговара“ со ѓаволот. Тогаш, кај него доаѓа Аљоша со веста дека Смердјаков се обесил.[19]
Книга дванаесетта: Судска грешка
уредиЗапочнува судењето на Митја, кое предизвикува огромен интерес. Негов бранител е познатиот адвокат Фечукович, кој успева да ги дискредитира сите сведоци на обвинителството. Како сведоци се појавуваат и Катарина Ивановна, која ја раскажува целата историја на нејзиниот однос со Митја, додека Аљоша се присетува на еден настан кој оди во прилог на Митја. Двајца лекари сметаат дека Митја е душевно болен, додека еден млад лекар тврди дека тој е сосема нормален. Потоа, како сведок се појавува и Иван Карамазов, кој ги приложува парите добиени од Смердјаков, по што паѓа во тешка душевна состојба. Гледајќи го неговото нервно растројство, Катарина Ивановна и, во состојба на хистерија, го обвинува Митја дека е убиецот на татко му, а како доказ приложува едно негово писмо. Потоа зема збор државниот обвинител, кој докажува дека Митја самостојно го извршил убиството и дека Смердјаков е невин. По него следи завршниот збор на бранителот на Митја, кој тврди дека сите факти на обвинението може да се оспорат и, поради тоа, бара ослободителна пресуда. Но, иако неговиот говор предизвикува воодушевување во судската сала, сепак, поротата го прогласува Митја за виновен по сите точки на овбинението.[20]
Епилог
уредиПет дена по судењето, Аљоша ја посетува Катарина, носејќи ѝ порака од Митја да го посети. Во нејзиниот дом се наоѓа Иван Карамазов, кој е тешко болен, но кој претходно ѝ го дал планот за спасувањето на Митја, заедно со парите потребни за неговото бегство во Америка. Катарина го посетува Митја во болницата каде што лежи тој и таму двајцата си даваат завет дека вечно ќе се сеќаваат еден на друг. Оттука, Аљоша заминува на погребот на Иљуша, кој умрел два дена по судењето на Митја. На погребот се присутни и децата од училиштето, а потоа, покрај еден камен на патот Аљоша држи говор при што сите за заколнуваат дека засекогаш ќе се сеќаваат на Иљуша и на другите другари.[21]
Грешки во романот
уредиВеројатно, поради обемноста на делото, во романот „Браќа Карамазови“ Достоевски направил и неколку грешки. Така, во третата глава од седмата книга, во која се опишува животот на Грушенка, авторот вели дека трговецот Кузма Самсонов „сега е веќе покоен“, а потоа уште еднаш повторува дека тој „умре и сè им остави на синовите“,[22] додека во првата глава од осмата книга, Митја Карамазов оди во посета кај Кузма Самсонов, барајќи на заем пари.[23] Понатаму, во седмата глава од петтата книга се раскажува како, непосредно пред убиството, Фјодор Карамазов и слугата Смердјаков го убедуваат Иван Карамазов да отпатува во блиското село Чермашна; најпрвин, тој се согласува, но во последен миг, наместо да замине во селото, тој се качува во возот за Москва.[24] Меѓутоа, во седмата глава од единеасеттата книга, во која се опишува втората посета на Иван Карамазов на слугата Смердјаков, се вели дека тогаш Иван отишол во Чермашна,[25] а истото се повторува и во осмата глава, за време на третата средба меѓу Иван и Смердјаков.[26]
Осврт кон делото
уреди„Браќа Карамазови“ е страстна филозофска книга која длабоко навлегува во етичките дебати за Господ, слободната волја и моралот. Приказната е спиритуална драма за моралната борба меѓу верата, двоумата и причината во модернизираната Русија. Достоевски ја напишал книгата во Стараја Руса, каде и се одвива приказната. Уште од неговото објавување, романот бил сметан за врвно достигнување на книжевноста, и на тоа мислење биле, меѓу другите, и: Сигмунд Фројд,[27] Алберт Ајнштајн,[28] Лудвиг Витгенштајн,[29] Мартин Хајдегер,[30] Кормак Мекарти[31] и Курт Вонегат.[32] На едно место во романот „Блед оган“ на Владимир Набоков се споменува ликот наречен фра Карамазов.[33] Книгата е преведена на голем број светски јазици, меѓу кои и на македонски јазик.
Романот „Браќа Карамазови“ е филозофија in actu. Темата за човекот и Бога, верата и неверието, е општа тема на Достоевски. Тој е жеден да ги пронајде конечните вистини и апсолутните принципи на духовно-моралниот свет на човекот. Во дијалогот на Достоевски го нема Сократ, кој го води спорот кон неговото решавање и завршеток, и токму затоа неговото творештво не може да се смести во ниедна рамка. Кај него, човекот е претставен како арена на доброто и злото. Посебно живописно оваа тема е развиена во „Браќата Карамазови“ - во патетичните зборови на Митја Карамазов, во спорот меѓу Иван и Аљоша, во „Легендата за големиот инквизитор“, во размислувањата на старецот Зосима. Тука копната се среќаваат, тука живеат заедно сите противречности... тука се бори ѓаволот со Бога, а полето на битката се срцата на луѓето – се вели во тој роман за човекот.
Достоевски се ужаснувал од способноста на човечката природа да ги смести во себе сите можни спротивности и наеднаш да се вгледува и во двете бездни, во бездната над нас, онаа на повисоките идеали, и во бездната под нас, онаа на најнискиот и зломирисен пад. „Широк е човекот, многу, многу е широк, јас би го стеснил“ – тоа е крикот на Митја Карамазов кој во себе ги виде тие бездни. Основите на моралната вредност на религиозната вера се најјасно изразени во неговиот најпознат исказ: „Ако Бог не постои, тогаш сè е дозволено“.[34]
Во романот „Браќа Карамазови“ е прикажан исечок од историјата на едно семејство во периодот на преминот меѓу кметството и капитализмот во Русија. Но, во делото е проектирана и целата историска епоха, зашто авторот ги прикажува главните ликови во контекстот на тогашните социјални случувања и зад нивните поединечни судбини секогаш се гледа судбината на целото општество и се наслутува некој социјален проблем. Во тие рамки треба да се набљудува и психологизмот на Достоевски, кој покажува како општествените потреси влијаат врз психата на луѓето и затоа, психичката реалност на човекот е прикажана паралелно со надворешната социјална реалност. Оттука, романот претставува остра и убедлива критика на општествениот поредок во Русија и токму поради таа критика, романот се осликува со длабока животна вистинитост. Единствено во оние делови од романот во кои авторот се обидува да заземе позитивен став кон тогашниот поредок, тоа оди на штета на уметничката убедливост на делото. Уметничкиот израз во романот достигнува кулминација во деловите во кои се зборува за страдањата на децата. На пример, епизодата во која се опишува детето кое го растргнале кучињата на генералот спаѓа во најпотресните страници во светската книжевност и токму тука хуманиот патос на Достоевски достигнува највисок интензитет. Воопшто, и другите делови од романот посветени на децата се исполнети со најчист лиризам и претставуваат посебна линија во композицијата на романот.[35]
„Браќа Карамазови“ е едно од најтенденциозните дела на Достоевски, кој инаку е познат како многу тенденциозен писател. Во овој роман, Достоевски ги истакнал своите најсилни аргументи против материјалистичките и социјалистичките идеи на руските „нихилисти“ на кои им го спротивставил својот „позитивне идеал“. Идејното јадро на романот е дадено во „Легендата за Големиот инвизитор“ која е напишана во богословски стил со употреба на црковни изрази. Според многумина, „Легендата за Големиот инквизитор“ претставува врв во творештвото на Достоевски и во неа, за последен пат, тој ги изложил своите погледи за општеството, настојувајќи да ја докаже неодржливоста на антирелигиозниот и безрелигиозниот хуманизам. Во неа, тој му сугерира на читателот дека оној кој го негира бога истовремено го негира и човекот, т.е. атеизмот Достоевски го изедначува со антихуманизмот. Во романот, Достоевски се пресметал и со некои поединечни претставници на револуционерните идеи во Русија. Така, ликот на богословот-кариерист Михаил Ракитин претставува алузија на Г. Ј. Благосветлов, уредникот на напредните списанија „Руски збор“ и „Дело“, како и на Г. З. Елисеев и на големиот руски сатиричар Салтиков-Шчедрин. Покрај скриените алузии, Достоевски го нападнал отворено Салтиков-Шчедрин во главата „Златниот рудник“, објавена во октомври 1879 година, Салтиков-Шчедрин му одговорил двапати - еднаш во ноемврискиот, а потоа и во декемврискиот број на списанието „Татковински записи“, а Достоевски не одговорил на нив, иако се подготвувал да го направи тоа.[36]
Филмски адаптации
уредиВрз основа на романот „Браќа Карамазови“ се снимени повеќе филмови, меѓу кои:
Наводи
уреди- ↑ Figes, Orlando (2002). Natasha's Dance, A Cultural History of Russia. New York: Picador, стр. 325.
- ↑ Piretto, Gian Piero (1986). „Staraia Russa and Petersburg; Provincial Realities and Metropolitan Reminiscences in The Brothers Karamazov“. Dostoevsky Studies. 7. Архивирано од изворникот на 2012-07-04. Посетено на 2012-09-28.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. VII.
- ↑ Hutchins, Robert Maynard, editor in chief (1952). Great Books of the Western World. Chicago: William Benton.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. VII-IX.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. IX-XI.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XX-XXI.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XXI-XXIII.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 3-32.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 33-94.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 95-168.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 169-222.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 223-299.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 301-347.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 349-389.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 391-478.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 479-549.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 551-601.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 603-701.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 703-808.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 809-829.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 369.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 391-402.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 292-299.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 661.
- ↑ Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. 671.
- ↑ Freud, Sigmund Writings on Art and Literature
- ↑ The Collected Papers of Albert Einstein, Volume 9: The Berlin Years: Correspondence, January 1919 - April 1920
- ↑ Guignon, Charles. The Grand Inquisitor. ISBN 0-87220-228-3, introduction page ix, retrieved 26-10-10
- ↑ Schalow, Frank. Heidegger and the Quest for the Sacred: From Thought to the Sanctuary of Faith. ISBN 1-04-020036-7 , p. 23, retrieved 26-10-10
- ↑ Kushner, David. "Cormac McCarthy's Apocalypse" Архивирано на 29 јуни 2014 г., Rolling Stone, December 27, 2007, retrieved 26-10-10
- ↑ Vonnegut, Kurt (January 12, 1999 Edition). Slaughterhouse-Five. Dial Press Trade Paperback. стр. 160. ISBN 978-0-385-33384-9. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 45.
- ↑ „Браќа Карамазови“ на sakamknigi.mk
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XXIV-XXVI.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“, во: Фјодор М. Достојевски, Браћа Карамазови. Београд: Просвета, 1956, стр. XI-XVII.
Литература
уреди- Mochulsky, Konstantin (1967). Dostoevsky: His Life and Work. Princeton: Princeton University Press.
- Dostoevsky Studies: Kafka and Dostoevsky as „Blood Relatives“ Архивирано на 4 јули 2012 г.
- Suzanne Fields (2005). „The new Pope, a good egg, Benedict“. Наводот journal бара
|journal=
(help) URL accessed on August 10, 2007 - Terras, Victor (1981, 2002). A Karamazov Companion. Madison, WI: University of Wisconsin Press.
- Figes, Orlando (2002). Natasha's Dance, A Cultural History of Russia. New York: Picador.
- Dostoevsky, Fyodor (1990). The Brothers Karamazov New York: Farrar, Straus, and Giroux.
- Dostoevsky, Fyodor (1976, 1981). The Brothers Karamazov New York: W.W. Norton.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Браќа Карамазови на Проектот „Гутенберг“
- Браќа Карамазови, електронска книга.
- The Grand Inquisitor на Проектот „Гутенберг“
- Браќа Карамазови Архивирано на 19 април 2007 г. слободна PDF податотека
- Браќа Карамазиви, HTML верзија на електронска книга.
- Целосен текст на романот на руски
- Браќа Карамазови, слободна аудио-книга
- Браќа Карамазови на sakamknigi.mk