The Right to Go Insane

(Пренасочено од The Right To Go Insane)

The Right to Go Insane“ е песна на Мегадет од нивниот дванаесетти студиски албум Endgame. Песната е во комплетно авторство на Дејв Мастејн, а била објавена како втор и последен сингл од наведениот албум.[1] Како сингл е излезена во април 2010 год, една година по албумот Endgame. Направен бил и видео запис за песната, во режија на Бил Фишмен, режисерот и на спотот за „Head Crusher“.[2] Приказната во спотот е направена според вистинити настани, поточно познатата драма на војникот Шон Нелсон, кој украл тенк и уништувал сѐ што му се нашло на патот.

„The Right to Go Insane“
Сингл од Мегадет
од албумот Endgame
Издаден 9 април 2010
Формат ЦД сингл, дигитално спуштање
Снимен 2009 г.
Жанр Хеви метал, треш метал
Должина 4:18
Издавачка куќа Роудранер
Композитор Дејв Мастејн
Продуцент Дејв Мастејн и Енди Снип
Хронологија на синглови на Мегадет
Head Crusher
(2009)
The Right to Go Insane
(2010)
Public Enemy No. 1
(2011)

Песната наишла на позитивна реакција кај музичката критика, станувајќи првиот сингл на Мегадет што се рангирал на табелите во САД, по „Of Mice and Men“ од 2005 г. Делови од песната биле вклучени во филмот „Земја на изгубениот рај“ (2009), конкретно во завршните сцени. Од Роудранер Рекордс ја предложиле песната како потенцијален кандидат во категоријата „Најдобар рок перформанс“ на Греми наградите во 2011 год, но за жал не се нашла помеѓу номинираните песни.

За синглот

уреди
 
Омотот на Endgame

Endgame бил издаден на 12 септември 2009 г. и воедно бил дванаесеттит студиски албум на Мегадет.[3] На овој албум дебитирал моменталниот гитарист Крис Бродерик, кој го пополнил испразнетото место на Глен Дровер. Ова бил и последен албум за басистот Џејмс Ломензо, чие место подоцна ќе го заземе долгогодишниот член Дејвид Елефсон. Endgame се нашол на 9 место на Билборд 200 листата за најпродавани албуми, со продадени 45 илјади копии.

Откако „Head Crusher“, првиот сингл од Endgame, бил номиниран за Греми награда во 2009 год, од Роудранер Рекордс се решиле да објават уште еден сингл од постојниот проект. Одлуката паднала на „The Right to Go Insane“, најмногу поради тоа што биле уверени дека криел потенцијал за евентуален комерцијален пробив.[4] Набрзо било закажано снимање на видео запис, во близина на Калифорнија, февруари 2010 г. Дејв Мастејн дал краток извештај од работниот ден, велејќи:

Еве сме во јужна Калифорнија (25 февруари 2010 г.), на снимање на видеото за нашиот најнов сингл. Само што завршивме со делот во кој јас управувам со тенк М60, и беше навистина кул. Присутни беа и полицајците, па ако работата отидеше во погрешна насока, сигурно ќе бевме приведени. Не знам што е во главата на режисерот Фишмен, но човече, ама бевме возбудени. И Дејвид Елефсон е овде, а ова е неговиот прв настап на едно наше видео по повторното обединување на бендот. Сега следи крадењето на тенкот, а тоа ќе биде во стилот на Мастејн, што значи дека ќе биде интересно да се види.

Заднина

уреди

Шон Тимоти Нелсон бил поранешен американски војник, кој бил хоспитализиран во 1990 г. како последица на сообраќајна несреќа возејќи го својот мотоцикл. Подоцна поднел тужба против болницата, од која барал 1,6 милиони долари оштета поради негрижа и принудно задржување на боледување. Судот ја одбил неговата тужба, а од болничкиот персонал возвратиле со контра-тужба, барајќи да плати 6 640 долари за трошоци при лекувањето. Нелсон кажал оти бил принуден да се лекува, а самиот не ни помислувал на лекарски третман. Во 1991 г. се развел од сопругата по 6 годишен брак, а следната година починале неговите родители, кои боледувале од рак. Се здобил со трајни повреди на грбот и вратот поради сообраќајниот инцидент, а со тоа бил оневозможен да ја обавува својата дејност како водоинсталатер. Немајќи постојан извор на пари, почнал да се задолжува кај различни кредитори. Кога неговите доверители осознале дека Нелсон нема од каде да им ги врати парите, му ја заплениле куќата.[5] Неговиот брат, Скот Нелсон, за него рекол:

Брат ми беше добар човек. Му помагаше на секој. Но, за жал, не можеше да си помогне себеси.

Интерпретација на текстот

уреди

Текстот на песната бил напишан од Дејв Мастејн, каде тој зборува за просечниот американски граѓанин, кој е преоптоварен со финансиски грижи и под постојан стрес поради прекумерното работно време. Изразени се неговите лични гледишта за капиталистичкото општество, нервозите предизвикани од немањето средства за подобра храна и луксуз, како и приватните проблеми од семејниот соживот. Американскиот човек од т.н. средна класа соочувајќи се со неподнослив глад и притисок, го губи здравиот разум и полудува. Рефренот во песната е посветен токму на ова тврдење: Живеам на работ на разумот / Реалноста ме уништува / Само умствено што не сум попуштил. Овие стихови ни даваат дознаење дека губењето на разумот би бил негов единствен избор и дека тоа е неговото единствено преостанато право. Самиот Мастејн изјавил дека „The Right to Go Insane“ е песна за тоа како економската рецесија од 2009 ги погодила повеќето Американци и како буквално ги принудила да полудат.

Видео запис

уреди
 
Мастејн во моментот кога го обива тенкот

Спотот за песната бил инспириран од настаните кои се случиле на 18 мај 1995 г. кога воениот ветеран Шон Нелсон, инаку невработен водоинсталатeр, украл армиски тенк во Сан Диего, Калифорнија, и почнал да уништува секакви објекти кои му се нашле во близина, за потоа да биде застрелан од полицијата. Инсерти од вистинскиот инцидент се вклучени во филмот, како и дополнителни снимања. „The Right to Go Insane“ е првото видео по она за синглотMoto Psycho“ каде со појавува старо-новиот басист Дејвид Елефсон, кој се вратил по повод турнејата за 20-годишнината на албумот Rust in Peace.[6]

Замислата на режисерот Бил Фишмен била да се изостават исечоците со изведби на бендот и повеќе да се фокусираат на приказната. Фронтменот Дејв Мастејн го толкува ликот на Шон Нелсон, како тој се прикрадува до складиштето со воена опрема, го обива тенкот и како потоа го вози по улиците уништувајќи сообраќајни знаци, автомобили и друг недвижен имот. Мастејн е прикажан во седиштето на тенкот како лудачки се смее и го пее рефренот, додека армиски хеликоптер постојано го следи преку џи-пи системот. Тенкот е наведен да влезе во слеп автопат, по што пристигнуваат специјалците и со хебла го пробиваат отворот на тенкот. Мастејн ја крева главата, и тогаш избива силна светлина која го прикрива неговото убиство.[7] Во завршната сцена е прикажан Дејвид Елефсон (кој го глуми братот на Нелсон), како положува свежо цвеќе на неговиот гроб и тажи по него. Претходно, во филмот си прикажани и причините за таквото однесување на Шон, а тоа биле смртта на неговите родители, разводот со сопругата и конфискувањето на куќата поради неплатени долгови.

Видео записот многу му се допаднал на Мастејн, кој искоментирал:

Овој запис беше вистински предизвик да се изработи. Бил Фишмен заврши одлична работа, можеби и подобра од нашето прво искуство со него (Head Crusher). Но да ве предупредам, иако целава работа изгледа забавна... не обидувајте се нешто слично да направите по дома.

Дејвид Елефсон додал:

Приказната е многу неморална и расипана. Воопшто нема инсерти од бендот како настапува, но сепак е занимлива и во себе носи вистинита порака.

Критичко мислење

уреди
 
Маица со натпис од песната

Endgame бил оценет како еден од ретките вистински треш остварувања на XXI век, а многу од тие пофалби се однесувале на „The Right to Go Insane“. Списанието посветено на хеви метал културата, Метал Хамер, прокоментирало дека: „Супер тежок бас риф не воведува во една песна која потсетува на Мегадет од раните 90-ти. Првите 3 минути се прав пекол, а солажите само ја дополнуваат френетичната атмосфера.“ Питер Хоџсон од Inheart Guitar за песната рекол дека совршено одговара како завршна песна од албумот, слично како што „Ashes in Your Mouth“ одговарала за крајот на Countdown to Extinction. Текстот бил во хармонија со изведбата на гитара, а и солажите не биле лоши. Нумера која можеби немала да го има истиот ефект ако се нашла на почетокот од дискот. Неговиот заклучок бил дека композицијата била работена според сите критериуми за методика и мелодија.

Во другите медиуми

уреди

На 10 мај 2009 г. беше обзнането од страна на Дејв Мастејн дека музиката од Мегадет ќе биде искористена за потребите на филмотЗемја на изгубениот рај“. Не беше објаснето дали музиката целосно ќе биде од Endgame или пак ќе биде земено нешто од постарите материјали. Некои делници од „The Right to Go Insane“ се слушаат при крајот на филмот.[8] Што се однесува до успехот на филмот во кино салите, нема да се спомене нешто позначајно. Заработката по првиот викенд била 19 милиони долари, многу помалку од првично предвидените 30. Сѐ на сѐ, тоа филмско остварување било едно големо финансиско промашување, кога предвид би се земале буџетот од 100 милиони долари, наспроти заработката од нецели 70 милиони. За додатна промоција на синглот биле испечатени и маички со натписот на песната и илустрација на заробени зомбија.[9]

Пласман на табелите

уреди

Од менаџментот на Роудранер Рекордс песната била предложена за номинација за Греми награда во категоријата „Најдобар рок перформанс“, но не се нашла во списокот на првите пет кандидати. Доколку била прифатена кандидатурата, тоа ќе беше деветта Греми номинација за Мегадет, и прва во оваа категорија, бидејќи претходните осум биле за „Најдобар метал перформанс“.[10]

Песната дебитирала на 39 место на табелата за Рок песни според Билборд.[11] Во втората седмица се искачила на 34 место, што било и нејзина најдобра позиција. Следната недела паднала на 37-мото место, а во првите 100 се задржала седум недели.

Ранг (2010) Највисок
пласман
Рок песни (Билборд) 34

Дигитално издание

уреди
  1. „The Right to Go Insane“ – 4:18

Музички персонал

уреди

Мегадет

уреди

Технички персонал

уреди

Наводи

уреди
  1. Крис Гонда (14 април 2010). „Мегадет го промовираат спотот за "The Right To Go Insane". Pure Grain Audio.com. Архивирано од изворникот на 2010-05-28. Посетено на 30 април 2010.
  2. Стивен Готлиб. „Бил Фишмен, режисерот на видеото“. Videostatic.com.
  3. Press release (9 април 2010). „Синглот и филмскиот запис беа пбјавени на 9 април 2010“. Roadrunner Records. Roadrunnerrecords.com. Архивирано од изворникот на 2010-06-11. Посетено на 30 април 2010.
  4. Џејсон Фишер (14 февруари 2010). „Мегадет го подготвуваат The Right to Go Insane“. The Gauntlet.com. Архивирано од изворникот на 2010-03-12. Посетено на 8 октомври 2010.
  5. Cacha.com. „За што станува збор во „The Right to Go Insane" од Мегадет?“. Архивирано од изворникот на 2012-02-25. Посетено на 2 мај 2010.
  6. „Ексклузивно со Дејвид Елефсон: Зошто се вратив во Мегадет“. Посетено на 5 ноември 2010.
  7. Стив Наоми (9 април 2010). „Новото видео на Мегадет, "The Right To Go Insane". Thecontrapuntist.com. Архивирано од изворникот на 2021-07-02. Посетено на 3 мај 2010.
  8. „Дејв Мастејн ја образложува одлуката да помогне во работата со 'Land Of The Lost' Movie - June 8, 2009“. Blabbermouth.net. 9 април 2010. Архивирано од изворникот на 2009-06-11. Посетено на 6 април 2010.
  9. „Маичка со "Right to Go Insane". Feamerch.com. Архивирано од изворникот на 2012-02-29. Посетено на 15 ноември 2010.
  10. „Awards Database“. Los Angeles Times. Посетено на 26 март 2009.
  11. „Мегадет > Табели & Награди > Билборд синглови“. Allmusic. Macrovision. Посетено на January 5, 2009.

Надворешни врски

уреди

Поврзано

уреди