Кредитот (англиски: credit, loan) претставува приватно-правен акт со кој еден стопански субјект (најчесто, банка) му позајмува на друг стопански субјект определени реални економски добра или пари, за определено време, и со право да си ги врати подоцна со определен надомeст (камата). Кредитот e економско-правен однос помеѓу две физички или правни лица, од кои, едното е должник, а другото е доверител.

Кредитна картичка, вообичаена форма на кредит.

Поим и функции на кредитот уреди

Зборот кредит етимолошки потекнува од латинскиот збор „credo“ што значи „верувам“, односно од зборот „credere“ што значи „доверба“. Етимолошкото значење на зборот кредит ја истакнува довербата како важен елемент во засновањето на кредитен однос.[1] Но, елементот на довербата во кредитните односи треба да се сфати по поширока смисла на зборот, бидејќи довербата се однесува на правото на можност за наплата, на стабилноста на вредноста на парите и слично.

Кредитот претставува трансакција која вклучува пренос на пари или друга сопственост со ветување за отплата, обично на некоја фиксна идна дата. Оној кој го врши трансферот станува кредитор, а другата страна станува должник.[2] На сличен начин, кредитот може да се дефинира и како доброволно и договорно отстапување на куповната сила на едно лице (наречено доверител, кредитор или лице кое што верува) на друго лице (наречено должник, дебитор или лице на кое му се верува) при симултано настанување на обврска на должникот во некој иден рок да го врати позајмениот износ. Од банкарска гледна точка, за кредитна банкарска работа се смета онаа работа кога банката дава на заем одредена сума пари, а должникот се обврзува таа сума да ја врати во договорениот рок и да плати одреден надомест во вид на камата. Значи, основната одлика на кредитот е неговата повратност.[3]

Кредитот често се дефинира како економско-правен однос помеѓу две физички или правни лица од кои едното е должник, а другото е доверител. Тоа значи дека кај кредитот постои кредитен однос меѓу два субјекта: кредитор или доверител и должник или корисник на кредитот. Во овој контекст, карактеристични се два периода или фази низ кои поминува кредитот:

  • период или фаза на користење на кредитот
  • период или фаза на отплата на кредитот.

Фазата на користење означува дека, по одобрување на кредитот, износот е префрлен на корисникот и тој може да ги користи одобрените средства за определена намена. Во овој период, корисникот е должен да плаќа интеркаларна камата до денот на ставање на кредитот во отплата. Фазата на отплата означува дека, во доспеаниот рок, корисникот започнува да го отплаќа кредитот, заедно со определена редовна камата.

За банките, кредитите претставуваат најзначајна група средства во билансот на состојбата, со учество од над 50% во вкупните средства. Истовремено, кредитите се основен извор на приходи за банките, бидејќи нето-каматните приходи учествуваат со 50%-60% во вкупните редовни приходи. Според тоа, приходите што банките ги остваруваат од кредитите (камата, провизии и други надоместоци) имаат пресудно влијание врз нивната профитабилност. Значењето на кредитите произлегува и оттаму што тие се поврзани и со приливи на депозити, а освен тоа, тие повлекуваат и продажба на други банкарски услуги.[4]

Но, кредитирањето се јавува како основен извор на ризици за банките. Во таа смисла, искуството покажува дека банките најчесто пропаѓаат поради лошиот квалитет на кредитите, што пак, може да биде последица на повеќе фактори, како: отсуство на здрави кредитни политики и процедури, лошо управување со кредитниот ризик, неповолни надворешни настани итн. Ниту една банка не може целосно да го отстрани кредитниот ризик, но сепак, таа не смее да си дозволи прекумерно влошување на кредитното портфолио зашто тоа може да предизвика несакани последици за нејзиниот опстанок. Оттука, банкарските супервизори вршат внимателна проверка и оцена на кредитното портфолио на секоја банка, а исто така, банките имаат обврска да издвојат соодветна резерва за покривање на можните загуби на кредитите.

Кредитите што ги одобрува секоја банка, во основа, се определени од општата стратегија, како и од филозофијата на нејзиното раководство. Во таа смисла, некои банки претежно се насочени кон кредитирање на претпријатијата и други крупни клиенти. Тоа се однесува на банките кои се занимаваат со банкарство на големо. Од друга страна, некои банки го насочуваат вниманието на одобрувањето мали кредити на населението и малите претпријатија. Исто така, некои банки се одликуваат со конзервативна филозофија, односно кредитираат само квалитетни, нискоризични клиенти. Други банки пак, применуваат агресивен пристап во кредитирањето, т.е. се впуштаат во поризично кредитирање за да остварат повисок принос.[5]

Видови кредити уреди

Во теоријата на кредитот и кредитните односи се среќаваат повеќе видови на кредити. Во зависност од тоа, дали доверители во банкарскиот однос се банкарски или небанкарски институции, се разликуваат: банкарски и небанкарски кредити. Во зависност од тоа, дали доверителот е јавна институција или приватна институција, разликуваат: јавни и приватни кредити. Исто така, се разликуваат домашни и надворешни кредити, во зависност од тоа дали доверителите во кредитниот однос се економски субјекти од национална економија или надвор од неа. Најпосле, од аспект на корисниците, постојат кредити на населението и кредити на претпријатијата.

Од аспект на тоа какви услови постојат при отплатата на кредити, односно на кој начин се отплатуваат кредитите, се разликуваат:

  • кредити што се враќаат еднократно во определен и рок во полн износ;
  • кредити што се отплатуваат во неколку однапред договорени износи;
  • кредити што се отплатуваат годишно или полугодишно и тоа во еднакви ануитети (отплата и камата).

Кај кредитот со опаѓачки ануитети (sinking-fund amortization), во секој период, должникот плаќа однапред определен дел од главнината и камата на преостанатиот дел од долгот. На тој начин, висината на ануитетот се намалува во секој следен временски период. Притоа, во почетните периоди, должникот плаќа камата на целиот износ на долгот, поради што е голем и износот на ануитетот. Но, со текот на времето, како што се отплаќа главнината на долгот, така се намалува и износот на платената камата, со што опаѓа целиот ануитет.[6]

Кај кредитот со еднакви ануитети (level amortization), висината на ануитетот е еднаква во секој временски период. Притоа, во почетните периоди, најголемо учесто во структурата на ануитетот има износот на каматата, додека со текот на времето овој дел се намалува, а расте учеството на отплатата на главнината на долгот.[7]

Најпосле, постојат кредити со еднократна отплата (balloon payment), каде во текот на траењето на кредитниот однос, должникот ја плаќа само каматата во определени временски интервали (месечно, квартално, полугодично, годишно), а на крајот од рокот на достасување ја отплаќа главнината на кредитот.[7]

Од аспект на должината на времето за кое што се даваат, односно од аспект на рочноста, кредитите можат да бидат:[8]

  • краткорочни кредити, кои се даваат до една, односно две години,
  • среднорочни кредити, што се одобруваат на време од две до десет години,
  • долгорочни кредити, чијшто рок на користење е над десет години.

Краткорочни кредити уреди

Краткорочните кредити се одобруваат за задоволување на потребите од обртни средства.[9] Постојат следните видови краткорочни кредити:

  • есконтен кредит
  • контокорентен кредит (кредити на тековна сметки)
  • ломбарден кредит
  • акцептен кредит
  • рамбурсен кредит.

Среднорочни кредити уреди

Среднорочните кредити најчесто се одобруваат за потрошувачки цели или за градежни работи. Типично среднорочен кредит е т.н. градежен кредит кој банката го одобрува на градежни претпријатија поради изградба на станови наменети за продажба. Рокот на траење е најдолго до три години и обично по извршувањето на објектот се рефинансира со хипотекарен кредит.

Долгорочни кредити уреди

Долгорочните кредити се одобруваат во повеќе видови, според намената на кредитот. Најчесто се одобруваат инвестициони кредити, станбени кредити, хипотекарни кредити, комерцијални и други долгорочни кредити. Кредитите за инвестициони вложувања, исто така, се од долгорочен тип на кредити. Исплатата се врши на основа на документацијата која ги потврдува извршените вложувања. На одобрениот кредит се пресметува камата, се утврдува висината на ануитетот и кредитот се става во отплата. Кредитот еднократно се користи и потоа се враќа.[8] Долгорочните кредити банката ги дава со рок на отплата подолг од една година, затоа што овие кредити се земаат за финансирање на набавка и изградба на трајни производни и потрошни добра, како и за набавка на трајни обртни средства. Што се однесува до каматата, кај инвестиционите кредити се пресметува:

  • Интеркаларна камата (која се пресметува и наплатата од денот на одобрување (и користење) на кредитот до денот на отпочнување на отплатата.
  • Редовна камата која се пресметува (годишно или полугодишно) и се пресметува и отплатува за времетраењето на отплатата на инвестициониот кредит.

Процес на кредитирање уреди

Администрањето на кредитите во банкaтa се извршува од страна на вработените во заднинската служба (back-office), кое е посебно одделение и во целост независно работи од продажната служба (front-office). Согласно големината и обемот на активности, банката може да примени централизиран или децентрализиран модел за донесување одлуки за одобрување кредити:[10]

  • Кај централизираниот модел се формира посебно тело наречено кредитен одбор чија задача е да донесува одлуки за одобрување кредити, гаранции, пласмани на банкарски средства во рамки на границите утврдени со кредитната политика.
  • Кај децентрализираниот модел, банката определува граници и делегира овластувања на понискиот менаџмент за одобрување кредити во помали износи, со цел постигнување брз и ефикасен процес на донесување кредитни одлуки.

Кредитниот процес се одвива во неколку фази:[11]

  • Прием и евидентирање на кредитната апликација (барање за кредит)
  • Проверка и обработка на апликацијата-барањето
  • Изготвување на реферат и дефинирање предлог одлука
  • Донесување одлука од надлежниот орган на банката
  • Реализација т.е склучување договор за кредит
  • Користење на средствата од кредитот
  • Отплата и мониторинг на кредитите

Кредитирањето во Македонија уреди

Долго време, нивото и динамиката на кредитната активност на банките во Македонија биле многу ниски, што се должело на повеќе фактори. Така, острата рецесија што го зафатила македонското стопанство во првата половина на 1990-тите, неизбежно се одразила врз побарувачката на кредити. Истовремено, во овој период централната банка водела рестриктивна монетарна политика со цел да се намали високата инфлација. Во тие рамки, покрај другите мерки за ограничување на нивото на ликвидност во банкарскиот сектор, сè до 2000 година се применувало административно ограничување на кредитниот растеж од страна на централната банка. Во продолжение, поради бавното преструктурирање на приватизираните претпријатија, банките немале на располагање прифатливи можности за одобрување кредити. Најпосле, бројните надворешни шокови, војната од 2001 година, како и бавните реформи на судскиот систем, катастарот итн., исто така, ги одвраќале банките од кредитирањето.

Подоцна, севкупниот амбиент за кредитирање значително се подобрил и тоа предизивикало заживување на кредитната активност на банките. Во тој поглед, пресвртот настапил во 2003 година, кога била забележана двоцифрена стапка на пораст на одобрените кредити на приватниот сектор од 16,6%. Притоа, високите стапки на растеж продолжиле и во наредните години, и како резултат на тоа, во периодот 2002-2010 година, вкупниот износ на бруто-кредитите пораснал за речиси трипати. Сето тоа довело до значително зголемување на степенот на финансиско посредување во Македонија, мерено како однос меѓу банкарските кредити и БДП, коешто на крајот од 2010 година достигна 44%. Сепак, треба да се забележи дека овој показател сè уште бил далеку понизок во споредба со развиените земји, каде што вообичаено изнесува над 100%.[12]

Притоа, како поважни фактори кои придонесуваат за ваквата динамика во доменот на кредитирањето на приватниот сектор можат да се наведат следниве:

  • ниското ниво на штедење во банките, што значи и мал домашен кредитен потенцијал;
  • постепеното преструктуирање на реалниот сектор на економијата, а со тоа и тешкотии околу наоѓањето на квалитетни кредитокорисници и квалитетни инвестициони проекти;
  • претпазливата политика на банките, во услови на наследено и стекнато „лошо“ кредитно портфолио;
  • преструктуирањето и консолидирањето на банките, што значи и потребно време за поставување на адекватни нови кредитни политики и процедури и адекватен процес на кредитирање;
  • високите активни каматни стапки на банките;
  • несоодветно дефинираната правна рамка, пред сè од аспект на брзината и ефикасноста при реализацијата на колатералот;
  • неизвесноста, карактеристична за пост-транзициониот период како и неизвесноста генерирана од неколку шокови од неекономски карактер.

Доколку порастот на кредитите се набљудува според институционалните сектори (претпријатија, население итн.), најголем дел од забележаниот кредитен растеж потекнувал од кредитите на населението. Така, во периодот 2003-2008 година, просечната годишна стапка на пораст на кредитите на населението изнесувала дури 50%, додека кредитите на претпријатијата, во просек, растеле далеку побавно, т.е. по стапка од 22%, годишно. Како последица на брзиот растеж на кредитите на населението, на крајот од 2010 година, нивното учество во вкупните бруто-кредити на нефинансискиот сектор достигнало 38,5%, што претставувало пораст од 18 процентни бодови во периодот 2003-2010 година. Сепак, треба да се забележи дека, поради ниската почетна основа на овие кредити, најголем дел од бруто-кредитите отпаѓал на кредитите одобрени на претпријатијата (61% на крајот од 2010 година).[12]

Во поново време дошло и до одредено поместување во валутната структура на кредитите одобрени на приватниот сектор. Имено, веќе од 2005 година, нивното учество се намалило под 50% за сметка на зголемување на учеството на девизните кредити и кредитите со девизна клаузула. Овој тренд може да се објасни со либерализацијата на девизното кредитирање, која настапила како последица на донесувањето на новиот Закон за девизно работење во 2003 година. Во продолжение, соодветно влијание врз порастот на девизните кредити и кредитите со валутна клаузула имале и пониските каматни стапки. Имено, бидејќи овие кредити се одобруваат или гласат на некоја странска валута, кај нив не постои валутниот ризик (барем не директно) и поради тоа банките вградуваат пониска маржа за ризикот во каматните стапки. Оттука, овие кредити се поевтини од денарските за неколку процентни бодови и тоа ги прави да бидат попривлечни за претпријатијата и населението. Како резултат на тоа, на крајот од 2010 година, девизните кредити и кредитите со девизна клаузула учествувале со речиси 60% во вкупните кредити на нефинансискиот сектор.

Притоа, побрзиот пораст на кредитите со валутна компонента во споредба со денарските кредити претежно се однесувал на кредитите на претпријатијата. Така, на крајот од 2010 година, само 32% од кредитите на претпријатијата биле денарски, 29% биле кредити со валутна клаузула, а 37% отпаѓале на девизните кредити. Наспроти тоа, кај кредитите на населението, учеството на денарските кредити било многу повисоко (55% на крајот од 2010 година), 38% отпаѓаат на кредитите со валутна клаузула, а само 7% се девизни кредити. Ваквите разлики произлегуваат од карактерот на кредитите. Имено, кај населението, само кредитите со подолги рокови на достасување (станбените и автомобилските кредити) содржат девизна компонента, додека потрошувачките кредити, кредитите на кредитни картички и кредитите на тековна сметка се денарски. Од друга страна, поради високиот степен на отвореност на македонското стопанство, претпријатијата одржуваат интензивни надворешнотрговски односи и имаат големи потреби за кредитирање на увозните и извозните зделки. Освен тоа, еден дел од девизните кредити на претпријатијата, всушност, отпаѓа на кредитите кои домашните банки ги одобруваат врз основа на странски кредитни линии.[13]

Во 2003 година настапил пресврт и во однос на рочната структура на бруто-кредитите одобрени на нефинансискиот сектор. Дотогаш доминирале кусорочните кредити, т.е. оние со рокови на достасување до една година, а оттогаш надвладувале долгорочните кредити, кои бележеле значително повисоки годишни стапки на пораст од кусорочните кредити. Како последица на тоа, во поново време бил присутен трендот на постојано зголемување на учеството на долгорочните кредити во вкупните бруто-кредити. Така, во 2000 година, долгорочните кредити зафаќале само 32% од бруто-кредитите одобрени на приватниот сектор, додека на крајот на 2010 година, овој процент достигнал 68%, што претставува двојно зголемување. Притоа, долгорочните кредити доминирале во двата институционални сектора: кај населението (под влијание на станбените кредити) и кај претпријатијата (како одраз на зголемената инвестициска активност).[14]

Еден од позначајните трендови во движењето на кредитите се однесува на постојаното подобрување на квалитетот на кредитното портфолио. Непосредно по монетарното осамостојување на Македонија, банкарскиот сектор се наоѓал во катастрофална состојба, предизвикана од товарот на лошите кредити. Така, според некои проценки, во 1993 година, лошите кредити зафаќале дури 70% од кредитното портфолио на банкарскиот сектор. Тоа било последица на поврзаноста на банките со нивните главни должници, кои учествуваа во органите на управување на банките, како и на политичкото влијание врз банките. За решавање на проблемот со лошите кредити, во 1995 година била спроведена санација на банкарскиот сектор, при што овие кредити биле исчистени од билансите на банките и пренесени во Агенцијата за санација на банки. Лошите кредити продолжиле да го оптоваруваат банкарскиот сектор дури и по спроведената санација на банките. Навистина, учеството на лошите кредити во бруто-кредитите постепено се намалил од 44,4% во 1995 година, на 32,9% во 1998 година, но нивниот обем сè уште бил премногу голем. Освен тоа, веќе следната година, како последица на големиот надворешен шок (војната во Косово), износот на лошите кредити повторно се зголемил, достигнувајќи 41,3% од вкупните кредити. Исто така, високото учество на лошите кредити се задржало и во следните две години, како резултат на опаѓањето на стопанската активност, предизвикано од војната во Македонија.

Во 2002 година настапил пресврт во квалитетот на кредитното портфолио на банките, кога само за една година процентот на лошите кредити се намалил за повеќе од половина. Оттогаш наваму се забележува значително подобрување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот сектор и, на крајот на 2007 година, учеството на лошите кредити било сведено на 6,4%. Тоа било последица на повеќе фактори, како што се:

Во текот на 2009 и 2010 година, како последица на ефектите од светската финансиска и економска криза, повторно се зголемил обемот на лошите кредити, кои достигнале 7,1% на крајот на 2010 година. Освен тоа, кредитното портфолио на македонските банки сè уште било полошо во споредба со просекот на ЕУ, каде што учеството на лошите кредити изнесува околу 3%.[15]

На крајот на декември 2016 година, вкупните кредити на нефинансиските сектори во Македонија изнесувале 282.461 милиони денари, додека на крајот од јуни 2017 година тие пораснале на 284.408 милиони денари. Во тие рамки, кредитите на претпријатијата изнесувале 151.905 милиони денари во декември 2016 година, односно 80.885 милиони денари во јуни 2017 година. Во споредба со нив, кредитите на населението биле помали: 129.321 милиони денари на крајот на 2016 година, т.е. 136.034 милиони денари во јуни 2017 година.[16]

Наводи уреди

  1. Алекса Стаменковски, Банкарски маркетинг, Скопје: Европски универзитет, 2007.
  2. „Investorwords“. Архивирано од изворникот на 2013-01-29. Посетено на 2013-03-24.
  3. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење. Скопје, 2009, стр. 362.
  4. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 85.
  5. Горан Петревски, Управување со банките- второ издание, Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 86.
  6. Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 102.
  7. 7,0 7,1 Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, стр. 103.
  8. 8,0 8,1 Зоран Ивановски, Кредитен менаџмент, Скопје: Економски форум, 2009.
  9. Љиљана Конеска, Банкарски сметководствен систем, Скопје: Европски универзитет, 2006.
  10. Vunjak N., Kovačević Lj. (2002), Poslovno bankarstvo. Bečej, стр. 22-28.
  11. Stojanovic, G. (2007), Interni modeli za merenje kreditnog rizika, CID, Beograd, стр. 117.
  12. 12,0 12,1 Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 87-88.
  13. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 89.
  14. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 90.
  15. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание). Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 91-92.
  16. НБРМ, „Соопштение за печат“ (пристапено на 2.1.2018)