Урал (планина)

планински венец во Русија
(Пренасочено од Уралски Планини)

Урал или „Уралски Планини“ (руски: Ура́льские го́ры; башкирски: Урал тауҙары) — планински венец што се протега по линијата север-југ низ западниот дел на Русија, од брегот на Северноледениот Океан до реката Урал и северозападен Казахстан.[1] Источната страна на венецот се смета за граница помеѓу Европа и Азија. Островите Вајгач и групата Нова Земја претставуваат продолжеток на масивот северно кон полот.

Урал
Највисока точка
ВрвНароднаја
Надм. височина1.895 м
Величина
Должина2.500 км
Ширина150 км
Географија
ЗемјиРусија и Казахстан
Геологија
Периодкарбон

Планините се сместени во географското подрачје Урал, кое во голема мера одговара на Уралскиот федерален округ и Уралскиот економски регион. Богати се со најразлични руди како метали, камен јаглен, драги и полудраги камења. Ова е главното рудно подрачје на Русија уште од XVIII век.

Географија и топографија

уреди

Венецот на Урал се протега вкупно 2.500 км, од Карското Море до Казашката Степа долж северната граница со Казахстан. На север венецот продолжува со островите Вајгач и групата Нова Земја. Оваа верига го исцртува северниот дел од границата помеѓу Европа и Азија. Највисок врв е Народнаја (1895 м).[1]

Според топографијата и други природни одлики по линија север-југ, Урал е поделен на поларен, приполарен, северен, централен и јужен дел. Поларниот дел се протега 385 км од планината Константинов Камен на север до реката Хулга на југ, со површина од 25.000 км2 (приближно колку Македонија) и изразено избразден релјеф. Највисокото место е Пајер (1.499 м), а просечната надморска височина изнесува 1000-1100 м. Планините на северниот дел имаат голи карпи со остри рабови, но се среќаваат и зарамнети и заоблени врвови.[1][2]

Приполарното подрачје е пошироко (до 150 км) и повисоко од поларното. Тука се наоѓаат највисоките врвови: Народнаја (1.895 м), Карпински (1.878 м) и Манарага (1.662 м). Се протега повеќе од 225 км на југ, до реката Шчугор. Многу од сртовите се назабени по облик и испресечени со речни долини. Поларниот и приполарниот дел се алпски, со остатоци од плеистоценка замрзнатост, вечен мраз и 143 постоечки ледници.[1][2]

Северен Урал се состои од низа напоредни сртови со висина до 1.000–1.200 м и издолжени котлини по оската север-исток, кои се протегаат 560 км од реката Уса. Највеќето врвови се зарамнети, но највисоките планиин како Телпосиз (1617 м) и Конжаковски Камен (1.569 м) имаат забразден релјеф. Падините и врвовите во северните подрачја се одликуваат со огромни површини од гол камен, создаден со силни одрони.[1][2]

Централниот дел е најнизок, со мазни врвови. Највисока планина е Басеги (994 м). Се протега јужно од реката Уфа.[2]

Релјефот на јужниот дел од Урал е посложен, со разни долини и напоредни сртови во правец југ-запад и напреку. Највисока планина е Јамантау (1640 м), а во широчина достигнува 250 км. Другите позначајни врвови се во состав на венецот Иремел (Голем и Мал). Јужен Урал се протега во должина од 550 км до наглото свртување кон запад на реката Урал и завршува со широките Мугалжарски Ридови.[1]

       
Планинска образба кај Саранпаул,
приполарен Урал
Карпи во река во приполарен Урал Планината Голем Иремел Влез во Игнатјевата Пештера,
Јужен Урал

Геологија

уреди
 
Рудник на Урал во 1910 г.

Урал се вбројува во најстарите планински венци во светот и е необично висок за неговата старост (250-300 мг). Создаден е со уралската орогенеза, настаната поради судирот на источниот срт на суперконтинентот Лаврусија и реолошки слабиот континент Казахстанија (денес Казахстан и западен сибир западно од реката Иртиш) со островски лак меѓу нив. Ова спојување траело речиси 90 милиони години, од доцниот карбон до раниот тријас.[3][4][5][6] За разлика од другите покрупни орогенези во палеозоикот (апалачи, каледониди, херцини), Урал не претрпел зарамнување и има изразена дебелина на кората.[7][8] Источно и јужно од Урал, голем дел од орогенот е закопан под подоцнежните мезозојски и кенозојски наноси.[3]

На површината се среќаваат доста видоизменети и преобразени карпи од палеозоикот. Наносните и вулканските слоеви се превиткуваат и цепат и така образуваат напречни појаси. Наносите западно од Урал се составени од варовник, доломит и песочник, преостанати од некогашните плитки мориња. На источната страна има претежно базалтни карпи, слични на оние на дното на денешните мориња.[2]

Западните падини имаат претежно карстна топографија, особено во подрачјето на реката Силва, што се влева во Чусоваја. Сочинета е од карпести наслаги со голема одронетост (од песочник и варовник) со старост од околу 350 милиони години. Има многу пештери, вртачи и подземни потоци. На источните падини карстната топографија е многу послабо развиена. Теренот е релативно рамен, со некои ридови и карпести изданоци, и содржи наизменични вулкански и наносни слоеви од средниот палеозоик.[2] Највеќето повисоки планини се состојат од карпи и отпорни карпи како кварцит, шкрилец и габро со старост од 570 до 395 мг. Речните долини имаат варовничка подлога.[1]

Планините имаат наоѓалишта на околу 48 вида на руди и минерали од стопанско значење. Источните делови се богати со халкопирит, никел оксид, злато, платина, хромит и магнетит, како и камен јаглен (Чељабинска област), боксит, талк, глина и стружни материјали. Западен Урал има наоѓалишта на јаглен, нафта, земен гас (околу Ишимбај и Краснокамск) и калиумски соли. Обете падини се богати со битуменски јаглен и лигнит. Урал е посебно познат по драгите и полудрагите камења како смарагд, аметист, аквамарин, јаспис, родонит, малахит и дијамант. Некои од наоѓалиштата, како магнетитните кај Магнитогорск се речиси исцрпени.[1][2]

Минерали од наоѓалиштата на Урал
       
Андрадит Берил Платина Кварц

Реки и езера

уреди
 
Реката Чусоваја

Од Урал извираат голем број на реки. Водотеците на западните падини јужно од границата помеѓу Коми и Пермскиот крај и источната падина, јужно од 54°30′ СГШ се одливаат во Каспиското Море преку сливовите на реките Кама и Урал. Притоките на Кама (Вишера, Чусоваја и Белаја) извираат од обете падини. Останатите водотеци се влеваат во Северноледениот Океан, претежно преку сливот на Печора на запад, во кој влегуваат и реките Илич, Шчугор и Уса, но и преку сливот на Об на исток, каде учествуваат и Тобол, Тавда, Исет, Тура и Северна Сосва. Над половина година, реките се замрзнати. Западните обичо имаат поголем воден обем од источните, особено оние во северните и приполарните предели. На југот на Урал реките се побавни, што се должи на помалото количество на врнежи и потоплата клима, со што има повеќе испаренија, а помалку снег.[1][2]

На планините има повеќе езера со голема длабочина.[9] Источните падини во јужен и централен Урал опфаќаат голем дел од нив. Тука се езерата Увилди, Иткул, Тургојак и Таватуј.[2] На западните падини има помалку езера, кои се и поскромни по димензии. Езерото Болшое Шчучје е најдлабоко на поларниот дел од Урал, со максимална длабочина од 136 м. Во ледничките долини на овие предели има и други езера. Извесни езера имаат бањи и лекувалишта поради лековитата кал.[1][2]

Клима

уреди

Климата на Урал е континентална. Планинските сртови се протегаат од север кон југ и ја впиваат сончевата светлина, со тоа зголемувајќи ја температурата. Подрачјата западно од Урал се за 1–2 °C потопли во зима отколку подрачјето на исток источните предели бидејќи едните се затоплуваат од атлантските ветришта, додека другите се од влијание на студените сибирски воздушни маси. Просечната јануарска температура во западните подрачја се движи од -20 °C во поларниот дел до -15 °C во Јужен Урал, а во јули истите се движат од 10 °C до 20 °C. Западните подрачја имаат за 150 мм годишно повеќе врнежи од источните, што се должи тоа што планините ги заробуваат облаците што доаѓаат од Атлантскиот Океан. Најмногу врнежи (~1000 мм) има северен Урал, со околу 1000 см снег. Источните делови имаат 500–600 мм на северот и 300–400 мм на југот. Највеќе врне во летото, додека пак зимата е сува.[1][2]

Флора

уреди
 
Мочуришна јагода

Пределите на Урал се менуваат по како по географска ширина така и по надморска височина, и на нив преовладуваат шуми и степи. Јужниот дел на Мугалжарските Ридови е полупустински. Степите се наоѓаат претежно на јужниот (особено југоисточниот) дел на Урал. Во долните падини има ливадски степи, каде што се застапени средна и планинската детелина, српецот , тажникот, ливадарката и безлисниот власец и достигнуваат до 60–80 см во височина. Поголем дел од овие предели се обработуваат. На југ овие ливадски степи стануваат поретки, посуви и пониски, а теренот на исток станува карпест. Речните долини се обраснати со врба, топола и карагана.[2]

Шумските предели на Урал мошне се разновидни, особено во јужниот дел. Во западните подрачја преовладува тајгата, која јужно постепено преоѓа во мешани и листопадни шуми. Источните падини имаат иглолисни тајги со помала густина. На северот се застапени претежно четинарите: сибирската ела, сибирскиот бор, белиот бор, сибирската смрча, обичната срмча и сибирскиот ариш, како и белата и влакнестата бреза. Во поларните краишта шумите се многу проретчени, а шумската граница им е доста пониска (250–400 м наспроти 1.000 м во другите делови). Поларните шуми се ниски и мешани со мочуришта, лиштаи, тресетишта и честаци. Изобилуваат џуџестата бреза, мововите и зрнестите плодови (боровинка, мочуришна јагода , црна гавраника итн.). Шумскиот состав е најразновиден на југот, каде подеднакво се застапени и иглолисните и широколисните дрва како стежерот, млечот и брестот.[2] Таканаречените „Девствени шуми“ на Коми (северен Урал) се прогласени за светско наследство на УНЕСКО.

Фауна

уреди
 
Лакомец
 
Твор

Шумите на Урал се населени од животни типични за Сибир како еленот, кафеавата мечка, лисицата, волкот, лакомецот, рисот, верверичката и самурот (само на северот). Нема посебни планински видови, што се должи на лесниот пристап до планините. Во средниот дел на Урал се среќава ретка мешавина од самур и куна златка наречен „кидус“. Во Јужен Урал позастапени се јазовецот и творот. Гуштерите и водоземците живеат претежно во јужниот и централниот дел. Такви се шарката, гуштерите и барските змии. Птиците се застапени со големиот тетреб, малиот тетреб, лештарката, лешникарката и кукавиците. Јужното и средното подрачје во лето е дом на песнопојни птици како славејот и циганчето.[1][2]

Јужноуралските степи се населени со голем број на диви зајаци и глодачи како стоболката и скокајглувците. Има голем број на грабливи птици како белонокта ветрушка и глувчари. Поларниот дел има малку животински видови, својствени на тундрата: бела лисица, тундрански тетреб, леминг и северен елен. Тука се застапени птици како гаќестиот глувчар, снежниот був и снежната еребица.[1][2]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 1,12 УралЕнциклопедија Британика
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 „Урал (географски)“. Голема советска енциклопедија. Архивирано од изворникот на 2014-09-18. Посетено на 2013-06-17.
  3. 3,0 3,1 D. Brown & H. Echtler. The Urals. In: R. C. Selley, L. R. M. Cocks & I. R. Plimer (eds.), Encyclopedia of Geology, Vol. 2. Elsevier, 2005. стр. 86-95.
  4. L. R. M. Cocks & T. H. Torsvik. European geography in a global context from the Vendian to the end of the Palaeozoic Архивирано на 31 јули 2009 г.. In Gee, D. G. & Stephenson, R. A. (eds), European Lithosphere Dynamics. Geological Society, London, Memoirs, 32, 83–95.
  5. Victor N. Puchkov. The evolution of the Uralian orogen. Geological Society, London, Special Publications, 2009; v. 327; стр. 161-195.
  6. D. Brown et al. Mountain building processes during continent–continent collision in the Uralides. Earth-Science Reviews, Volume 89, Issues 3–4, August 2008, стр. 177–195.
  7. Mary L. Leech. Arrested orogenic development: eclogitization, delamination, and tectonic collapse Архивирано на 4 март 2012 г.. Earth and Planetary Science Letters 185 (2001) 149–159.
  8. Jane H. Scarrow, Conxi Ayala & Geoffrey S. Kimbell. Insights into orogenesis: getting to the root of a continent–ocean–continent collision, Southern Urals, Russia. Journal of the Geological Society, London, Vol. 159, 2002, стр. 659–671.
  9. Davis, W.M. (1898). „The Ural Mountains“. Во American Association for the Advancement of Science (уред.). Science. Moses King. стр. 563. Посетено на 8 јули 2010.

Надворешни врски

уреди

60°00′N 60°00′E / 60.000° СГШ; 60.000° ИГД / 60.000; 60.000