Гаќест глувчар
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Соколовидни
(или Јастребовидни)
Семејство: Јастреби
Род: Глувчари
Вид: Гаќест глувчар
Научен назив
Buteo lagopus
(Pontoppidan, 1763)

     Лето      Зима

Гаќестиот глувчар (научButeo lagopus) е средно голема граблива птица. Се среќава во арктичките и субарктичките региони на Северна Америка и Евроазија за време на сезоната на парење, а се сели на југ зиме.[2] Ја има и во Македонија.

Опашката е бела со темни завршетоци
Нозете се со перје
Buteo lagopus

Гнездата типично се сместени на карпи, гребени или дрвја. Големината на леглото зависи од достапноста на храна, но обично несат 3-5 јајца.[3] Ловат над отворена земја, хранејќи се главно со мали цицачи.[2] Оваа птица е една од неколкуте што можеме да ја видиме како лебди на небото.[4]

Опис

уреди

Гаќестиот глувчар е релативно голема граблива птица со должина од 46 до 60 см и распон на крилјата од 120 до 153 см.[2][5] Тежината може да им биде од 600 до 1660 грама, а женките се типично поголеми и потешки од мажјаците.[6][7] Покрај стандардните мерки, крилјата на оваа птица се долги 39.2-48.3 см, а опашката 20.1-25.5 см.[8][9] Перјето му е претежно кафеаво но и доста прошарано.[2] Се среќаваат разни варијанти на бои, посветли, потемни, кај мажјаците, кај женките, кај младенчињата. Заедничко кај сите е белата долга опашка со една или повеќе темни ленти на краевите. Краевите на крилјата се толку долги што ја престигнуваат опашката кога птицата стои. Нозете му се со перје (и самиот назив го кажува тоа, па и научниот, lagopus значи „влакнест“), како адаптација на студената животна средина. Канџите му се релативно мали заради пленот кој го лови.

Тоа е единствениот јастреб со оваа големина кој редовно лебди над едно место, со брзо мавтање на крилјата.

Таксономија

уреди

Гаќестиот глувчар е јастреб од родот глувчари (Buteo), група умерено големи грабливки со широки крилја, кратки опашки и широки робусни тела.[2][10]

Има најмалку 3 подвида на гаќести глувчари (Buteo lagopus):

  • B. l. lagopus е номинираниот подвид. Тој се размножува во северна Европа и Азија и има релативно темно перје. Грбните пердуви му се хомогено кафеава боја во контраст со посветлата глава;[2]
  • B. l. sanctijohannis се размножува во Северна Америка. Тој е светол, грбот му е прошаран и е малку помал од B. l. lagopus.[2]
  • B. l. kamtchatkensis се размножува од северен Сибир до северна Северна Америка. Има посветло перје кога ќе се спореди со B. l. sanctijohannis и во просек е поголем од сите три подвида.[2][8]

Живеалиште

уреди

Гаќестиот глувчар се размножува во средини како тундра и тајга во Северна Америка и Евроазија меѓу северни географски ширини од 61 и 76°. Птиците од Северна Америка се селат во централни САД, а од Евроазија во јужна Европа и Азија. Ова е единствен член од родот кој го има и на двата северни континенти со целосна субарктичка распространетост. За време на зимските месеци, од ноември до март, претпочита мочурливи живеалишта, прерии, земјоделски региони, каде се храни претежно со глодачи.[2]

Местата за размножување се обично отворени простори, без шума.[3] Зависно од снежната покривка, преселниците се враќаат на оваа територија во април, мај.[2] Територијата што ја опфаќа зависи од снабденоста со храна, и е околу 10-15 км2 зимно време, а не се знае многу за територијата на размножување.[3] Тие не се премногу територијални птици.[2]

Поведение

уреди

Исхрана

уреди

Гаќестиот глувчар е месојад, хранејќи се со мали цицачи што претставува 62-98% од неговата исхрана. Покрај цицачите, овој вид се храни и со птици, претежно мали врапчевидни, како и со инсекти. Исхраната му е опортунистичка, повремено надополнувајќи ја со мрша.

Размножување

уреди

Половата зрелост овој јастреб ја постигнува на двегодишна возраст. Размножувањето се случува обично во мај, но зависи од пристигнувањето од преселбата. Се смета дека е моногамен, парејќи се со ист партнер низ годините.[2] Нема докази за спротивното.

Гнездото го градат брзо откако ќе пристигнат на територијата на размножување и им треба 3-4 недели да го завршат. Гранчиња, стапчиња и стари пердуви се материјалите од кои е изградено. Гнездото е 60-90 см во пречник и 25-60 см во висина.[2] Го сместуваат на гребени и карпести предели. Женките несат 1-7 јајца, но почесто 3-5. Ги квачи само женката во период од најмалку 31 ден. Мажјакот ја храни женката за време на инкубацијата. Откако ќе се испилат на младенчињата им требаат 4-6 недели пред да го напуштат гнездото, а зависат од исхраната на родителите уште дополнителни 2-4 недели.[2]

Долговечност и смртност

уреди

Гаќестиот глувчар што ќе ја достигне зрелоста може да живее 19 години во дивина. Една женка што живее во зоолошката во Ајдахо е стара над 25 години. Но, птиците што живеат во дивина тешко ги преживуваат првите две години. Смртноста произлегува од изгладнување кога нема доволно храна за лов, од ниските температури особено во времето на квачењето, уништувањето од страна на луѓето, како и од други грабливци. Шансите за опсатнок се зголемуваат кога пилињата ќе се здобијат со перје и кога ќе почнат самите да ловат. Смртта им се заканува и кога летаат најчесто заради човечките активности, како што се удари во згради и автомобили, труење од оловото во пленот или нелегалниот лов и заробување.[11]

Најчесто страдаат јајцата и младенчињата од разни грабливци, како што се: арктичката лисица, кафеавата мечка, лакомецот, ако можат да стигнат до гнездото. Птичјите „чистачи“, како гавраните, на пример, исто така, може да бидат закана за младенчињата на овој вид. Кога се возрасни, тие страдаат од поголемите орли, јастреби и птици од својот вид во борби за територијата.[11]

Огласување

уреди

Возрасниот гаќест глувчар ќе се огласи ако некој натрапник навлезе во територијата на размножување. Огласувањето може да се опише како надолно развлечено свиркање куи виук или долго опаѓачко кјее-еер. Овој крик, птицата го испушта во лет или од повисока позиција на секои 15-30 секунди. За време на додворувањето двата пола испуштаат свиркачки звуци кои завршуваат со с’скање. По копулацијата, женката испушта клук звук, младенчињата испуштаат молежливи звуци додека ја чекаат храната од своите родители.[2]

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Buteo lagopus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Bechard, M. J. and Swem, T. R. 2002. Rough-legged Hawk (Buteo lagopus). In The birds of North America, No. 641 (A. Poole and F. Gill, eds.). The Birds of North America, Inc., Philadelphia, PA.
  3. 3,0 3,1 3,2 Rough-legged Hawk. Lcvirtualwildlife.ca. Посетено на 2011-12-18.
  4. Birds of Prey. Birdofpreytrail.com. Посетено на 2011-12-18.
  5. Porter, R. F. (1990) Flight Identification of European Raptors, Third Edition. Academic Press, ISBN 978-0-85661-027-1
  6. CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
  7. del Hoyo, J; Elliot, A; Sargatal, J (1996). Handbook of the Birds of the World. 3. Barcelona: Lynx Edicions. ISBN 84-87334-20-2.
  8. 8,0 8,1 Ferguson-Lees, J.; Christie, D. (2001). Raptors of the World. London: Christopher Helm. ISBN 0-7136-8026-1.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  9. Cade, Tom J. (1955). „Variation of the Common Rough-Legged Hawk in North America“ (PDF). The Condor. 57 (6): 313–346. doi:10.2307/1364791. JSTOR 1364791.
  10. Hawks – Genus Buteo – Introduction. Oiseaux-birds.com. Посетено на 2011-12-18.
  11. 11,0 11,1 Good, G. (2008). Buteo lagopus. Animal Diversity Web.
Грешка во наводот: Ознаката <ref> со име „r1“ определена во <references> не се користи во претходен текст..

Надворешни врски

уреди