Свето Римско Царство

(Пренасочено од Света Римска Империја)

Свето Римско Царство (СРЦ; германски: Heiliges Römisches Reich (HRR), латински: Imperium Romanum Sacrum (IRS), италијански: Sacro Romano Impero (SRI)) — германско царство кое постоело од 962 до 1806 во Средна Европа. Со него владеел царот на Светото Римско Царство. Неговиот карактер се сменил за време на средниот век и раниот нов век, кога моќта на царот постепено заслабнувала во корист на принцевите. Во своите последни векови, тоа било само унија од територии.

Свето Римско Царство на германскиот народ[1]
Imperium Romanum Sacrum
Heiliges Römisches Reich
Sacro Romano Impero
962–1806
Flag of Свето Римско Царство на германскиот народ
Царско знаме
Грб на Светото Римско Царство of Свето Римско Царство на германскиот народ
Грб на Светото Римско Царство
Териториите на Царството околу 1600 година, со денешните граници на државите.
Териториите на Царството околу 1600 година, со денешните граници на државите.
СтатусЦарство
Главен градНеодредено; Собрание на Светото Римско Царство сместено во Регенсбург од 1594 до 1806 г.
Говорени јазицилатински, гемански, италијански, различни западногермански јазици, романски јазици и словенски јазици
Вероисповед
римокатолицизам; лутеранство (по 1555 г.) и калвинизам (по 1648 г.)
УредувањеИзборна монархија
Цар 
• 962–973
Отин I (прв)
• 1792–1806
Франц II (последен)
LegislatureСобрание на Светото Римско Царство (Рајхстаг)
Историски периодСреден век
Ран нов век
• Отон I е крунисан за цар на Римјаните
2 февруари 962
• Конрад II
    crown of Burgundy
2 февруари 1033 година
25 септември 1555
24 октомври 1648
• Франц II абдицира
6 август 1806
Претходници
Наследници
Средна Франкија
Источна Франкија
Стар Швајцарски Сојуз
Холандска Република
Рајнски Сојуз
Австриско Царство
Прво Француско Царство
Кралство Италија
Кралство Прусија
Обединети Белгиски територии
Кнежевство Лихтенштајн
Источно Фризиско Кнежевство
Денес дел од Германија
 Австрија
 Белгија
 Чешка

 Лихтенштајн
 Луксембург
 Монако
 Холандија


 Сан Марино
 Словенија
 Швајцарија
 Франција
 Италија
 Полска
 Словачка

Територијата на царството била со средиште во Кралството Германија, а ги вклучувало и соседните територии и во својот врв ги вклучувало и Кралството Италија и Кралството Бургундија. Во најголемиот дел од својата историја, тоа се состоело од стотици мали под-делови, принципати, кнежевства, војводства, слободни царски градови и други.

Во 962 година Отон I бил прогласен за цар на Светото Римско Царство (германски: Römisch-Deutscher Kaiser, Римско-германски цар), иако титулата цар на Светото Римско Царство според традиционалните преданија претходно му била доделена на Карло Велики во 800 година. Отон бил првиот цар на државата кој не и припаѓал на династијата Каролинзи.[2] Последен цар на Светото Римско Царство бил Франц II, кој абдицирал и го растурил царството во 1806 за време на Наполеоновите војни.[3] По седницата во Келн во 1512 година, името било официјално сменето во Свето Римско Царство на германскиот народ (германски: Heiliges Römisches Reich Deutscher Nation, латински: Imperium Romanum Sacrum Nationis Germanicæ)..[4]

Териториите на Светото Римско Царство денес се дел од државите: Германија (без јужен Шлезвиг), Австрија (без Градиште), Чешка, Швајцарија и Лихтенштајн, Холандија, Белгија, Луксембург и Словенија (освен Прекмурје), делови од источна Франција (Артоа, Алзас, Франш Конте, Француска Фландрија, Савоја и Лорена), северна Италија (главно Ломбардија, Пиемонт, Емилија-Ромања, Тоскана, Тренто и јужен Тирол) и западна Полска (претежно Шлеска, Поморјето и Нојмарк).

Именување

уреди

Терминот sacrum (т.е. “свет” во смисла на “осветен”) бил поврзуван со средновековното Римско Царство од 1157 година, за време на Фридрих I Барбароса (“Свето Царство”, формата “Свето Римско Царство” се користи од 1254 па понатаму).[5] Терминот бил додаден на ја одрази амбицијата на Фридрих при доминацијата над Италија и Папството. Пред 1157 година, тоа се нарекувало само Римско Царство.[6]

Во декрет донесен по Седницата во Келн во 1512 година, името официјално било сменето во Свето Римско Царство на германскиот народ(германски: Heiliges Römisches Reich Deutscher Nation, латински: Imperium Romanum Sacrum Nationis Germanicæ).[7] Оваа форма првпат се користела во документ во 1474 година.[6]

Светото Римско Царство било наречено по Римското Царство и се сметало за негово продолжение. Ова се темели на средновековниот концепт за translatio imperii.[8]

Францускиот просветител Волтер сардонски забележал: “Оваа агломерација која била наречена и сè уште се нарекува себеси Свето Римско Царство, не е ниту свето, ниту римско, ниту царство.”[9]

Историја

уреди

Каролиншки почеток

уреди

Светото Римско Царство гледало на Карло Велики, кралот на Франките, како свој основач, кој бил прогласен за цар на Римјаните на Божик во 800 година од папата Лав III.[10][11] Со тоа оживеало Западното Римско Царство (латински: renovatio Romanorum imperii), со префрлање на титулата на кралот на Франките. Ова translatio imperii останало како основа за Светото Римско Царство, барем во теорија, сè до неговиот крај во 1806 година.

Царската власт на Каролинзите била оспорувана на почетокот помеѓу владетелите на Западна Франкија (Франција) и Источна Франкија (Германија), а нивните кралеви Карло Ќелавиот (западниот крал) и Карло Дебелиот (источниот крал) ја зеле титулата прв и втор. Сепак по смртта на Карло Дебелиот во 888 година, Каролиншкото Царство се отцепило и никогаш не било вратено. Според Регино од Прим, секој од деловите избирал свој крал од своите благородници. По смртта на Карло Дебелиот, само оние што контролирале територии во Италија биле проласувани до папата. Таквиот последен цар бил Беренгар I од Италија кој умрел во 924 година.

Развиен среден век

уреди
 
Светото Римско Царство од 962 до 1806 година.

Формирање

уреди

Околу 900 година, во Источна Франкија произлегле многу автономни кнежевства (Франконија, Баварија, Швабија, Саксонија и Лотарингија). Откако каролиншкиот крал Лудвиг Детето умрел без наследник во 911 година, Источна Франкија не се обратила до каролиншкиот владетел на Западна Франкија да преземе контрола, туку избрала еден од своите кнезови, Конрад од Франконија, за Rex Francorum Orientalum. На смртната постела, Конрад му ја предал власта и круната на својот главен соперник Хајнрих од Саксонија, кој бил избран за крал на собранието во Фрицлар во 919 година. Хајнрих постигнал крај на војната со Унгарците и во 933 година за првпат ги победил во Битката кај Риаде.

Хајнрих умрел во 936 година, но неговите наследници, Отонската династија, продолжила да владее со источното кралство речиси цел век. Назначениот наследник на Хајнрих, Отон бил избран за крал во Ахен во 936 година.[12] Тој успеал да придуши неколку буни предводени од постариот брат и други предводени од војводи. По тоа, кралот успеал да го контролира назначувањето на војводи и често користел и епископи во администрацијата.

Кралството немало постојан главен град и кралевите патувале од резиденција до резиденција (наречена Kaiserpfalz) за да раководат со работите. Сепак, секој крал користел различни места, а Отон го избрал Магдебург. Кралската титула продолжила да се доделува преку избирање, но кралевите обично успевале да влијаат при изборот, па нивните синови биле избирани уште за време на нивното владеење, со што круната останувала во семејството. Ова се променило по крајот на династијата Салиевци во 12 век.

Во 955 година, Отон извојувал убедлива победа над Унгарците во Битката кај Лехското поле.[13] Во 951 година, Отон и помогнал на Аделаида, кралицата-вдовица на Италија и ги поразил нејзините непријатели. Тој потоа се оженил со неа и ја презел Италија. Во 962 година, Отон бил прогласен за цар од папата.[13] Оттогаш, работите на Германското Кралство биле поврзани со италијанското и со Папството. Крунисувањето на Отон за цар ги направило германските кралеви наследници на Царството на Карло Велики, со што преку translatio imperii ги направило нив наследници на Стариот Рим.

Ова исто така го обновило конфликтот со источниот цар од Цариград, особено откако синот на Отон, Отон II (967-83) ја присвоил назнаката imperator Romanorum. Сепак, Отон бил поврзан со истокот преку брак, кога се оженил со византиската принцеза Теофано.[14] Нивниот син Отон III, го насочил своето внимание на Италија и Рим и користел многу дипломатија, но умрел млад во 1002 година, а бил наследен од неговиот роднина Хајнрих II, кој се фокусирал кон Германија.

Кога Хајнрих II умрел во 1024 година, Конрад II, прв од Салиевците, бил избран за крал во 1024 година, по кратка дебата меѓу војводите и благородниците, кои постепено ќе се развијат и претворат во изборни кнезови.

Борба за инвеститурата

уреди

Кралевите често назначувале епископи во администрацијата и често одредувале кој ќе биде назначен со верска титула. За време на Клинијачките реформи, ова мешање сè повеќе се сметало за несоодветно од Папството. Папата-реформатор Григориј VII решил да се спротивстави на таквата практита, со дошло до оваа Борба за инвеститурата со кралот Хајнрих IV (владеел 1056-1106), кој го отфрлил мешањето на папата и ги убедил своите епископи да го екскомуницираат папата, кого го нарекол по неговото родено име “Хилдебранд”, а не по неговото избрано име “Григориј VII”. Папата пак, го екскомуницирал кралот, го прогласил дека е симнат од власта и ги поништил заклетвите на верност кои ги дал на Хајнрих. Кралот ја изгубил сета политичка поддршка и бил принуден на оди до Каноса во 1077 година, со што ја му била отстранета екскомуникацијата по цена на понижувањето. Во меѓувреме, германските принцеви избрале друг крал, Рудолф од Швабија. Хајнрих успеал до го победи но набрзо се соочил со нови востанија, обновена екскомуникација и бунтови од неговите синови. Неговиот втор син, Хајнрих V, успеал да постигне договор со папата и епископите во 1122 година на Вормскиот конкордат. Политичката моќ на Царството се одржала но конфликтот ги покажал границите на моќта на еден владетел, особено во споредба со Црквата и му го одзела на кралот сакралниот статус кој претходно го имал. И папата и германските принцеви се покажале како главни играчи во политичкиот систем на Царството.

Династијата Хоенштауфен

уреди
 
Адемар де Монтеил го носи Светото Копје.

Кога династијата на Салиевците завршила со смртта на Хајнрих V во 1125 година, принцевите одлучиле да не избираат некој од таа линија и наместо тоа го избрале Лотар, умерено силниот, но стар саксонски војвода. Кога тој умрел во 1138 година, принцевите повторно ја одредувале границата на кралската моќ; тие не го избрале миленикот на Лотар, неговиот зет Хајнрих Гордиот од династијата Велфи, туку Конрад III од династијата Хоенштауфен, блиски роднини на Салиевците, што довело до судири меѓу династиите кои траеле повеќе од еден век. Конрад им ги зел териториите на Велфите, но по неговата смрт во 1152 година, него го наследил неговиот внук Фридрих I Барбароса и склучил мир со Велфите и му вратил смален дел од неговите поседи на неговиот роднина Хајнрих Лавот.

Владетелите од династијата Хоенштауфен сè повеќе им ја делеле земјата на министеријалите (ministerialia), поранешни службеници, за кои Фридрих се надевал дека ќе бидат полесни за работа. Иако на почетокот тие биле користени за воена служба, оваа нова класа на луѓе подоцна ќе биде основата за подоцнежните витези, уште еден темел на царската моќ. Друга важна одлука била донесена кај Ронкалја (Пјаченца), а тоа било воспоставувањето на нов мир (Landfrieden) за сите во Царството, обид да се смират приватните караничи меѓу војводите, но исто така било обид тие да можат да одговараат пред правниот систем на надлежност и јавно обвинителство за кривични дела-претходник на модерниот концепт “владеење на правото”. Друг нов концепт за тоа време бил систематското основање на нови градови, и од царот и од војводите. Делумна причина за тоа е експлозијата на населението, но и за да се концентрира економската моќ на стратешки локации, за разлика од постоечките градови кои биле поранешни римски утврдувања и постари епископии. Градови кои биле основани во 12 век се Фрајбург, економскиот модел за многу понатамошни градови, и Минхен.

Фридрих бил прогласен за цар во 1155 година и го нагласил “римското” во Царството, како обид да ја оправда царската моќ независно од онаа на се посилниот папа. Царското собрание на полињата на Ронкалја во 1158 година повторно ги присвоило царските права со референца од Јустинијановиот Законик. Царските права се сметале како regalia по Борбата за инвеститурата, но биле наведени за првпат кај Ронкалја. Овој список вклучувал јавни патишта, тарифи, ковање пари, собирање на казни и инвеститура, давањето и одземањето на титули. Овие права биле досега експлицитно вкоренети во Римското право, далекусежен уставен акт.

Политиката на Фридрих била главно насочена кон Италија, каде се судрил со се побогатите и слободоумни градови од северот, особено Милано. Тој се вмешал во уште еден конфликт со Папството со неговата поддршка на еден од помалите кандидати наспроти папата Александар III (1159-81). Фридрих поддржувал неколку антипапи пред да се смири со Александар во 1177 година. Во Германија, царот постојано го штител Хенри Лавот од жалбите на неговите соперници и градови (што бил случајот со Минхен и Либек). Поддршката на Хајнрих за политиката на Фридрих била еднообразна и во една критична ситуација за време на војните во Италија, Хајнрих ја одбил молбата за помош на царот. По неговото враќање во Германија, огорчениот Фридрих започнал постапка против војводата, со што тој добил јавна забрана и сите територии му биле одземени.

За време на династијата Хоенштауфен, германските принцеви го обезбедиле успешно и мирно населување на источни земји претходно населени од западни Словени или ненаселени земји со луѓе кои зборувале на германски јазик од западниот дел на Царството, и христијани и евреи. Постепената германизација на овие земји била сложен феномен што не треба да се гледа како преку наклонетоста кон национализмот од 19 век. Со источното населување, влијанието на Царството се проширило во Поморјето и Шлеска и поради браковите на локалните словенски владетели со германски сопружници. Исто така Тевтонскиот ред бил поканет во Прусија од војводата Конрад од Мазовија да ги покрсти Прусите во 1226 година. Монастичката држава Тевтонски Ред и подоцнежните држави-наследнички на Прусија никогаш не биле дел од Светото Римско Царство.

Во 1190 година, Барбароса учествувал во Третата крстоносна војна и загинал во Мала Азија. За време на владеењето на неговиот син и наследник, Хајнрих VI, династијата Хоенштауфен го достигнала својот врв. Хајнрих го додал норманското Кралство Сицилија во неговите територии, го држел Ричард I Лавовско Срце како заробеник и сакал да направи наследна монархија кога умрел во 1197 година. Иако неговиот син Фридрих II бил веќе избран за крал, тој бил мало дете и живеел на Сицилија, германските принцеви решиле да изберат возрасен крал, што резултирало со двојниот избор на најмладиот син на Барбароса Филип од Швабија и синот на Хајнрих Лавот, Отон од Брунсвик. Отон успеал да владее одредено време откако Филип бил убиен во приватна караница во 1208 година, и започнал да ја бара Сицилија. Папата Инокентиј III, кој се плашел од можното обединување на Царството и Сицилија, сега го поддржувал кралот на Сицилија Фридрих II, кој марширал до Германија и го поразил Отон. По неговата победа Фридрих не го исполнил ветувањето да ги држи двете држави одвоени – иако го назначил својот син Хајнрих за крал на Сицилија пред да оди во Германија, тој бил оној што ја имал вистинската политичка моќ. Ова продолжило и по крунисувањето на Фридрих за цар во 1220 година. Плашејќи се од големата моќ на Фридрих, папата конечно го екскомуницирал царот. Друга работа била и крстоносната војна, на која Фридрих се обврзал но постојано ја откажувал. Иако екскомунициран, Фридрих ја предводел крстоносната војна во 1228 година, која на крајот завршила со преговори и привремено обновување на Кралството Ерусалим. Конфликтот со папата продолжил и папата го поддржал изборот на анти-крал во Германија.

И покрај царските барања, владеењето на Фридрих било пресвртна точка кон распаѓањето на централната власт на Царството. Иако се концентрирал да создаде модерна, централизирана држава во Сицилија, постојано бил отсутен од Германија и им доделувал привилегии на секуларните и верските принцеви: Во 1220 година, со Confoederatio cim principibus ecclesiasticis, Фридрих дал голем број на регалии на епископите, вклучувајќи тарифи, ковање пари и утврдување. Со Statutum in favorem principum од 1232 година, истите привилегии им биле дадени на секуларните територии. Иако многу од овие привилегии постоеле претходно, тие сега се доделувале глобално и засекогаш, за да им се овозможи на германските принцеви да го одржуваат редот северно од Алпите додека Фридрих сакал да се концентрира на Италија. Со овој документ од 1232 година, германските војводи за првпат биле нарекувани domini terrae, сопственици на нивните земји, што е значителна промена во терминологијата.

Интерегнум

уреди
 
Reichssturmfahne, употребувано како воено знаме во 13 и раниот 14 век.

По смртта на Фридрих во 1250 година, Германското кралство било поделено меѓу неговиот син Конрад IV (умрел 1254) и анти-кралот Вилијам од Холандија (умрел 1256). По смртта на Конрад следувал интерегнумот, период во кој ниту еден крал не успеал да се здобие со универзално признавање и принцевите ги зацврстиле нивните поседи и станале уште понезависни. По 1257 година, кандидати за круната биле Ричард од Корнвол, кого го поддржувале Велфите и Алфонсо X од Кастиља, кој бил поддржуван од династијата Хоенштауфен но никогаш немал стапнато на германско тло. По смртта на Ричард во 1273 година, интерегнумот завршил со едногласната одлука да се избере Рудолф I Хабсбург, еден од помалите војводи кандидати од династијата Хоенштауфен.

Промени во политичката структура

уреди
 
Седумте изборни кнезови.

Во 13 век имало генерална промена на структурата на тоа како се управувало со земјата, со што се подготвувало префрлањето на политичката моќ кон буржоазијата на сметка на аристократскиот феудализам кој бил одлика на Доцниот среден век.

Наместо личните должности, парите станале се почесто средство за претставување на економската вредност на земјоделството. Од селаните сè повеќе се барало да плаќаат данок за нивната земја. Концептот на “имот” започнал да ги заменува постарите форми на надлежност, иако тие сè уште биле тесно поврзани. Во териториите (кои не биле на ниво на Царството), моќта станувала сè повеќе концентрирана: Кој и да го поседувал земјиштето имал надлежност, од која произлегувале други моќи. Важно е да се забележи дека, надлежноста во ова време не вклучувала законодавство, кое речиси не постоело до и во 15 век. Судските практики главно се потпирале на традиционални обичаи и правила опишани како вообичаени.

Дури во ова време териториите започнале да се претвораат во претходници на модерните држави. Процесот се разликувал во зависност од земјите и бил најнапреден во оние територии кои биле најидентични со земјите на старите германски племиња, пример Баварија. Тоа било најбавно во оние територии кои биле основани преку царски привилегии.

Доцен среден век

уреди

Предлошка:Дополнително читање

Издигнуваљње на териториите по династијата Хоенштауфен

уреди
 
Светото Римско Царство 1273-1378 и главните кралски династии.

Потешкотиите во бирањето на крал на крајот довеле до појавата на фиксниот колегиум на изборни кнезови (Kurfürsten), чиј состав и процедури биле одредени со Златната Була од 1356 година. Овој развој најверојатно најдобро го симболизира ново појавената двојност помеѓу царот и државата (Kaiser und Reich), кои повеќе не се сметале за идентични. Ова исто така се гледа и по начинот на кој кралевите кои владееле по династијата Хоенштауфен се обидувале да ја одржат нивната моќ. Порано од тоа, силата (и финансиите) на Царството главно зависеле од самите земји на Царството, тн Reichsgut, кој секогаш му припаѓал на тогашниот крал и вклучувал многу царски градови. По 13 век, важноста на Рајхсгутот се намалувала, иако некои негови делови останале во рамките на Царството сè до неговиот крај во 1806 година. Наместо тоа, Рајхсгутот се продавал на локалните војводи, некогаш за собирање на пари за Царството, но почесто да се награди верноста или како обид да се контролираат војводите. Директното владеење на Рајхсгутот не се совпаѓало со потребите на кралот или оние на војводите.

Наместо тоа, кралевите, почнувајќи со Рудолф I Хабсбург, се почесто зависеле на земјите од нивните династии за поддршка на нивната моќ. Во спротивност со Рајхсгутот, кој бил расштркан и тежок за управување, овие територии биле релативно компактни и со тоа биле полесни за контрола. Со ова во 1282 година, Рудолф I им ја изнајмил Австрија и Штурија (Штаерска) на неговите синови.

Со Хајнрих VII, династијата Луксембург стапила на сцена. Во 1312 година, Хајнрих бил првиот кој бил крунисан за цар по Фридрих II. По него сите кралеви и цареви главно се потпирале на земијте на нивното семејство (Hausmacht): Лудвиг IV од Вителсбах (крал 1314, цар 1328-47), се потпирал на своите земји во Баварија; Карл IV од Луксембург, внукот на Хајнрих VII, ја црпел силата од своите земји во Бохемија. Занимливо е тоа што било во интерес на кралот да ги зајакне овие земји, бидејќи кралот имал корист од тие земји исто така.

Царска реформа

уреди
 
Карта на Царството, поделено на окрузи во 1512 година.

“Уставот” на Царството бил главно неодреден во почетокот на 15 век. Иако некои процедури и институции биле фиксни, на пример до Златната Була од 1356 година, правилата за тоа како кралот, изборните кнезови и другите војводи треба да соработуваат во Царството главно зависел од личноста на кралот. Се покажало штетно кога Сигизмунд од Луксембург (крал 1410, цар 1433-37) и Фридрих III Хабсбург (крал 1440, цар 1452-1493) ги заборавиле старите центри и јадра на Царството и престојувале главно во своите земји. Без присуството на кралот, старата институција Хофтаг (Hoftag), собранието на водечките луѓе на државата западнало во лоша состојба. Царското собрание како законодавен орган на Царството не постоел во тоа време. А за да биде и полошо, војводите често не се согласувале меѓусебно и тоа често доведувало до локални војни.

Истовремено, Црквата била во кризна состојба исто така, а овој ефект бил далекусежен нз Царството. Конфликтот помеѓу неколку папски претенденти (два антипапи и законскиот папа) бил решен дури на Соборот во Констанца (1414-18); по 1419 година, многу енергија се трошела во борбата со Хуситите. Средновековната идеја за обединување на христијанскиот свет во еднинствена политичка единица, во која Црквата и Царството биле главните институции, започнала да опаѓа.

Со овие драстични промени, постоела голема дискусија за самото Царство во 15 век. Старите правила несоодветно ја опишувале тогашната структура и се побарало засилување од постарите Landfrieden. Во ова време, се појавил концептот на “реформа”, со оригиналното значење на латинскиот глагол re-formare, да се здобие со порана форма која била изгубена.

Кога Фридрих III барал од војводите да ја финансираат неговата војна со Унгарија во 1486 година и во исто време успеал во избирањето на неговиот син Максимилијан за крал, нему му било претставено заедничкото барање на војводите за нивно учество во Царскиот двор. За првпат, собранието на изборните кнезови и други војводи било наречено Царско собрание (германски Reichstag) (на кое подоцна му се приклучиле и слободните царски градови). Иако Фридрих го одбил ова, неговиот син во знак на помирување го одржал собранието во Вормс во 1495 година, по смртта на неговиот татко во 1493 година. Тука, кралот и војводите се согласиле на четири нацрт-закони, заедно наречени Reichsreform (Царска реформа): група на правни акти кои и вратиле дел од структурата на распаѓачкото Царство. Меѓу другите, со овој акт се создале Царските окрузи и Царскиот коморен суд (Reichskammergericht); структури кои до одреден степен ќе опстојат до крајот на Царството во 1806 година.

Сепак, поминале уште неколку децении додека ова ново правило не било универзално прифатено и новиот суд почнал со работа; дури во 1512 година Царските окрузи биле завршени. Кралот исто така се осигурал дека неговиот двор, Reichshofrat, продолжил да функционира паралелно со Reichskammergericht-от. Во оваа година, Царството добило нова титула (“Свето Римско Царство на германскиот народ”).

Реформација и ренесанса

уреди

Предлошка:Дополнително читање

Во 1516 година, умрел Фердинанд II од Арагон, дедо на идниот вар Карл V. Поради комбинација на (1) традициите на династичкото наследување во Арагон, кое дозволувало наследството од мајката без давање предност на владеење на жена; (2) лудилото на Јована од Кастиља, мајката на Карл; и (3) инсистирањето на неговиот последен дедо Максимилијан I, да ја земе титулата, Карл го започнал своето владеење во Кастиља и Арагон заедно со мајка си, унија која ќе се претвори во Шпанија. Ова за првпат обезбедило обединување на целиот Пиринејски Полуостров (освен Португалија) под еден владетел и под единствена шпанска круна, а основните територии си задржале сопствено управување и закони. Во 1519, веќе на власт како Карлос I во Шпанија, Карл ја зел царската титула како Карл V. Оваа урамнотеженост (и неурамнотеженост) меѓу одделните наследства, ќе биде дефинирачкиот елемент на неговото владеење и само ќе ја покаже краткотрајноста на личната унија на шпанската и германската круна. Оваа втората, германската, ќе дојде под контрола на помала гранка на Хабсбурзите предводени од братот на Карл, Фердинанд, а поголемата гранка ќе продолжи да владее со Шпанија и бургундското наследство, предводена од синот на Карл, Филип II од Шпанија.

Освен конфликти меѓу неговите шпански и германски наследства, верски конфликти ќе станат нов извор на тензии за време на владеењето на Карл V. Пред Карл да почне да владее со Светото Римско Царство, во 1517 година, Мартин Лутер започнал со тоа што подоцна ќе биде наречено реформација. Во исто време, многу локални војводи го виделе тоа како шанса да се спротивстават на хегемонијата на царот Карл V. Царството засекогаш се поделило на верски линии, со северот и истокот и многу од големите градови Стразбур, Франкфурт и Нирнберг станале протестантски, додека јужните и западните региони останале главно католички.

Од 1515 до 1523 година, Хабсбурзите во Холандија требало да се справуваат со селскиот бунт на Фризите, предводен од Пјер Герлофс Донија и потоа од неговиот внук Вијерд Јелкама. Бунтовниците на почетокот постигнувале успеси, но по серија порази, останатите водачи биле фатени и обезглавени во 1523 година. Ова бил силен удар за Светото Римско Царство бидејќи многу градови биле опљачкани и биле потонати 132 брода (28 дури во една битка).

Барок

уреди

Предлошка:Дополнително читање Карл V продолжил да се бори со Французите и протестантските принцеви во Германија во поголемиот дел од своето владеење. Откако неговиот син Фили се оженил со кралицата Мери од Англија, навидум изгледало дека Франција ќе биде обиколена од Хабсбуршки поседи, но оваа надеж ја снемало кога од бракот немало деца. Во 1555 година, Павле IV бил избран за папа и тој застанал на страна на Франција, исцрпениот Карл конечно се откажал од надежта за светско христијанско царство. Тој абдицирал и ги поделил териториите меѓу Филип и Фердинанд од Австрија. Мирот од Аугсбург ставил крај на војната во Германија и го прифатил постоењето на протестантски принцеви, но не на калвинизмот, анабаптизмот или цвинглизмот.

Во Германија бил уживан релативен мир во следните шест децении. На источниот фронт, Турците продолжиле да натежнуваат како закана, а бидејќи војна со нив значела уште компромиси со протестантските принцеви, царот сакал да го избегне тоа. На запад, Рајнската област сè повеќе потпаѓала под француско влијание. Откако избувнал Холандскиот револт против Шпанија, Царството останало неутрално. Како последица на тоа била Келнската војна, која направила големи штети по горниот тек на Рајна.

По смртта на Фердинанд во 1564 година, неговиот син Максимилијан II станал цар и исто како неговиот татко, го прифатил постоењето на протестантството и потребата од повремени компромиси. Максимилијан бил наследен во 1576 година од Рудолф II, чуден човек кој претпочитал класична грчка филозофија наместо христијанството и живеел изолирано во Бохемија. Тој бил исплашен да реагира кога Римокатоличката црква насилно почнала да воспоставува контрола во Австрија и Унгарија и тоа ги вознемирило протестантските принцеви. Царската власт брзо заслабнувала сè до смртта на Рудолф во 1612 година. Кога Бохемија се побунила против царот, резултатот на тоа бил серија на конфликти познати како Триесетгодишната војна (1618-48), која го опустошила Царството. Странските сили, вклучувајќи ги Франција и Шведска, се вмешале во конфликтот и ги зајакнале оние кои се бореле против царската власт, но исто така зеле голем број на територии за себе. Долгиот конфликт толку го ослабнал Царството, што тоа никогаш не успеало да се опорави.

Во Опсадата на Виена (1683), Војската на Светото Римско Царство, предводена од полскиот крал Јан III Собјески, убедливо ја поразило големата турска војска, ставајќи крај на турското проширување на запад и доведувајќи до евентуалното распарчување на Османлиското Царство во Европа. Половина од војската на Светото Римско Царство била од Полско-литванската Државна Заедница (главно коњица), а другата половина била од Светото Римско Царство (Германско/австриско потекло, главно пешадија). Нападот на коњицата бил најголемиот таков напад во историјата на војувањето.

 
Царството по Мирот од Вестфалија, 1648 година.
 
Николас де Фер (1705) (на француски) L’Empire d’Allemagne [Германското Царство] (карта).
 
Карта на Светото Римско Царство во 1789 година. На картата доминираат Хабсбуршката Монархија (кафеаво) и Кралството Прусија (сино), покрај големиот број мали држави (многу од нив премали за да бидат покажани на карта).

Самиот крај на Царството дошол во неколку чекори. Мирот од Вестфалија од 1648 година, кој ставил крај на Триесетгодишната војна, им дал на териториите речиси целосен суверенитет. Швајцарскиот Сојуз, која имала одредена квазинезависност во 1499 година, како и Северна Холандија, го напуштиле Царството. Иако државите-основачи сè уште имале ограничувања-особено во тоа што не можеле да склучуваат сојузи против царот, така Царството од оваа точка било немоќно и постоело само како име. Поради тоа, Хабсбуршките цареви се концентрирале на утврдување на своите имоти во Австрија и во други територии.

Нов век

уреди

Прусија и Австрија

уреди

Со издигнувањето на Луј XIV, Хабсбурзите зависеле на позицијата на врховните војводи на Австрија како решение за се посилната Прусија, дел од чии територии се наоѓал во Царството. Низ 18 век, Хабсбурзите биле вмешани во различни европски конфликти, како Војната за Шпанското наследство, Војната за Полското наследство и Војната за Австриското наследство. Германскиот дуализам меѓу Австрија и Прусија доминирал во историјата на Царството по 1740 година.

Француските револуционерни војни и конечно укинување

уреди

Од 1792 година па понатаму, револуционерите во Франција, привремено биле во војна со одредени делови на Царството. Германската медијатизација била серија од медијатизации и секуларизации кои се случиле во периодот 1795-1814, кон крајот на Француската револуција и подоцна времето на Наполеон.

Медијатизацијата била процес на анектирање на земјите од една суверена монархија на друга, често оставајќи им на анектираните територии одредени права. Секуларизацијата била прераспределување на секуларните земји што биле под контрола на епископиите и опатиите на секуларните владетели.

Царството формално било укинато на 6 Август 1806 година кога последниот Царот Франц II (од 1804 година, прогласен за цар Франц I од Австрија) абдицирал, по воениот пораз од Французите предводени од Наполеон (Договорот од Пресбург). Наполеон го преорганизирал поголемиот дел од Царството во Рајнскиот Сојуз, француска сателитска држава. Династијата на Франц, Хабсбург-Лорена ја преживеала пропаста на Царството, и продолжила да владее како цареви на Австрија и кралеви на Унгарија сè до конечното укинување на Хабсбуршкото Царство по крајот на Првата светска војна во 1918 година.

Сателитскиот Рајнски Сојуз бил заменет со нова, Германски Сојуз во 1815 година, по крајот на Наполеоновите војни. Траела сè до 1866 година кога Прусија ја основала Северногерманскиот Сојуз, претходник на Германското Царство, кое ги обединило германските територии надвор од Австрија и Швајцарија под пруска власт во 1871 година. Оваа држава била претходник на модерна Германија.

Институции

уреди

Светото Римско Царство не било силно централизирана држава како повеќето држави денес. Наместо тоа, било поделено на повеќе од стотина поединечни единици управувани од кралеви[15], војводи, кнезови, епископи, опати и други владетели, колективно познати како принцеви. Исто така постоеле одредени делови кои биле под директна власт на царот. И никогаш царот сам не можел да издава декрети и да владее автономно над Царството. Неговата моќ била многу ограничена од различните локални владетели.

Од Развиениот среден век па понатаму, Светото Римско Царство се соочило со немирната коегзистенција на принцевите од локалните територии кои се обидувале да ја одземат неговата моќ. Тоа за разлика од Франција и Англија, уште потешко од нив не успевало во контролата на земјите кои формално ги поседувало. Наместо тоа, царевите за да се осигураат дека нема да бидат симнати од власта и да ја утврдат својата позиција, им доделувале поголема автономија на локалните владетели, благородници и епископи. Овој процес започнал во 11 век со Борбата за инвеститурата и привршило со Мирот од Вестфалија од 1648 година. Неколку цареви се обидувале да го преобратат губењето на нивниот авторитет, но тие биле спречени во тоа и од Папството и од принцевите во Царството.

Царски поседи

уреди

Бројот на територии на Царството бил значително голем и ја достигнал бројката 300 во времето на Мирот од Вестфалија. Многу од овие мали држави не зафаќале површина од неколку квадратни милји, или вклучувала неколку несоседни делови, па затоа Царството било нарекувано Flickenteppich (“крпен килим”).

Една единица се сметала за царски имот (Reichsstand) ако, според феудалниот закон, немала друг владетел освен самиот цар. Царските окрузи вклучувале:

  • Територии под власта на наследно благородништво, како принц, врховен војвода, војвода или кнез.
  • Територии во кои секуларната власт ја држеле верски великодостојници, како архиепископ, епископ или опат. Таков свештеник бил кнез на црквата. Во честиот случај на кнезови-епископи, оваа територија (наречена кнежевство-епископија) често ги надминувала териториите на неговата епископија, со што епископот имал и духовна и световна моќ. Такви примери се трите вакви кнежевства-епископии: Келн, Трир и Мајнц.
  • Слободните царски градови, кои му одговарале само на царот.

Список на учесници во Рајхстагот во 1792 година.

Крал на Римјаните

уреди
 
Круната на Светото Римско Царство (втора половина на 10 век), сега сместена во Виена (Schatzkammer).

Претстојниот цар прво требало да биде избран за крал на Римјаните (латински: Rex romanorum; германски: römischer König). Германските кралеви се избирале од 9 век; до тогаш тие биле избирани од водачите на петте најважни племиња (Салиските Франки од Лорена, Рипуарските Франки од Франконија, Саксонците, Баварците и Швабијците). Во Светото Римско Царство водечките војводи и епископи на кралството го избирале кралот на Римјаните. Во 1356 година, Карл IV ја издал Златната Була, која го ограничила бројот на изборните кнезови на седум: Рајнско-фалечкиот кнез, кралот на Бохемија, војводата на Саксонија, маркгрофот на Бранденбург и архиепископите на Келн, Мајнц и Трир. За време на Триесетгодишната војна, на војводата од Баварија му било дозволено да гласа како осми изборен кнез. Од кандидатот за избор се очекувало да понуди концесии од земја или пари до изборните кнезови за да го обезбеди нивниот глас.

Откако ќе бил избран, кралот на Римјаните можел теоретски да ја бара титулата “цар” само откако ќе бил крунисан од папата. Во многу случаи, ова траело неколку години бидејќи кралот бил зафатен со други задачи: често тој требало да придуши конфликти во северна Италија или да се расправа со самиот папа. Подоцнежните цареви се целосно се оградиле од папското крунисување и биле задоволни со титулата “избран за цар”: последниот цар кој бил крунисан од папата бил Карл V во 1530 година.

Царот требало да биде човек од добар карактер над 18 години. Сите негови баби и дедовци требало да имаат благородничко потекло. Немало закон според кој тој требало да биде католик, иако со царскиот закон сметал дека бил. Тој не морало да биде ниту Германец (ниту Алфонсо X од Кастиља ниту Ричард од Корнвол, кои биле кандидати за круната во 13 век, не биле Германци). До 17 век кандидатите главно поседувале имоти во Царството.

Царско собрание (Рајхстаг)

уреди

Царското собрание (Рајхстаг, Reichstag или Reichsversammlung) било законодавното тело на Светото Римско Царство и теоретски понадмоќно и од самиот цар. Било поделено на три класи. Првата класа, наречена „Совет на изборните кнезови“, се состоела од изборните кнезови, или принцевите кои гласале во изборот на крал на Римјаните. Втората класа, Советот на принцевите, се состоел од останатите принцеви. Советот на принцевите бил поделен на две “клупи”, едната за секуларни, а другата за верските принцеви. Повисоко рангираните принцеви имале поединечни гласови, додека пониско рангираните принцеви биле групирани во колегиуми според местоположбата на нивните територии. Секој колегиум имал еден глас.

Третата класа бил Советот на царските градови, кој бил поделен на два колегиума: Швабија и Рајна. Советот на царските градови не се согласувал секогаш со останатите; не можел да гласа за неколку работи како преземањето на нови територии. Претставувањето на слободните градови на собранието станало често во Доцниот среден век. Сепак, нивното учество било формално признато дури во 1648 година со Мирот од Вестфалија по крајот на Триесетгодишната војна.

Царски судови

уреди

Царството исто така имало два суда: Reichshofrat (исто така познат како Судски Совет), во дворот на царот и Reichskammerhofrat (Царски коморен суд), основани со царската реформа од 1495 година.

Царски окрузи

уреди

Шесте царски окрузи биле формирани во 1500 година, како дел од Царската реформа; уште четири биле основани во 1512 година. Тие биле групи од повеќето или сите од различните држави на царството со цели за одбрана, царски даноци, надгледување на ковањето пари, одржувањето мир и јавна безбедност. Секој округ имал свој парламент, познат како Kreistag и еден или повеќе надлежни луѓе, кои ги координирале работите во округот. Не сите царски територии биле вклучени во царските окрузи, дури и по 1512 година; земјите на Бохемската круна биле исклучени, како и Швајцарија, царските зависни територии во северна Италија, земјите на царските витези и одредени мали територии како господарството Јевер.

Наводи

уреди
  1. Names of the Holy Roman Empire of the German Nation in other languages:
  2. Martin Arbage, "Otto I", in Medieval Italy: An Encyclopedia (Routledge, 2004), p. 810 online: "Otto can be considered the first ruler of the Holy Roman empire, though that term was not used until the twelfth century."
  3. Bryce, James (1889). The Holy Roman Empire. London: Macmillan and Co. стр. 1.
  4. Peter Hamish Wilson, The Holy Roman Empire, 1495–1806, MacMillan Press 1999, London, page 2; The Holy Roman Empire of the German Nation Архивирано на 29 февруари 2012 г. at the Embassy of the Federal Republic of Germany in London website
  5. Peter Moraw, Heiliges Reich, in: Lexikon des Mittelalters, Munich & Zurich: Artemis 1977–1999, vol. 4, col. 2025–2028.
  6. 6,0 6,1 Joachim Whaley, уред. (2011). Germany and the Holy Roman Empire: Volume I: Maximilian I to the Peace of Westphalia, 1493-1648. Oxford University Press. стр. 17.
  7. Peter Hamish Wilson, The Holy Roman Empire, 1495-1806, MacMillan Press 1999, London, page 2; The Holy Roman Empire of the German Nation Архивирано на 29 февруари 2012 г. at the Embassy of the Federal Republic of Germany in London website
  8. Whaley 2011, pp. 17-20
  9. Original text: Ce corps qui s'appelait et qui s'appelle encore le saint empire romain n'était en aucune manière ni saint, ni romain, ni empire. In Essai sur l'histoire générale et sur les mœurs et l'esprit des nations, Chapter 70 (1756)
  10. Pagden, Percy (2008). World's at War: The 2,500-Year Struggle Between East and West (First. изд.). Random House. стр. 147.
  11. Bryce, James (1968). The Holy Roman Empire. Macmilan.
  12. Magill, Frank (1998). Dictionary of Wolrd Biography. II. London: Fitzroy Dearborn. стр. 706.
  13. 13,0 13,1 Magill, Frank (1998). Dictionary of Wolrd Biography. II. London: Fitzroy Dearborn. стр. 707.
  14. Magill, Frank (1998). Dictionary of Wolrd Biography. II. London: Fitzroy Dearborn. стр. 708.
  15. The only prince allowed to call himself "king" of a territory in the Empire was the King of Bohemia (after 1556 usually the Emperor himself). Some other princes were kings by virtue of kingdoms they controlled outside of the Empire