Пантелеј
Пантелеј — село во Општина Кочани, во околината на градот Кочани.
Пантелеј | |
Поглед на селото Пантелеј | |
Координати 41°57′57″N 22°19′00″E / 41.96583° СГШ; 22.31667° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Кочани |
Население | 24 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2300 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13030 |
Надм. вис. | 740 м |
Пантелеј на општинската карта Атарот на Пантелеј во рамките на општината | |
Пантелеј на Ризницата |
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во западниот дел на Општина Кочани, сместено на локален пат кој води преку селото Бели, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Пробиштип.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 740 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 14 километри.[2] За него може и да се каже дека се наоѓа на спојот помеѓу ридскиот и планинскиот југозападен дел на Осоговските Планини.
До селото води локален асфалтен пат, кој во поново време е целосно асфалтиран и ги поврзува градовите Кочани и Пробиштип.
Селото се наоѓа на границата помеѓу Кочанската Котлина и сливот на Злетовска Река. Околни села се Нивичани, Рајчани и Шталковица (во сливот на Злетовска Река). Водата за пиење во минатото се добивала од две чешми и од еден бунар, а на атарот има ретки и слаби извори.[3] Познати природни извори, кои од месното население се третираат како лековити се „Трештена Вода“, која извира од карпа во местото викано Трештеник, потоа „Црна Вода“ и исто така водата во манастирот „Св. Пантелејмон“.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Чука, Ѓерен, Дрење, Викало, Престрел, Слива, Сениште, Кашла, Трештеник, Боров Дол, Присоје, Лозје, Шипковица, Селиште, Црквиште и Градиште.[3]
Селото има збиен тип. Групите на куќи се наречени по родовите, па така има Дамњановци, Динчини, Маркови и други.[3]
Историја
уредиПодрачјето на Пантелеј е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Градиште на 4 км западно од селото.[5]
Месноста Трештеник се наоѓа северозападно од селото, каде на повеќе места се познаваат остатоци од некогашни куќи. Во минатото можеле да се видат и гробови. На местото Грговица се ваделе тули за фурни, додека Црквиште е „под манастирот“. Во минатото, таму имало оброчиште. Недалеку од манастирот се нарекува Селиште, но нема остатоци од старини.[3]
Сите овие старини и карактеристични називи во блиската околина на манастирот укажуваат дека некогаш тука имало постара населба. Во народот се говори дека населбата била голема: секоја година на празниците „седумдесет невести“ играле ора. Постоел и стар манастир „Св. Пантелејмон“. Но, населбата и манастирот подоцна пропаднале.[3]
Населбата и црквата опстанале доста време. Преживеале голем дел од османлиското владеење, па дури и периодот на владеење на султанот Селим I (1512-1520), кој пред крајот на своето владеење издал заповед, сите христијански храмови изградени од камен да се претворат во џамии, а на христијанското население да му биде дозволено правење на исклучиво храмови од дрвен материјал. Но, овој закон не бил спроведен од страна на отоманските власти, поради стравот од бунт на мнозинското христијанско население.
Во 1519 година, населбата имала вкупно 11 семејства. Во 1570 година, населбата веќе имала 32 семејства, со некаде околу 160-180 жители.
Населението било доста приврзано за црквата „Св. Пантелејмон“, каде што секоја година се организирал собир, но со уривањето на црквата од страна на властите на султанот Мехмед IV (1648-1687), народот со годините ја губел желбата повторно да се собира на местото на урнатата црква, поради тешката економска состојба.
Преселбата од месноста Трештеник на денешната локација на Пантелеј започнала околу 1780-90 година, од претпоставка дека кај изворот Трештеник удрил гром, по што населението го сфатило како лош знак и затоа се иселило.
Како и секоја населба, така и Пантелеј имало одреден христијански празник, кој населбата го празнувала на Илинден, чија прослава населението ја организирало на местото Побиен Камен. Откако се изградил манастирот, селаните ја слават само манастирската слава.[3]
Текот на настаните го сменил Ѓулханскиот хатишериф, кој бил донесен на 3 ноември 1839 година. Во него се прокламирала целосна рамноправност помеѓу населението пред законот, без разлика на неговата етничка или верска припадност. Така, населението сега можело повторно да ги изгради своите храмови, коишто и покрај отпорот на муслиманското население биле изградени. Во 1872 година, во Пантелеј била изградена црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а во 1885 година и познатиот манастир „Св. Пантелејмон“.
Според истражувачот Јован Трифуноски, денешното село не е многу старо. Во времето кога мештаните од соседното Нивичани кулукувале во злетовските рудници (околу 1830-тите години), во Пантелеј имало само едно домаќинство. Жителите на тоа домаќинства живееле во колиби (на месноста Колибиште). Потоа, почнале да се доселуваат други луѓе и така селото било основано. Ова се случило на почетокот на XIX век.[3]
Легенди
уредиНа Нејтана Дамева, млада девојка од ова село, која била родена слепа, на сон ѝ се прикажало место во близината, да појде таму, да копа и дека ќе најде извор, од чија вода ќе си ги измие очите и ќе прогледа. Утредента го прашала својот татко дали е тоа височинката каде што слушнала дека има sидови од разрушена црква и откако тој ѝ потврдил, таа со помош на дрвен стап стигнала до сонуваното место. Веднаш почнала да копа со рацете, но извор немало. Минувачите, гледајќи ја како се мачи и не разбирајќи ја, ѝ викале да престане да копа. Криејќи ја причината зошто си ги крвави рацете по урнатините, Нејтана упорно продолжила да копа. Но, извор и вода не пронашла.[6]
Очајна и преморена легнала тешко болна. На претсмртниот час, слепата девојка на селаните им кажала за својот сон, за лековитата вода што ја сонила и за желбата да прогледа. Малку после нејзината смрт бил пронајден изворот на Нејтана, кој брзо се расчул по својата лековитост. Таму почнале да се собираат луѓе што барале здравје за разни болести, раскажуваат најстарите пантелејци, она што го запаметиле од своите татковци и дедовци за тоа како и зошто почнал да се подига манастирот „Свети Пантелејмон“.
Според запишаните преданија, во шеесеттите години на XIX век двајца калуѓери од манастирот во Лесново, Кирил и Харалампија (нивните имиња, напишани на старословенски јазик, се наоѓаат на записот над влезната порта на помалата манастирска црква „Св. Богородица“), сониле ист сон за лековитиот извор, го нашле и решиле да останат да живеат крај водата што лекува и тука да изградат црква. Но, османлиската власт ова не го дозволувала сè додека некој богат Турчин од Кочани не се излекувал од лековитиот извор и со своето влијание помогнал при обезбедувањето ферман за изградба на црква. Најпрвин, во 1872 година била подигната помалата црква „Св. Богородица“ и неколку години подоцна и поголемата „Св. Пантелејмон“.
Изворот што го сонила слепата Нејтана се наоѓа во поголемата црква, веднаш до олтарот. Непосредно под манастирот се наоѓа уште еден извор, за кој се вели дека е „единствен таков во Македонија“. Се нарекува „црна вода“, бидејќи истекува од длабнатина (дупка) од светиот црн цер (црн бор), се црпи со мало лажиче и има мирис и вкус сличен на кока-кола. „Црната вода“ помага при лекување болки во коските и зглобовите.
Селаните раскажуваат за настан од пред многу години. Во Пантелеј дошле три момчиња од кои едното било парализирано. Свештениците ги одвеле кај „црната вода“. Потоа момчињата си заминале и приквечер се вратиле во манастирот со бовчалак, објаснувајќи дека нивниот другар почнал да ја движи ногата откако се напил од водичката од светиот цер и од онаа во црквата.
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 14 километри квадратни. На него преовладуваат пасиштата на површина од 536 хектари, на шумите отпаѓаат 449 хектари, додека на обработливото земјиште 186 хектари.[2]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[2]
Во времето на отоманското владеење во селото постоел турски чифлиг.[3] Сопственикот на чифлигот живеел во селото Теранци, сместено на северниот дел од подножјето на планината Плачковица. Бидејќи стравувал дека може да го загуби чифлигот, поради тоа што бил блиску до пошумениот дел на Осоговијата и со тоа постоела опасност да биде нападнат од комити, одлучил да го продаде. За чифликот не биле заинтересирани други Турци, туку само тројца браќа, христијани, со нивните семејства, со прекар Рогуши од селото Д’лги Дел, кое се наоѓало длабоко во планината на југозападниот дел од Царев Врв (Султан Тепе). Овие браќа Ангел, Митко и Каро, кои пред населувањето во Д’лги Дел биле прогонети од Паланечкиот регион заради убиство на тројца Турци, сакале да го купат целиот имот со злато кое, според нив, го пронашле во планината. На тоа реагирале локалните отомански власти, бидејќи според нив не било логично продавање на имот на поробеното население. Тогаш сопственикот на чифлигот се договорил со локалниот кадија со помош на мито да дозволи чифликот да се продаде. Така, подоцна со соработка со турските власти, Каро стекнал огромно богатство за тогашниот просечен Македонец. Подоцна дел од тој чифлиг од истото семејство е подарен на црквата за изградба на црквата „Св. Богородица“ и манастирот „Св. Пантелејмон“.
Во времето на Кралството СХС, и подоцна Кралство Југославија, низ селото минувал воен пат (калдрма) што го поврзувал Кочани со воените објекти на кралската војска на Пониква.
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Пантелеј живееле 220 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Пантелеј имало 288 жители, од кои 192 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија и 96 Македонци (патријаршисти).[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Селото е мало, населено само со македонско население. Тоа, во 1961 година броело 295, а во 1994 година 83 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, селото имало 64 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 24 жители, од кои 18 Македонци и 6 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 220 | 288 | 293 | 297 | 295 | 220 | 160 | 96 | 83 | 64 | 24 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
уредиПантелеј е македонско православно село.[3]
Според истражувањата од 1966 година, родови во селото: Динчини (7 к.), Дедо-Дамјановци (6 к.), Дедо-Стојилковци (4 к.), Величковци (3 к.), Цековци (2 к.), Карафиловци (2 к.) и Пепелари (1 к.), потекнуваат од предци кои се доселени, но не знаат од каде, најстари родови се во селото; Рогуши или Дедо-Вучковци (4 к.), доселени се од селото Длаги Дол, го знаат следното родословие: Јордан (жив на 80 г. крајот на 50-тите) Стојко-Анѓел-Вучко, кој се доселил во селото; Дедо-Димовци (5 к.), доселени се од селото Саса кај Македонска Каменица; Дедо-Марковци (7 к.), Дедо-Трајчевци (1 к.) и Постоловци (2 к.), доселени се однекаде.
Иселеништво
уредиОд селото се иселил значителен број на население, најчесто во потпланинските и котлинските села на Кочанската Котлина: Долни Подлог (Деда Данилови, 3 к.; Данилови, 3 к.; Савеви, 5 к.; Јаневи, 2 к.), Бања (Борисови, 2 к.; Стојкови, 1 к.; Гоцеви, 1 к.), Облешево (Пантелејци, 2 к.) и Мородвис (Блаже, 1 к.).[3]
Општествени установи
уреди- Поранешно основно училиште
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Пантелеј било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Кочани, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Кочани.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Кочани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Нивичани, во која покрај селото Пантелеј се наоѓале селата Бели, Лешки, Нивичани и Рајчани. Во периодот 1950-1952, селото исто така било дел од некогашната општина Нивичани, во која влегувале селата Нивичани, Пантелеј и Пашаџиково.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0871 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 41 гласач.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 42 гласачи.[18]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[5]
- Градиште — населба од железно време.
- Цркви[19]
- Црква „Св. Пантелејмон“ — главна и нова манастирска црква; и
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — постара манастирска црква.
- Параклиси[20]
- Параклис „Св. Нектариј Егински и Св. Серафим Саровски“ — параклис во манастирот
- Манастири
- Пантелејски манастир — манастир во селото
- Споменици
- Споменик на НОБ
- Чешми
- Чешма „Св. Петка“
- Реки[21]
- Дуње — река низ селото
-
Манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“
-
Манастирската црква „Св. Пантелејмон“
-
Чешма „Св. Петка“
Редовни настани
уреди- Слави[3]
- Илинден — поранешна главна селска слава
- Свети Пантелејмон — нова селска и манастирска слава
Личности
уреди- Родени во или по потекло од Пантелеј
- Алекси Каранфилов — македонски револуционер од ВМОРО.[22]
Култура и спорт
уредиВо селото традиционално се ловат пчели во т.н. бритви, кои всушност се ископани отвори во карпи, премачкани со маточина и затворени со штици, во кои во мај и јуни се вселуваат пчелни семејства, кои потоа месното население ги вади и ги пренесува во своите пчеларници.
Галерија
уреди-
Куќи во селото
-
Спомен-плоча на НОБ
-
Селската чешма
-
Икони во чешмата „Св. Петка“
-
Трештена карпа
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 228. Посетено на 8 ноември 2024.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 54-56. OCLC 16745284.
- ↑ „Пантелеј“. Архивирано од изворникот на 2009-11-26. Посетено на 2009-11-02.
- ↑ 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 180-181. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ „Свети Пантелејмон лекува и усреќува“. Сител Телевизија. Посетено на 2024-11-11.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 132-133.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 9 ноември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 9 ноември 2024.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ „Освет на параклис во манастирот „Св. Вмч. Пантелејмон" – Пантелеј“. Архивирано од изворникот на 2022-01-20. Посетено на 2022-01-20.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 28. ISBN 978-9989-2117-6-8.
- ↑ Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Државен архив на Република Македонија.
Надворешни врски
уреди- Пантелеј на Ризницата ?
- Официјално мрежно место на Пантелеј[мртва врска]