Злетовска Река

река во Македонија

Злетовска Рекарека во Источна Македонија и десна притока на Брегалница. Реката е долга 56 км и претставува еден од најзначајните водотеци во Источна Македонија. На неа е изграден хидросистемот „Злетовица“ кој обезбедува снабдување со вода за околу 100.000 жители од општините Кратово, Пробиштип, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово, наводнување на земјоделско земјиште на над 4.500 ха, а служи и за производство на електрична енергија.[1] Во рамките на системот е изградено и вештачкото езеро Кнежево.[2]

Злетовска Река
Злетовска Река крај покрај селото Ратавица
Местоположба
Физички особености
Извор 
 • местоОсоговски Планини (кај врвот Ретки Буки)
 • надм. вис.1620 м
Устие 
 • место
Брегалница (кај село Уларци)
 • координати
41°50′48.8″N 22°16′31.6″E / 41.846889° СГШ; 22.275444° ИГД / 41.846889; 22.275444
 • надм. вис.
293 м
Должина56 км
Проток 
 • просечен1,67 м3
Особености на сливот
ТечениеБрегалницаВардарЕгејско Море

Злетовска Река извира во близина на врвот Ретки Буки на Осоговските Планини, на надморска височина од околу 1620 м. Во нејзиниот горен тек се одликува со повеќе геоморфолошки појави, како што се: длабока речна долина, карпести остенци, водопади, брзаци и слапови.[3][4] Реката потоа се спушта низ Злетовско-пробиштипско и продолжува низ Кочанската Котлина, каде што се влева во Брегалница на надморска височина од 293 м. Злетовска Река прима повеќе поголеми и помали притоки од двете страни, од кои најголема е Белошица.[1]

Речната долина е богата со растителен и животински свет, а во речните води се застапени 11 видови на риби.[5] Во поново време се направени анализи во коишто е утврдено дека во подрачјето околу реката постојат можности за развој на екотуризмот и селскиот туризам.[6]

Географија

уреди

Течение

уреди
 
Горниот речен тек

Злетовска Река извира од северната страна на Лопенско Било, во близина на врвот Ретки Буки на Осоговските Планини. Изворишниот дел на реката има одлики на прашума, а изворот се наоѓа на надморска височина од 1.620 метри. Горниот тек на реката се наоѓа помеѓу вливот на нејзините леви притоки: Емиричка Река и Ештерец. Наоѓалиштето е значајно поради длабоко всечената речна долина со клисурест, а на места и кањонски изглед. Во овој дел од течението на реката се наоѓаат повеќе брзаци, слапови и водопади, од кои најголемиот е кај вливот на Јамишка Река со висина од 12 м.[5] Во продолжение, реката навлегува во Злетовско-пробиштипско, каде што поминува низ Злетово и покрај Ратавица и Трипатанци, а потоа продолжува во Кочанската Котлина, каде што поминува покрај Жиганци и Уларци, по што се влева во Брегалница на надморска височина од 293 м.[7][8]

По целото течение на реката, во неа се влеваат помали реки од двете страни, меѓу кои главни се: Плочка, Кучевишка, Емиричка, Мушковска, Зеленградска, Кожарска Река, Ештерец, Шталковска, Киселичка, Добревска Река и Белошица.[1]

Хидрографија

уреди

Вкупната должина на реката изнесува 56 км. Сливното подрачје на реката зафаќа вкупна површина од 460 м2 и истото припаѓа на Егејскиот речен слив. Реката извира на надморска височина од 1.620 м, а нејзиниот влив е на надморска височина од 293 м, така што релативниот пад изнесува 26,5‰.[8] Речниот проток зафаќа површина од 32,57 ха. Просечниот речен проток изнесува 1,67 м3/сек.[9] Врз основа на спроведени хидролошки мерења утврдено се Значително разлики на различни мерни станици, па така кај вливот на Зеленградска Река изнесува 0,040 м3/сек, кај вливот на Емирица 0,495 м3/сек, а во Злетово 2,026 м3/сек.[1]

Во водите на реката е потврдено присуството на алуминиум, манган, никел и железо. Средните количества на присутните хемиски елементи не ги надминуваат МДК за води со квалитет од III-IV класа.[10]

Клима

уреди

Климата во подрачјето на реката се одликува со свежи лета и студени зими, при што просечната годишна температура изнесува 7,5 °C, годишното количество на врнежи од 600-750 мм. Во повисоките делови, врнежите од снег кои се задржуваат неколку месеци. Облачноста е помала во текот на летниот период, а јужните делови од речниот тек се посончеви.[6]

Геоморфологија

уреди

Во горниот речен тек, помеѓу влевот на левите притоки — Емиричка Река на север и Ештерец на југ, во должина од 10 км е сместена месноста Клисура на Злетовска Река. Ова место е значајно заради присуството на повеќе геоморфолошки појави, како што се: длабока речна долина со клисурски, а на места и кањонски изглед на чии страни има сипари со големи димензии; карпести остенци и мали денудациони форми; водопади, брзаци и слапови во речното корито и нејзините притоки и друго. Особено изразита е самата речна долина, која поради всекувањето низ отпорни магматски карпи (дацито-андезитски) е длабока од 400-500 м и се одлукува со стрмни, на одредени места речиси вертикални, карпести страни. Тоа е особено карактеристично спротиводно од влевот на Јамишка Река, во должина од околу 6 км. На страните од долината се образувани бројни сипари кои настанале со механичко распаѓање на дацитските, андезитските и игнимбритските карпи. Како последица на големиот наклон, сипарскиот материјал составен од парчиња и блокови со големина до 1 м3 постепено се лизга кон дното на долината. Некои сипари се долги и до 250 м, додека вкупниот волумен на распаднатиот сипарски материјал изнесува околу 5 милиони м3. При распаѓањето, во релјефот заостануваат остенци од поцврсти карпи и други денаудациони форми со различен облик. Во овој простор, речното корито е карпесто, со голем надолжен пад и со честа појава на брзаци и водопади. Најголемиот од нив се наоѓа кај вливот на Јамишка Река и е висок 12 м, што воедно е и најголемиот водопад на Злетовска Река. На неговото дно има џиновски лонец со длабочина од околу 3 м. Мали водопади со висина до 6 м имаат и притоките на Злетовска Река пред нивниот влив во главната река. Некои водопади се скалесто наредени во вид на слапови, како на пример повремениот слап на Куновска Река, со вкупна висинска разлика од околу 250 м.[3][4]

Флора и фауна

уреди

Слично како и останатите реки кои извираат на Осоговоските Планини, Злетовска Река е значајна по крајречните растителни заедници. По течението на реката се среќаваат крајречни шуми со евла и бел јасен, кои многу често се испреплетуваат со појаси од евла, врба и топола. Во неа се застапени повеќе инсекти од редовите на еднодневките, водните молци и пролетниците. Некои од видовите се ендмични за Осогово и пошироко. Во речните води е познато дека се среќаваат 11 видови на риби: белвица, тврда мрена, мека мрена, караш, бојник, крап, кркушка, клен, чергур, црвеноперка и попадика.[5]

Стопанство

уреди

Регионална поврзаност

уреди

Во јуни 2015 година, во близина на селото Жиганци бил изграден мост на Злетовска Река во вредност од 20 милиони денари. Мостот е во должина од 51 м, ширина од 5,9 м и носивост од 15 т, и има регионален карактер, бидејќи ги поврзува селото Жиганци во Општина Чешиново-Облешево со селото Пишица во Општина Пробиштип.[11]

Енергетика

уреди

Од изворот до селото Злетово реката има голем пад (просечно околу 42%), длабока долина и голем хидроенергетски потенцијал. На реката е изграден повеќенаменскиот хидросистем „Злетовица“ кој обезбедува целосна употреба на достапната вода и водниот потенцијал на Злетовска Река. Системот се споменува како долгорочна стратешка цел уште во Водостопанската основа од 1974 година, а истиот бил дефиниран и во Студијата за интегрален развој на сливот на реката Вардар од 1978 година, во Студијата на Јапонската агенција за меѓународна соработка од 1999 година, како и во Простпорниот план на Република Македонија од 2004 година. Преку системот се обезбедува снабдување со вода за околу 100.000 жители од општините Кратово, Пробиштип, Штип, Карбинци, Свети Николе и Лозово, како и наводнување на земјоделско земјиште на над 4.500 ха, и тоа околу 3.500 ха во околината на Пробиштип и околу 1.100 ха во околината на Кратово. Системот „Злетовица“ служи и за производство на електрична енергија од околу 45 GWh годишно и има вкупна моќност од 9,5 MW. Во рамките на системот „Злетовица“ изградена е браната „Кнежево“ во близина на истоименото село, која има височина од 70 метри и капацитет од 23 милиони м3 вода. Предвидена е изградба и на повеќе хидроцентрали.[1][2]

Туризам

уреди
 
Течението на реката крај Зеленградскиот манастир

Релјефот без планински падини околу течението на реката не е доволен за развој на други видови туризам (пр. скијачки туризам), но затоа подрачјето се смета дека има потенцијал за развој на екотуризмот и селскиот туризам. Основен предуслов за развој на екотуризмот се поволните природно-географски фактори, поволната клима и разновидниот растителен свет, како и развиената хидрографска мрежа, особено со изградбата на Кнежевско Езеро во рамки на хидросистемот „Злетовица“. Важен предуслов за развојот на туризмот се и социо-економските услови, односно постоењето на селски населби коишто овозможуваат сместување на туристите. Освен функцијата за сместување на туристите, селските населби располагаат со невообичаени активности, како што се: ккосењето трева, молзењето добиток, собирањето шумски плодови, подготвувањето традиционални јадења и пијалаци, берењето зеленчук и овошје, како и други активности што овозможуваат развој на селскиот туризам. Подрачјето околу реката исто така нуди услови за развој на ловот и риболовот.[6]

Во анализата за потенцијалите за развој на туризмот во речната долина се наведува дека е потребно да се преземат активности во насока на изградба на сообраќајна инфраструктура, односно поврзување на населбите со современи патишта; изградба на енергетска инфраструктура и телекомуникациски врски; реновирање на постарите, но интересни објекти; изработување на посебни проекти за оспособување и обучување на населението за прием на туристи; обновување на традиционалните манифестации и друго. Проценките во анализата укажуваат и дека горниот дел од сливот на Злетовска Река би можел да прифати од 10-15 илјади туристи, а годишниот остварен приход би изнесувал од 1,5-2 милиони евра.[6]

Културни знаменитости

уреди

По течението на Злетовска Река се сместени Зеленградскиот манастир, на нејзината десна страна, и Злетовскиот манастир, на нејзината лева страна.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 „Студија за оцена на влијанието врз животната средина од изградба на систем за наводнување и хидроелектрични централи во хидросистемот Злетовица“ (PDF). Скопје: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. октомври 2015. Посетено на 6 декември 2016.
  2. 2,0 2,1 „Осоговски регион - ресурси и можности за развој“. Граѓански комитет за развој. Пробиштип, јули 2005.
  3. 3,0 3,1 Milevski, Ivica (2010). Notable Geomorphological Sites on the Western Part of Osogovo Mountain. Sofia: Proceedings from the Conference of BAS - Geography and Regional Development. стр. 230–237.
  4. 4,0 4,1 Милевски, Ивица (2011). „Значајни геоморфолошки локалитети на Осоговскиот планински масив“ (PDF). Скопје: Билтен за Физичка географија (7-8). стр. 29–44.
  5. 5,0 5,1 5,2 „Значајни локалитети на Осогово“ (PDF). Македонско еколошко друштво. Посетено на 6 декември 2016.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 М., А.. „Потенцијали за екотуризам во долината на Злетовска Река“, Игеографија, 16 декември 2011.
  7. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија. Скопје: Геомап. стр. 32. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  8. 8,0 8,1 „Риболовна основа за риболовна вода „Слив на река Брегалница" за период 2011-2016“ (PDF). Скопје: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Посетено на 6 декември 2016.[мртва врска]
  9. „Македонска енциклопедиjа (том 1)“. Македонска академија на науките и уметностите. Скопје, 2009. с. 573-574. ISBN 978-608-203-023-4.
  10. „Просторен план на источен плански регион 2013 - 2030 (нацрт)“ (PDF). Скопје: Министерство за животна средина и просторно планирање. 2016. стр. 89. Посетено на 2 февруари 2021.
  11. Г., К. и Р., Ц.. „Изграден мост на Злетовска река кај село Жиганци“, МИА, 17 јуни 2015.

Надворешни врски

уреди