Бања (Кочанско)
Бања (понекогаш нарекувано Бање) — село во Општина Чешиново-Облешево, во областа Кочанско Поле, во околината на градот Кочани.
Бања Бање | |
Воздушен поглед на Бања | |
Координати 41°54′41″N 22°20′0″E / 41.91139° СГШ; 22.33333° ИГД | |
Регион | Источен |
Општина | Чешиново-Облешево |
Област | Кочанско Поле |
Население | 238 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 2301 |
Повик. бр. | 033 |
Шифра на КО | 13001 |
Надм. вис. | 370 м |
Бања на општинската карта Атарот на Бања во рамките на општината | |
Бања на Ризницата |
Потекло и значење на името
уредиИмето на селото првпат е забележано како Бања во XIV век (1338 г.), додека во турски документи од XV век се сретнува и како Илиџа. Името доаѓа од бања, што означува топол извор, како што е Кочанската Бања во самото село.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа во Кочанското Поле, во крајниот североисточен дел на Општина Чешиново-Облешево, во средното сливно подрачје на реката Брегалница.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 370 метри. Од градот Кочани, селото е оддалечено 11,5 километри.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2342 пред самото село Бања, од кого е оддалечено околу четири километри.[3] До селото може да се дојде и преку новиот експресен пат Штип-Кочани на А3, преку двоење кај клучката Спанчево и продолжување по регионалниот пат 2342.
Селото се наоѓа недалеку од градот Кочани, во подножјето на Осоговските Планини. Источно од селото се наоѓа селото Тркање, а западно од него е Спанчево. Во средишниот дел на селото се наоѓа сулфурен термален извор, по кого и самото село го добило името. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари и од чешми.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Акташи или Бел Камен, Водотек, Банчина, Кривуљица, Демирица, Коњско, Петков Дол, Горно Поле, Вада, Аџемица, Браница, Страга, Грамади, Дамјаница, Десовица, Дрнков Камен, Висок Чукар, Турски Рид и Стари Лозја.[4]
Селото има збиен тип, поделено на четири маала: Бакрачко, Горно, Средно и Сретселско Маало.[4]
Историја
уредиБања се смета за старо село во Кочанското Поле. Во историските извори се споменува уште во средниот век. Така, српскиот војвода Дмитар ова село го приложил на црквата „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во Штип. Истото, го потврдил и Константин Дејанов во 1388 година.[4]
Сепак, селото постоело уште од римското време, за што говорат остатоците од старини околу него. Тие се наоѓаат на месностите Браница, Тракањски Рид и Турски Гробишта. Браница се наоѓа 1 километар северно од селото, една падина свртена кон југ. Таму се гледаат темели од римско време и биле ископани неколку стари гробови. Тракањски Рид е на границата на атарот со соседното село Тркање, каде на гребенот на ридот постојат римски остатоци. Месноста Турски Гробишта се наоѓа 300 метри јужно од селото, а низ него поминува патот Бања-Штип. Тука исто има фрагменти од римска керамика и питоси, а имало и ѕидини. Покрај овие месности, се знае и за месноста Коњско, каде имало земјени ќупови.[4]
Бања најпрвин било македонско село, но потоа се доселиле Турци и поради тоа македонското население се иселило во XIX век. Сепак, Турците продолжиле да ги користат македонските топоними.[4]
Јован Цвииќ го посетил селото во 1904 година по Пехчевскиот земјотрес. Тогаш биле срушени минарето на џамијата и некои ѕидови на куќите. Од земјотресот, Бања било потешко погодена од другите села во Кочанската Котлина.[4]
Во 1908 година, во селото се населиле 4-5 мухаџирски домаќинства од Босна. Поради нивната малобројност, тие биле потурчени.[4]
При ослободувањето во 1912 година, Бања било запишано како турско село со 40 домаќинства. Меѓутоа, по Првата светска војна почнало иселувањето на Турците и до 1924 година сите заминале во Турција. Се знае за турските родови: Реџеп Чаушини, Шабанови, Лутвијини, Шимшијини, Шабаноџини и други. До 1960-тите години биле зачувани 5-6 турски куќи, во кои живеат доселени Македонци.[4]
Стопанство
уредиАтарот на селото зафаќа простор од 10,4 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 481,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 468,9 хектари, додека на шумите само 3,4 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него има продавници и угостителски објекти.[3]
Со оглед на тоа дека во селото избива термоминерален извор, со температура од 54°С, населбата претставува бањско лекувалиште, познато како Кочанска Бања.[3] Поради постоењето на изворот, во селото доаѓале луѓе болни од ревматизам, ишијас и стомачни заболувања. Во 1951 година бил подигнат хотел и од тогаш бројот на посетители е поголем. Дел од нив отседнувале и во приватните куќи.[4] Сепак, по 1990-тите години, бањата е целосно напуштена, руинирана и обрасната со вегетација, без нејзино користење.[5]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бања живееле 200 жители, сите Турци.[6]
Во 1916 година, во Бања живееле 189 жители, од кои 130 се Турци, а 59 друго население.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[8]
Бања е средно село по големина со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 681 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 473 жители, од кои 457 биле Македонци, а 16 жители биле Власи.[3]
Според пописот од 2002 година, селото имало 402 жители, од кои 393 Македонци и 9 Власи.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 238 жители, од кои 234 Македонци и 4 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 200 | — | 629 | 676 | 685 | 654 | 589 | 483 | 473 | 402 | 238 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
уредиБања било македонско-влашко православно село, за денес да биде чисто македонско село.[4]
Според истражувањата од 1960 година, родови во селото се:
- Влашки родови: Зиковци (5 к.), Јанковци (2 к.), Јуруци (5 к.), Бетато (1 к.), Деспот (1 к.), Додевци (1 к.) и Топчи (1 к.). Зиковци и Јанковци се населени 1914 година, Јуруци се населени 1919 година, а останатите родови се населени 1924 година.
- Македонски родови: Бојковци (8 к.), Анѓеловци (6 к.), Алексовци (4 к.), Ѓоргијовци (3 к.), Велковци (3 к.), Крстевци (2 к.), Митевци (2 к.), Пауновци (2 к.) и Стојановци (1 к.), доселени се од селото Пашаџиково; Ѓоргијовци (3 к.), Петровци (2 к.), Анѓеловци (2 к.), Зафировци (2 к.), Доневци (1 к.) и Стојчевци (1 к.), доселени се од селото Јастребник; Борисовци (2 к.), Стојковци (1 к.) и (1 к.), доселени се од селото Пантелеј; Карбинци (1 к.), доселени се од селото Нивичани; Даниловци (6 к.), доселени се од селото Лешки; Јовановци (4 к.), Филиповци (4 к.), Анчевци (2 к.), Пешевци (2 к.) и Миновци (1 к.), доселени се од селото Ораовица, Пијанец; Рашковци (3 к.) доселени се од селото Чеперник, Пијанец; Петровци (1 к.) и Стојменовци (1 к.), доселени се од селото Полаки; Анѓеловци (4 к.), Атанасовци (3 к.) и Дејановци (2 к.) доселени се од селото Д’лги Дол на Осогово.
Сите македонски родови се доселени помеѓу 1924 и 1925 година.
Иселеништво
уредиОд 1918 до 1924 година, од Бања во Турција се иселиле околу 40 турски семејства. Покрај нив, се иселувале и други жители, како влашкиот род Тежови (2 к.), се иселиле во 1933 година во Романија, а во Бања дошле во 1914 година. Од влашкиот род Бетато, едно семејство заминало во Штип, а едно семејство од Зикови заминало во Радање кај Штип.[4]
Во 1925 година, во Бања дошле две српски семејства: Божидар Тодоровиќ од Велика Плана и Милан Чикоровиќ од Црна Гора, кои бугарските окупатори во 1941 година ги иселиле во Србија.[4]
Општествени установи
уреди- Подрачното основно училиште „Климент Охридски“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Климент Охридски“ - Облешево
- Месна заедница
Самоуправа и политика
уредиНа крајот од XIX век, Бања било село во Кочанската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Чешиново-Облешево, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Облешево.
Во периодот 1962-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кочани. Во периодот од 1955 до 1962 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Облешево.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Облешево, во која покрај селото Бања се наоѓале селата Горни Подлог, Долни Подлог, Мојанци, Облешево, Спанчево, Тркање и Чифлик. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Облешево, во која влегувале селата Бања, Облешево, Спанчево и Чифлик.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0886 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на месна заедница.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 269 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 280 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[18]
- Браница — населба од доцноантичко време;
- Во Селото — населба од доцноантичко време;
- Грамади — населба од доцноантичко време;
- Тркањски Рид — населба од доцноантичко време; и
- Турски Гробишта — населба од доцноантичко време.
- Цркви
- Црква „Св. Илија“ — главна селска и манастирска црква
- Манастири
- Бањански манастир — нов манастир во селото
-
Манастирскиот двор
-
Црквата „Св. Илија“
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 35.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 18. Посетено на 22 ноември 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 Трифуноски, Јован (1970). Кочанска котлина : сеоска насеља и становништво. Скопје: Универзитетска печатница. стр. 96-99. OCLC 16745284.
- ↑ „Од некогаш познатата Кочанска Бања денес стојат распаднати објекти“. ИГЕО-ПОРТАЛ. Посетено на 2024-11-21.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 226.
- ↑ Гаджанов, Димитър Г. Мюсюлманското население в Новоосвободените земи, во: Научна експедиция в Македония и Поморавието 1916, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“, Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 242.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 22 ноември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 22 ноември 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 172. ISBN 9989-649-28-6.