Езеро

(Пренасочено од Езера)

Езеро — поголема вдлабнатина на Земјината површина исполнета со вода, која не е во непосредна врска со морските површини. За разлика од подземните басени врз кои и речиси не влијаат климатските фактори и кои немаат флора и фауна, езерата се облици на пејзаж кои зависат од областа во која се наоѓаат и често имаат многу богата флора и фауна. Се создаваат во природни котлини и обично добиваат вода од дождовите и од реките, а дел од оваа вода се испушта во друга река или со понирање. Но, постојат и езера од кои не истекува водата, а можат да имаат реки кои им носат вода. Вакви езера се чести во пустинските области. Во други случаи, езерото исполнува затворена вдлабнатина и собира вода само од дождовите, како што е случај со езерата што ги исполниле поранешните вулкански котлини или шуплини, ископани од некој ледник.

Езеро во Барилоче (Аргентина)
Охридското Езеро, Охрид, Македонија
Езерото Клирвотер, Онтарио, Канада
Езерото Били Чинук, Орегон, САД

Сите езера се состојат од неколку основни елементи (или зони): ведро, или вдлабнатината каде што се собира водата, платформа, или површината на езерото, од еден брег до друг, платформата завршува во една точка каде значително се зголемува наклонот - падина, која оди до дното, кое најчесто е рамно. На платформата често се создаваат појаси на мочуришна вегетација, кои претставуваат важен екосистем за птиците кои зависат од езерото. Што се однесува до езерската вода, таа се движи во вид на бранови, езерски струи, плима, осека и сеш. Брановите во езерата ги создаваат ветровите. Меѓутоа, езерските бранови се со многу помали димензии од морските. На најдлабокото езеро во светот - Бајкалското, не се забележани поголеми бранови од два метри. Езерските струи, плимата и осеката се јавуваат само кај езерата со поголема површина. Сеш на езерата настанува поради разликите во воздушниот притисок меѓу спротивните краеви на самото езеро: на оној крај каде што воздушниот притисок е низок, нивото на езерската вода се издигнува, а на спротивната страна (каде владее висок воздушен притисок) нивото е спуштено. Појавата на сешот е најкарактеристична за Женевското Езеро во Швајцарија.

Особини на езерата

уреди

Едни од поважните особини на езерата се нивната температура, провидност, боја, вкус и движењата на водата, опишани погоре.

Температурата на езерската вода зависи од географската ширина, надморската висина и од длабочината на езерскиот басен, односно ведро. Бојата на езерската вода може да биде сина, зеленкаста и маслинесто-зеленкаста. Тоа зависи од составот на карпите на езерското дно, од наносот што го внесуваат реките, од облачноста на небото и друго. Провидноста најмногу зависи од бојата на водата, од ситните честички што ги содржи истата, растителниот и животинскиот свет итн. Вкусот на водата во езерата зависи од нејзиниот хемиски состав, и таа може да биде солена или слатка. Најголем број од езерата во светот имаат слатка вода, додека солена вода имаат само реликтните и пустинските езера, главно поради големото испарување.

Видови езера

уреди

Според начинот на настанување на езерските басени, езерата можат да бидат: тектонски, леднички, карстни, речни, вулкански, приморски и вештачки.

Тектонските езера лежат во тектонски потонатини или котлини, настанати со спуштање на земјиштето покрај раседи. Затоа тие се одликуваат со голема длабочина и со стрмни страни. На овој начин е настанато Бајкалското Езеро, а потоа и езерата Викторија, Њаса, Онтарио, Хјурон, Мичиген и други. Во Македонија тектонски езера се Охридското, Преспанското и Дојранското.

Ледничките езера се распространети на високите планини и субполарни предели кои во ледениот период биле под дебела ледена покривка. Од своја страна, ледничките езера можат да бидат цирковни и валовски. Цирковните лежат во циркови и обично се мали, со тркалезна форма и се одликуваат со бистра зеленкаста боја. Во Македонија вакви езера има на Шар Планина, Пелистер, Јакупица и на други планини. Валовските езера, пак, лежат во преградени леднички басени. Такви се Боденското, Женевското, Гарда, Комо, Бледското, Бохињското и други.

Карстните езера ги има во карстните предели. Нивните басени се настанати со карстната ерозија и обично лежат во вртачи, ували и карстни полиња. Басените на некои карстни полиња се спуштени по тектонски пат, па нивното дно лежи пониско од морската површина, додека нивото на водата им е над нивото на морето. Ваквите езера се нарекуваат уште и криптодепресии: Скадарско, Вранско, Врана итн.

Речните езера настануваат со флувијалната или речната ерозија. Можат да бидат ерозивни и акумулативни. Ерозивните лежат во пресечени меандри и имаат полукружен облик. Најмногу ги има покрај големите рамничарски реки што течат бавно и меандрираат. Акумулативните, пак, настануваат со преградување на самото речно корито. На пример, речното корито може да се прегради со таложење на бигор. На овој начин се настанати Плитвичките Езера во Хрватска и двете езера на реката Плива кај Јајце во Босна и Херцеговина. Меѓутоа, до преградување може да дојде и како последица на таложење на речен нанос.

Вулканските езера лежат во кратерите на изгаснатите вулкани. Распространети се во вулканските области на Земјата: Албано во Италија, Буше во Франција, Кратерско Езеро во САД итн.

Приморските езера се познати и под името лагуни. Тие лежат покрај песочните брегови на морињата и океаните. Лагуните настануваат со создавање на песочни бедеми со кои се одделува еден дел од плиткото море и се преобразува во езеро. Нивната вода е солена.

Вештачките езера се создаваат со подигнување на брана со која се преградуваат речните долини. Тие се изградени од страна на човекот за најразлични потреби: искористување на хидроенергетскиот потенцијал на реките, наводнување на обработливи површини, обезбедување на градовите и индустријата со вода, рекреација, естетско обликување на просторот и слично.

Каменоломските езера настанати откако се ископуваат каменоломи преку рударски вршења за вадење на минерали.

Езерата во Македонија

уреди

Во Македонија има над 160 езера. Од нив по природен пат се настанати повеќе од 50, а другите претставуваат вештачки акумулации. Според начинот на настанокот на езерските базени, тие се делат на: тектонски, урниски, крајбрежноизворски, постглацијални, карстни, органогени и вештачки акумулации. По своето значење се истакнуваат тектонските езера, како што се: Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро.[1]

Езерото како мотив во уметноста и популарната култура

уреди
  • „Езеро: На“ (англиски: The Lake: To) - песна на Едгар Алан По од 1827 година.[2]
  • „При погледот од брегот на езерото“ - песна на Јохан Волфганг Гете.[3]
  • „Утро крај езеро“ — песна на македонската поетеса Јованка Денкова.[4]
  • „Езеро“ — песна на македонската поетеса Јованка Денкова.[5]
  • „Езеро“ (српски: Језеро) - кус расказ на македонскиот писател Митко Маџунков од 1984 година.[6]
  • „Езерски мотиви“ — песна на македонскиот писател Видое Подгорец.[7]
  • „Крај езеро, ноќе“ — песна на Видое Подгорец.[8]
  • „Облак над езеро“ — песна на Видое Подгорец.[9]
  • „Сон врз каменот крај езерото“ - песна на македонскиот поет Анте Поповски.[10]
  • „Настан на езерскиот брег“ - песна на македонскиот поет Ацо Шопов.[11]
  • „Езеро на животот“ - песна на Ацо Шопов.[12]
  • „На езеро“ - песна на Ацо Шопов.[13]
  • „Езеро“ - песна на Ацо Шопов.[14]
  • „Лов на езеро“ - песна на Ацо Шопов.[15]
  • „Ноќ над езерото крај манастирот“ — песна на Ацо Шопов.[16]
  • „Езеро крај манастирот“ — песна на Ацо Шопов.[17]
  • „Езерото“ - кус расказ на македонскиот писател Драган Георгиевски од 2013 година.[18]
  • „Езерско волкче“ — расказ за деца на македонскиот писател Генади Болиновски.[19]
  • „Замрзнато езеро“ (англиски: Frozen Lake) — песна на американската рок-група Buffalo Tom од 1992 година.[20]
  • „Утринско езеро“ (англиски: Morning Lake) — композиција на американската џез-група Weather Report од 1971 година.[21]

Наводи

уреди
  1. Драган Василевски, Класификација на езерата во Република Македонија според начинот на постанокот на езерските басени, „Географски разгледи“, кн. 30. Скопје, 1995
  2. „На реката“, во: Едгар Алан По, Поезија. Скопје: Македонска книга, 1969, стр. 11-12.
  3. Johan Volfgang Gete, Pesme. Beograd: Rad, 1964, стр. 41.
  4. Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024, стр. 45.
  5. Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024, стр. 48.
  6. Митко Маџунков, Међа света. Београд: Просвета, 1984, стр. 170.
  7. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 43-44.
  8. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 45-46.
  9. Видое Подгорец, И сончогледите спијат. Скопје: Македонска книга, Детска радост, Култура, Мисла, Наша книга, 1990, стр. 47.
  10. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 126.
  11. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 116-117.
  12. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 145-147.
  13. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 40.
  14. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 98.
  15. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 41.
  16. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 100.
  17. Ацо Шопов, Песни. Скопје: Македонска книга, Мисла и Култура, 1988, стр. 99.
  18. Драган Георгиевски, Метаморфузија, Темплум, Скопје, 2013.
  19. Генади Болиновски, Игра на прозорец, Скопје: Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга, Детска радост, 1990, стр. 56-63.
  20. YouTube, Buffalo Tom - Frozen lake (пристапено на 4.4.2018)
  21. Weather Report – Weather Report (пристапено на 7.4.2024)

Надворешни врски

уреди