Географска ширина

(Пренасочено од Географската ширина)

Географска ширина (или латитуда, озн. φ) — местоположбата на место на Земјата северно или јужно од екваторот. Латитудата на еден регион има големо влијание врз неговата клима и временски услови.

Карта на Земјата која ги покажуваа линиите на географска ширина. Линиите на географската ширина се прави и хоризонтални на оваа карта

Латитудата е аголна мерка која се движи од 0° на екваторот до 90° на половите. Други географски ширини од особена важност се: Северниот Повратник (соѕвездие Рак), Јужниот Повратник (соѕвездие Овен), Северниот Поларник (Арктички Круг), Јужниот Поларник (Антарктички Круг).

Сите места на дадена географска ширина се нарекуваат напоредник, и сите такви површини се напоредни на екваторот.

Географската ширина приближно ги одредува тендециите во врска со климата, поларните светлини, ветровите и останатите физички одлики на определена географска локација.

Секој степен на географската ширина е понатаму поделен на 60 минути, а секој од нив поделен на 60 секунди. Една географска ширина, на пример, е определена како 13° 19' 42" СГШ. За повисока точност, секундите се децимално поделени. Алтернативното прикажување ги користи степените и минутите, но деловите на минутата се искажани со децимална поделба, на пример 13° 19,717' СГШ. Степените, исто така, понекогаш се делат на децимали: 13,32861° СГШ. Понекогаш, наставката север/југ (СГШ/ЈГШ) се заменува со негативен предзнак за југ.

Определена географска ширина, потоа може да се комбинира со географската должина (лонгитуда) за прецизно да се определи позицијата на Земјината површина.

Една минута од географската ширина е приближно една морска милја или 1.852 метри.

Колатитудата е комплементна на географската ширина (латитудата).

Во вообичаена употреба географска ширина се однесува на „геодетска“ или географска“' φ и го претставува аголот помеѓу висината и екваторската рамнина — поради тоа што најпрво претставувала агол помеѓу хоризонтот и поларната ѕвезда. Поради тоа што Земјата има елиптична форма под дејство на нејзината ротација, картографите се потпираат на разновидни помошни географски ширини за прецизно прилагодување на сферните проекции во согласност со нивната цел.

Геоцентричната ширина φg е тоа на што главно „се мисли“ под поимот географска ширина. Таа е аголот меѓу рамнината на екваторот и линијата на полупречникот.

За другите планети како на пример Марс, географската и геоцентричната ширина се нарекуваат „планетографска“ и „планетоцентрична“ ширина. Повеќето карти за Марс од 2002 година па наваму користат планетоцентрични координати.

Географската ширина и богатството

уреди

Често е забележувано дека постои изразена корелација помеѓу географската ширина и богатството на нациите. Континентите покрај екваторот, Африка и Јужна Америка се најсиромашните. Дури и во рамките на Африка и Јужна Америка може да се забележи дека нациите најдалеку од екваторот се побогати. Во Африка најбогатите нации се трите на јужниот крај на континентот, Јужна Африка, Боцвана, и Намибија, како и земјите во Северна Африка. Слично во Латинска Америка - Аргентина, Чиле, и Уругвај долго време се најбогатите. Во Азија, Индонезија, сместена на екваторот, е меѓу најсиромашните. Најбогатите нации во светот со најголем животен стандард имаат тенденција да бидат оние во најсеверните области достапни за населување на човекот, Канада, и нордиските земји. Во рамките на богатите континенти, богатството се зголемува со разликата од екваторот. Јужна Европа долго била посиромашна, како и јужните Соединети Американски Држави.

Постојат голем број на објаснувања за овој феномен. Првиот што се обидел да го објасни ова бил францускиот филозоф Монтескје кој сметал дека ладното време значи помалку крв во екстремитетите што го прави телото помалку еластично; и ова им дава на северњаците повеќе сила и ги прави помалку способни да се релаксираат. Ова насочување на крвта во внатрешноста, според Монтескје, исто така значи поголем проток во срцето, што ја зголемува виталноста. Овие откритија се целосно отфрлени од модерната наука.

Исто така отфрлено, но сѐ уште присутно меѓу некои групации, е расното објаснување. Оние покрај екваторот имаат тенденција да бидат со црна кожа, и поотпорни на директна сончева светлина. Некои сметаат дека црната боја на кожата е поврзана со помала интелигенција. Не постојат докази за оваа претпоставка.

Уште едно објаснување, што сѐ уште е доста актуелно, е дека модерните технологии и институции се дизајнирани примарно во мала област во северозападна Европа. Оттука земјоделските техники, машини и лекови се дизајнирани да одговорат на умерена клима. Овие технологии и модели се рашириле на области со слична клима, како Северна Америка и Австралија. Кога и овие области исто така станале иновациски центри, ваквиот развој бил уште позајакнат. Многу помалку напор бил вложен во подобрување на тропското земјоделство отколку на земјоделството на умерена клима, токму поради ова. Технологијата, од автомобили до електродистрибуција се дизајнирани за пострудени и посуви региони и работат многу полошо во тропските области.

Поедноставно кажано, животот во тропските области не создава силен природен нагон за развој на нова технологија, бидејќи условите за живот во смисла на основни потреби на телото, се доволно удобни. Колку е постудено времето, повеќе е потребно за да се преживее, што создава силна мотивација за постојан иновативен процес. За да се создаде поудобен живот подалеку од тропските области потребна е поразвиена технологија. Но кога животот е доволно удобен, иновацискиот појас се движи уште подалеку од екваторот.

Овој суров циклус на технологија дизајнирана за богатите, ги прави уште побогати и оттаму поспособни да го финасираат технолошкиот развој. Доказ за ова е дека далечниот север не секогаш бил најбогата географска ширина. Пред само неколку векови, најбогатиот појас се наоѓал помеѓу Јужна Европа, преку Блискиот Исток, северна Индија и јужна Кина. Драматичниот пресврт во технологијата што започнал со прекуокеанските бродови и кулминирал со Индустриската револуција предизвикал најразвиениот појас да се придвижи северно, во Европа, Кина, и во Америка. Северна Русија станала велесила, додека јужна Индија станала сиромашна колонија. Ваквите драматични промени во распоредот на богатството сугерираат дека тоа не се должи на непроменливи фактори како клима и раса.

Поврзано со ова објаснување се болестите. Тропските области се многу поподложни на епидемии на болести поради нивната температура која го прави животот полесен за инсектите и глодачите. Долго постои малариски појас што ја опкружува земјата; ова го прави животот на луѓето уште потежок. Најзабележливо е дека е речиси невозможно за северните домашни животни да живеат. На овие проблеми им се додава и богатството на северот: многу повеќе пари одат на истражување за лекови за заболувањата на северњаците.

Физиологот Џаред Дајмонд, во неговото дело наградено со Пулицерова Награда - Пиштоли, микроби и челик, тврди дека евроазиската земјена маса е посебно погодна за преминување од ловечко-собирачка во земјоделска заедница. Континентот се протега на многу повеќе линии на географската ширина од било кој друг континент. Поради ова многу е полесно да се пренесуваат домашни животни во рамките на иста географска ширина, одошто од потопла во поладна клима, секое животно растено на определена географска ширина ќе биде пренесено во рамките на континентот за релативно брзо време. Затоа жителите на овој континент имаат почетна предност за поран развој на земјоделството, и поголем интервал на растенија и животни од кои може да се избира.

Тој исто така го поврзал овој напредок со развојот на болестите кои подоцна им се заканувале на жителите на другите континенти. Блиската поврзаност на луѓето во Евроазија со нивните домашни животни создале услови за брзо пренесување на болести. Жителите на земјите со малку домашни животни никогаш не биле изложени на таков интервал на болести, и затоа, барем на Американскиот континент, потклекнале на болестите донесени од Европа.