Јованка Денкова
Јованка Денкова (Штип, 1974) — македонска универзитетска професорка, поетеса, книжевна критичарка и есеистка.
Јованка Денкова | ||
Занимање | универзитетски професор |
---|
Животопис
уредиЖивотопис
уредиДенкова е родена во Штип, во 1974 година. Во родното место ги завршила основното и средното училиште, а во 1997 година дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. На истиот факултет, магистрирала („Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“, 2005) и докторирала („Фантастиката и научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“, 2008).[1] Денкова била професор по македонски јазик и литература во средното училиште „Димитар Мирасчиев“ – Штип во периодот од 2000 до 2002 година, а во периодот од 2002 до 2007 година во средното училиште „Коле Нехтенин“ – Штип. Од 2008 година, Денкова работи како професорка на Филолошкиот факултет (на катедрата за македонски јазик и книжевност)[2] при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што предавала повеќе предмети: книжевност за деца, македонска книжевност во 19 век, одлики и жанрови во книжевноста за деца и адолесцентска книжевност, народна книжевност, средновековна книжевност, македонска книжевност од 15-18 век, македонска книжевност од 19 век, книжевност за деца, историја на македонската култура и цивилизација, како и европска цивилизација.[3] Во 2009 година станала продеканка за настава на Филолошкиот факултет, во 2012 година била назначена на функцијата в.д. декан, а во 2013 година била избрана за декан на факултетот.[4] на Филолошкиот факултет.
Творештво
уредиОбразовно-научниот опус на Денкова го сочинуваат над 240 статии од областа на книжевноста, три електронски учебници („Реалистична македонска проза за деца и млади“, „Сказновидното во македонската проза за деца и млади“ и „Адолесцентска книжевност“), неколку скрипти и практикуми за студентите, како и четири научни книги: „Неколку навраќања кон детството“ (2017), „Чудесното и реалистичното во прозата на Глигор Поповски“ (2020), „Фантастиката во македонската книжевност за деца и млади (2021) и „Научната фантастика во македонската книжевност за деца и млади“ (2022).[5]
Во 2024 година, во сопствено издание, ја објавила својата прва стихозбирка, „Исповед на бршленот“.[6]
Наводи
уреди- ↑ Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024, стр. 101.
- ↑ „Официјално мрежно место на Филолошки факултет - „Наставници"“. Архивирано од изворникот на 2013-10-17. Посетено на 2013-05-28.
- ↑ Мрежно место на доц. д-р Јованка Денкова - „Настава“
- ↑ „Официјално мрежно место на Филолошки факултет - „За факултетот"“. Архивирано од изворникот на 2013-06-15. Посетено на 2013-05-28.
- ↑ Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024, стр. 101-102.
- ↑ Јованка Денкова, Исповед на бршленот. Штип: Јованка Денкова, 2024.