Димитар Поп-Георгиев Беровски
Димитар Поп-Георгиев Беровски (Берово, 22 мај 1840 - Долна Граштица, 19 декември 1907) — македонски национален деец и револуционер [1][2][3][4][5][6][белешка 1]. Основно образование завршил во Берово, а потоа учел во Одеската духовна богословија (1858-1860). Потоа во Белград се запишува на военото училиште. Во 1865 г. се враќа во Берово и работи како учител. Таму зел активно учество во црковните борби против грчките фанариоти, со што се стекнал со голема популарност кај народот од Малешевијата. Наклеветен од грчките владици пребегнал во Цариград а потоа живее како нелегален во Солун.
Димитар Поп-Георгиев Беровски | |
---|---|
22 мај 1840 - 19 декември 1907 | |
македонски национален деец и револуционер | |
Прекар: | Димитар Македонски • Димитар Беровски |
Роден во: | Берово, Македонија |
Починал во: | Долна Граштица, Бугарија |
Служба во: | Македонско национално движење |
Период на служба: | 1870 - 1907 |
Чин: | Началник на Штабот на Македонското востание |
Битки/војни: | Разловечко востание • Македонско востание • Српско-бугарска војна |
Одличја: | Орден "За храброст" |
Други занимања: | учител |
Во Солун заедно со македонската патриотска интелегенција формира кружок, чија цел била организирање на востанија против турската власт. Бил главен организатор на Разловечкото востание, а по неговото задушување се вклучил во организирањето на Кресненското востание (1878), при што бил избран за началник на Востанички штаб.
Воедно бил и иницијатор за обнова на Охридската Архиепископија, преку Унија на христијаните Македонци со Ватикан, кои во 1874 година ги отцепиле од бугарската црква мали делови од серската, мелничката, струмичката, воденската,кукушката и солунската област и ги приврзале кон Ватикан. По неуспехот на востанието се префрлил во Ќустендил, каде живеел и работел сè до својата смрт на 19 декември 1907 година.
Рани години
Димитар Поп Георгиев е роден во Берово, Малешевско тогаш во Османлиското Царство во свештеничко семејство. Првично учел во родното место, а подоцна неговиот татко го испратил во Солун каде што требало да го продолжи своето образование во патријаршиско училиште. Во 1858 година се запишал при Духовната богословија во Одеса, меѓутоа не ја завршил. Тука се запознал со бугарскиот национален деец и револуционер Георги Раковски. Подоцна емигрирал во Кнежевството Србија и учествувал во Првата Бугарска Легија [белешка 2] во Белград. Во 1863 година бил доброволец во српската војска. Во периодот помеѓу 1863-1876 година, Димитар бил во коресподенција со Стефан Верковиќ. Во овој период се запознал и со Арсеније Костенцев. Димитар во Кнежевството Србија останал до крајот на 1865 година, кога со паричен заем добиен од Верковиќ со посредство на Павел Јозеф Шафарик се вратил во својата татковина.
Борба против Цариградската патријаршија
Димитар кон крајот на 1865 година се вратил во родното Берово. Во периодот помеѓу 1865 до 1868 година учителствувал во Берово, а подоцна и на други места во Малешевско. Димитар во Малешевско застанал на чело на борбата против Цариградската патријаршија и фанариотското влијание. Во северниот дел на Македонија каде грчкото влијание било послабо барањата биле ограничени на барања за поставување на месни владици како и воведување на црковно - словенскиот јазик [7] во црквите и македонскиот народен јазик во наставата [8].
Во 1873 година бил избран за управник на училиштето и раководител на црковно-училишната општина. Во 1874 година, под водството на Димитар, беровските селани го протерале струмичкиот фанариотски владика Јеротеј Комбајност. Поради оваа дејност Димитар и неговите браќа биле затворени од властите, меѓутоа Димитар успеал да избега и се засолнил во Цариград. Во престолнината на Османлиското Царство стапил во контакт со Стојан Чомаков, Авксентиј Велешки, Христо Топчилшов и други дејци од борбата против Цариградската патријаршија. Бидејќи постоела опасност од апсење, Димитар заминал во Солун. Во меѓувреме, незадоволните малешевци од решавањето на црковното прашање во 1874 година се обратиле кај унијатскиот епископ Рафаел Попов во Одрин да бидат примени во Унијатството[белешка 3]. Димитар го придружувал Нил Изворов при неговата обиколка на таа област и бил водушевен од идејата за унија како средство за обнова на Охридската архиепископија и решавање на македонското црковно прашање[белешка 4].
Разловечко востание
Меѓутоа набрзо увидел дека црковно-просветните борби и унијата како средство за обнова на Охридската архиепископија нема да го решат основното барање на селаните и граѓаните за нивното ослободување од османлиската власт. Затоа подготвил план за кревање на востание во Македонија и во 1875 година во Солун формирал таен кружок, окарактеризиран како таен револуционерен комитет.[9] Најголем проблем за успешно изведување на востанието претставувал недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, топла зимска облека и санитетски материјал.
За да дојде до пари, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе го исплати сиот Десеток за селаните од Разловци, за да можат да купат оружје. Покрај тоа, Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Сопот, баба Недела и Станислава Караиванова да изработат знаме за идното востание. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав, и на него пишувало: Македонија и Станете да ве освобода.
Во април 1876 г. Димитар Беровски пристигнал во селото Разловци за да согледа како се одвиваат подготовките за востание, со кои активно раководел Поп Стојан Разловски. За војвода и главен водач бил избран Димитар Беровски. На 20 мај 1876 г. Разловци било нападнато од востаниците. Некои Турци биле убиени, а други ранети. Откако се пресметале со тамошните Турци, еден дел од четата предводена од Беровски заминала кон Малешевијата, за да се соединат со од порано подготвени 300 малешевци.
Другата група под водство на Цоне Спасов требало да ги евакуира жителите на Разловци и нивната стока, а потоа да се приклучи кон главните востанички сили. На пат кон Берово, кај селото Митрашинци, Димитар Беровски и неговата чета имале судир со една помала турска воена единица. Таа била растерана, но Беровски бил ранет во главата. Оваа неповолна состојба делувала негативно и востаниците наместо да одат кон Малешевијата, се вратиле назад, во Разловци.
Од Разловци четата на делумно закрепнатиот Димитар Беровски продолжила кон Кочанско. Откако ги победила Турците во Лаки, четата тргнала кон селото Смилјанци, Радовишко каде од порано имало складирано оружје. Меѓутоа во Смилјанци дошло до предавство од месниот полјак во Радовиш, така што и тука турскиот аскер брзо реагирал и востаниците доживеале неуспех. Селаните кои не успеале да побегнат биле ѕверски убивани, оставани за пример на населението, а некои од селаните од реонот биле мачени како затвореници во Сер, Солун, Скопје и др. Разловечката чета на чело со Димитар Поп-Георгиев Беровски успеала делумно да се задржи и да ја продолжи борбата во Малешевските планини, Пијанец, Осоговските Планини и во Кресна.
Македонско востание
Главните подготовки за подигнување на востанието биле водени од повеќемина видни Македонци - учители, трговци, свештеници итн. Најангажирани во подготовките биле охридскиот митрополит Натанаил Охридски и Димитар Поп-Георгиев Беровски. Голема улога во подготовките и одвивањето на востанието ќе имаат и штотуку формираните т.н. благотворителни комитети Единство, кои ги организирале мирните, но и вооружените протести и акции против решенијата на Берлинскиот конгрес. При подготовките за востанието најмногу се сметало на четите кои би се формирале од доброволци - Македонци-ополченици во Бугарија кои по завршувањето на војната останале таму.
На состанокот одржан на 8 септември во Рилскиот Манастир, свикан од Натанаил на кој присуствувале и Димитар Поп-Георгиев Беровски и војводата Дедо Иљо Малешевски (Марков) било решено да се повикаат сите чети кои дејствувале недалеку од демаркационата линија да се приближат до Горна Џумаја. Токму на ова советување бил прифатен предлогот на еден од поистакнатите војводи Стојан Карастоилов, востанието да започне со нападот на Кресна. Тука било прифатено со нападот да раководи Стојан Карастоилов.
Востанието започнало на 17 октомври (5 октомври по стар стил) 1878 година со нападот на Кресненските анови во кои била сместена турската војска. Во нападот учествувале 400 востаници и многу селани од околните села. По ослободувањето на Кресна востанието се проширило во околината и подалеку во Мелничко, Беровско, Делчевско, Демирхисарско. Настанала голема слободна територија. Една од првите мерки на востаничките водачи, по ослободувањето на селата, била да воведат нова месна административна власт, да извршат мобилизација за пополнување и формирање на нови чети како и избор на воено-востаничкото раководство. На општото собрание востаниците за востанички водач го избрале Калмиков, за началник на штабот Димитар Поп-Георгиев Беровски, а за прв војвода на четите Стојан Карастоилов. За ова Поп-Георгиев Беровски уште на 20 октомври (8 октомври, стар стил) го известил Џумајскиот комитет и се потпишал како началник штаба на македонските востаници:
До Добротворниот комитет во Џумаја! Господин К. Бошков! Вашето писмо од 6 овој месев (бр.7) го зедов исправно. На 7 овој месец, вчера, Турците нападнаа на нашите стражи во село Влахи, ги разбија и изгореа околу 20 куќи. Ние ги одбивме Турците, убивме 4 од нив и нивниот јазбашија. За ранетите не се знае, битката продолжи 13 часа, го изгоревме турското село Грнчар. Вам ви пишувам за да ги известите другите комитети дека востаниците го одбраа Г-на Адама Јованаовича (Калмиков), наименуван од востаниците, за атаман. Мене, Димитрија П. Георгиев за началник на Штабот, Героги Михајлов за помошник на Штабот, благајник и одговорен за оружјето. За прв војвода Стојан Карастоилов од четата Губернатор Тухолка, за втор војвода Коста Георгиев од четата Каравелов, за трет војвода Стојо Торолинко од четата Алабин, за четврти Крсто Аризанов од четата Домонтови...
—Ве поздравува Началникот на Штабот на Македонското востание Д. П. Герогиев, с. Влахи, 8. X. 1878 [10]
Овде се појавиле првите несогласувања и недоразбирања помеѓу македонските револуцинери и бугарските комитети. Претставниците на комитетот Единство, Адам Калмиков и Луј Војткевич сакале востанието да биде проширено што поскоро и во останатите делови на Македонија со цел да се привлече вниманието на европската дипломатија. Меѓутоа Стојан Карастоилов, Димитар Поп Георгиев и другите македонски војводи се стремеле најпрво востаничката територија да се организира, да се набави оружје, муниција и друг воен материјал, да се регрутираат свежи востанички сили и дури потоа да се удри на останатите области. Во сите ослободени места била воспоставена народна власт, а народот без разлика на националната и верска припадност (Македонци, Турци, христијани, муслимани) бил целосно ослободен од сите даноци.
До Џумајскиот македонски комитет! Господин К. П. Василков!... Во Кресна се формира Полициско раководство кое ќе има грижа да собира војници од заземените места, да собира данок од неспособните за војска, да ги гони бегалците, да го варди редот и спокојството на населението и друго. Погрижетесе се вие да испратите во таа полициска управа еден поопитен писар со плата кој ќе воведе ред
—Ве поздравува Началникот на Штабот на Македонското востание Дим. П. Герогиев, с. Влахи, 17. X. 1878 [10]
Во ослободените места не биле забележани протерувања, убиства и изживувања врз турското муслиманско население. Македонското население од сите ослободени места со големо воодушевување го помагало востанието. Раководството презело мерки и за орагнизирање на регуларна војска:
До македонскиот џумајски добротворен комитет! Го примивме вашето писмо од 17. X. 1878 година. Ги примивме и 60 пушки калпаклии, шест и пол товари куршуми и 16 шинели. Работите одат досега добро. Во селата Игралишта, Добрилаќе и Гореме се определија за постојано како регуларна војска 400 души да стојат готови за секој случај и тие преку секој десет ден ќе се сменуваат. По овој начин сето население ќе се држи на постојана внимателност и да биде вооружено за борба. Сите селани им го поставивме за капетан Златко. Тој ќе е како судија и ќе седи во с. Цапарево (Петричко). Во секое село селаните се прибраа од колибите и со нивно избирање определивме старешински совети што ќе се грижат за храната на востаниците и на војниците од три села...
—Ве поздравувам и сум ваш Д. П. Герогиев, 20. XII. 1878 [11]
Кресненското востание било прв судир помеѓу македонското револуционерно движење и Бугарија. Првиот судир се случил уште при борбите за ослободување на Кресна, помеѓу македонскиот војвода Стојан Карастоилов и рускиот офицер во бугарска служба Калмиков. Иако судирот бил од воено - тактички карактер сепак тука за првпат се судриле и целите и плановите на македонските револуционери и бугарските комитети. Подоцна судриот помеѓу двајцата странци Калмиков и Војткевич ќе предизвика толкаво незадоволство кај македонското раководство што Димитар Поп-Георгиев Беровски ќе напише доста остро писмо во кое го осудува самоволието и мешањето на Софискиот и Џумајскиот комитет во Македонското востание. Под притисок на комитетот Единство востаничките сили удриле во Разлошката котлина.
По борбите во Разлошката котлина, Стојан Карастоилов, Димитар Поп-Георгиев Беровски и другите македонски војводи од раководните позиции на востанието ги смениле Адам Калмиков и Луј Војткевич. Меѓутоа комитетот Едниство на тоа остро реагирал и од своја страна испратил комисија од тројца комесари кој од своја страна спровеле воен суд за Стојан Карастоилов и луѓето блиски до него. Пресудата гласела смрт. Смртната казна врз Стојан Карастоилов била извршена на 6 декември 1878 година, додека пак Димитар Поп-Георгиев Беровски се спасил благодарение на Натанаил Кучевишки. Беровски ја задржил должноста војвода во областа Каршијак но и таа подоцна му била одземена. На тој начин македонските војводи биле одстранети во раководењето со востанието, а тогаш главен раководител на востанието станал комитетот Единство.
Емиграција
По задушувањето на востанието, Димитар со своето семејство се населил во Ќустендил. Бил назначен за окружен полициски службеник на градот, а во првата половина на 1880 година за градот Цариброд. Подоцна бил околиски началник на Радомир. Во 1884 година се повлекол во селото Долна Граштица, Ќустендилско каде што купил чифлик и се занимавал со земјоделство.
Во Српско-бугарската војна од 1885 година, Димира предводел чета при доброволечкиот одред на Дедо Иљо Малешевски, која на 4 ноември се присоединила кон новоформираната Радомирска единица, која водела борби против српската моравска дивизија. За учество во оваа војна бил награден со бугарскиот орден "За храброст".
Во 1895 година, Димитар бил меѓу основачите на македонското добротворно друштво "Македонија" во Ќустендил. Кон крајот на годината бил делегат на ІІ македонски конгрес на Македонски комитет. Неговиот дом станал база на македонското револуционерно движење. Многу рано, кај Гоце Делчев и Ѓорче Петров се родила идејата за сопствено производство на оружје, пред сè бомби. Тие ја осмислиле Саблерската бомболераница (фабрика) на Осоговските Планини.а приотоа посебна улога одиграл Димитар Поп-Георгиев Беровски, кој тогаш бил ќустендилски пунктовен началник. Саблерската бомболераница започнала да функционира во мај 1897 година. Во неа работеле грст на ентузијасти во скудни околности. Главен мајстор бил еремснкиот револуционер Киркор, а негови први помошници биле Гоце Текенџиев и Атанас Мурџев. Таму повремено престојувале и помагале Гоце и Ѓорче Петров. Инспекција на бомболеарскиот процес извршил Еременецот Леон. Во Саблерската бомболераница, меѓу другото, биле произведени околу 1000 до 1500 бомби од разни големини. Бомболераницата била напуштена непосредно пред интервенцијата на бугарската полиција. Димитар бил претседател на Ќустендилското македонско друштво во периодот помеѓу 1898-1899 година.
Димитар Поп Георгиев Беровски умира на 19 декември 1907 година во Долна Граштица каде е погребан. Според други извори тој умира во Ќустендил [12].
Национален херој
По создавањето на независната македонска национална држава, Димитар е прогласен за македонски национален херој. Голем број на училишта, улици, населби и др го носат неговот име [13]. Во Македонија, државните институции и разни здруженија организираат разни свечености во негова чест. Во 2012 година на плоштадот Македонија, во главниот град на Република Македонија, од десната страна на камениот мост е поставен споменик на Димитар Поп-Георгиев Беровски [14].
Белешки
- ↑ Во Бугарија се смета за бугарски револуционер (видете: Писмо на Димитър Беровски од Ќустендил — внук на Димитър Попгеоргиев Беровски, до редакциjата на в. Поглед”[1]Беровски, Д., Димитър Попгеоргиев Беровски - живот и дело, София, 1986, Издателство на Отечествения Фронт, стр. 215, Документ „Автобиография на Димитър П. Георгиев, изпратена в МВР през 1881 година когато е околийски началник в Радомир“)
- ↑ Иако легијата се именува како Прва бугарска легија, во неа учествувале многумина истакнати макеоднски дејци, тоа се гледа од нивните презимиња или прекари: Христо Македончето, Димитар Македонски (Димитар Поп-Георгиев Беровски) д-р.. види: „Документи за българското Възраждане от архива на Стефан И. Веркович 1860-1893“, София, 1969, Издателство на Българската академия на науките, стр. 69.
- ↑ По завршувањето на Борбата против Цариградската патријаршија македонското црковно прашање не било решено, имено тоа било решено само во корист на Бугарите преку создавањето на Бугарската егзархија, а двете цркви, Цариградската патријаршија и Егзархијата започнале преговори за поделба на македонските епархии, затоа македонското граѓанство повторно ја започнало борбата за обнова на Охридската архиепископија но сега унијата со Римокатоличката црква било искористена како средство за постигнување на целта.
- ↑ По создавањето на Бугарската егзархија Македонците не се откажало од стремежот за обнова на Охридската архиепископија. Во првата половина на 70-тите години на 19. век силна активност пројавило солунското граѓанство. Борбата за обнова на Охридската архиепископија влегла во нова етапа кога кон движењето се придлужил епископот Нил Изворов. Тогаш солунската црковно-училишна општина писмено се обратила кон останатите македонски општини како и до македонската колонија во Цариград, во ова обраќање солунската општина побарал останатите да се изјаснат по прашањето за обнова на Охридската архиепископија. Општините соодветно на ова обраќање дале свој одговор, а македонската колонија од Цариград на чело со Харитон Карпузов, застанале на гледиштетото дека само преку создавање на: самостојна македонска црква може да се реши македонското црковно и национално прашање. Со цел да се обнови Охридската архиепископија, солунската општина свикала собир на претставници од Македонија. Средбата се одржала на 28 декември 1873 година, а на неа присуствувале претставници на 6 јужномакедонск општини: Солунската, Воденската, Струмичката, Дојранската, Кукушката и Малешевската, види Отпор на Македонците кон туѓите пропаганди
Извори
- ↑ Preface The first page of the constitution of the Kresna Macedonian Uprising in 1878.The Prescripts of the Macedonian Rebel Committee were formulated, it is believed, at the beginning of the second phase of the Macedonian uprising in Kresna. The commander of headquarters, Dimitar Pop Georgiev, was again among the rebel ranks when the capital document was drawn up. They proclaimed the social, national, and philosophical aims of the uprising. They were the logical expression of the theretofore subjugated Macedonian nation, a declaration of cultural and educational emancipation, of individualization, of independence, and of cooperation with other Balkan peoples,... The first Constitution of Macedonia - Kresna 1878 by The Macedonian Rebel Committee
- ↑ Писмо од горноџумајскиот македонски револуционерен комитет, 9 октомври 1878 . A.Калмиков.
- ↑ Indication why the Uprising (The Razlovci Uprising at first place, 1876) failed is given in the „Macedonian Knot“, written by Hans Lothar Steppan on page 40: „The Macedonian Leader of this Uprising (Razlovec), Dimitar Pop Georgiev was not granted an audience in St. Petersburg, when he was there to ask for an Russian assistance.”, The Aims of the Macedonian Uprising Article 208
- ↑ Тој е еден самосвесен Македонец, интелектуалец (се школувал во Солун, Одеса, Белград) кој уште тогаш предупредувал дека доколку не добиеме поддршка од папата, од Католичката црква, како најорганизирана институција во светски рамки во тој период, евидентно Македонија ќе биде изложена на делби на соседните христијански „браќа”. Токму затоа, токму Беровски, воопшто не е афирмиран (краден) во бугарската историографија. Одбегнуваат да го споменат., проф. д-р Виолета Ачкоска
- ↑ Кресна и Разлог
- ↑ Биографија на Беровски[мртва врска]
- ↑ В. Кънчов, Град Скопие, Периодическо списание София, г. XI, 1898
- ↑ Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
- ↑ Лапе, Љубен (1951). Годишен Зборник на Филозофскиот факултет - РАЗЛОВЕЧКОТО ВОСТАНИЕ ОД 1876 ГОДИНА. Скопје: Филозофски факултет - Скопје. стр. 17.
- ↑ 10,0 10,1 д-р Владимир Картов, Практикум по историја на државите и правата на народите во Југославија, Скопје, 1894
- ↑ Проф. Г. Кацаров и Ив. Кепов, Документи по Креснеското въстание 1878 г., София, Сборник на БАН, кн. XXXVI
- ↑ Елдъров, Светлозар. Кюстендилско македоно-одринско дружество (1895 - 1903), във: Върховният македоно-одрински комитет и Македоно-одринската организация в България (1895 - 1903), Иврай, София, 2003, стр. 280.
- ↑ „Дом на културата " ДИМИТАР БЕРОВСКИ "“. Архивирано од изворникот на 2012-06-29. Посетено на 20 јуни 2012.
- ↑ Нови споменици во Центар и во Кисела вода