Љуботен (Скопско)

село во Општина Бутел, Скопје
(Пренасочено од Љуботен, Скопско)
Оваа статија е за скопското село. За други значења, погл. Љуботен

Љуботен — село во Општина Бутел, во околината на градот Скопје.

Љуботен

Поглед на селото Љуботен, од патот Радишани - Љубанци

Љуботен во рамките на Македонија
Љуботен
Местоположба на Љуботен во Македонија
Љуботен на карта

Карта

Координати 42°5′51″N 21°28′18″E / 42.09750° СГШ; 21.47167° ИГД / 42.09750; 21.47167
Општина Бутел
Население 2.688 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25082, 25582
Надм. вис. 762 м
Љуботен на општинската карта

Атарот на Љуботен во рамките на општината
Љуботен на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото Љуботен, се наоѓа на подножјето на планината Скопска Црна Гора, на оддалеченост од 15 километри, северно од градот Скопје. Припаѓа на Општина Бутел во рамките на градот Скопје. Опис на местоположбата на селото Љуботен, дава и Ѓорче Петров кој запишал дека е расположено по долот на Љубанската Река малку по на надвор и на ½ час растојание од него во подножјето на височината која го заградува од лево грлото на Љубанскатa Река[2]. Атарот му се граничи со синорите на Раштак од исток, Љубанци од запад, Стрима и Матејче на север[2]. Местоположбата на Љуботен е стопански многу поволна затоа што искористува разновидни природни услови како што се шумите и пасиштата на планинаската падина на Скопска Црна Гора на север кои се подогни за сточарство и плодното земјиште од неоген тип на југ кое е погодно за земјоделство[3]. Жителите на селото имаат водоснабднување преку водовод, а се користеле и 2 чешми во источниот дел на селото и 6 бунари во западниот дел на селото[3]. На планината Скопска Црна Гора над селото избива силниот извор Башинец за кој мештаните сметаат дека има најубава вода, каква што не може да се најде никаде[3]. Воедно, над селото се наоѓа нај привлечниот реон за селски туризам Башинец за кое во моментот има многу заинтересирани инвеститори, како од земјата така и од странство. На средина на селото протекува Љуботенската Река која истекува од изворот Башинец[3] и го дели селото на помал источен дел каде живеат и Македонци и поголем западен, исклучиво албански населен, дел. Најблиски села на Љуботен се Љубанци со кое е речиси споено на запад и Раштак на исток.

Историја

уреди
 
Средновековната црква Св. Никола (1337) во Љуботен

Љуботен спаѓа во старите села на Скопска Црна Гора и постоело уште од 1337 година, за што сведочи изградбата на црквата Св. Никола која била подигната од властелинката Даница, која најверојатно била господарка на жупата Скопска Црна Гора во времето на царот Душан[3]. За време на отоманското владеење црквата била оштетена и разрушена и таа била обновена во 1928 година[3].

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

Помеѓу денешното население на Љуботен постои доста живо предание во кое се вели дека нивното село на самиот почеток на XIX век било раселено[3]. Старите македонски христијански родови од муслиманите биле приморани на иселување, при што сите жители одеднаш го напуштиле Љуботен и отишле некаде во околината на Ниш[3]. Во тоа време настрадала и била оштетена старата средновековна црква[3]. Народното предание исто така вели дека во празните куќи на христијаните Македонци набрзо биле населени 8 албански домаќинства, а потоа пристигнувале и нови нивни сонародници со што вкушно нараснале до 20 куќи[3]. Од иселените македонски христијански семејства во Љуботен се вратило само едно домаќинство[3]. Доселените Албанци во Љуботен брзо се намножиле и се обогатиле со обработливо земјиште, пасишта на планините и стока, на земја која претходно припаѓала на иселените љуботенски македонски жители и македонските жители на соседните села Љубанци и Раштак[3].

Во Љуботен постоела и друга помала црква во денешниот исклучиво муслимански (албански) населен дел од селото, лево од селската рекичка, кој населението го нарекувало и како „манастирче“, а чиишто остатоци се потполно уништени и тргнати[3]. На местото на таа црквичка куќа изградиле муслиманските албанци Џаферовци, кои подоцна, како што се верува, поради тоа изумреле[3].

За селото Љуботен во средината и на крајот на XIX век записи даваат и македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот и македонскиот револуционер Ѓорче Петров.

Во својот напис „Црна Гора Скопска“ објавен на 15 февруари 1855 година, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за Љуботен (таму запишан како Љуботин) запишал дека било место за прошетка и одмор (расход) на царот Стефан Душан Силни и денес во него стоела црквата (Св. Никола) разрушена над вратите[4]. Во тоа село имало многу разрушени црквишта, манастири и ракописи, но денеска било арнаутско (албанско) и во него не можело да влезе човек[4].

Во својата книга Материјали по изучувањето на Македонија од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека брои 70 куќи, од кои само 5 се македонски, а останатите албански, а според духот се едно: и едните и другите се горделиви и диви, дури и според јазикот се едно зашто и Македонците помеѓу себе повеќе зборуваат албански[2]. Нивната положба среде Албанците е очајна: покрај својата работа принудени се на ангарија да ги работат нивите на Албанците, при што главното занимање на последните се земјоделието, сточарството и пчеларството[2]. Се претпоставува дека некогаш Љуботен било маало на селото Љубанци исто така населено со Македонци кои започнале да го напуштаат селото штом Албанците почнале да се доселуваат[2]. Во селото има џамија, а Македонците одат во црква во Љубанци[2]. Надвор од селото на видно место  има старa, но убава црква која се гледа дури и од Скопје, а која според натписот над нејзината врата таа била изградена од царот Стефан Душан[2].

Во текот на летните месеци јули и август во 2001, Љуботен и неговата околина стануваат воено жариште на воениот конфликт каде се одвиваат жестоки вооружени престрелки помеѓу македонските бранители и безбедносни сили од АРМ и МВР и албанските терористи од ОНА. На 10 август 2001 година во Љуботен се случува познатиот Масакр кај Љуботенски Бачила кога во 8:00 часот наутро откако воениот камион на АРМ нагазил на две противтенковски мини кај месноста Љуботенски Бачила, при што загинуваат осум припадници на резервниот состав на АРМ, заради што започнува полициската акција во Љуботен при што се убиени 10 жители на Љуботен кои учествувале во терористичките активности. За овој случај пред Хашкиот суд за воени злосторства се најдоа тогашниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој беше ослободен од обвинението и командантот на полициската акција Јохан Тарчуловски, кој беше осуден на 12 години затвор.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19481.183—    
19531.271+7.4%
19611.254−1.3%
19711.452+15.8%
19811.613+11.1%
ГодинаНас.±%
1991169−89.5%
19942.035+1104.1%
20022.343+15.1%
20212.688+14.7%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото имало мешано христијанско[5] и муслиманско[6] население, каде имало 8 христијански и 26 муслимански домаќинства. На овој попис биле забележани 26 мажи христијани, со 4 новороденчиња и 95 мажи муслимани со 3 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 256 жители.

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 316 жители.[7]

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, селото Љуботен имало 445 жители, од кои 400 Албанци и 45 Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Љуботен имало 64 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Македонци и 700 Албанци.[10]

На пописот од 2002 година, селото имало 2.343 жители, од кои 115 Македонци, 2.223 Албанци, 1 Србин и 4 останати.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.688 жители, од кои 76 Македонци, 2.561 Албанец, 7 Роми, 1 Србин и 43 лица без податоци.[12]

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[13]

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п. Вкупно
1948 1.183
1953 153 936 172 1 ... 9 1.271
1961 177 838 239 ... ... ... 1.254
1971 162 1.072 216 ... ... 2 1.452
1981 141 1.415 10 2 ... 6 1.613
1991 161 7 ... 1 169
1994 146 1.887 ... 2 2.035
2002 115 2.223 1 4 2.343
2021 76 2.561 7 1 43 2.688

Родови

уреди

Во Љуботен живеат Македонци од православна христијанска вероисповед и Албанци од муслиманска вероисповед.

Македонски православни родови се: Ѓоревци (слават Св. Архангел) се староседелци, кои потекнуваат од предокот Ѓоре кој во Љуботен имал два брата.[14]. На самиот почеток на XIX век кога според преданието сите македонски христијански родови морале да се иселат на север во Србија, таму отишол и Ѓоре со двајцата браќа, а три години подоцна во Ниш него го сретнал „турскиот буљукбашија“ и го наговорил да се врати во родното село[14]. Од повратениот иселеник Ѓоре потекнува денешниот род во кој се знае следното родословие: Блаже (жив на 108 години во 1969)-Коста-Тошо-Ѓоре, основачот на родот[14]. Ќуксанови (слават Св. Ѓорѓи - Ѓурѓиц) се доселиле од селото Чучер на Скопска Црна Гора по 1912, каде имаат истоимени роднини, а подалечно потекло имаат од населбата Јуручка Река на планината Скопска Црна Гора кое веќе не постои[14]. Крушкарови се доселиле од селото Бродец на Скопска Црна Гора по 1912, каде припаѓале на родот Лабурини[14].

Албански муслимански родови се: Елезовци, Дибранци, Чајанци, Карајкови, Дураковци ја сочинуваат групата на првите доселеници , чиишто предци се населиле на самиот почеток на XIX век кога од Љуботен биле протерани старите македонски христијански родови, а дел од нивните родовски презимиња укажуваат од каде доаѓале нивните предци - Дибранци од околината на Дебар, Чајанци од селото Чајан во областа Љума во Албанија (од племето Круези)[14]. Останати албански родови се: Лаковци дошле од некое село на планината Црна Гора, Салаковци дошле од Салаково на Мокра, Дурмишовци, Незовци, Маљовци, Оџовци, Иброви, Максутови, Сефови, Ценови и Тафови се доселиле во XIX век од побилиски и подалечни места на Скопска Црна Гора, додека по Втората светска војна се доселиле Амитови и Невзатови од селото Брест на Скопска Црна Гора[14].

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

Културни и природни знаменитости

уреди
Цркви
Археолошки наоѓалишта[15]
  • Јазирци — осамен наод од римско време
  • Црква — осамен наод од доцноантичко време

Редовни настани

уреди

Личности

уреди

Култура и спорт

уреди

Иселеништво

уреди

Поврзано

уреди
  • Јазирци — историско село во денешниот атар на Љуботен

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 359. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име Трифуноски.
  4. 4,0 4,1 Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници - приредил Блаже Конески - Скопје, Мисла, 1987 г. стр.79
  5. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  6. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на муслиманското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2020.
  7. Верковиќ, Стефан (1889). Топографическо-этнографическій очеркъ Македоніи. Санкт Петербург.
  8. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.206
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година). База на податоци МАКСтат Архивирано на 10 декември 2021 г.. Државен завод за статистика.
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 14,4 14,5 14,6 Трифуноски, Јован (1971). Скопска Црна Гора - природна средина, прошлост, насеља, становништво и привреда (српски). Скопје: Универзитет Кирил и Методиј. стр. 93–96.
  15. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 377. ISBN 9989-649-28-6.

Надворешни врски

уреди