Јонче Неделковски
Јонче Неделковски (роден на 14 јануари 1924 година во село Боровец, Струшко) — македонски интернист-хематолог.[1]
Јонче Неделковски | ||
Роден | 14 јануари 1924 Боровец, Струшко, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Починал | 7 ноември 2012 Скопје, Македонија | |
Националност | Македонец | |
Занимање | интернист-хематолог |
Животопис
уредиРани години
уредиЈонче Неделковски е роден во с. Боровец, Струшко како прво од четирите деца во работничко- земјоделско семејство, од мајка Даница и татко Васил Неделковски. Гимназија започнал во Охрид, a no две години продолжил како стипендист во Горњи Милановац до почетокот на војната во 1941 година , кога се вратил во Охрид каде матурирал. Медицински студии започнал во Софија во 1942 година, а во декември 1943 година ги прекинал поради воените услови. Во 1946 година, продолжил и дипломирал на Медицинскиот факултет (МФ) во Белград во 1951 година како еден од најдобрите студенти на повоената генерација. Специјализација по интерна медицина завршил во Скопје во 1955 година. Својата животна сопатничка, Нада Драгосавлевиќ од Земун, студент на медицина и подоцна лекар специјалист и професор по инфективни болести, ја запознал во 1949 година, додека студирале медицина во Белград и по една година стапиле во брак. Во нивниот брак се родиле две деца: Мирјана, педијатар во Клиниката за детски болести и редовен професор по педијатрија и хумана генетика на МФ-Скопје, и Даница, дипл. архитект, која од 1996 година живее во Сиднеј, Австралија.
Воен период
уредиЗа време на војната го помагал Народно-ослободителното движење, а во септември 1944 година се вклучил во НОБ и во партизанските одреди во Македонија, во Третата македонска ударна бригада и 48-та дивизија, во бригадниот санитет. Во мај 1945 година бил примен во СК и учествувал во борбените дејства за ослободување на Кавадарци, Неготино, Прилеп, Кичево, Гостивар и Тетово, како и во 15-от корпус за пробивањето на Сремскиот фронт. По демобилизацијата во август 1946 година учествувал во повеќе работни акции за обнова и изградба на земјата, меѓу нив за изградба на Мавровските хидроцентрали и на пругата Шамац-Сараево, и бил прогласуван за ударник.
Работен век
уредиВеднаш по дипломирањето на Медицинскиот факултет (МФ) во Белград во 1951 година работел 6 месеци во Одделот за хирургија во Болницата во Штип, под раководство на д-р Јован Пановски, и бил преместен да работи како општински лекар во Дебар следните 4 месеци. Од декември 1951 година се вработил во Клиниката за интерни болести, раководена од проф. Александар Игњатовски и потоа од доц. Димитар Арсов, и започнал специјализација по интерна медицина во Скопје и посебно во доменот на хематологијата, на Првата интерна клиника во Белград во траење од 9 месеци.Специјалистичкиот испит го положил во 1955 година.
Во 1953 година бил избран за асистент, а во 1958 година престојувал три месеци во Лион, Франција, на усовршување од областа на клиничка и лабораториска хематологија. Во јануари 1959 година ја одбранил хабилитацијата на МФ- Скопје, на тема „Прилог кон познавањето на македонските спленомегалии" и потоа, во април истата година, бил избран за доцент. Во 1962 година престојувал два месеца во Хематолошко-трансфузиолошкиот центар во Глазгов, Шкотска. Во 1965 година бил избран (во 1970 година преизбран) во вонреден професор, а во 1974 година во редовен професор по интерна медицина на МФ-Скопје. Во 1967 година бил во Институтот за хематолошки истражувања во Париз, а во 1970 година учествувал на симпозиумот на СЗО за имунолошките проблеми во патологијата во Копенхаген. Како асистент и доцент учествувал во реализација на практична и теоретска настава по интерна медицина и пропе- девтика за студентите по медицина и стоматологија, а од 1969 година Неделковски организирал практична и спроведувал теоретска настава по трансфузиологија, како и оформување на специјалистички кадри и тимови за трансфузиологија и хематологија во Медицинскиот факултет во Скопје и другите центри во Македонија.
Неделковски дал придонес за подобрување на дијагностиката и лекувањето на интерните болести посебно на болестите на крвта и крвотворните органи, имунохематологијата и современата организација на прибирање, обработка и апликација на крв и крвни производи. Организирал и бил предавач на низа стручни и научни состаноци, симпозиуми, конгреси и курсеви за лекари и за средномедицински кадри. Бил претседател на Македонското лекарско друштво од 1962-63 година и главен и одговорен уредник на „Македонскиот медицински преглед“ од 1966 до 1970 година.
Општествено-политичка дејност
уредиНеделковски постојано бил учесник во општествениот живот и извршувал повеќе стручно-општествени, самоуправни и партиски функции во МФ и УКИМ и пошироко на републичко и сојузно ниво. Бил член во 1951-52 и 1960-61, секретар на Управниот одбор на Македонското лекарско друштво (МЛД) од 1952-59 и претседател на МЛД од 1962-63 година. Бил претседател на Судот на честа и член на многу одбори и комисии. Во три мандати бил делегат од Македонија во Сојузот на лекарските друштва од СФР Југославија и во еден мандат во Балканската медицинска унија.
Јонче Неделковски е основач и прв претседател на Секцијата за хематологија и трансфузиологија на Македонија, од 1970-74 година Секцијата за хематологија била организатор на Вториот конгрес на Југословенското здружение за хематологија и трансфузиологија, одржан во Охрид во 1974 година. Тогаш Неделковски бил избран за претседател на Здружението за хематологија и трансфузиологија на Југославија, со мандат од 4 години (1974-78), како и за претседател на конгресниот одбор за наредниот конгрес (одржан во Сараево во 1978 год). Неделковски бил и претседател на Конгресниот одбор на 10-от Конгрес на лекарите на СР Македонија, одржан во Охрид од 27-29.9.1978 година[2] .
Неделковски починал во Скопје во 2012 година.
Литература
уреди- Арсов Д, Давчев П, Милетиќ Д, рецензенти. Реферат за избор на вонр. професор по предметот интерна медицина (Јонче Неделковски) на МФ-Скопје. Билтен на Универзитетот во Скопје, ноем. 1964; 77: 11-15.
- Глигоровски Љ, уредник. Триесет години од основањето на клиниките при Катедрата за интерна медицина, 1975-2005. МФ при УКИМ-Скопје - Катедра за интерна медицина, Скопје, 2005: 109.
- Donev D, Polenakovic М. Contributions of the doctors from Macedonia to the establish-ment and initial development of the Faculty of Medicine in Skopje, Republic of Macedonia. Prilozi-Contributions, Sec. Biol. Med. Sci., MASA 2012;33(2): 239-77. Available from:http://www.manu.edu.mk/prilo- zi/2012 2/20d.pdf4. Donev D, Polenakovic M. Doctors andlecturers from Macedonia elected for the first time at the Faculty of Medicine in Skopje in the period 1955-1960. Prilozi-Contributions, Sec. Biol. Med. Sci., MASA 2013; 34 (3): 121-44. Available at:http://manu.edu.mk/prilozi/01 dd.pdf
- Лазаревски M, Никодијевиќ Б, Велков K, и др. Развој на институциите во рамките на Медицинскиот факултет во Скопје. Во: Лазаревски М, уредник. Медицинскиот факултет во Скопје 1947-1987. МФ-Скопје, 1987:183-345.
- Ристовски Б, главен и одговорен уредник. Македонска енциклопедија, Дел II.Македонска академија на науките и уметностите. Скопје, 2009: 1041.
- Србиновска-Костовска Е, Брешковска Г. Чаловска-Ивановска В, Грчевска Л, Миленковиќ Т, Божиновски Г, Георгиевски Б, Чапароска Д. Катедра за интерна медицина -историјат и развој. Во: Топузовска С, Попова-Јовановска Р, Даневска Л, уредници. 70 Години Медицински факултет во Скопје, 1947-2017. МФ-Скопје, Скопје, 2017: 101-4.
- Стојчевски Т. Осврт врз историјата на хематологијата во светот и во Македонија. Сити Принт-Скопје, 2010: 264 стр.
- Тофоски Ј, уредник. 60 Гсдч11и Македонско лекарско друштво 1945-2005. МЛД, Скопје, 2008: 378.
- Vox Medici. Проф. д-р Јонче Неделковски - Медицината ми беше пред- извик. Vox Medici 2002; 10(34): 23-6
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Неделковски“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1041. Text "series " ignored (help)
- ↑ „ЗА ДОАЈЕНИТЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ“ (PDF). Проф. g-p Дончо ДОНЕВ. Посетено на 2020-08-22.