Доктор Фаустус (германски: Doktor Faustus) — роман на германскиот писател Томас Ман од 1947 година.

Доктор Фаустус
Корица на првото европско издание
АвторТомас Ман
ЗемјаГерманија
ЈазикГермански
ЖанрФилозофски роман
Издадена
1947
МедиумПечатена

Осврт кон делото

уреди

„Доктор Фаустус“ е последниот завршен роман на Ман. Во него, тој ја прикажал својата најостра осуда на нацизмот. Во ликот на еден болен, генијален музичар и во неговиот трагичен живот, Ман симболично ја опишал современата историја на Германија. Според зборовите на авторот, тој сакал да напише „роман на својата епоха“.[1] Во својот есејГерманија и Германците“, кој го напишал непосредно пред завршувањето на романот „Доктор Фаустус“ икој претставува еден вид предговор кон романот, Ман пишува за романтиката како волшебен израз на германската чувствителност, за патинираноста на душата која опасно се сродила со демонските, ирационални животни сили. Тој вели дека Германците се народ на романтичната контрареволуција против филозофскиот интелектуализам и рационализам од времето на просветеноста. Притоа, романтизмот на високата техника се претворил под Хитлер во хистерично варварство, инспирирано од идејата за поробување на светот. Токму тоа е суштината и духовната насока на „Доктор Фаустус“. Фауст, кој по класицистичкото сфаќање го претставува идеалниот лик на истражувачкото и двојното германско битие, подоцна се преобратил низ призмата на романтиката, за најпосле во епохата на Хитлер да се претвори во трагична пародија. Така, композиторот Адријан-Фауст се одрекува од љубовта и од хуманистичкото сфаќање и за да го создаде делото тој запаѓа во апокалипсата и пропаста, а уметноста се претвора во ѓаволско дело, во споулавена пропаст, а тој се одвојува од човечката заеница. По појавата на „Доктор Фаустус“ се почувствувала погодена не само Хитлеровата Германија, туку Германија воопшто, така што дури многу подоцна во германската книжевна критика било присутно решителното негирање на ова дело. Сепак, оваа мрачна книга не е само прекор, туку самоанализа и критика на германската душа. Во таа смисла, пред појавувањето на делото во јавноста, Ман напишал: „Далеку е од нас помислата дека сега Германија конечно ја зел ѓаволот. Милоста е повисока од секое крваво писмо. Јас верувам во неа и верувам во иднианата на Германија, независно од тоа колку нејзината стварност изгледа очајно.“[2]

Интересно, по објавувањето на романот, познатиот композитор Арнолд Шенберг го напднал Ман поради тоа што во романот го премолчил неговото име, а ги споменал Клемперер, Бруно Валтер и некои други музичари, така што некое идно поколени би можело да помисли дека творецот на дванаесеттонскиот систем е Адријан Леверкин, а не Шенберг. Исто така, Шенберг бил навреден и поради тоа што главниот лик во романот запаѓа во лудило, а неговото дело пропаѓа. На јавното обвинение кое Шенберг го поднесол во весниците, Ман одговорил скромно и помирливо: „Јас искрено се надевам дека Шенберг ќе го напушти чувството на сомнеж и огорченост, и дека тој ќе го најде душевниот мир во нашето сфаќање на неговата големина и слава.“[3]

Наводи

уреди
  1. Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 140.
  2. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во: Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXIX-XXX.
  3. О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во: Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXX-XXXI.