Блаце (Скопско)

село во Општина Петровец

Блаце — село во Општина Петровец, во областа Блатија, во околината на град Скопје.

Блаце

Поглед на селото Блаце од спомен обележјето на паднатиот хеликоптер на АРМ

Блаце во рамките на Македонија
Блаце
Местоположба на Блаце во Македонија
Блаце на карта

Карта

Координати 41°52′17″N 21°39′54″E / 41.87139° СГШ; 21.66500° ИГД / 41.87139; 21.66500
Општина Петровец
Население 22 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 25112
Надм. вис. 400 м
Блаце на општинската карта

Атарот на Блаце во рамките на општината
Блаце на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото Блаце се наоѓа во југоисточниот дел на Скопската Котлина од десната страна на реката Пчиња, а неговиот атар лежи помеѓу теченијата на Вардар и Пчиња[2]. Блаце е сместено на само 3 километри оддалеченост од Катланово, односно 30 километри од главниот град Скопје и 17 километри од општинскиот центар Петровец. Селото е ридско и е расположено на надморска височина од 400 метри[3]. Блаце припаѓа под областа Блатија и Општина Петровец, брои околу 30 жители сите од македонска националност по вероисповед православни христијани, сместени во неколку куќи. Атарот на село Блаце е мошне голем и зафаќа повшина од 27 км2, од кои на шумите отпаѓаат 1843,4 ха, на обработливото земјиште 530,1 ха, а на пасиштата 281,4 ха[3]. Со вода селото се снабдува од чешмите Стара Чешма, Нова Чешма, Ветовица и Акиица кои се наоѓаат во селото како и две надвор од селото Ѓунѓевец и Тодина Дупка[4] (на патот за Катланово). Низ Блаце минува асфалтниот пат кој води од Катланово кон Кожле. Местоположбата на селото Блаце се наоѓа на доста значајно географско стратешко место, за што за ваквото стратешко значење на местоположбата на овој предел, македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 запишал дека клисурите на Вардар и на Катланово (долината на Пчиња) лесно може даа се владеат од височината над Блатото кај селата Блаце и Таор, но влезот во полето откај Коњарската Клисура по кочанскиот пат е тежок за одбрана[5]

Историја

уреди

Најстариот историски спомен за Блаце се среќава во средновековниот период, односно во повелбата од 1353 година кога царот Стефан Душан на серскиот митрополит Јаков му го подарува манастирот Св. Никола на Пчиња кај село Кожле заедно со селото Блаце[6]. По потпаѓањето на Македонија под османлиско ропство, средновековното село Блаце се раселило, и повторно било обновено кон крајот на XVIII век од страна на Македонците од некогашното село Румја Лака кое било сместено во рамничарското земјиште веднаш покрај Пчиња на 600 метри оддалеченост од денешното село Блаце[6]. Според народните кажувања, свињите кои ги чувале жителите на Румја Лака им правеле многу штети на муслиманите кои тогаш живееле во Бадар, при што овие ги истерале жителите на Румја Лака кои се преселиле на местото каде што имале бачила, 600 метри погоре во ридовите каде што е денешното Блаце[6]. Сепак, на ова зарамнето место на билото на ридскиот предел најверојатно имало населба уште во раниот среден век бидејќи во селската црква Свети Ѓорѓи е изградена во периодот на XVI и XVII век на темелите на некоја постара црква којашто повеќепати била споменувана во некои историски прикази засредновековните цркви и манастири[3]. Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров за селото Блаце запишал дека е расположено над Бадер на тепето на таканаречената Блатечка Рупа којашто го исполнува пространството меѓу Блато и Пчиња, а неговите жители блачани се риболовци и рогозинари[5].

Блаце стана многу актуелно по 12 јануари, 2008 година, кога во негова близина се сруши хеликоптер од типот МИ-17 на Армијата на Република Македонија со 11 припадници на мисијата на АРМ во Босна и Херцеговина, кои после шестмесечната мисија се враќаа дома. Сите 11 припадници на АРМ трагично го загубија животот. Несреќата се случи при самото слетување на аеродромот Александар Велики на само 10 км оддалеченост од него.

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.

Потекло и значење на името

уреди

Потеклото на името на селото потекнува од деминутивната форма од зборот блато што означува блатно, калливо, мочурливо земјиште, односно застоена вода и поголемо место со кал[7], каква што е впрочем непосредната околина на селото Блаце покрај реката Пчиња и некогашното Катлановско Блато. Од историските записи е познато дека селото некогаш било подолу блиску до Пчиња, во мало блато (бла(т)це) што настанувало од поплавите на реката[7].

Стопанство

уреди

Според составот на атарот Блаце има мешовита земјоделска функција[3], но поради малиот број на жители стопанските дејности се многу мали. Малкуте постојани жители, како и некогашните жители кои сè уште имаат имоти во селото, се занимаваат со земјоделство и сточарство. Теренот околу селото е одличен за козарство, па така најзастапени се одгледувањето на кози, а во многу мала мера и овци, кои претежно се во сопственост на претпријатија или лица од Скопје и околните села. Застапено е и живинарството, односно одгледувањето на кокошки и гуски. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на житни култури во рамничарскиот предел крај реката Пчиња како и на потегот веднаш западно до селото. Најмногу се одгледува пченица, а потоа пченка и јачмен. На ридскиот предел околу Блаце е застапено и лозарството и овоштарството (јаболка, круши, цреши, сливи). Во минатото населението на Блаце се занимавало и со риболов во вировите (денес езерца) на реката Пчиња, како и со сечење на трска од Катлановското Блато од која подоцна плетеле рогозини или ја искористувале за покривање на градби и огрев, а се правеле и „зембили“ и столчиња кои се продавале во Скопје[8]. За занимањата на жителите на Блаце на крајот на XIX век, Ѓорче Петров запишал дека блачани биле риболовци и рогозинари[5].

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948369—    
1953400+8.4%
1961282−29.5%
1971150−46.8%
198160−60.0%
ГодинаНас.±%
199141−31.7%
199431−24.4%
200229−6.5%
202122−24.1%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било христијанско, каде имало 27 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 84 мажи христијани, со 5 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 178 жители.[9]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Блаце живееле 315 жители, сите Македонци.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Блаце имало 360 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 350 Македонци.[12]

Селото Блаце бележи голем пад на бројот на населението, па така во 1961 година броело 282 жители, а во 1994 година броот се намалил дури на 31 жител, сите Македонци[3]. Во денешно време, повеќето куќи во селото се обновени викендички на некогашните жители и нивните потомци, кои доаѓаат во селото преку пролетта, летото и есента за викенд, одмор, а некои и ги обработуваат своите имоти претежно со овоштарници.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 29 жители, сите Македонци.[13]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 15 Македонци и 7 лица без податоци.[14]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 315 360 369 400 282 150 60 41 31 29 22
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[15]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[16]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[18]

Родови

уреди

Во антропогеографските испитувања на Јован Трифуноски вршени кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години на XX век, за населението на Блаце се забележани повеќе македонски родови, меѓу кои и старинци од поранешното село Румја Лака кои кон крајот на XVIII век го основале денешното село Блаце. Старинечки родови, дојдени од Румја Лака се Богдановци, Грковци, Шулеви, Јовчевци и Мартиновци. Доселенички родови се: Китанови, Дојчиновци и Велковци од село Добрино (во сливот на Кадина Река), Цепеноглавци од село Никуштак (Кумановско), Спасевци, Матовци, Боцеви од соседното село Пакошево, Бошковци, Кожланци од соседното Кожле припадници на тамошниот старинечки род Шипковци[19], Лунџови. Сите родови се православни Македонци.

Културни и природни знаменитости

уреди

Цркви

уреди
  • Црква „Св. Георги Победоносец“ - Блаце, селска црква изградена во периодот на XVI и XVII век на темелите на некоја постара црква којашто повеќепати била споменувана во некои историски прикази засредновековните цркви и манастири[3].

Редовни настани

уреди

Празнување на Св. Атанас , Св. Илија и Ѓурѓовден.

Иселеништво

уреди

Селото Блаце спаѓа во селата од Скопска Котлина кои имаат дадено најголем број на иселеници, од кои најголемиот дел се иселиле во Ново Село, Катланово, Инџиково, ’Ржаничино, Петровец, Скопје и Америка[8].

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 30
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија. стр. 30–31.
  4. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 83
  5. 5,0 5,1 5,2 Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 488. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „gjorcepetrov“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  6. 6,0 6,1 6,2 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 84
  7. 7,0 7,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија. Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 58.
  8. 8,0 8,1 Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 85
  9. Османлиски документи за историјата на Македонија - пописи од XIX век на христијанското население - Скопски Санџак, каза Скопје. Скопје: д-р Емил Крстески. 2021.
  10. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.207
  11. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.114-115.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  14. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  15. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  16. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  17. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  18. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  19. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 84-85

Надворешни врски

уреди