Здуње (Порече)

село во Општина Македонски Брод
(Пренасочено од Здуње(Македонски Брод))

Здуње — село во Општина Македонски Брод, во областа Порече, во околината на градот Македонски Брод.

Здуње

Панорамски поглед на селото Здуње

Здуње во рамките на Македонија
Здуње
Местоположба на Здуње во Македонија
Здуње на карта

Карта

Координати 41°48′34″N 21°9′38″E / 41.80944° СГШ; 21.16056° ИГД / 41.80944; 21.16056
Регион  Југозападен
Општина  Македонски Брод
Област Порече
Население 1 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6535
Повик. бр. 045
Шифра на КО 03019
Надм. вис. 520 м
Здуње на општинската карта

Атарот на Здуње во рамките на општината
Здуње на Ризницата

Денес, старото село Здуње е потопено со вештачката акумулација Козјак. На жителите им биле изградени куќи над линијата на водата на новото езеро.

Топонимија

уреди
 
Дел од селото, од патот Нова Брезница-Кула преку резерватот „Јасен

Топонимите или називите на месностите во атарот на село Здуње како и во околината на самото село се од словенско потекло. Топонимите во зависност од коренот на своето потекло можеме да ги поделиме на неколку видови.

Патроними

Патронимите се називи на места кои го добиле своето име по лични имиња, односно личности кои ги поседувале тие места или пак подолго време престојувале, живееле во тие места. Името Оча (се мисли на реката) претставува изведенка од личните имиња: Оливер, Јован или Вангел и за првпат се појавува во XIV век. Во долината на река Оча постои месност Коломот што е двосложенка од личното име Колон кое се јавува во XV век и зборот “мост“ што би значело Колонов мост за премин преку Оча, но со текот на времето го добило сегашното име.

Северно од село Здуње се издига малиот рид Куклојца, а името на овој рид потекнува од личното име Куко + ло и се јавува во XIV век. Во западното подножје на Куклојца на десниот брег на реката Треска се простира месноста Бојќевци кој назив е двосложенка, а првата компонента е Бојо или Бојко и датира од XIV век. На оддалеченост од 3,5 км јужно од Здуње се наоѓа месноста Цуцул кој назив е двосложенка од личното име Цуце(е)+ул и потекнува од XVI век. Во атарот на село Здуње други називи на месности кои се добиени по лични имиња се следниве: Певци, Белково, Деспотов рид, Ѓуролоква, Драганов дол, Кочолоква, Кочов рид, Дојчино трло, Ѓурчолоква, Ѓуроска нива, Петреа нива, Иванче, Живкој рупи, Стојоа шија, Атанасица, Цегарев камен, Еѓуптина, Тодоропевче, Парасов дол, Митронивиче, Булуноец, Стојмиркино нивче, Брајанова нива, Бојо трло.

Хидроними

Хидронимите се имиња на месности кои означуваат дека во тие места има вода. Во атарот на село Здуње хидроними се следниве топоними: Здунска вода, Бунари, Кочолоква, Ѓуролоква, Ѓурчолоква, Чешма, Извор, Вирој.

Фитоними

Фитоними се имиња на месности кои водат потекло по растенија, односно од билниот свет. Како што се: Горна Круша, Дрен, Лозје, Смрека, Пикиски лозје, Смоквино ѓубре, Папрадница, Капина, Боров дол, Церов дол, Ливади, Липојца, Кофилница.

Зооними

Зооними се називи кои потекнуваат од животинскиот свет и тоа се следните: Мачин дол, Лисец, Јареница, Козарник, Шиљегарник, Гоедин дол, Пупунец, Грличица, Јастребец, Соколица и Оролака.

Имиња на места по светци, манастири, цркви, свештени лица или култни места

Во атарот на село Здуње постојат месности кои јасно укажуваат дека во тие места се наоѓале сакрални објекти, култни места или пак престојувале свештени лица или се сместени гробишта. Такви топоними се: Манастириште, Мала црква, Црква, Црковни дол, Црковни шии, Црквиште, Света Недела и Поповјани.

Имиња на места по населби и објекти

Имиња на месности во кои во минатото се наоѓале населби или градби се: Градец, Подградец, Старо село, Племниште, Стар мос, Мост, Воденица.

Места во кои се одвивала некоја дејност

Имиња на места во кои се одвивала некаква стопанска активност се: Пералиште, Слај Брот, Навијалка, Гумниште, Гуменешник.

Имиња на места по составот на почвата и конфигурацијата на теренот

Во атарот на село Здуње имиња на месности кои водат потекло по составот на почвата и конфигурацијата на теренот се: Лоишта, Пореди, Подец, Голем Осој, Присој, Големо Подиште, Голема Пеш, Гноиште, Парожник, Песка, Беленица, Теме, Ќуле, Длабоки дол, Широки дол, Јара Чука, Веља Преслоп, Кршени камења, Крастаец, Гарушица, Лутоец, Лутешница, Долно Црнато, Горно Црнато, Мала Чука, Голема Чука, Пустош, Подиште, Засечиште, Бигор, Криви дол, Бигринец, Влак Суварец, Грлце, Клин, Меѓугребен, Тапани, Добри дол, Црн врв, Лом, Требеници, Наздуф, Голема нива, Јалојдолци, Садојца, Огради, Космотов рид, Голина, Босна лака, Шоко лака, Поле, Штрбина, Солишта, Мелца, Плештеец.

Топоними од митолошко потекло

Топоним од митолошко потекло е Вражја воденица, додека називи на места на кои не може јасно да се одреди нивното значење се: Потпетрушка и Глобарница.

Географија и местоположба

уреди
 
Новоизградените куќи во селото

Населбата се наоѓа во областа Порече, во најсеверниот на територијата на Општина Македонски Брод. Селото е сместено на алувијална рамнина, непосредно до реката Треска.[2] Нејзиниот атар нашироко се допира со подрачјето на Општина Брвеница. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 520 метри.[2]

Атарот е мошне голем и зафаќа површина од 69,4 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.571,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 153,8 хектари, а на обработливото земјиште 141,1 хектар.[2]

Селото се наоѓа во средниот дел на долината на река Треска во северниот дел на областа Порече на висока карпеста подлога која се надвиснува на околу 100 метри над левиот брег на реката во месноста „Наздув“, која терасесто се спушта на југ кон Здунско Поле.

Од западната страна се протега масивот на Сува Гора со највисоката точка Голина (1.546 м.), а над селото е ридот „Теме“ со врвот „Ќуле“ (658 м.). На североисточната периферија се издига ридот Градец (545 м.), а од источната страна Космотов Рид и Белково. Од северната и јужна страна е отворен простор.

Населението во село Здуње е распоредено во неколку маала: Шарковци, Грубановци, Белчевци и Мечкаровци.

Сообраќај

уреди

Покрај селото Здуње на десниот брег на Треска поминува патната комуникација М.Брод-Здуње која под ридот Градец се дели на три делници. Едната делница се искачува угоре по долината на планинската рекичка Оча и преку Капина и преслапот Кула избива кај селото Нова Брезница и по Патишка Река кон Скопско. Вториот крак од овој патен правец продолжува по клисурата на Треска и преку подножјето на планината Осој (Ивање) оди преку Матка за Скопје. Од оваа делница еден пат преку ридот Брикул (Лукојца) излегува во Полог кај селото Групчин. Третата делница преку мостот на треска се враќа кон селото Здуње и преку Мачин долГорна Круша се искачува на ридот Голина (1546 м) и преку Сува Гора се спушта во Полог кај селото Блаце. Од селото Здуње планински пат води над селото Близанско преку планината Фојник кон селата на Горно Порече.

Хидрографски и почвени услови

уреди

Самиот топоним „Наздуф“ јасно зборува дека селото Здуње е изложено на северни ветрови. Климата се одликува со жешки лета и со умерени, но магловити зими. По текот на Треска се чувствува влијанието на климата од Егејот.

Покрај селото Здуње тече реката Треска. На оддалеченост од 600 метри североисточно од Здуње, во јужното подножје на ридот Градец во Треска се влева реката Оча. Горе во селото нема вода за пиење и задоволување на домашните потреби. Населението со вода се снабдува од два извора. Првиот извор е „Шаркоски извор“ и се наоѓа на левиот брег на Треска на 300 метри источно од маалото Шарковци. Вториот извор се наоѓа во месноста „Воденица“ во меѓуречието на Оча и Треска. Во атарот на село Здуње во месноста „Манастириште“ се наоѓа изворот на „Здунска вода“, а исто така на 1,5 км северно од селото во месноста „Еѓуптина“ на левиот брег на Треска има извор на вода.

Историја

уреди
 
Изложени предмети од наоѓалиштето Градиште

Во историските документи селото Здуње за првпат се среќава во правните документи – грамоти од бугарскиот цар Константин Тих Асен и од српскиот крал Милутин.

Константиновата грамота датира од 1258 година, а е издадена за Виргинскиот манастир во која се потврдуваат и прошируваат имотите од претходните владетели подарени на манастирот.

...„Селото Здуње во гората со заселците Близниско, Мокросеки, Големи Под со Поповјани, со виногради, ниви, воденици, зимовишта, летовишта, со планини и со ловиште ѕверно и рибно и со забели и со права и привилегии на тие села. Селата Здуње, Сушица, Градечница, Брод со Сланско и со Барбарас и Крапа се парички и не се даваат во мираз и не се оттуѓуваат и се ослободуваат од надлежностите на локалниот епископ и се ослободени од плаќање ексаршина“...


Во Милутиновата грамота од 1300 година во целост се потврдуваат и прошируваат имотите на манастирот „Св. Ѓорѓи“ од Скопје. Во членовите 37 и 38 се вели дека на селото Здуње му се одзема селото Градечница, но како противвредност му се подарува посебен метох, Света Недела и се проширува синорот на село Здуње, дури до Калуѓерец и до рибникот во с. Белица.

Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) со 20 семејства и 4 неженети, сите христијани.[3]

Во XIX век, Здуње било село во Поречката нахија на Кичевската каза на Отоманското Царство.

Вкупно 4 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]

Стопанство

уреди

Селото има полјоделско-сточарска функција.[2]

Обработливите површини се сместени покрај реките Треска и Оча, на јужната периферија на селото е Здунско Поле, потоа во месноста „Даброец“ и по благите падини на околните ридови.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948474—    
1953522+10.1%
1961533+2.1%
1971352−34.0%
198188−75.0%
ГодинаНас.±%
199126−70.5%
199423−11.5%
200220−13.0%
20211−95.0%

Во прегледот на населението за Битолскиот санџак за 1897 година селото Здуње брои 34 куќи со 287 жители.

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Здуње имало 260 жители, сите Македонци.[5] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Здуње имало 320 жители.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Здуње се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 40 куќи.[7]

Во пописот извршен од српските власти во 1914 година Здуње брои 295 жители.

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[8]

Од Здуње грото од населението се иселило. Така, во 1961 година селото броело 533 жители, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 23 жители, македонско население.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Здуње имало 20 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1 жител, Македонец.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 260 320 474 522 533 352 88 26 23 20 1
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Родови

уреди

Сите жители се по националност Македонци од средновековното племе Брсјаци. На сите маала односно на сите куќи во селото домашни слави им се: Петровден и Воведение Богородичино (Пречиста). Петровден воедно е и црковна слава на црквата „Св. Петар и Павле“ во село Здуње. Празникот Пречиста се слави и втората вечер на самиот ден.

Маалото Шарковци е сместено на југозападниот крај на селото кон селската црква на мала оддалеченост од останатите маала. Во ова маало околу 1800 година се населува семејството на Богдан од селото Горно Фалише, денес опустошено село кое било сместено во атарот на селото Стенче во Полог. Богдан со своите четири сина: Јован, Костадин, Ване и Јанкула поради големите зулуми што му ги направиле Турците бил принуден да се исели од селото Горно Фалише и се населил во селото Букурци во долината на реката Треска, кое исто така денес е опустошено село, а се наоѓало во месноста „гургуровски лаки“. Меѓутоа и во селото Букурци, Богдановото семејство не се задржало многу долго поради номадскиот начин на сточарење и се населува во село Црешнево, а од таму конечно се населува во селото Здуње каде и останува да живее во маалото Шарковци. Затоа се вели дека и потеклото на сите жители од Здуње кои се од маалото Шарковци се лица кои се сточари.

Маалото Грубановци како најголемо маало е сместено на 200 метри северно од Шарковци и со другите маала прави една целина. Името на ова маало потекнува од личното име Гроубан кое се јавува во XV век. Од ова маало голем број на семејства се населиле во соседното село Близанско. Маалото Грубановци е составено од следниве родови: Милевци, Анѓелковци, Атанасовци, Таневци, Гуровци, Симјановци, Анаќиовци и Змејковци.

Маалото Белчевци го зазема средишниот дел од селото и води потекло од личното име Бел кое се јавува во XIV век. Маалото Белчевци го сочинуваат следниве семејства: Лазаровци, Блажевци, Здравевци, Тримчевци и Миленковци.

Маалото Мечкаровци го зафаќа источниот дел од селото и терасесто се спушта кон југ према полето. Името потекнува од личното име Меч(о) кое се јавува во XV век.

Општествени установи

уреди
  • Поранешно основно училиште „Кирил и Методиј“

За првпат основно училиште на народен јазик во село Здуње е отворено во 1908 година. Училиштето било сместено во приватна куќа во маалото Мечкаровци која денес не постои. Во учебната 1930/31 година е отворена сегашната зграда на основното училиште „Кирил и Методиј“. Денес, оваа зграда како и сите куќи во селото Здуње се потопени со вештачката акумулација на езерото Козјак.

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Македонски Брод, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што кон нејзе била придодадена поранешната Општина Самоков. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Самоков.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Здуње, во која влегувале селата Близанско и Здуње.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Растеш, во која покрај селото Здуње се наоѓале селата Битово, Близанско, Волче, Горно Ботушје, Долно Ботушје, Заград, Косово, Растеш и Требовље.

Во периодот 1955-1957, селото било дел од тогашната општина Манастирец.

Во периодот 1957-1965, селото се наоѓало во некогашната општина Брод.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Брод.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 0266 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватна просторија.[14]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[15] На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 7 гласачи.[16]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Црквата „Воведение на Пресвета Богородица“, преместена при потопувањето на селото, на местото на денешните гробишта
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Бошевци — црква и некропола од средниот век;
  • Градиште — населба од доцноантичко време;
  • Подградец — населба од доцноантичко време;
  • Св. Недела — црква и некропола од средниот век;
  • Оча — некропола од раниот среден век;
  • Црквиште — црква од средниот век;
  • Цуцул — населба од рисмко време и среден век;
  • Куклојца — населба од доцноантичко време и среден век;
  • Потпетрушка — светилиште од раниот сред век;
  • Засечишта — населба од средниот век; и
  • Старо Село — населба и некропола од средниот век;
Цркви[18]
Реки[19]
Езера

Личности

уреди

Родени во Здуње

  • Анѓеле Трајкоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[20]
  • Јандре Петрески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[20]
  • Насте Неданоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[20]
  • Паун Анѓелески — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[20]
  • Спасе Шаркоски — загинат во Балканските војни / Првата светска војна[20]
  • Милорад Апостолоски (1922 - 1945) — македонски партизан, загинат во НОБ.[21]
  • Стојан Тодороски (? - ?) — македонски партизан, загинат во НОБ.[21]
  • Трајко Стојаноски (1914 - 1944) — македонски партизан, загинат во НОБ.[21]
  • Трендафил Грозданоски (1915 - 1944) — македонски партизан, загинат во НОБ.[21]
Починати во Здуње

Иселеништво

уреди

Процесот на миграција од селото Здуње во рамките на државата започнува набргу по ослободувањето, а кулминација достигнува во периодот 1970-1980 година кога најголем број на домаќинства го напуштаат селото за подобар живот. Како основни причини за миграцијата се економските побуди, но ако ги анализираме факторите кои доведоа до ваква состојба ќе констатираме дека најголем удел има погрешната политика на народната власт во областа на аграрот.

Имено најпрво е забранета за сообраќај патната комуникација Здуње-Капина-Кула-Брезница-Скопје, а со тоа ова село е ставено во една изолација од останатиот свет, а се поради тесните интереси на поединци од тогашната власт. Со законот за забрана за чување и одгледување на козите од 1950 година беше нанесен тежок удар на сточарството, а посебно козарството, а со тоа и на развојот на селата во Македонија. Овој пасивен крај поседува идеални услови за развој на оваа гранка на сточарството. Потоа со укинувањето на работите од областа на шумарството, односно со престанок на работата на фабриката за терпентин и калофон „Капина“ сместена во истоимената месност во атарот на село Здуње своја издршка загубија поголем број на семејства. Имено според пописот извршен во 1953 година од Здуње во областа на шумарството на работа во фабриката или на „белење“ на бор работеле само 23 работника. Со прогласувањето на ловниот резерват „Јасен“ големи земјишни површини, обработливи земјишта и планински пасишта без насилно одземени, а со тоа смалени приходите на земјоделските задруги. Врв на сите овие маки на селаните беа катастрофалните поплави од ноември 1962 година кога најплодните ораници, ливади, овоштарници покрај Треска беа исполнети со песок и чакал. Сепак ако погледнеме и од друг агол ќе се констатира дека и немањето на здравствена амбуланта за давање на елементарна здравствена заштита на населението, немањето на училиште за продолжување на образованието на децата, патни врски и вода во селото, се причини поради кои се забрзала и миграцијата во овој крај.

Населението од село Здуње главно се иселува во селата на соседните котлини: Пелагонија, Полог, Скопската Котлина, мал број во Тиквешијата, а поединечни семејства во градовите во рамките на бившата СФРЈ како и во странство.

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 129. Посетено на 6 август 2017.
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.236
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 258.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 156-157.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 36.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 август 2017.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 16 октомври 2017.
  15. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-05-29. Посетено на 16 октомври 2017.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 5 мај 2019. Посетено на 5 мај 2019.
  17. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  19. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 53 и 72. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  20. 20,0 20,1 20,2 20,3 20,4 Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.257
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 . Крајчески, Цуте (2017). Порече (1943 - 1945). Скопје: Државен Архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  22. Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.222

Надворешни врски

уреди