Црква „Воведение на Пресвета Богородица“ - Здуње

црква во селото Здуње

Воведение на Пресвета Богородица (нарекувана и Пречиста) — гробјанска црква во поречкото село Здуње, во чиј двор се наоѓаат и селските гробишта.[1]

Воведение на Пресвета Богородица

Поглед на црквата заедно со камбанаријата и вештачкото езеро Козјак

македонска православна црква
Епархија Дебарско-кичевска
Архијерејско намесништво Бродско
Парохија Манастиречка
Местоположба

Карта

Координати 41°47′59″N 21°09′08″E / 41.79972° СГШ; 21.15222° ИГД / 41.79972; 21.15222Координати: 41°47′59″N 21°09′08″E / 41.79972° СГШ; 21.15222° ИГД / 41.79972; 21.15222
Место Здуње
Општина Македонски Брод
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Пресвета Богородица
Изградба XVII век
Живопис XVII век
1922
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Црквата е сместена во јужниот дел на селото во месноста „Црква“, каде се наоѓаат и самите селски гробишта. Подигната е на карпеста подлога.

Историја уреди

Црквата Воведение на Пресвета Богородица (Пречиста) во село Здуње за време на Првата светска војна е опљачкана од бугарскиот окупатор. Според извештајот на свештеникот на црквата Јефтимије Лешниковиќ од црквата било одземено: вредност од 250 динари, готовина на пари 150 динари, 100 парчиња на штици во вредност од 100 динари или вкупно направена штета од 500 динари.

Во друг документ од тоа време се наведува дека од оваа црква е уништен еден пар на свештеничка облека, а земени се црковни книги и тоа еден општ минеј и еден часослов.

Архитектура уреди

Црквата претставува еднокорабна градба, која на источната страна има тространа апсида со полукружен свод и двосливен кров од ќерамиди. Црквата е ѕидана од кршен камен, а за обликување на фасадата е користена тула.

Во јужниот крај од гробиштата се наоѓа помошен објект „тремница“. Објектот е во правоаголна основа, граден е од кршен камен во комбинација со бигор. Целата источна страна е отворен простор конструиран со диреци со башлаци, со парапет од убаво обработени штици. Во овој објект верниците се собирале на ручек за време на погреби и верски празници.

Фрескоживопис уреди

Поседува два слоја на живопис. Првиот слој, кој е во фрагментирана состојба, потекнува од првите децении на XVII век од градењето на црквата, а со вториот слој е прекриена во 1922 година.

Од првиот слој на живопис е сочувана главата на ангелот од сцената „Рождество Христово“, делови од сцената „Крштевање“ и дел од „Влегувањето во Ерусалим“, фрагмент од сцената „Успение на Пресвета Богородица“ и лик на бессребреникот Кузман.

По вторпат црквата е живописана во 1922 година од авторите Косто Николоски и неговиот син Теодосиј од Лазарополе.[2]

Иконостас уреди

Во внатрешноста на црквата има двокатен иконостас од 19 век со престолни икони.

Селски гробишта уреди

Околу црквата се сместени селските гробишта. Според обичајот и религиозните сфаќања погребувањето на некрстените деца се вршело „пот црква“, односно под апсидата. Постарите гробови претставуваат камени саркофази „вечни куќи“ кои се градени од камен и бигор. Посебно внимание привлекуваат епитафите на крстовите на гробните плочи од културолошки и јазичен аспект, бидејќи го одразуваат времето кога се подигнати.

Камбанарија уреди

Во дворното место од западната страна на црквата била подигната ѕидана камбанарија која поради руинираност се разурнала, а со ангажирање на црковниот одбор од селото Здуње ѕвоното е подигнато на метална конструкција која не се вклопува во амбиентот на средината.

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Чалоски, Томо. „Здуње“. Архивирано од изворникот на 2016-09-26. Посетено на 14 август 2017.

Надворешни врски уреди