Едит Пјаф
Едит Пјаф (француски: Édith Piaf) , родена како Едит Џована Гасион на 19 декември 1915 во Париз, почината на 10 октомври 1963 во Грас, била француска пејачка и културна икона која "речиси универзално се гледа како најголемата француска пејачка ѕвезда."[1] Уште на своите почетоци наречена « la Môme Piaf (девојчето Пјаф)», светот ја познава по песните како што се La Vie en rose, Non, je ne regrette rien, Hymne à l'amour, Milord и др. Таа била инспирација на многу композитори, била ментор на многу млади уметници и стекнала меѓународна слава. Нејзиниот глас одѕвонувал низ сите светски арени сè до крајот на кариерата кога се соочила со тешки здравствени проблеми. Едит Пјаф, освен како пејачка се појавила и како артистка реализирајќи неколку улоги театарски и кинематографски улоги. Со необична личност и глас, таа останува една од најславните икони кои се препознатлив знак на нејзината земја. Одлика за неа, освен специфичниот глас и неизмерниот талент, била и самата нејзина појава заедно со малото црно фустанче по што лесно била препознатлива.
Едит Пјаф | |
---|---|
Основни податоци | |
Родено име | Édith Giovanna Gassion |
Познат(а) и како | La Môme Piaf (Малото врапче) |
Роден(а) | 19 декември 1915 Париз, Франција |
Починал(а) | 10 октомври 1963 (возраст: 47) Plascassier, France |
Жанр(ови) | кабаре, |
Занимање/ња | пејачка, текстописец, глумица |
Инструменти | глас |
Години на активност | 1935 – 1963 |
Животопис
уредиДетство
уредиИ покрај големиот број биографии, голем дел од животот на Пјаф останува мистерија[2] Таа се родила како Едит Џована Гасион[3] во Белвил, Париз, квартот на многу имигранти. Се смета дека се родила токму на улицата Ри де Белвил 72, но во изводот од матичната книга на родените се наведува болницата Тенон,[4] болница за 20-тиот округк, каде и се наоѓа Белвил. Се родила на 19 декември 1915 во сиромаштија, како ќерка на Луј Алфонс Гасион, циркуски изведувач и на Анета Мајард, пејачка, позната под уметничкото име Лин Марса.
Ја крстиле Едит по британска болничарка од Втората светска војна, Едит Кавел, која им помагала на француските војници заробени од страна на Германците. Пјаф — париски збор за "врапче" — било прекар што таа го добила 20 години подоцна.
Мајка ѝ, премногу сиромашна за да се грижи за неа, уште малечка ја оставила кај баба ѝ која по потекло била од Алжир. Бабата, алкохоличарка, воопшто не се грижела за малата Едит, постојано оставена во лоши хигиенски и здравствени услови. Таа живеела 18 месеи во тој ужасен дом сè додека не се вратил татко ѝ од фронтот и не ја оставил на чување кај нејзината тетка Зефара, сопственичка на јавна куќа во Берне во Нормандија. Едит ја одгледале проститутките во куќата, првпат јадејќи здраво, носејќи убави и чисти фустани и пиејќи здраво нормандско млеко. На 7 или 8 годишна возраст, го изгубила видот добивајќи кератит. Тетката, откако разбрала дека и некое друго девојче заболено од истата болест било излекувано откако се помолиле врз гробот на Тереза Мартин во Лизје, решава со «девојките» да оди да се помоли за здравје на малечката Едит. Фатиле воз, се помолиле врз гробот на Тереза, земале земја која секоја вечер со шамија ја врзувале на очите на Едит. По осум дена, Едит оздравела. Таа сиот свој живот чувствувала посветеност кон светицата Тереза, чиј лик го носела на медаљонот што ѝ стоел околу вратот во тек на целиот живот.[5]
На крајот на војната татко ѝ бил демобилизиран и ја зел со себе, за да го живеат уметничкиот живот на циркуски изведувачи, улични забавувачи, независни и сиромашни. Во 1929 година, на 14 годишна возраст, таа го напуштила таткото и заедно со Симон Берто започнале да просат и да пеат по улиците на Париз, најчесто во квартовите Белви и Пигал. Во 1932 година го запознала Луj Дупон, од чија врска во февруари 1933 година, на 17 годишна возраст, Едит Пјаф ја родила својата вонбрачна ќерка, Марсел. Две години подоцна, детето умрело од менингитис.[5] Следниот љубовник на Пјаф бил еден макро со име Албер, кој земал провизија од нејзиното пеење во замена да не ја принудува на проституција. Една од нејзините пријателки, девојка по име Надја, се самоубила кога се соочила со помислата дека ќе биде проститутка а Албер за малку ќе ја убиел Пјаф, кога таа најавила дека ја прекинува врската како реакција на смртта на Надја.
Пејачка во кабаре
уредиВо1935, на улица ја открил Луј Лепле, сопственик на кабарето "Ле Жернис", кое се наоѓало на авенијата на Елисејските полиња. Поттикнат од нејзииот мал раст од само 147 сантиметри, Лепле ѝ го дал уметничкото име «la Môme Piaf» што, значи « девојчето Пјаф». Тогаш, го доживеала својот прв успех. Врската со Лепле траела кратко време, бидејќи тој бил убиен од мафијата во Пигал, која била убедена дека тој им ја украл пејачката.[5]
Ѕвезда на мјузик-хол
уредиВо 1936 година, Пјаф ја снимила својата прва плоча, издадена за "Полидор", по што започнала нејзината блескава кариера. Нејзиниот невиден талент и глас меѓу другите ги забележал и композиторот Ремон Асо и нејзината идна, верна и голема пријателка Маргарит Моно, композиторка и виртуозна пијанистка, која ќе ја следи во тек на целата нејзина кариера и за неа ќе ги компонира големи француски шлагери како Химна за љубовта. Во март 1937, Едит ја започнува својата кариера во мјузик-хол во ABC Театарот во Париз, каде уште веднаш станува голема ѕвезда на француската шансона, сакана од публиката и слушана на радиобрановите. Во 1938 година, таа учествувала во една театарска пиеса прикажана во "Мулен руж", заедно со Ив Монтан, а по текст на Жак Кокто.[5]
Ѕвезда на триесеттите години, Пјаф триумфира во Бобино, како и во театарот во 1940, во Рамнодушниот убавец, театарска пиеса специјално напишана за неа од страна на Жан Кокто, во која таа повторно доживува успех. Едит Пјаф се појавува и на филмското платно во филмот Монмартр на Сена од Жорж Лакомб.
За време на германската окупација, Едит продолжила да дава концерти, но не потклекнала пред нацистите : изведувала песни со двојно значење, евоцирајќи на Отпорот како да е љубовник, во песната Ти си насекаде (Tu es partout) и ги штитела еврејските уметници од милицијата и од Германците.
Во 1944 година починал татко ѝ, а следната година починала и мајка ѝ. Во 1945, Пјаф без ничија помош ја напишала песната: La Vie en rose, нејзина најпозната песна, која оттогаш-наваму стана класика на шансоната. Настапувала и во Француската Комедија.
Меѓународна кариера
уредиВо 1948 година, додека се наоѓала на триумфална турнеја во Њујорк, се запознала со љубовта на својот живот, францускиот боксер, Сиди бел Абес, алијас Марсел Сердан, кој живеел во Мароко и кој станал светски шампион вобокс во средна категорија на 21 септември 1948. Иако тој бил оженет и имал три деца, нивната врска била јавна при што Пјаф не пропуштала ниту едне негов меч, а тој бил редовен посетител на нејзините концерти. Сердан загинал во авионска несреќа на 28 октомври 1949 година, летајќи од Париз за Њујорк.[6] Сиот свој живот Пјаф се обвинувала дека е виновникот за неговата смрт, бидејќи тој имал намера за Њујорк да патува со брод. Нестрплива да се сретнат, му рекла да се качи на првиот авион. Уништена од душевна болка и од полиартритис, Едит Пјаф станала зависна од јаки дози морфиум. Во негов спомен, таа ги испеала познатите шансони: "Химна за љубовта", Hymne à l'amour и "Боже мој" Mon Dieu.
Во 1951, младиот глумец, композитор, изведувач Шарл Азнавур станува нејзиниот «човек за сè»: секретар, шофер и човек од доверба. Тој ѝ ги напишал едни од најголемите нејзини песни како Plus Bleu que Tes Yeux и Jezebel. Во 1952 година, таа се омажила за францускиот пејач Жак Пиле, а на венчавката кума им била Марлен Дитрих. Се развела во 1956 година. Во 1959, Едит паднала на сцената за време на една турнеја во Њујорк. Претрпела бројни хируршки операции и се вратила во Париз во ужасна состојба, без нејзиниот тогашен љубовник Жорж Мустаки, кој ја напуштил во текот на патувањето. Во 1961, Едит Пјаф, дала серија концерти во Олимпија во Париз, едни од најзапаметените и најсентименталните во нејзината кариера. На 46 години, истоштена и болна, се омажила со Тео Сарапо, млад, 26 годишен фризер кој подоцна станал пејач и глумец. Со него, Пјаф ја испеала песната "За што служи љубовта". На почетокот на 1963 година, таа ја снимила својата последна песна: "Човекот од Берлин" L'Homme de Berlin
Смрт и почести
уредиПјаф умрела на возраст од 47 години, од рак на црниот дроб во Пласкасие, Француска Ривиера, на 10 октомври 1963 година, а нејзината смрт била објавена утредента, кога нејзиното тело било пренесено во Париз.[7] Пјаф била закопана на гробиштата „Пjер Лашез“, до нејзината ќерка Марсела, а нејзиниот гроб до денес е еден од најпосетуваните. На денот на погребот, половина милион обожаватели ѝ ја оддале последната почит, додека ковчегот се движел низ Париз, од булеварот „Лан“ па сè до „Пjер Лашез“. Според зборовите на Шарл Азнавур, за време на погребната поворка, за првпат по Втората светска војна, сообраќајот во Париз целосно бил стопиран. Истиот ден, по повод нејзината смрт, Жан Кокто изјавил:[8][9] „Едит Пјаф ги живееше и ги пееше страданијата на сите луѓе од светот.“
И по смртта, споменот на Пјаф останал да живее. така, малата планета 3772 Piaf, откриена од советскиот астроном Људмила Георгиева Карашкина во 1982 година, била наречена според неа.[10] Во Париз постои посебен музеј посветен на неа - „Музеј Едит Пјаф“.[11] Во 2007 година бил снимен биографскиот филм за Пјаф, „Живот во розово“ (La vie en rose), во режија на Оливие Даан, а неа ја глумела Марион Котијар.[12]
Дискографија
уреди- 1935 : Les Mômes de la Cloche, Polydor Уметнички директор : Жак Канети.
- 1954 : De l'accordéoniste à Milord
- 1961 : Olympia 1961
Нејзините големи песни
уреди- 1937 : Mon légionnaire, текст на Ремон Асо музика на Маргерит Моно.
- 1940 : L'Accordéoniste, текст и музика на Мишел Емер.
- 1946 : Les Trois Cloches текст и музика на Жан Вилар Жил.
- 1946 : La Vie en rose, текст на Едит Пјаф, музика на Луиги и на Маргерит Моно.
- 1947 : Une chanson à trois temps, текст и музика на Ана Марли.
- 1950 : Hymne à l'amour, текст на Едит Пјаф а музика на Маргерит Моно.
- 1951 : Padam... Padam..., текст на Анри Конте музика на Норбер Гланзберг.
- 1952 : Mon manège à moi, текст на Жан Константин музика на Норбер Гланзберг.
- 1954 : Sous le ciel de Paris, текст на Жан Дрежак музика на Ибер Жиро, од филмот Под небото на Париз од Жилиен Дививие.
- 1956 : L'Homme à la moto, адаптација од Жан Дрежак од американскиот рок Black Denim Trousers And Motorcycle Boots на Jerry Leiber & Mike Stoller
- 1956 : Les Amants d'un jour, текст на Клод Делеклиз и Мишел Сенлис, музика на Маргерит Монот.
- 1956 : Les pauvres gens de Paris, текст на Рене Роузауд, музика на Маргерит Монот.
- 1957 : La Foule, текст на Мишел Ривгош, песна слободно инспирирана од Que nadie sepa mi sufrir (го носи исто така и називот Amor de mis Amores), перуански валцер.
- 1959 : Milord, зборови на Жорж Мустаки и музика на Маргерит Моно.
- 1960 : Non, je ne regrette rien, зборови на Мишел Вокер музика на Шарл Димон (преземена од Џони Холидеј за филмот Sueurs).
- 1960 : Mon Dieu, зборови на Мишел Вокер музика на Шарл Димон.
- 1962 : À quoi ça sert l'amour, зборови на Мишел Емер.
Надворешни врски
уреди- Едит Пјаф - список на сите песни - од 1935 до 1963
- Song lyrics Архивирано на 20 април 2010 г.
- Édith Piaf photos
- A photographic history of Édith Piaf
- Piaf and Théo Sarapo - A quoi ça sert l'amour, Paris 1962 - Video
- Pure Piaf: the life and music of Édith Piaf – A musical showcasing Édith Piaf's music and life, written by Alex Ryer in 2006
- Édith Piaf на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
Наводи
уреди- ↑ Huey, Steve. „Édith Piaf: Biography“. Yahoo! Music. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во:
|publisher=
(help) - ↑ Morris, Wesley (15 June 2007). „A complex portrait of a spellbinding singer“. Boston Globe. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во:
|publisher=
(help) - ↑ Rainer, Peter (8 June 2007). „'La Vie en Rose': Édith Piaf's encore“. Vancouver Sun. Посетено на 2009-09-03. Не се допушта закосување или задебелување во:
|work=
(help) - ↑ „Biography: Edith Piaf“. Radio France Internationale Musique. Архивирано од изворникот на 2003-02-27. Посетено на 2009-09-03.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 5,3 Коле Манев, "Едит Пјаф пееше за страданијата на сите луѓе", Дневник, број 5291, година XVII, среда, 16 октомври 2013, стр. 14.
- ↑ Marcel Cerdan's tragic disappearance (1949) Архивирано на 23 април 2008 г. - Marcel Cerdan Heritage
- ↑ Неофицијални извори, на пример, this one, велат дека таа умрела попладнето на 10 октомври, а некои велат и дека умрела во Париз, а не во Пласкасие.
- ↑ Коле Манев, „Едит Пјаф пееше за страданијата на сите луѓе“, Дневник, број 5291, година XVII, среда, 16 октомври 2013, стр. 14.
- ↑ Édith Piaf funeral - Video - French tv, 14 октомври 1963, INA
- ↑ Schmadel, Dictionary of Minor Planet Names,319 стр. издание 2003, Springer Verlag, New York
- ↑ „Musée Édith Piaf“. Архивирано од изворникот на 2008-05-09. Посетено на 2009-12-30.
- ↑ „Живот во розово“, Вест, година XVII, 6,7 и 8 јануари 2017, стр. 23.