Долно Врановци

село во Општина Чашка

Долно Врановци — село во областа Гроот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Долно Врановци

Поглед на селото Долно Врановци

Долно Врановци во рамките на Македонија
Долно Врановци
Местоположба на Долно Врановци во Македонија
Долно Врановци на карта

Карта

Координати 41°35′17″N 21°42′15″E / 41.58806° СГШ; 21.70417° ИГД / 41.58806; 21.70417
Регион  Вардарски
Општина  Чашка
Област Гроот
Население 38 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1414
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29021
Надм. вис. 370 м
Слава Свети Илија
Долно Врановци на општинската карта

Атарот на Долно Врановци во рамките на општината
Долно Врановци на Ризницата

Географија и местоположба

уреди

Селото се наоѓа во областа Гроот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, сместено во средното сливно подрачје на реката Бабуна, недалеку од нејзината десна страна.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 370 метри. Од градот Велес, селото е оддалечено 21 км.[2]

Долно Врановци — село во источниот дел на областа Гроот и граничи со областа Азот, сместено југозападно од градот Велес, на околу 8 км јужно од општинскиот центар Чашка. Соседните села на Долно Врановци се Стари Град, Извор, Војница и Бусилци.

До селото води земјен пат во должина од 3 км, кој се двои од регионалниот пат Велес-Извор, кој се наоѓа во исклучително лоша состојба.[3]

Делови од селскиот атар ги носат следните називи: Самовилец, Црквиште, Голема Нива, Шамановски Рид, Ковчег, Слепа Змија, Длабок Дол, Ноќвици, Кобилина Глава, Рамниште, Еленек, Кладенечки Дол, Солиште. Западно од селото на порамниот дел се наоѓаат потесите: Воденичиште, Бара, Јасики и Слатина. Селото е од збиен тип. Во поново време селаните изградија викендици јужно од селото, одма покрај локалниот пат што води за Велес. Новата населба се нарекува Врановски Анови.

Центар на Македонија

уреди

Во близина на Долно Врановци, на околу 1,5 км од селото, се наоѓа месноста Длабок Дол. Долот, според последните географски истражувања, претставува географски центар на Македонија. Точното место на центарот е 41°36′00″N 21°42′18″E / 41.599994° СГШ; 21.704928° ИГД / 41.599994; 21.704928 (Длабок Дол) и се наоѓа на надморска височина од 300 м.[4]

Историја

уреди
 
Куќи во селото

Археолошки податоци говорат дека во минатото во Долно Врановци постоело старо словенско село. Тогашното село било од разбиен тип бидејќи остатоците од куќите се наоѓаат на неколку места во селскиот атар. Денешното село Долно Врановци потекнува од втората поливина на XVIII век. Основан е од Торбеши доселени од Горно Врановци. Тие имаа 10 куќи. Подалекото потекло им е од торбешките села покрај реката Радика во Западна Македонија. После Торбешите во селото Долно Врановци се доселиле четири македонски христијански куќи. На тој начин селото било мешано: муслиманско и христијанско.[5]

Пос крајот на турското владеење, во 1912 година, селото имало 70 торбешки и 17 христијански македонски куќи. Меѓу торбешкото население имало стари турски елементи. Такви родови биле Шамановци и Демуш-Јурукови. За првите говорат дека нивните предци се доселиле од Шам во Азија, додека за вторите говорат дека се од овчеполското село Џумајлија.[5] Торбешите во Долно Врановци одржувале братски врски со муслиманите во селата Мелница и Горно Врановци, како и со муслиманите во тиквешките села Грнчиште и Сирково. Пред крајот на турското ропство од Сирково бил еден домазет по име Смако. За него се зборува дека живеел „од арамилук“. Крадел стока и уценувал христијани во околните села. Во пазарни денови начекувал селани кои се враќале од пазар на патот Велес - Прилеп и барал да му наплаќаат принудна давачка.[5]

По крајот на турското ропство во 1912 година, во Долно Врановци се извршени големи промени. Од 1918 до 1922 година плодната земја од споменатиот бег бил откупен. Од 1925 до 1928 година се иселиле околу 40 торбешки домаќинства во Турција. Нивните имоти биле откупени од Македонци доселени од други села од сливот на реката Бабуна, највеќе од Нежилово.

После Втората светска војна и покрај зголемениот број на Македонците во селото имало уште 38 торбешки куќи. Меѓутоа, тие во 1954 година сите се иселиле во Турција. Од тогаш Долно Врановци стана чисто македонско село. Селската џамија се наоѓала во долниот дел на селото. Разрушена е во 1955 година. Постоеле и две муслимански гробишта, едното на местото наречен Шамановски Рид и другото во Ковчег. Во горниот дел на селото се наоѓа црквата „Св. Илија“, која е изградена околу 1890 година. Покрај црквата се наоѓа и гробишта. Пред да се изгради црквата, христијанските гробишта се наоѓале во северниот дел на селото. Свети Илија е и селската слава.[5]

Стопанство

уреди

Атарот зафаќа површина од 15 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 755,4 ха, на пасиштата отпаѓаат 670,1, а на шумите само 12,8 ха.[2] Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[2]

За време на турското ропство, селаните на Долно Врановци обработувале ниви на брдестиот дел од селскиот атар. Торбешите многу огледувале опијум и жито. Нивите припаѓале на некој велешки бег. Неговата земја била обработувана од Македонци (родови Пуцевци и Плевењци). Последниот сопственик на земјата бил Емин-бег.

До крајот на XX век на обработливото земјиште во полето покрај реката Бабуна се одлгедувало доста ориз, а денес на оризиштата се одгледува пченица, тутун, градинарски култури како зелка и лоза. Во самото село е доста застапено сточарството, односно одгледувањето најмногу на овци, а во помала мерка и крупен добиток како крави. Овците презимуваат во трла во самото село и неговата околина, а лете се напасуваат на висорамнината Солунско Поле близу врвот Солунска Глава на планинскиот масив Мокра (Јакупица), до каде се тераат пешки во период од 4 дена.[6]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948503—    
1953520+3.4%
1961399−23.3%
1971274−31.3%
1981208−24.1%
ГодинаНас.±%
199160−71.2%
199449−18.3%
200251+4.1%
202138−25.5%

Според „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ во 1873 г. Долно Врановци е село со 55 домаќинства и 133 жители Македонци, како и 88 жители муслимани, „Македонци, кои го примиле исламот, но кои сѐ уште зборуваат на својот јазик и си ги чуваат сите традиционални обичаи“.[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Долно Врановци имало 420 жители, од кои 40 Македонци христијани и 380 Турци.[8] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Врановци имало 138 жители, од кои 120 Македонци и 18 цигани.[9] Според германскиот етнограф Леонард Шулце Јена, на неговата етничка карта од 1927 година, Долно Врановци е наведено како мешано македонско христијанско и македонско-муслиманско (торбешко) село.[10] Во 1961 година селото броело 399 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 49 жители, македонско население.[2] Според последниот попис од 2002 година, во селото Долно Врановци живееле 51 жител, сите Македонци.[11]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци и 150 Турци.[12]

Селото брои околу 50 куќи. Но, исто така е напуштено и останати се само неколку македонски семејства од кои повеќето мештани се во поодминати години. Од пред неколку години населени се повеќе албански семејства од селата Горно и Долно Јаболчиште, како и Горно Врановци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 38 жители, од кои 27 Македонци, 8 Албанци и 3 останати.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 420 138 503 520 399 274 208 60 49 51 38
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

уреди

Долно Врановци е македонско село. Според истражувањата од 1967 година, родови во селото се:

  • Стари доселеници: Тошевци (5 к.) еден од двата најстари рода во селото. Нивните предци се доселиле во втората половина на 18 век од дебарско; Љумушковци (5 к.) еден од двата најстари родови во селото. Нивните предци се доселиле во втората половина на 18 век од областа Љума во Албанија; Пецевци (2 к.) доселени се после наведените родови, нивното потекло е од селото Никодин во прилепско. Основачот на родот се викал Дејан. Во овој род се знае следното родословие. Никола (жив на 63 год. во 1967 година) Петре-Димко-Миле-Темелко-Дејан, предокот кој се доселил во селото; Плевењци (5 к.) доселени се после претходниот род, нивното потекло е од селото Плевење во Азот;
  • Доселени во периодот помеѓу 1925-1928 година: Шоповци (3 к.), Здравевци (4 к.), Плачковци (2 к.), Ѓоревци (2 к.), Мијовци (3 к.), Станковци (5 к.) и Нежиловци (2 к.) доселени од селото Нежилово во Азот; Јаневци (1 к.) и Ореовдолци (2 к.) доселени се од селото Ораов Дол во Азот; Чушкаровци (5 к.) доселени се од селото Црешнево во Азот; Бистричани (2 к.) доселени од селото Бистрица во Азот; Теовци (1 к.) доселени од селото Теово во Азот; Чашкани (1 к.) доселени се од селото Чашка; Богомилци (2 к.) доселени се од селото Богомила во Азот; Крајничани (1 к.) доселени се од селото Крајници; Војничани (1 к.) доселени се од селото Војница.[5]

Самоуправа и политика

уреди

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година. Во периодот 1955-1957 била вклучена во некогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Извор, во која покрај селото Долно Врановци, се наоѓале и селата Владиловци, Извор, Крњино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смиловци, Стари Град и Степанци. Општината Извор постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачко место бр. 2245 според Државната изборна комисија, кое е сместено во приватен објект на железничката станица „Стари Град“.[17]

На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 25 гласачи.[18]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости

уреди
 
Главната селска црква „Св. Илија“ сместена над селото
Цркви[20]
Реки

Личности

уреди
Родени во Долно Врановци

Иселеништво

уреди

Во селото порано живеело и торбешко население. Но тие се иселиле од селото во Турција. До 1967 година, во Турција се иселиле 80 семејства. Тие се населиле во Истанбул, а во помал дел и во Измир. Постоело иселување и на православното македонско население во Велес и некои околни села.[5]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 104. Посетено на 15 август 2018.
  3. Хасани, Мирадие (21 февруари 2016). „Долно Врановци без вода, лекар и пат“. ТВ21. Посетено на 15 август 2018.[мртва врска]
  4. Крива Круша веќе не е срцето на Македонија
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 203-205
  6. Според кажувања на сточари од селото. Забележале Марио Шаревски, Дарко Стојчески и Слободан Трајковски на 2 февруари 2019 г.
  7. Македонија и Одринско. Статистика на населението оd 1873 г., Македонски научен институт, Софија, 1995, стр. 180 - 181.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 159.
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 120-121.
  10. Leonhard Schultze Jena. "Makedonien, Landschafts- und Kulturbilder", Jena, G. Fischer, 1927
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 15 август 2018.
  12. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 август 2018.
  18. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-08-02. Посетено на 15 август 2018.
  19. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. Das Bogumilen-Haus in Frankfurt Sachsenhausen

Надворешни врски

уреди