Стари Град

село во Општина Чашка


Стари Град — село во областа Азот, во Општина Чашка, во околината на градот Велес.

Стари Град
Стари Град 01.JPG

Поглед на селото Стари Град од возвишението Кале

Стари Град is located in Македонија
Стари Град
Местоположба на Стари Град во Македонија
Координати 41°34′51″N 21°39′54″E / 41.58083° N; 21.66500° E / 41.58083; 21.66500Координати: 41°34′51″N 21°39′54″E / 41.58083° N; 21.66500° E / 41.58083; 21.66500
Регион Logo of Vardar Region.svg Вардарски
Општина Coat of arms of Čaška Municipality.svg Чашка
Област Азот
Население 95[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1413
Повик. бр. 043
Шифра на КО 29072
Надм. вис. 360 м
Стари Град на општинската карта
Стари Град во Општина Чашка.svg

Атарот на Стари Град во рамките на општината
Commons-logo.svg Стари Град на Ризницата

Потекло на иметоУреди

 
Стари куќи на влезот во селото

Селото Стари Град го добило своето име го добило според тврдината Градиште или Кале која се наоѓа југоисточно од селото.[2] Насекаде во Македонија со името Градиште се означуваат места на кои има остатоци од тврдини, стари населби и градови. Од историјата и повеќето неодамнешни археолошки истражувања е познато дека на ова место имало остатоци од тврдини и стари градби од градот Аргос, која поради стратешки важната местоположбата во римско време била значаен град во овој предел во Велешко. Со оглед дека меѓу мештаните постои предание во кое се вели дека порано селото Стари Град било во непосредната близина на споменатото Градиште или Кале,[2] најверојатно името на селото настанало поради местоположбата во неговата близина и пронаѓањето на многуте остатоци од градби од Стар Град. На старословенски и во некои денешни словенски јазици (чешки, словачки) именката и зборот град сѐ уште означува тврдина или замок.

Географија и местоположбаУреди

Селото Стари Град се наоѓа во средното сливно подрачје на реката Бабуна,[3] на самиот почеток на областа Азот. Тоа ридско село сместено на 360 метри надморска височина на допирот на ридското земјиште од југоисток и планинската падина на северозапад.[2] На ридското земјиште се нивите под жито, додека на планинската падина има пасишта и ретка шума.

Околни села се Ново Село, Мартолци, Извор и Долно Врановци. Жителите се снабдуваат со вода извори и бунари.

Делови од селскиот атар ги носат следните називи: Стара Црква, Река, Изворчица, Турско Трло (тука имал сточарски стан некој Македонец муслиман од Врановци), Чуки, Белутраци, Тумби, Гарван(ица), Било, Соколчица, Градиште (Кале), Корија, Бел Камен, Голомеја (блиску до железничката станица), Оризиште, Јасика, Горно Поле, Грашиште, Цуцуле, Бреслинки, Вигниште, Јазвиње, Трлева Нива.

Стари Град е село од збиен тип во кое се разликуваат Горно, Средно и Долно Маало во кои пак роднинските куќи се блиску една до друга и повеќето се групирани. Тие групи се нарекуваат според родовските презимиња: Несторовци, Анѓовци, Алексовци.

Во поново време дел од селото се поместува непосредно до патот Велес-Извор,[3] при што денес речиси целото село се наоѓа крај патот и железничката станица, а на местото на старото село под ридот Гарван има останато само 2 домаќинства кои се бават со сточарство.

До 2004 година селото Стари Град било во рамките на Општина Извор.

ИсторијаУреди

 
Наоѓалиштето Кале во близина на селото

Многу се оскудни преданијата за настанокот и претходното минато на селото Стари Град. Сепак, одредени податоци говорат дека тоа е со постар настанок.[2] За тоа сведочат зачуваните малубројни старинечки родови, одредени старини и самото име на селото.

Селото Стари Град го добило своето име го добило според тврдината Градиште или Кале која се наоѓа југоисточно од селото.[2] Таа се наоѓа непосредно крај мостот на реката Бабуна од каде што води патниот правец Прилеп-Велес-Скопје, поради што споменатата тврдина имала големо стратешко значење.[2] Според некои археолошки истражувања утврдено е дека во третиот век од нашата ера тука се наоѓал градот Аргос.[2] Околу Градиште до шеесетите години јасно се познавале стари гробови и едно црквиште.[2]

Во XIX век, Стари Град било село во рамките на Велешката каза на Отоманското Царство.

Се вели дека порано селото Стари Град било во непосредната близина на споменатото Градиште.[2] Најновите археолошки истражувања на ова наоѓалиште се вршени во месец јули 2015 година, при што покрај куќите и градбите од римско време, се пронајдени остатоци и од две градби од куќи од бакарното време и новото камено време. Подоцна настапило „лошо време“, заради што жителите од тоа село преминале на повисоката денешна местоположба. Нивите околу коритото на Бабуна и Градиште и понатаму останале во составот на атарот на Стари Град. Местото Стара Црква е на границата на атарите на Стари Град и Извор, а во непосредна близина на патот Велес-Прилеп. Таму до шеесетите години постоеле добро зачувани црковни ѕидови околу кои имало и стари гробови.

До крајот на Втората светска војна на Стара Црква и по други „бележити места по мездрата“ (атарот) за Велигден селаните оделе со крстови.[2] За време на турското ропство, Стари Град во најголем дел било чифлигарско село. Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во него имало 7 чифлици на бегови од Велес кои ги задржале во посед сѐ до 1935 година.[2] Во турско време само два македонски родови имале своја сопствена земја. Тоа биле денешните родови Митковци и Дончевци. Според записите на македонскиот револуционер Ѓорче Петров од 1896 година селото Стари Град било со околу 100 куќи од кои 5 биле чифлик.[4]

СтопанствоУреди

Атарот зафаќа простор од 8,4 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 438 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 320 хектари, а шумско земјиште нема.[3]

Според составот на атарот селото Стари Град има полјоделско-сточарска функција.[3] Поволната местоположба на допирот меѓу ридестиот предел и алувијалната рамнина на реката Бабуна овозможуваат доста добри услови за бавење со развиено земјоделство. Во алувијалната рамина крај реката Бабуна се одлгедува жито, најмногу пченица и пченка, на доста ниви и тутун, како и градинарски култури - пиперки, патлиџан (домат), кромид, лук, грав, зелка, боранија, марула под бројни пластеници и на отворено. Во значајна мера е застапено и одгледувањето на винова лоза во бројни лозови насади од чие грозје претежно до сортите вранец и хамбург секоја куќа прави вино и ракија. Во селото е развиено и сточарството при што повеќе куќи чуваат свињи и крупни говеда - крави и волови за кои се одгледува сточна храна на нивите крај реката, а на тревнатата и нискостеблеста падина на возвишениот Гарван со доста грмушки се одгледуваат и поголем број кози и овци. Две домаќинства коишто се останати во старото село Стари Град под врвот Гарван чуваат овци. Дел од жителите, како и повратници од градот Велес, се вработени во железницата. Во селото до пред извесно време работела и продавница.

НаселениеУреди

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Стари Град имало 320 жители, сите Македонци.[5]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Стари Град имало 350 жители, од кои 344 Македонци и 6 Роми.[6]

Селото е мало, кое што во 1961 година броело 270 жители, а во 1994 година 128 жители, македонско население.[3]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Стари Град живееле 95 жители, од кои 94 Македонци и 1 останат.[7]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[8] 1905[9] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 320 350 305 281 270 239 165 144 128 95
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

РодовиУреди

Стари Град отсекогаш па сѐ до денес е населено во целост со Македонци од православна христијанска вероисповед, кои во најголем дел потекнуваат од доселенички родови, а само мал дел се староседелци. Старинци се: Митковци и Дончевци.[2] Првите слават Свети Никола, а вторите Митровден и како што е споменато само тие во турско време имале свои куќи и по нешто земја, што укажува дека се староседелци.

Доселени македонски родови во турско време се: Ицовци (слават Пречиста) се доселиле од селото Јасеново кое сега не постои, а се наоѓало недалеку од Владиловци.[2] Во родот на Ицовци се знае следниот родослов: Ванчо (75 години во 1966 г.) – Тоде-Стојан-Здраве-Ицо, основач на родот кој се доселил околу 1800 година. Секуловци (слават Свети Јован) имаат исто потекло како и Ицовци. Помлади македонски доселеници во Стари Град се: Ризовци и Орушовци слават Митровден и се доселени од некаде. Лидудевци, Дивизинци, Плевењци и Ангелковци слават Свети Никола.[2] Доселени се во турско време од соседното повисоко село Плевење. Несторовци, Николовци и Јанковци дошле „од Битолско“.[2] Слава на првиот род е Митровден, а на останатите Свети Никола. Алексовци и Ќираџиовци слават Свети Архангел и се дојдени „од Прилепско“.[2] Овде живеат од крајот на XIX век. Миовци (слават Свети Никола) имаат исто потекло како и наведените родови.[2] Анѓовци (слават Митровден) дошле пред крајот на отоманското владеење од соседното Ново Село. Чајлевци (слават Свети Никола) дошле од Владиловци каде што припаѓале на родот Долевци.[2] Војничани (слават Свети Никола) основачот на родот се родил во селото Скачинци, па се преселил во Војница од каде во 1912 година се доселил во Стари Град. Доселени македонски родови во 1920 година се: Зугаровци, Каменџиовци и Чакаревци кои слават Свети Никола и дошле од селото Бистрица.[2]

Општествени установиУреди

Сообраќајни

Самоуправа и политикаУреди

Селото влегува во рамките на Општина Чашка, која била значително проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Извор.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Титов Велес. Селото припаѓало на некогашната општина Чашка во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957, селото било во рамките на тогашната општина Извор.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Извор, во која покрај селото Стари Град, се наоѓале и селата Владиловци, Долно Врановци, Извор, Крнино, Мартолци, Поменово, Попадија, Смиловци и Степанци. Во периодот 1950-1952, селото било дел од Општина Извор, во која влегувале селата Долно Врановци, Извор, Мартолци, Поменово, Смиловци, Стари Град и Степанци.

Изборно местоУреди

Во селото постои изборно место бр. 2246 според Државната изборна комисија, кое е сместено во селски објект.[11]

На локалните избори во 2017 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 57 гласачи.[12]

На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 53 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитостиУреди

 
Главната селска црква „Св. Димитриј“
Археолошки наоѓалишта[14]
  • Кале — археолошко наоѓалиште на град и тврдина од римско време со пронајдоци и од доцното камено време и неолитот. Истражувано во неколку наврати во деведесетите на ХХ век и 2015. Се претпоставувало дека тоа бил римскиот град Аргос.
Цркви[15]

ЛичностиУреди

Родени во Стари Град
  • Митре Арсовски (р. 1936) — генерал-полковник, прв началник на Генерал-штабот на АРМ

ИселеништвоУреди

Стари Град никогаш немал повеќе од 40 домаќинства. Населението кое прираснувало секогаш се иселувало. Има иселеници во Велес, Прилеп, Скопје и Битола.[2] Се смета дека во наведените градови после Втората светска војна отишле околу 20 домаќинства. Во иселувањата учествувале сите денешни родови. Едни иселеници повлекувале други. Родовите Мицеви и Мартолчани во Војница се по потекло од Стари Град.[2]

ГалеријаУреди

НаводиУреди

  1. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 јули 2016.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 206-208
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Патрија. стр. 284.
  4. Петров, Гьорче (1896). Материали по изучванието на Македония (бугарски). Печатница Вълковъ. стр. 312.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 158.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 120-121.
  7. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  8. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  10. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  11. „Описи на ИМ“. Посетено на 29 август 2018.
  12. „Локални избори 2017“. Посетено на 29 август 2018.
  13. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врскиУреди