Солунско Поле (Мокра)
Солунско Поле — карстно поле и висорамнина на планинскиот масив Мокра. Се наоѓа непосредно на западната страна од врвот Солунска Глава на пределната граница и допирот помеѓу Караџица од север, Даутица на југ и Јакупица на исток, а со гребен висок 2365 и 2346 метри е одвоено од Бегово Поле на исток и Враца на север. Со врвот Попово Брдо (2380 м.) на север е одвоено од висорамнината Шилегарник, а врвот Иванов Камен (2108 м.) го одвојува од Боро Поле на северозапад. Сместено е на надморска височина од 1990 метри[1]. Има должина од 3,5 километри, а широчина од 3 километри при што зафаќа вкупна површина од 7,5 км2[1]. Во средишниот дел огранките на околните планински огранки се доближуваат и стеснуваат, поради што тоа се дели и на Горно Солунско и Долно Солунско Поле. Често се смета за највисоко карстно поле во Македонија, иако соседното карстно поле Шилегарник е повисоко за 150 метри. Низ полето минува патека од врвот Солунска Глава за селото Белица и областа Порече. На полето има неколку бачила за напасување на овци и крави во летниот период. Можно е името Солунско да доаѓа поради тоа што за време на отоманското владеење тука минувала границата помеѓу Солунскиот и Скопскиот Вилает, поради што македонскиот револуционер Ѓорче Петров во своите записи планините на масивот Мокра ги именува како Солунски и Скопски планини.
Галерија
уреди-
Поглед кон Солунското Поле од југ
-
Глетка на Долно и Горно Солунско Поле
-
Глетка на отворот на (Долно) Солунско Поле кон Порече
-
Поглед на Солунско Поле со гребенот на Караџица во позадината
-
Глетка од Солунското Поле