Вишешница
Вишешница — дел од еден поголем планински масив кој ја опфаќа и Дрен Планина и всушност е продолжение на неа. Се наоѓа веднаш над Тиквешкото Езеро, а името го добила по карпата со исто име која се издига над Полошкиот Манастир.
Вишешница | |
---|---|
Поглед на планината Вишешница од превојот Плетвар | |
Највисока точка | |
Надм. вис. | 1557 (врв Чаве) |
Координати | 41°19′50″N 21°55′19″E / 41.33056° СГШ; 21.92194° ИГД |
Географија | |
Место | крај Тиквешко Езеро |
Географски факти
уредиЗафаќа површина од околу 235км2, од кои 150км2 се во границите на Општина Кавадарци, а остатокот во Општина Прилеп. Главниот правец на протегање е север-југ. Планината е ограничена со Црна Река и Тиквешкото Езеро на југ, на исток продолжува езерото, па после ХЕЦ Тиквеш сè до спојот на Црна Река и Раечка Река. Северната граница на Вишешница е низводно по Раечка Река и Дреновската Клисура, додека на запад граничи со Царевиќка Река и Тројачко Поле. Превојот Клен 934 м.н.в. е најниска точка помеѓу Вишешница и Дрен.
Највисок врв е Чаве со висина од 1557 метри, кој се наоѓа на главниот гребен кој се протега во правец југ-север, почнува на превојот Клен 934м.н.в., па оди до врвот Попче 1081 м.н.в., продолжува до Богданов Гроб 1041 м.н.в., по ридот на Смилова Тумба се движи по сртот Србиново и доаѓа до врвот Студено 1326 м.н.в., продолжува до тригонометар 1362, па кота 1442, и се искачува на врвот Чаве, потоа почнува да се спушта сè до Бабакитина чешма, продолжува кон Кобиларник 1409 м.н.в. се спушта кон Крива Тумба 1141 м.н.в. од таму оди кон Камен 915 м.н.в. и се спушта во Раечка Река. Треба да се забележи дека од врвот Чаве лево и десно се формираат помали гребени вкупно 4 на број.
Втор изразит гребен е гребенот на карпата Вишешница 1342 м.н.в. кој почнува од Црна Река, се качува на ритчето Коприва 616 м.н.в., па литиците со име Бршлен 1120 м.н.в., после Вишешница следува Голема Рудина 1403 м.н.в., Мала Рудина, Погана 1353 м.н.в. и се качува на врвот Орле 1480 м.н.в., спроти него на исток е врвот Галчин 1472 м.н.в. Овие два врва се често одредиште на ентузијастите, дали за планинари дали за поекстремни искуства, бидејќи и двата врва се стрмни, посебно Орле кој е тесен и не многу пристапен.
Над брегот на езерото, на падините на планината се наоѓа и познатата пештера Чулејца
Врвови
уредиКако поголеми врвови можеме да ги издвоиме:
- Чаве, 1557 метри
- Орле, 1480 метри
- Галчин, 1472 метри
- Голема Рудина, 1428 метри
- Кобиларник, 1410 метри
- Градот, 1343 метри
- Вишешница, 1342 метри
- Студено, 1327 метри
- Човекот, 1299 метри
- Трепетија Глава, 1211 метри
- Кула, 1167 метри
- Смилова Тумба, 1140 метри
- Руен, 1051 метар
- Мали Руен, 1045 метри
- Трештено, 1028 метри
Геологија
уредиВо тријас се формирани мермеризираните варовници и доломити како и глинести шкрилци и песочниците.
Во периодот на креда формирани се и [[конгломератите (к22)]].
Во плиоцен формирани се кварцлатските бречи и туфови и бречи.
Според Геолошкиот Завод геолошката подлога е формирана од: варовнички бречи, мусковити гнајсеви, микашисти, габро, лилјакови шкрилци биотит гранити, гранито-гнајс и серија парашкрилци. Многу интересна серија претставува боалната серија на приземот, вклучувајќи ги и лилјаковите шкрилци кои се одликуваат со тоа што се јавуваат во вид на тесни ленти меѓу нив вклештен серија на варовниците на горен тријас. Староста на овие гелошки формации е од Горна Креда.
Во прекамбриум се формирале окцесто-амигдалоидни дволискунски гнајсеви, порфиоридни гранидиорити и Гранат-стауролитски микашисти
Хидрографски факти
уредиИако навидум е слаба со воден потенцијал Вишешница има голем број на реки и извори. Сите тие се влеваат во Црна Река директно или индиректно, која спаѓа во егејското сливно подрачје. Почнувајќи од горниот дел на планината реките што се влеват во Црна Река или Тиквешко Езеро се следните: Коритата ова рекичка има вода само во пролетните месеци со карпест терен, непроодна, со должина од 3км, Дабечка Река, извира кај Смилова Тумба, долга е 4,6км и пресушува после месец јуни, Галишка Река извира кај долчињата кај Балгазова Тумба по пат заедно со Растовата стварат поголема рекичка која под селото Галиште е во карпи и непроодна долга е 8км и исто така пресушува во лето. Праведничка Река се формира од месноста Мушмулот и Сливче долга е 5,2км, има бројни извори и во лето има вода цо мали количини.
Реката Дреновица се образува од два извори блиску под Бабакитина чешма и Балгазова тумба, долга е 7,7км се влева близу до браната на Тиквешко Езеро вода има во текот на целата година иако во последно време знае да пресуши и во лето. Ќесендревска Река извира под врвот Кобиларник и потоа под селото Ќесендре се влеват два помали дола (Грбавечка р.) , вода има во текот на цела година и долга е 5,7км, треба да се забележи дека оваа река се влева во Раечка Река, под селото Раец.
Од западната страна на планината се истакнуваат само две рекички кои се влеват во Раечка Река, тоа се Раково која поминува низ селата Дрен, Смолани и Царевиќ, река која во долнито тек се вика Царевиќка Река, вода има во текот на летото долга е 9,9км, друга помала река е Решка Река која извира под Чаве и минува покрај селата Мал и Голем Радобил, вода има скоро цела година и се користи за наводнување, популарно помеѓу мештаните за т.н.ваѓи, долга е 5,8км.
Климатски услови, флора и фауна
уредиИзградбата на брана на Црна Река и создавање на Тиквешкото Езеро создадени се услови за променета микроклима под влијание на поголемото испарување од езерото и повеќе врнежи на ова подрачје кое довело до зголемена релативна влажност, која пак е добра за да има помали замави посебно на микроекспозиите поблиску до езерото. Преку Вардар и Црна Река се чувствува продорот на средоземната клима која со мешањето на планинската клима довела до голема биоразновидност кој се изразува повеќе во флористичкиот состав. Сето ова заедно со фауната ја прави Вишешница еден микро резерват богат со многу видови кои се утврдени во многу научни трудови. Преку интерполација на резултатите добиени од метеоролошката станица Кавадарци, Прилеп и Битола е добиена проценета релативни вредности на климатолошките услови и тоа утврдена е средно годишна температура на воздухот која се движи од 13°Ц на најниските висини, па до 5°Ц на највисоките места. Средна годишна сума на врнежи се движи од 530 па до 950 мм. Најмали количини се забележуваат во јуни, јули и август. Според аридноста климата е семиаридна, семихумидна и хумидна. Накусо кажано климата е изменето континентална со влијание на планинската клима нба поголеми надморски висини. Ваквите климатски фактори довело да во долниот дел на планината да се развијат дабово-белгаберовите шуми, погоре горунови и црнгаберови шуми, а во горните делови се развиле буковите заедници.
Највпечатлива шумска заедница која се јавува тука е заедницата од дива фоја (Juniperus excelsa) и див бадем , претставува заедница која е орографски-едафски условена. Се јавува на стрмни карпести терени, често во пукнатини од стени, главни на варовник или дијабаз. Освен дивата фоја, тука се среќаваат и следните видови како даб благун (Quercus pubescens), црн јасен (Fraxinus ornus) питомата фоја Juniperus foetidissima и др. Во катот на грмушките се јавува и црвена смрека, додека во приземната вегетација доминираат
Cyclamen neapolitanum, Ranunculus psilostadys, Orhis purpurea, Potentila micrantha, Lithospermum purpureum Vernica hamaedris и др.
Друга специфична заедница која е условена микроклиматски и едафолошки е заедницата на грипа(Phillyrea) и бел габер (Carpinus orientalis) оваа заедница е интересна бидејќи грипата е вид кој има кожни лисја и е зимзелен вид, кој во зима не ги фрла листовите, други видови кои се среќаваат во оваа заедница се даб цер, црн јасен, горупла (Cerasus mahaleb), глув јавор (Acer obtusatuм) и др. Во катот на грмушките се јавуваат, црвената смрека, леската, дрен, прасика, влакнест глог и др. Кај тревите се јавуваат широколисна шашика, здравец, белушина, соломонов печат(вратинец), коленика и др.
Други дрвни видови и грмушки кои се јавуват тука се: зајчика, капина, глог, курика(Euonymus), киселачка, бука, црн бор, дива цреша, оскруша, бреклинка (Sorbus torminalis),драка (Paliurus spina-christi), даб горун потоа Jasminum fruticans, Лилјаче (Syringa vulgaris), копривка (Celtis tournefortii) prunus webbii и др. Сите овие заедници кои се орографски и едафски препознаени се забележува дека дрвенастите видоди вршат еден вид инвазија врз голите површини коишто порано природни ним им припаѓале, ова е условено бидејќи сега нема тука населено место и нема стока. Под врвот Чаве на источна екпозиција се забележува и присуство на десетици стебла на молика, најверојатно донесени со птиците, но и поранешниот ареал на моликовите шуми допирал до тука и пошироко. Највпечатлива флористичка појава на Вишешница и Тиквешкото Езеро е дрвниот вид Гол Човек (Arbutus neandrach), кој е обусловен од климатските услови, тоа е зимзелено дрво или грмушка со мазна кора, која се лупи во лето, а под неа има друг слој кора која е портокалова. Видот е карактеристичен за Средоземјето и Блискиот Исток. На удар е на човекот кој го ползува во своите домови за украс.
Од животните кои се среќаваат тука треба да се набројат крт, див зајак, верверица, лисица, невестулка, волк, куна златка, куна белка, јазовец, дива мачка, дива свиња, срна, поскок, шарка, сив смок.
За птиците ќе се осврнеме повеќе бидејќи посебноста на Тиквешкото Езеро и карпите кај Галиште и бројните пештери како и неприсуството на човекот придонесува за голем број заштитени птици да се јавуваат овдека. Тука се среќаваат разни птици кои според тоа дали се гнездат само тука или претстојуваат преку целата година или само минуваат се делат на гнездилки, зимски резиденти и птици минувачки. Потоа следува уште една поделба, така гнездилките се делат на станарки и летни резиденти, од станарките забележани се 56 видови од кои може да се набројат сива врана, гавран, страчка, сојка, билбил, обична ѕвингалка, мала чучурлига, Бела тресиопашка, планинска тресиопашка, мала црноглава сипка, мустаклеста сипка, рибарче, европска лазачка, Карпеста лазачка, Сив клукајдрвец, Мал шарен клукајдрвец, Имеличар, Дрозд пејач, Планински був, Белонокта ветрушка, Планински сокол, Златен орел, Црвена луња, Белоглав мршојадец,Брадест мршојадец, Црн мршојадец, Лештарка, разни гулаби, нуркачи, пајки и еребици.
Од летните резидентни присутни се: Жолна, Планинска стрнарка, Жолта тресиопашка, Големо свраче, Пчеларка, Пупунец, Белогаска, Орел-рибар, Црна луња, мал бел мршојадец, Голема бела чапја, Жолта чапја, гак (Nycticorax) и други.
Зимски резиденти забележани се: Ливадски кос, Лисест глувчар, Сива патка, Патка лажичарка, Планинска ѕвингалка разни корморани, галеби и нуркачи.
Птици минувачки: Мал галеб, Црноглав галеб, Црна рибарка, Калуѓерка (птица), Бојник (птица) и др.
Литература
уредиГеолошка карта и толкувач во размер 1:100.000(К 34-104)-Геолошки Завод-Скопје 1976 г., автори Н. Думурџанов, С. Христов, Б. Павловски и В. Иванов.
Одлики на климатско-вегетациско-почвените зони во Република Македонија, МАНУ Скопје, 1996г., Ѓ. Филиповски, Р. Ризовски и П. Ристевски.
Податоци од УХМР.
Посебни Планови за стопанисување со шумите за шумско-стопанските единици „Пролетник“, „Вишешница“ и „Царевиќ-Беловодица-Дрен“ изработени од ЈП Македонски Шуми Скопје, Сектор за Уредување.
Мариово, природни и социо-еконосмки обележја и можности за развој, од Друштво за наука и уметност-Прилеп 1987г.
Шумско-вегетациска одлика на Мариово, Д-р Љубе Мицевски и др. Радослав Ризовски, ШФС 1981.
Орнитофауна на Тиквешкото Езеро и неговата околина со посебен осврт на птиците од редот Accipitres (соколовидни) магистерски труд на С. Јанче, ШФС Скопје 1992 г.
Историја
уредиНа 3 август 1903 година, во месноста Дреновица, била водена битка помеѓу четата на Петар Јуруков и 24 комити против 300 османлиски војници. Во бојот загинале 17 комити и 21 османлиски војник. Во таа чест, во 1993 година била ставена спомен плоча во таа месност.