Големо свраче
Големо свраче | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Семејство: | Сврачиња |
Род: | Lanius |
Вид: | Големо свраче |
Научен назив | |
Lanius excubitor Linnaeus, 1758 | |
Разновидност | |
9 подвида | |
Глобална распространетост Жолто: само лето Зелено: преку цела година Сино: само зима | |
Синоними | |
Lanius borealis |
Големо свраче (науч. Lanius excubitor) — голема песнопојна птица од семејството на сврачињата (Laniidae). Тоа формира супервид со неговите парапатрични (сродни, кои не се преклопуваат во распространетоста) јужни роднини, јужното големо свраче (L. meridionalis), кинеското големо свраче (L. sphenocerus) и американското големо свраче (L. ludovicianus). Кај самото големо свраче се разликуваат 9 подвида. Мажјаците и женките се слични во перјето, претежно сиви одозгора, бели одоздола и со црна маска преку очите. Се размножуваат над 50° северна географска ширина, во северна Европа и Азија и во Северна Америка. Повеќето популации се преселници кои зимуваат понајуг, во умерените региони.[2] Зимува и во Македонија. Овие птици се месојади, со тоа што глодачите ја сочинуваат повеќе од половина од нивната исхрана.
Таксономија и систематизација
уредиНаучното име на големото свраче буквално значи „стражарски касап“: Lanius е латински термин за касап, додека excubitor е латински збор за чувар или стража. Ова се однесува на двете најзабележителни однесувања на птицата - складирање на храната (уловениот плен) со набодување на трње; и користење изложени дрвја или столбови за да ја набљудува околината. Тие, исто така, покрај што набљудуваат за да си го најдат пленот, го забележуваат доаѓањето на грабливките и ги известуваат другите птици.[3]
Подвидови
уредиИма 9 подвида, кои се поделени во три групи:[4]
Западноевроазиска група
уреди- Lanius excubitor excubitor (вклучувајќи го и melanopterus – кој можеби е интегриран со sibiricus и galliae) – умерена до субарктичка континентална Европа на исток до западен Сибир.
- Средносив одозгора, светлосив сјај одоздола. Бело на примарните, а понекогаш и на секундарните пердуви;
- Посветлосив од excubitor одозгора, валканобел одоздола. Повеќе бело на примарните и секундарните пердуви;
- Lanius excubitor leucopterus – југозападна Русија, по границата со Казахстан дојугозападен Сибир;
- Светлосив одозгора, бел одоздола.
Источноевроазиска група
уреди- Lanius excubitor sibiricus – источен Сибир до северна Монголија;
- Покафеавкав одозгора од excubitor, нежни линии одоздола. Малку бело на основата на примарните пердуви;
- Lanius excubitor bianchii – Сахалин и веројатно јужни Курилски Острови;
- Помал и поблед од sibiricus, одоздола со невпечатливи светли ленти. Малку бело само на основата на примерните пердуви;
- Lanius excubitor mollis – руските Алтајски Планини, северозападна Монголија;
- Покафеав од sibiricus одозгора, долните ленти се добро развиени. Малку бело на основата на примарните пердуви;
- Lanius excubitor funereus – Тјеншан и западна Кина;
- Голем; потемен и покафеав, одоздола синосив со речиси црни ленти. Малку бело на основата на примарните пердуви.
Северноамериканска група
уреди- Lanius excubitor borealis – Хадсонов Залив, регионот на Онтарио и Квебек;
- Сличен на excubitor, но потенмен и со посветли ленти одоздола;
- Поголем и посветол од borealis.
Опис
уредиВозрасното големо свраче е средноголема врапчевидна птица, колку голем дрозд, со должина 22-26 см. Тежи околу 60-70 грама (иако некои подвидови се значително поголеми или помали). Крилјата му се околу 11,4 см, а опашката 10,9 см.[5] Распонот на крилјата е 30-36 см.[6]
Основната боја на горниот дел е бисерносива, со нијанса на кафеавкаво во источниот дел на евроазискиот опсег. Образите и брадата, како и линијата над окото се бели, маската врз очите е длабокоцрна, а областа веднаш над клунот е сива. Пердувите на рамењата се бели, а крилјата црни со бели линии кои се создадени од белите основи на примарните пердуви. Опашката е црна, долга и остра при врвот. Долните делови се бели, со сосема мала нијанса на сиво кај некои подвидови. Особено градите некаде се потемни и понекогоаш покафеавкави од остатокот од долниот дел, и се чини како да има лента меѓу стомакот и белото грло. Кај повеќето подвидови, особено женките имаат бледи кафеавкави линии на градите. Клунот е голем и кукест при врвот, и речиси црн, но посветол при коренот на долната мандибула. Нозете се црнкави.[7]
Мажјаците и женките се речиси исти во големина, а во изглед може да ги разликуваме само во директна споредба. Кај женките долните делови се посиви и обично поочигледно избраздени со сивокафеаво, и белите ознаки на крилјата и опашката се послабо изразени. Младенчињата се целосно посивокафеави.[8]
Пеењето на мажјакот се состои од кратко пријатно чрчорење прошарано со течни свирки. Поединечните фрази може да одат како ту-ту-крр-прии-прии или трр-турит трр-турит.... За да алармира дека некој навлегол во неговата територија, женка или мажјак или, пак, некој цицач, дава остар груб свиреж како тррии(у) или (т')квииет. Кога се додворува, често ги меша овие свирки создавајќи песна. Помекото свиркање оди како трии(т). Овие свиркања се користат и за комуникација меѓу парот зиме, а постојат и други варијанти на комуникацијата: члип, гихрррr, ква или вут, кои исто така, се користат при додворувањето. Пеењето станува уште помеко кога мажјакот ѝ ја покажува територијата на женката и потенцијалните места за гнездење тли-тли, пррр чрчорења и куиу...пих повици.[9]
Кога се вознемирени, повиците се остри, слични на враните, како квии,гриии или jaaa, често повторувани двапати. Колку се повозбудени, толку повиците стануваат повисоки и побрзи.[10]
Распространетост и живеалиште
уредиГолемото свраче се размножува во поголемиот дел на умерените и субарктички региони на северната полутопка, односно северно од 50 ° северна географска ширина во Евроазија, и северно од 55 ° северна географска ширина во Северна Америка. Живеалиштето на оваа птица се отворените тревни повришини прошарани со грмушки, но во непосредна близина мора да имаат високи места за набљудување. Тоа се вообичаено дрвја на рабовите од шумите, или карпи, огради, далноводи и сл.
Поведение
уредиГолемото свраче е територијална птица, но за време на размножувањето се во групи најчесто од по три пара. Пред и по сезоната на парење, групата се собира за да ја договори територијата. Почетниот сигнал за тоа е видлив покажувачки лет од страна на птицата која ја прелетува својата територија. Летот е висока спирала нагоре, каде се задржува неколку секунди лебдејќи, а потоа надолу. Другите од групата ќе одговорат така што ќе изведат исти такви летови, а потоа ќе се соберат повторно и поминуваат десетина минути до еден час - чрчорејќи, свиркајќи, пеејќи во дуети и возбудено движејќи се на местото на состанокот (што обично е во некое дрво или грмушка). Во зима, птиците често се собираат во мали групи и спијат заедно, особено за да се греат, и на тоа не претходи никакво покажување и договарање.[11] Летот на големото свраче е растреперен и прилично тежок, но насоката му е права и определена. Способен е и да лебди кратко време. Обично лета ниско и му се приближува на местото за набљудување одоздола. Во социјалните интеракции, птицата го покажува својот агресивен став со исправена положба на телото, ширејќи ја и тресејќи ја опашката, а потоа и крилјата. Уште поагресивен став е кога ќе ги надуе пердувите и ќе го подигне сртот на врвот од главата.[12]
Исхрана
уредиГолемото свраче јаде мали ’рбетници и големи безрбетници. За да лови, оваа птица се перчи на највисоката гранка од дрвото, на телеграфски столб или слични истакнати места. Алтернативно, може да ја скенира територијата при лет, лебдејќи на определни места. На неговото будно око не може да му избега ништо што се движи. Тој нагло ќе се нурне по копнен плен или ненеадејно ќе се појави, слично на јастреб при лов на инсекти. Понекогаш во лет лови и мали птици, обично приоѓајќи им одоздола или од страна и фаќајќи ги за нозете со клунот. Ако нема никаков плен на повидок, тој ќе чепка во грмушки или ќе седи во близина на местата за криење, ширејќи ги крилјата и покажувајќи ја белината, или ширејќи ја опашката, исто така, покажувајќи ги белите ознаки со кои ги плаши помалите животни. Понекогаш, пак, ја имитира песната на помалите птици за да ги прелаже да се приближат.[11]
Типично, најмалку половина од пленот е составен од мали глодачи, а малите птици, гуштери, жаби и сл., го сочинуваат најголемиот дел од останатите ’рбетници. Најважните пленови меѓу безрбетниците се инсектите, особено бумбарите, скакулците,пчелите и осите. Помалку важни се пајаците, скорпиите, ракчињата, полжавите и црвите. Ретко јаде мрша и бобинки, ако воопшто јаде.[13]
Пленот го убива со удар од страна со кукестиот клун, целејќи на черепот кај ’рбетниците. Ако е премногу голем за да го проголта наеднаш или во неколку парчиња, пленот го пренесува на местото за хранење во клунот, или со нозете (ако е многу голем). Нозете не му се прилагодени за кинење на пленот, па затоа го набодува на трње, остра гранка или бодликава жица.[11][13]
Размножување
уредиГолемото свраче се размножува во текот на летото, обично еднаш годишно. Во исклучително добри услови, тие може да подигнат две легла, но ако првото легло им се уништи, тие се во состојба да произведат второ. Нивната моногамна врска е силна за време на сезоната на парење, но зимно време се одвојуваат, а следната година обично бираат друг партнер. За да си најдат партнерка, мажјаците излегуваат од својата територија, а женката ќе го посети да види дали добро се снаоѓа и да ги провери местата за гнездење. Периодот на додворување започнува во март и трае до април/мај. Во прво време женките се незаинтересирани и дозволуваат само мажјакот да ги храни. Мажјаците, пак, започнуваат со своето покажување, тој пее, ги шири крилјата и опашката покажувајќи ги белите делови и се врти за да биде под прав агол со неа. На крајот, женката ќе се приклучи во приказите и песните ќе станат дуети. За да ја нахрани женката, а и за да ја покаже својата способност, во овој период особено ќе набодува пленови за да се видат.[14]
Копулацијата обично е иницирана од страна на мажјаците, прво доведувајќи привлечен плен кај женката, па го поткренува и ниша своето тело лево-десно неколкупати, ѝ го дава пленот и се пари. Собирите со соседите престануваат кога започнува гнездењето, а мажјакот ја чува женката додека ги несе јајцата.
Гнездото се гради во април или мај на дрвја, по можност обраснати со имели или ползавци, обично на 2 до 16 метри височина. Често, во близина е и гнездото на ливадскиот кос ( Turdus pilaris ), со кого добро соработуваат во одбраната на грабливците. Местото за гнездење го избира мажјакот, а иако го градат заедно, сепак мажјакот повеќе учествува во изградбата. Тоа однадвор е направено од погруб материјал, гранки, мов, а може и делови од ткаенина и некакво ѓубре. Во облик на чашка е, и внатре е послано со помек материјал, влакна, пердуви, лишаи и др. За изградба на ново гнездо им е потребно 1-2 недели, но ако гнездото од претходната година е добро, тоа само се поправа и повторно се користи.[15]
Леглото има 3-9 јајца, обично околу 7. Ако има и второ легло, тогаш тоа е помало. Јајцата се бели со сивкава нијанса и со жолтоцрвеникавокафеави или пурпурносиви дамки. Инкубацијата трае околу 16 дена, и генерално само од страна на женката. Мажјакот накратко може да ја преземе инкубацијата, но неговата задача е да обезбедува храна. Обата родитела се грижат за младенчињата кои се оперјуваат по 2-3 недели, а стануваат сосема независни по 3-6 недели.[15]
Статус
уредиГолемото свраче неодамна стана исчезнат вид во Швајцарија и Чешка. Генерално, во Европа бројот е во опаѓање, додека во Северна Америка, популациите се чини дека се стабилни. Според широката распространетост и големата популација, овој вид во Црвениот список на МСЗП е во категоријата на најмала загриженост.
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Lanius excubitor“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 152–153
- ↑ Accipitres adventantes observat & aviculis indicat: Linnaeus (1758)
- ↑ Tenuvuo & Varrela (1998), Harris & Franklin (2000): pp. 60–61, 151
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 150, 155
- ↑ „Northern Shrike, Life History, All About Birds – Cornell Lab of Ornithology“. Allaboutbirds.org. Посетено на 2013-03-10.
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 60–61, 150–151
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 60–61, 151–152
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 153–155
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 154
- ↑ 11,0 11,1 11,2 Harris & Franklin (2000): p. 153
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 150, 153
- ↑ 13,0 13,1 Antczak et al. (2005)
- ↑ Harris & Franklin (2000): pp. 154–155
- ↑ 15,0 15,1 Harris & Franklin (2000): p. 155
„Големо свраче“ на Ризницата ? |
Надворешни врски
уреди- Големо свраче - видеа, фотографии и звуци Архивирано на 21 ноември 2013 г. на Интернет збирката птици
- Поштенски марки со големо свраче
- Големо свраче – Lanius Excubitor – USGS Patuxent - инфо-центар за идентификација на птиците
- Големо свраче – Корнеловата лабораторија за орнитологија
- Oiseaux Фотографии