Златен орел

вид граблива птица
Златен орел
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Јастребовидни
Семејство: Јастреби
Род: Орел
Вид: Златен орел
Научен назив
Aquila chrysaetos
(Линеј, 1758)
светлокафеаво - презимување

кафеаво - размножување
темнокафеаво - во тек на цела година.

Млад златен орел во лет.

Златниот орел (науч. Aquila chrysaetos) — една од најголемите дневни грабливи птици. Се среќава и во Македонија.

Физички опис

уреди

Големината на возрасните златни орли може да биде различна. Единките од некои од најголемите подвидови може да бидат доста големи. Повеќето видови се долги 66-100 см со распон на крилјата помеѓу 150 и 240 см. Тежината се движи од 2,5 до 6,7 кг. Но, забележани се некои примероци во дивината кои се нешто поголеми, дури и до 9 кг во тежина и должина од 102 см. Како и кај многу други дневни грабливци, и кај златните орли женките се поголеми од мажјаците.

Бојата на пердувите може да биде црнкавокафеави и темнокафеави, со златна боја на задниот дел од главата и вратот, по што и го добил името. На горните делови на крилјата постои нешто посветла површина. Младенчињата многу личат на возрасните единки, но поседуваат бел опаш и бели дамки во близина на ножниот зглоб кои полека исчезнуваат со секое митарење и на крајот, во петтата година, потполно ги снемува.

Женката може да достигне тежина и до 6 кг, а мажјаците до 4 кг. Живее на различни места, најмногу на планинските масиви без густа вегетација. Животниот век на златниот орел може да трае и до 50 години.

Исхрана

уреди

Се храни со зајаци, глувци, мрмоти, куни, лисици и желки, но често и со мрши. Можат да јадат и други птици, а некогаш и стока, како јагниња и јариња. Во текот на зимата имаат проблем со пронаоѓањето на храна, па може да јадат и мрши за да се прехранат. Кога нема ни мрши, ќе се обидат да нападнат утки, соколовидни птици и ждери. Постојат записи според кои овие птици јаделе и јастреби и бувови.

Имаат многу добар вид и можат да го забележат пленот од големи далечини. Поседуваат дури 8 пати поголема острина на видот од луѓето. Канџите ги користат за убивање и носење на пленот, а клунот само за јадење. Обично имаат поделба на работата во текот на ловот - еден златен орел го тера пленот кон друг златен орел кој чека во заседа.

Размножување

уреди
 
Пиле од златен орел старо 14 дена.
 
Јајце во Музејот Тулуз.

Златните орли обично остануваат со истиот партнер во текот на целиот живот. Градат по неколку гнезда ширум својата територија и ги користат за неколку години. Гнездата се состојат од гранчиња и одозгора се исполнети со трева кога се користат. Постарите гнезда можат да бидат големи и до два метри во пречник и 1 метар во висина, бидејќи орлите секојпат ги поправаат кога нешто им фали и на овој начин низ времето ги зголемуваат. Ако гнездото е сместено на дрво, гранките некогаш од тежината можат да попуштат, така што гнездото се руши. Многу други диви животни со мал раст, кои се толку мали што обично не се интересни за овој голем грабливец, можат да ги користат гнездата на златните орли како засолниште.

Женките полагаат две црни јајца меѓу јануари и септември (во зависност од местото во кое живеат). Лежењето на јајцата започнува практично веднаш штом се снесе првото јајце, и пилињата обично се испилуваат по 45 дена. Тие се потполно бели и родителите ги хранат околу 55 дена пред да се обидат да летаат и ловат. Обично преживува само постарото младенче, додека второто умира пред да го напушти гнездото. Причината е во тоа што постарото младенче нараснува повеќе и се изборува за повеќе храна во гнездото. Ова е корисно за видот бидејќи на овој начин родителите успеваат да донесат доволно храна, а младото пиле е „резерва“ во случај кога постарото угинува набрзо по испилувањето. Родителите вложуваат голем труд во одгледувањето на младите. Ако тие преживеат неколку години, голема е веројатноста дека ќе доживеат старост. Меѓутоа, смртноста меѓу штотуку испилените пилиња е голема, па голем број од нив угинува во првите неколку недели.

Подвидови и нивна распространетост

уреди
 
Двојка во Зоо Скопје.

Денес постојат шест подвида златни орли кои малку се разликуваат во големината и бојата на пердувите. Можат да се најдат во различни делови на светот:

Големите златни орли од средниот плеистоцен од подрачјето на денешна Франција се нарекуваат палеоподвид Aquila chrysaetos bonifacti, а крупните примероци од горниот плеистоцен на денешен Крит, од пештерата Лико, носат име Aquila chrysaetos simurgh.

Во културата

уреди

Од најдалечното минато, човекот бил фасциниран од орлите. Кон него луѓето се однесувале со длабока почит. Дури по индустриската револуција, кога ловот станал распространет спорт, орлите почнале да се користат како средство за егзистенција. Во овој период на огненото оружје и отровите, на луѓето им било лесно да ги убијат и потчинат овие моќни птици. Златните орли почнале да се користат во соколарството [2] Оваа практика се користи најмалку од средниот век. Во Азија се користеле за лов на диви свињи, антилопи и волци. Во Европа, пак, птиците биле користени само од благородништвото, од императорите и кралевите, па затоа во некои земји името му е „кралски орел“. Денес, соколарството е најистакнато во Казахстан и Киргистан,[3] како и во северна Монголија.[4][5] Кај народите од овие земји златниот орел се смета за високо вреднувано животно за работа, кое ќе се користи повеќе од 15 години. Соколарите на планината Тјеншан носат ракавица на десната рака, обично со дрвена потпора за поддршка на тежината на птицата. Таму, соколарство најмногу се појавува во доцна есен и рана зима, кога е можно во една сезона, од страна на еден орел да се фатат 30-50 лисици.

Хералдика и митови

уреди
 
Знаме на Албанија
 
Грб на Мексико
 
Грб на Египет

Златниот орел е најчестото национално животно во светот. Него го користат: Албанија, Германија, Австрија, Мексико и Казахстан. Тој е чест мотив и на други народи кои го немаат ставено на официјалните симболи. Освен кај модерните нации, златниот орел се користел и во минатото и бил значаен симбол на римските легии, што имало влијание врз западните култури. Оттаму, се пренел на многу народи во сегашноста, а најверојатно и во САД белоглавиот орел (Haliaeetus leucocephalus) се искористил како најсличен на златниот. Веројатно најнесреќна презентација на златниот орел имаме од времето на нацистичка Германија, кога Адолф Хитлер го искористил за симбол на големата Германско Царство земајќи го од униформите на пруската војска. Тој градел споменици и статуи на згради и мостови со ликот на златниот орел, а и го ставил на значките на своите офицери.[6]

Голема традиција на употреба на златниот орел како симбол на моќ има и во арапскиот свет. Во арапската поезија, и во легендите орелот е сметан за личен симбол на Саладин. Заради ова, орелот е земен за симбол во арапското национално движење, и конкретно е амблем на војските на Египет, Ирак, Палестина, а порано и на Јемен (1967–1990) и Либија (1970–1972). Во Јемен сè уште амблемот е златен орел, но не тој на Саладин.

Во јапонската култура, главната претстава на орлите во митологијата е Тенгу, чудовиштето човек-птица. Моделирано е најверојатно според златниот орел бидејќи живеалиште му се планините. Опишан е како бипедално суштество со долг нос-клун, крилја и вентилатор со 12 дрвени ребра. Понекогаш е илустриран повеќе како човек отколку како птица. Палав и моќен, Тенгу е главно заштитник на планините, и е во состојба да ја предвиди иднината, создава ветрови, па дури и ги напаѓа луѓето кои се обидуваат да му наштетат на планинскиот пејзаж.

Статус и зачувување

уреди

Едно време, златниот орел живеел во големо мнозинство на климатски умерените Европа, Северна Азија, Северна Америка, Северна Африка и Јапонија. Иако широко распространет и прилично безбеден во некои области, во многу делови од опсегот златните орли доживеале нагло опаѓање на населението и дури биле истребени од некои области. Бројот на златни орли од целиот опсег се проценува дека е помеѓу 170,000 и 250,000 додека проценките за парови за размножување се од 60,000 до 100,000.[7][8] Има најголем познат опсег од кој било член на нејзиното семејство, со опсег кој се проценува на околу 140 милиони квадратни километри. Ако се разгледа неговиот таксономски редослед, тој е втор по широк опсег вид по само орелот-рибар (Pandion haliaetus).[1][9] Неколку други видови орели се толку многубројни, иако некои видови како саванскиот орел, клиноопашестиот орел и белоглавиот орел имаат вкупно проценето население со слична големина на златниот орел и покрај нивната поограничена распространетост.[10][11] Најнаселен орел на светот може да биде африканскиот рибји орел (Haliaeetus vocifer), кој има стабилно вкупно население проценето на 300,000 и се наоѓа единствено во Африка.[10][12] Од светски размери, златниот орел не се смета за загрозен од МСЗП.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 „Golden Eagle Aquila chrysaetos. The IUCN Red List of Threatened Species. BirdLife International, 2016. Посетено на април 28, 2021.
  2. Hollinshead, Martin (1995). Hawking with golden eagles. Surrey, British Columbia: Hancock House. ISBN 0-88839-343-1.
  3. Miller Mundy, A. 1996. Riding in the Eagle’s WakeThe Field, February 1996.
  4. Dementiev, Le vol a l'aigle au Turkestan. L'Oiseau el R.F.O. 1936.
  5. Ludlow, F. & Kinnear, N.B. 1936. A contribution to the ornithology of Chinese Turkestan, Part III. Ibis Series 3, 3 : 658-694.
  6. Geoff Walden. „Nazi Eagles“. Third Reich in Ruins. Посетено на 2013-06-12.
  7. Watson, Jeff (2010). The Golden Eagle. A&C Black. ISBN 978-1-4081-1420-9.
  8. Rich, T.D.; Beardmore, C.J.; Berlanga, H.; Blancher, P.J.; Bradstreet, M.S.W.; Butcher, G.S.; Demarest, D.W.; Dunn, E.H.; Hunter, W.C.; Inigo-Elias, E.E.; Martell, A.M.; Panjabi, A.O.; Pashley, D.N.; Rosenberg, K.V.; Rustay, C.M.; Wendt, J.S.; Will, T.C. (2004). Partners in flight: North American landbird conservation plan. Cornell Lab of Ornithology, Ithaca, NY.
  9. „Osprey Pandion haliaetus (Data Zone). BirdLife International. 2020. Посетено на април 28, 2021.
  10. 10,0 10,1 Brown, Leslie; Amadon, Dean (1986). Eagles, Hawks and Falcons of the World. Wellfleet. ISBN 978-1555214722.
  11. Ferguson-Lees, James; Christie, David A. (2001). Raptors of the World. Houghton Mifflin Harcourt. ISBN 0-618-12762-3.
  12. „African Fish Eagle, Haliaeetus vocifer. The Peregrine Fund. Архивирано од изворникот на декември 3, 2013. Посетено на мај 24, 2013.

Надворешни врски

уреди