Мал галеб
Мал галеб | |
---|---|
Едногодишно младенче | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Птици |
Ред: | Бекасови |
Семејство: | Галеби |
Род: | Hydrocoloeus Kaup, 1829 |
Вид: | Мал галеб |
Научен назив | |
Hydrocoloeus minutus (Pallas, 1776, реки во Сибир) | |
Синоними | |
Larus minutus |
Малиот галеб (Hydrocoloeus minutus или Larus minutus), е мал галеб кој живее во северна Европа и Азија. Го има и во Македонија.
Распространетост
уредиМалиот галеб гнезди најмногу на териториите на поранешниот Советски Сојуз, но нивната распространетост се шири и во други области на светот. Во северна и западна Европа; Шведска, Финска, Норвешка, Данска, Германија, Велика Британија; но има и мали колонии во јужна Канада. Но, основната и најголемата популација се наоѓа во степите на западен Сибир и северен Казахстан. Овие птици се преселници и зимуваат на бреговите од Атлантскиот Океан, и на Средоземното, Јадранското, Црното и Каспиското Море. Источната популација зимува на Жолтото Море.
Опис
уредиМалиот галеб е најмал од семејството галеби. Долг е 25-30 см, со распон на крилјата 61-78 см и тежина 68-162 грама.[1][2][3] Во сезоната на парење перјето му е светлосиво со црна качулка на главата, темно перје по крилата и розовикав отсјај на градите. Белите линии околу очите што ги имаат другите галеби со црни качулки, овој галеб ги нема. Зимно време главата е бела, со потемна капа и потемно околу очите. Клунот му е тенок, темноцрвен, а и нозете, исто, темноцрвени. Младенчињата имаат црни делчиња по главата и горните делови од телото, а на крилјата цик-цак сиво-црни линии. Им треба 3 години за да постигнат целосна зрелост. Малиот галеб плови над водата, но не нурка. Се огласува со мелодични ритмички звуци како „кеј-кеј-кеј“. Кога е вознемирен испушта понизок глас во побрз ритам „ке-ке-ке-ке“, а понекогаш и силно писнува „уиит“.
Исхрана
уредиГлавна храна на малите галеби се малите водни и копнени безрбетници и инсекти кои најчесто ги собира од површината на водата. Понекогаш се храни со мали риби и ракчиња. Во потрага по храна летаат ниско над плитките води или крајбрежни треви, често во мали групи.
Размножување
уредиМалиот галеб се размножува во колонии од 5 до 50 пара, кои се нестабилни и во местото и во бројот. Моногамните парови се формираат уште за време на зимувањето или на почетокот од сезоната на парење. Единките созреваат на тригодишна возраст. Во сезоната на парење поведението им е провокативно, со летови и силно мавтање со крилјата и мирување, како и брзи повторувачки звуци „ке-кеј, ке-кеј, ке...океј“. Женките, пак, го креваат својот клун нагоре и ја спуштаат главата надолу. Гнездото го свиваат на влажни места, или со гранчиња и суви треви или како обични дупки во земјата малку обложени со тревки. Несат 2-3 јајца, ретко 4 маслинасто-зелени или екр-кафени, со црвено-кафени, сиви и потемни линии, со големина (37-45) x (28-32) mm. Инкубацијата обично трае 20-22 дена. Инкубираат и двата родитела, но поголемиот дел од времето во гнездото лежи женката. За хранењето на младенчињата се ангажираат и двата родитела. По три дена, пилињата може да го напуштаат гнездото, а се осамостојуваат по 21-24 дена.
Наводи
уреди- ↑ CRC Handbook of Avian Body Masses by John B. Dunning Jr. (Editor). CRC Press (1992), ISBN 978-0-8493-4258-5.
- ↑ [1] Архивирано на 17 април 2015 г. (2011).
- ↑ [2] (2011).
- „Larus minutus“. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 2004. Посетено на 11 May 2006.
- Malling Olsen, Klaus and Hans Larsson, Gulls of Europe, Asia and North America ISBN 0-7136-7087-8
- BOU Records Committee, British Ornithologists' Union Records Committee: 36th Report (November 2007), Ibis (2008), 150, 218-220.
- Pons J.M., Hassanin, A., and Crochet P.A.(2005). Phylogenetic relationships within the Laridae (Charadriiformes: Aves) inferred from mitochondrial markers. Molecular phylogenetics and evolution 37(3):686-699
Надворешни врски
уреди- Little Gull на Ризницата ?
- Larus minutus на Викивидовите ?
- Larus minutus на Flickr: Field Guide Birds of the World