Чествување на ликот на Гоце Делчев

Чествувањето на ликот на Гоце Делчев е тесно поврзано со неговата револуционерно национално-ослободителна борба. Едно од најголемите чествувања е пренесувањето на Гоцевите останки од Софија во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ова чествување било една од најголемите манифестации во историјат на современата македонска држава со највисоки државни и воени почести.

Комеморативен медал Гоце Делчев, на предната страна: се наоѓа ликот на Гоце Делчев и посветата На бестрашниот македонски апостол Гоце Делчев, 1904

По Гоцевата смрт, во 1904 година во Бугарија бил изработен комеморативен медал од страна на Димитар Ѓолев, во име на Внатрешната македонска револуционерна организација. Денес во Македонија и Бугарија, Гоце е национален херој и отука се подигнати голем број на споменици каде што се чествува неговиот лик и дело. Во Македонија тој се слави како еден големите чинители во создавањето на македонската национална држава.

Придонес кон македонското ослободително дело

уреди

... овој народ секогаш ќе знае дека Гоце Делчев го направил за него она што никој дотогаш не беше го направил... му ги посочи патиштата за постигнување на високата цел, му ги откри можностите на народот, му вдахна вера во неговите сопствени сили... И народот му остана секогаш благодарен...

— Крум Христов, Гоце - 50 години од Илинденското востание [1]
 
Христо Смирненски
 
Насловна страница на првиот број на весникот Македоно-одрински курир од 12 април 1903 година

Гоце со својот придонес во македонското револуционерно ослободително движење влегол во традициите на македонските генерации. Апостолот придонел маногу за натамошниот развиток на македонското национално-ослободително движење, отука неговото големо значење било оценето во печатот уште во 1903 година. Особено во тоа се истакнале весниците: Изгрев, Право, Македоно-одрински курир, Автономна Македонија, Македонски преглед и итн.

Делчев со своето дело го расчистил патот за дооформување на идеите за македонската национална особеност и самостојност, идеии кој нашле силен израз во делото на Крсте Петков Мисирков, За македонцките работи. Значењето на Гоце било оценето и од Димитрија Чуповски кој презел активности за реафирмирање на македонската самостојност во меѓународни рамки [2]. Слична дејност презеле Ѓорче Петров и Димо Хаџи Димов во 1918 и 1919 година, кога се поставувало на решавање македонското прашање на Париската мирофна конференција. Овие двајца дејци одново ја активирале Внатрешната организација (Привремено претставништво на „поранешната Внатрешна организација“), како верни толкувачи на Гоцевите идеии. Тоа нашло израз и во акциите на ВМРО (Автономистичка) и ВМРО (Обединета).

Оделни македонски дејци и здруженија настојувале преку агитација и друга дејност да се шираат Гоцевите идеии и да ја шират револуционерната традиција. Особено биле активни дејците од Кукуш, емигранти во Бугарија. Во 1920 година било формирано читалиштето Гоце Делчев, во кое членувале: Христо Смирненски, Никола Трајков, Симеон Кавракиров и други. Од 1921 година започнал со излегување весникот Гоцев лист, уредуван од Тома Бучков. Слични листови излегувале и подоцна и одиграле значајна улога во запознавањето со живото и делото на Гоце. Во 1923 година во Софија било основано Кукушкото братство, слични друштва имало и низ другите градови низ Бугарија, преку нив се ширела Гоцевата традиција. Весникот Советска Македонија од март 1923 година му одал почит на Гоце и го вброил меѓу чесните, смелите и незасенчени идеалисти [3].

За ширење на Гоцевата традиција има многу сторено неговиот соборец Димо Хаџи Димов со својата статија Гоце-македонски Левски, а особено со есејот Тој плаче... [4], напишан во 1924 година по повод 21-годишнината од Гоцевата смрт. Во есејот Хаџи Димов го одредил местото и значењето на Гоце во македонската револуционерна традиција, повикувајќи на обединување на силите. Гоцевата традиција послужила како патоказ во борбата на македонските генерации против обидите да се сврти македонското дело кон релации туѓи за неговата ослободителна епопеја. Имало обиди за мистифицирање на Гоце, но тој останал симбол на слободата. Во еден Гоцев листо од 1938 година бил истакнат Гоцевиот идеи, кои натаму не воодушевуваат и служат како стожер околу кој младината допрва треба да се сплоти [5].

Гоцевата традиција се изразила во континуитетот на македонската ослободителна борба, изразена преку дејноста на ВМРО, Македонската федеративна организација, Македонската студентска корпорација „Гоце Делчев“, Македонското студенско друштво „Вардар“, Младинската културно-просветна организација „Тодор Александров“, Македонскиот женски сојуз, Илинденската организација, Сојузот на македонските емигрантски организации, Сојузот на македонските младински организации, ВМРО (Обединета), МАНАПО и итн. Гоцевата традиција продолжила и во опусот на Никола Јонков Вапцаров, Кочо Рацин, Коле Неделковски, Михаил Сматракалев и други, кои го возвишиле Гоцевиот лик и го воспеале неговото дело.

Оставрување на Гоцевите идеи

уреди

Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни херои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија...

— Панко Брашнаров, Прво заседание на АСНОМ
 
Панко Брашнаров.

Гоцевата традиција служела како патоказ во натамошната борба на македонскиот народ. Македонските генерации се стремеле да ги реализираат и надминат Гоцевите идеи. Тие идеи биле оставрени и спроведени во текот на НОБ и НОФ. Оваа нова борба на македонскиот народ беше само ново, во понови и потешки услови, продолжување на неговата долга национално-ослободителна борба против неговите поробувачи [6]. Во изразувањето на тој континуитет на продолжителна борба истакнато место имеле делото и идеите на Гоце.

Неговата дејност била инспирација за новата борба. Во текот на подготовките за подигање на вооружено востание во август 1941 година, Страшо Пинџур испратил во Прилеп значки со ликот на Гоце, а борците од Првиот партизански одред ги носеле на реверите и капите. Во прогласите и другата документација објавувана во текот на НОБ, насекаде бил присутен повикот за доследно следење на револуционерните традиции, за надоврзување и продолжување на борбата на Гоце и оживотворување на неговите идеи [7]. Во текот на оваа борба било популарно неговото име. Во септември 1942 година бил формиран битолскиот партизански одред Гоце Делчев, а во 1944 година била формирана бригадата Гоце Делчев. Името на Гоце било земано како псевдоним од страна на борците и раководителите. Знамето на Гоце се веело и меѓу партизанските одреди во Егејска и Пиринска Македонија. Во текот на НОБ и НОФ, печатот посветил виден простор за Гоце и неговото дело, биле оцртани неговата личност и дела, неговата борба за самостојност на македонското дело. Отука се извлекувале заклучоци за натамошната борба. Името на Гоце било воспеано и во народните песни од НОБ и НОФ.

Традициите на Гоце биле истакнати на Првото заседание на АСНОМ, каде што била создадена современата македонска држава [8], со што биле остварени идеалите на Гоце.

Гоцевите останки

уреди

Драги сонародници, денес кога Гоцевиот идеал е веќе отставрен од неговите следбеници, кога веќе постои Народна Република Македонија... коските на водачот Гоце Делчев треба да почиваат во престолнината на нашата држава - Скопје

— Акционен комитет за пренесување на коските на Гоце Делчев, Апел кон македонската емиграција и софиското грѓанство [9]
 
Михаил Чаков
По повод 20-годишнината од Илинденското востание во 1923, моштите на Гоце Делчев биле пренесени во црквата Света Недела на поклонение.
На неговиот саркофаг стои запишано: „Ги заколнуваме поколенијата, овие свети коски да бидат погребани во столицата на независна Македонија.“

Признание на Гоцевата личност и била одадена со пренесувањето на неговите коски во Скопје. Коските биле чувани како скапа реликвија на македонскиот народ. Голема заслуга за ова се паѓа на македонскиот деец Михаил Чаков и Илинденската организација.

Со дозвола на османските власти, по завршувањето на Битката кај Баница, телата на Гоце и Димитар Гуштанов биле погребани заедно. Во 1906 година, Чаков се вратил во Серско. Зедно со Таската Спасов - Серски решиле да ги откопаат коските на Делчев и Гуштанов и да ги приберат. Бидејќи во близината на гробот имало османлиска стража, тие тајно ги откопале коските и ги однеле во куќата на Никола Мутафчиев, клисар во црквата Св. Никола. По барање на Чаков и Таската, тој изработил сандаче за коските и го сместил под престолот во црквата. Клисарот бил заколнат да ја чува тајната. Во 1907 година Чаков заминал за Баница и го проверил сандачето со коските на Делчев. Во текот на Првата светска војна, Никола Мутафчиев се преселил во селото Кијункој, во близината на Скеча, а тука по некоја случајност се префрлил и Чаков. Во текот на војната Баница настрадала, а сандачето со коските на Делчев останало во црквата. Чаков ги прибрал коските и ги чувал во Скеча, Пловдив и Софија, сè до 1923 година. Во август 1923 година коските на Гоце биле изложени во црквата Св. Недела во Софија, а потоа биле сместени на таванот во црквата [10]. По еден месец биле прибрани во Илинденскиот дом во Софија, каде што биле сместени во саркофаг на кој на предната страна била врежана заклетвата на македонските генерации да ги пренесат коските на Гоце во престолнината на Македонија[11].

 
Мермерен саркофаг во црквата „Св. Спас“ во Скопје во кој почиваат земните останки на Гоце

Клетвата била исполнета во 1946 година. Македонија чекала цели 43 години за да ги прибере коските на Гоце. Македонските власти побарале од Националниот комитет на Сојузот на макеоднските братства во Бугарија да се согласи останките на Гоце да се пренесат во Скопје. Националниот комитет го прифатил барањето и на 4 октомври 1946 година организирал поклонение на Гоцевите останки [12]. За пренесувањето на коските во Скопје биле изврешени посебни подготовки. Бил изработен нов саркофаг во резба од страна на македонскиот уметник Нестор Алексиев. На предната страна се наоѓал ликот на Гоце, на задната страна знамето на ВМРО, а на страничните грбот на Македонија и на Југославија. Била избрана посебна делегација и почесен одред предводен од генералот Кирил Михајловски-Груица. Според спомените на овој генерал, по официјалната церемонија во Софија, коските во придружба на околу 2 000 Македонци, ја напуштиле престолнината на Бугарија. Саркофагот со коските минал низ Пиринска Македонија, а насекаде народот му одавал последна почит на Гоце. Груица истакнува дека: На пат меѓу Симитли и Петрич во едно село каде што населението беше од Кукуш, машко и женско, старо и младо, празнично облечени - легнаа наземи кога лафетот поминуваше покрај нив [13]. Весникот Македонско знаме напишал:

Една трогателна манифестација на еден народ, кој бил секогаш единствен во своите идеали и остана до крај верен на Гоце Делчев... Гоце - мртов се соедини со својот слободен народ во својата слободна држава... [14]

Биле одржани посебни манифестации во Македонија. Тие ја достигнале својата кулминација на 10 октомври 1946 година во Скопје, кога останките на Гоце пристигнале во престолнината на македонската држава. Коските биле положени во црква „Св. Спас“ - Скопје, а подоцна бил изработен монументаллен мермерен саркофаг во кој почиваат земните останки на Гоце.

Национален херој

уреди

Ни најаве, ни на сон, на Делчева, чиниш, ни на ум не му идело дека цел народ, дека генерации низ вековите ќе го изговараат неговото име, ќе се пренесуват мисловно во неговиот живот, ќе го имаат пред себе за идеал неговиот лик...

— Антон Страшимиров, Гоце Делчев во спомените на современиците [15]

Гоце во Македонија

уреди

Гоце Делчев зазема врвно место во историјата на македонското националноослободително и револуционерно движење. Тој станал вистински изразител на стремежите на поробените македонски маси за слобода... Како таков тој останал и во сеќевањата на македонскиот народ. Неговото дело им служело како борбен пример на натамошните македонски генерации...

— Историја на македонскиот народ
 
Потомците на Гоце Делчев пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје (1946). Сестрите на Гоце, Тина и Велика (четврта и петта од лево) и внуката Лика Чопова (последната десно)

Веднаш по ослободувањето, македонскиот народ му одал видно признание на својот голем син. На 11 октомври 1966 година во Градскиот парк во Скопје бил откриен споменик на Гоце Делчев. Делото било изработено и подарено од бугарскиот академски вајар од македонско потекло Љубомир Далчев. При откривањето на споменикот, Лазар Колишевски одржал говор во кои ги истакнал заслугите на Делчев и неговото значење во историјата на македонскиот народ. Постаментот и просторот околу споменикот биле реконструирани во 2009 година.

Гоцевата личност и дело, редовно се одбележува на свечените академии и други собири, во печатот, радиото и телевизијата. Голем број на училишта, улици, културно-уметнички друштва го носат неговото име. Градот Делчево во источна Македонија го носи неговото име. Не постои град во Македонија во кое не постои улица, училиште и итн. со името Гоце Делчев. Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Гимназијата во Куманово, библиотеките во Штип и Велес го носат неговото име. Во Скопје еден мост и булевар го носта неговото име, во Прилеп по него е именуван стадионот Гоце Делчев. На 11 октомври 1976 година бил завршен споменикот на Гоце во Струмица. Тој е дело на академскиот ликовен уметник Бранко Конески, а партерното решение е дело на архитектот Мирјана Волинец. Во 2010 година бил реконструиран. Според податоците на матичната служба во Скопје, многу деца го добиваат името Гоце. Личноста и делото на Гоце се присутни во македонската книжевност, уметност, музика и филм. Во Македонија, како општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес се доделува наградата Гоце Делчев.

По повод стогодишнината од раѓањето на Гоце Делчев во 1972 година, биле извршени големи подготовки за свечено одбележување. Слична подготовка била орагнизирана за одбележувањето на стогодишнината на неговата смрт во 2003 година. Во 2010 година на плоштадот Македонија, во главниот град на современата македонска држава, од десната страна на почетокот од јужниот дел на камениот мост е поставен постамент на Гоце Делчев како коњаник [16]. Гоце се спомнува во химната на Македонија.

Гоце во Бугарија

уреди

Гоце Делчев е најистакнатиот деец на националноослободителното движење на бугарското и на другото поробено население во Македонија и Одринско од првите години на револуционерната борба до навечерието на Илинденско-Преображенското востание...

— Дино Ќосев, Гоце Делчев. Писма и други материјали

Во периодот помеѓу 1944-1957 година, Бугарија го признавала Гоце како македонски револуционер, водач на македонското-национално ослободително движење и македонскиот народ [12][17]. Меѓутоа таквото стојалиште по 1957 година е постепено напуштано и денес, како и пред доаѓањето на власт во 1944 година на комунистите, Гоце се смета за бугарски револуционер. Во Бугарија во чест на Гоце Делчев во 1951 година е преименуван градот Неврокоп, а две села го носат името Делчево. Постојат повеќе споменици на Гоце Делчев и исто така еден рид во Антарктикот го носи името Делчев, крстен од бугарската антарктичка експедициjа.

Според бугарските историчари, тој како водач на Македонската револуционерна организација се залагал за создавање на автономна Македоно - одринска држава во рамките на Османлиското Царство [18], а има и ставови според кои Гоце се залагал за присоединување на Македонија со Бугарија, како едена од можните варијанти за излез од автономијата [19].

Извори

уреди
  1. Крум Христов, 50-години от Илинденското въстание, София, 1953
  2. Д. Чуповский, Македония и Македонцы, Македонский голос I/1, 1913, 4-5
  3. Да бъдем начисто! Съветска Македония I/I, 1923
  4. Д. Х. Димов, Той плаче, 20 юлий, 4. V. 1924
  5. Младеж, Делчев единството на македонската младеж, Гоце. Възпом. Лист 1938
  6. К. Црвенковски, Народноослободителната борба и револуционерната традиција на Македонија, Скопје, 1966
  7. Извори за Ослободителната војна и револуцијата во Македонија 1941-1945, Т. I, Скопје, 1968
  8. Зборник АСНОМ 1944-1964, Скопје, 1964
  9. Документи за пренесувањето на посмртните останки на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија 1946 г.
  10. М. Чаков, Прибирането костите на великия революционер-апостол Гоце Делчев, Ил. Илинден V/6 (46)/1933/, 6-7
  11. Ил. Илинден 2 (1929), 1
  12. 12,0 12,1 Ванѓа Чашуле, Од признавање до негирање, Скопје, 1970
  13. Кирил Михајловски, Силно е македонското чувство, Млад борец, 15. XI. 1971, 6-7
  14. Македонско знаме, 21. X. 1946, 3
  15. Андонов Х. Полјански, Гоце Делчев во спомените на современиците, Скопје, 1963
  16. „Гоце Делчев и Даме Груев нови обележја на плоштадот Македонија“. Архивирано од изворникот на 2010-08-07. Посетено на 2011-08-18.
  17. Дино Кьосев, „История на македонското национално революционно движение“ (1954)
  18. Българите в най-източната част на Балканския полуостров - Източна Тракия, Димитър Войников, гл. 24. Идването на Гоце Делчев в Тракия и някои уточнения по този повод. Идеологическите спорове между Гоце Делчев и Стоян Лазов. Непубликувани спомени на очевидци.
  19. Коце Ципушев, Деветнадесет години в сръбските затвори. Спомени, София, 1943 г. гл. 1. Между борците-великани, стр. 32.