Брежани

село во Општина Дебрца

Брежани — село во Општина Дебрца, Охридско.

Брежани

Поглед кон селото

Брежани во рамките на Македонија
Брежани
Местоположба на Брежани во Македонија
Брежани на карта

Карта

Координати 41°16′18″N 20°57′42″E / 41.27167° СГШ; 20.96167° ИГД / 41.27167; 20.96167
Општина  Дебрца
Население 15 жит.
(поп. 2021)[1]

Шифра на КО 19004
Надм. вис. 1083 м
Слава Мала Богородица
Мреж. место Брежани
Брежани на општинската карта

Атарот на Брежани во рамките на општината
Брежани на Ризницата

Географија и местоположба уреди

Брежани се наоѓа на 25 километри воздушна линија од Охрид помеѓу планинските масиви Илинска Планина и Мазатар на надморска височина од 985 метри[2]. Со магистралниот пат Охрид - Скопје се поврзува кај селото Ботун. Од Ботун патот врви низ селата Белчишта, Лешани и Велмеј. Се ноѓа на 6 км јужно од селото Велмеј. Од градот Охрид е оддалечено 32 километри[2]. Сместено е во крајниот југоисточен дел на областа Дебрца вово горниот тек на Брежанска Река[3]. Во долината на Брежанска Река се редат извор до извор, поради што народот вели дека Брежани има добра земја, здрава вода и убав свет[3]. Илинска Планина источно од Брежани се поврзува со Плакенска Планина, при што тие претставуваат единствен планински венец кој се протега во меридијански правец север - југ. Кај Брежани се наоѓа преминот (превојот) помеѓу областите Дебрца и Железник (Демир Хисар), поради што во минатото на овој простор активно бил развиен сообраќајот[4].

Атарот на селото Брежани граничи со атарите на следните села: од север и североисток Велмеј и Големо Илино, од исток и југоисток Мало Илино, Базерник и Слоештица, од југ Плаќе, Речица и Куратица.

Поедини места во атарот на селото ги носат следните имиња: Селиште, Илинска Црква, Бигла, Јаоречка Црква, Рамни Газ, Влашко Село, Попова Нива, Старо Село, Папи, Речка, итн. Селото е со куќи од збиен тип и има 3 маала кои се делат по родовите Василевска или Долна, Белевска и Цветковска Маала.[3]

Историја уреди

Подрачјето на Брежани е населено уште во неолитот, за што сведочат остатоците од населба пронајдени во самото село.

Брежани е доста старо село. Најпрвин селото се наоѓало во месноста Селиште, 2 километри над селото, а за време на турското владеење селаните од тоа место пред околу 170 години го основале селото на денешната местоположба[3]. Дел од жителите на тоа постаро село се населиле и во селото Велмеј. Во атарот на Брежани, постои и месноста Старо Село, на која селаните често ископувале и пронаоѓале остатоци од ѕидини и ќупови[3].

Брежани во Илинденското востание уреди

Населението од Брежани активно учествувало во текот на Илинденското востание па поради тоа Турците го запалиле селото, и ги запалиле сите 98 куќи во селото, при што Стојан Степанов Десаноски, Стеван Петрев Миленкоски и Саве Совранов Терзијоски биле одведени во Дијарбекир, и не се вратиле. Како комити во четите на Смиле Војданов и Дејан Димитров, учествувале следните брежанци и брежанки: Стојан Ѓакоски, Танаско Ѓакоски, Алексо Десаноски, Стамена Димоска, Деспот Јанчески, Томе Кавтаноски, Сандре Кршароски, Стојан Лозаноски, Миладин Мирчески, Миладин Наумоски, Недан Смилески, Паун Смилески, Ѓино Спасески, Ристо Станкоски, Стаменка Стеваноска, Деспот Стојчески, Миладин Суклоски, Никодин Суклоски, Бимбил Трпчески, Никола Малинкоски, Ристо Љапчески и Вељан Лозаноски.[5]

Брежани од Балканските војни до НОБ уреди

Во 1912 година Македонија потпаднала под Србија, при што немало разлика од турското ропство и новата окупација, поради тоа што биле големи противници на српските интереси, и што не се прифаќале за Срби од селото Брежани по предавство кое го извршил Ристо Попоски од Лешани, кај Манастирот „Си Свети“ од страна на српските власти биле убиени брежанците: Ристо Лапче, Димитрија Нејкоски и Вељан Лозаноски. А учителот Никола Јанев Малинкоски бил отруен од страна на српските власти. Во време на војните помеѓу Бугарија и Србија, во српската војска биле присилно мобилизирани доста брежанци, при што во војните како српски војници загинале: Божин Милошески, Павле Кадиоски, Ѓоргија Налески, Танаско Танаскоски, Војдин Тренески, Саве Салтироски, Трајче Канделески, Трајче Угриноски, Десан Десаноски, Бојко Степаноски, Војдин Танаскоски, Насто Османоски, Ѓино Лозаноски, Лозан Лозаноски и Танаско Апостолоски. Меѓу двете светски војни српските закони биле многу строги и спроведувани под посебни околности. Кога бил убиен кралот Александар во 1934 годима, биле забранети сите веселби на свадби, крштевки и други празници, а по наредба на командирот на жандармериската станица во Брежани била прогласена жалост со шест месеци. Ситер што биле забележани дека го рушат тој ред биле казнувани со тепање, тепање и затворање имало и за пеење комитски песни, така за такви песни бил малтретиран Танаско Ѓакоски кој бил илинденец.[5]

Брежани во НОБ и потоа уреди

Со нападот на Југославија, на шести април 1941 година, од страна на Германија, и нејзините сојузници Италија и Бугарија ја окупирале Македонија, при што Македонија отпрва била поделена помеѓу Бугарија и Германија. Единствено Брежани од цела Дебрца потпаднала под Бугарија, така што регулирала војници од Брежани да служат во Стара Загора, Самоков, Пловдив, Софија, Сливен, Сер, Драма, Кавала и на други места.

После завршувањето на војната во просторот на територијата на селото Брежани крстареа десеткувани балистички банди. Тие не можеа да најдат закрила кај мирното население во Брежани, па дење морале да се кријат по брежанските гори, а ноќе се појавувале и сееле страв, напаѓајки ги сточарските објекти во местата Слива и Јаорец. Жртва на нивната разбеснетост беше стариот седумдесет годишен брежанец Андон Трпески. Како одмазда за убиството на стариот Андон, брежанци фатиле еден балист по име Бајрам и го однеле во селото каде народот го каменувал. Како него завршиле и многу други балисти, а потоа почнал помирен живот.[5]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948742—    
1953742+0.0%
1961547−26.3%
1971424−22.5%
1981198−53.3%
ГодинаНас.±%
199154−72.7%
199456+3.7%
200231−44.6%
202115−51.6%

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Брежани имало 560 жители, сите Македонци.[6] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Брежани имало 640 жители, Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Брежани е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 67 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 600 Македонци.[9]

Огромен број од жителите на Брежани се иселиле за што сведочи постојаниот и драстичен пад на бројот на населението на селото. Во 1961 година во Брежани живееле 547 жители, додека во 1994 само 56 жители, сите Македонци.[2]

Според пописот од 2002 година, селото брои 31 жител, сите Македонци.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 15 жители, од кои 11 Македонци и 4 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 560 640 742 742 547 424 198 54 56 31 15
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови уреди

Брежани е чисто македонско православно село, во кое живее староседелско население

Родови во Брежани се: Василевци (20 к.), Белевци (16 к.) и Цветковци (16 к.) сите родови се староседелски кои живееле во месноста Селиште, а во минатото сите родови имале многу поголем број на куќи од сегашниот, но се смалиле поради иселување. Во родот Белевци( старо име Трпчевци) го знаат следното родословие: Никола (жив на 50 г. во 1980) Мицко-Ристо-Србин-Стрезо основачот на родот, кој преминал од месноста Селиште во денешното село.[4]

Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Брежани се:

Староседелци: Сукловци (29 к.) се делат на Соколевци и Станковци; Белевци (18 к.) се делат на Трпчевци и Поповци; Терзијовци (11 к.); Угриновци (1 к.) еден дел од родот се вика Бошковци, кој е изумрен по машка линија, се имаат селено во Житоше, Прилепско и вратено назад; Струмовци (13 к.); Крстевци (25 к.); Лаловци (8 к.) и Дамјановци (5 к.).

Доселенички родови: Десановци (12 к.) и Цветковци (18 к.) доселени се од раселеното село Јаорец.[16]

Општествени установи уреди

Цркви
  • Црквата „Св. Атанасиј“ се наоѓа на северниот дел од селото. Таа е еднокорабна градба. Градена е од кршен камен, венец од бигор, со полукружна апсида. Црквата потекнува од XIX век. Во поново време е преправана, само апсидниот дел е остаток од постарата градба. Треба да се нагласи дека и постарата градба е обновена врз постар објект. За тоа зборуваат постарите средновековни гробни конструкции што се наоѓаат во дворот, посебно кон исток. Однадвор црквата е малтерисана, а внатрешноста е со полуоблест свод. Постариот живопис не е сочуван. Апсидниот дел е единствен што е зачуван оригинален дел од постарата црква. Влезот е од јужната страна, како и ѕвоното. Во внатрешноста постои иконостас со постари пресликани икони.
  • Манастир „Св. Петар и Павле“. На околу 300 м. од последната куќа на с. Брежани се наоѓа манастирот посветен на првоапостолите Петар и Павле.

По кажување на Стојан Спироски, жител на ова село, црквата била изградена по сон на неговата сопруга Љуба, а со градба се започнало во 1991 година, а била живописана во 1998 година. Иконостасот бил направен од страна на Цветко Маркоски, а иконите се дело на Ристе Никески. Денес оваа црква претставува вистински манастир со придружни објекти и трпезарија.

  • На 4 - 5 километри северно од Брежани во месноста Јаорец се наоѓаат остатоци од стара црква со димензии 6 х 3,5 м. и разурнат иконостас со икона на која е претставена Св. Богородица со Христос. Црквата е запуштена во непознато време, а денес ова наоѓалиште, како и видливите стари средновековни гробишта, е обраснато со трева. Познато е како Црквиште.
Други верски објекти
  • Јужно од црквата Свети Петар и Павел, на околу 20 м. се наоѓаат две мали капели, едната посветена на св. Петка, а другата на Св. Петар и Павел. Според кажувањето на постарите жители на ова село, на ова место од памтивек луѓето палеле свеќи, а некогаш на ова место имало Лекојта вода.
  • Исто така јужно од овие капели, на околу триесетина метри, се наоѓа култно место на кое што жителите од селото палат свеќи, а местото се вика Свети Спас.
  • Во средишниот дел на с. Брежани се наоѓа наоѓалиштето Св. Никола. На ова место е изградена правоаголна градба, без апсида, без живопис и иконопис.
  • Наоѓалиштето Манастириште. Северозападно, на 5 км. од селото Брежани, десно од меѓуселскиот пат Брежани – Велмеј кај Јаоречка река, едно стотина метри над месноста Николичина Ливада се наоѓа наоѓалиштето Манастириште. Тој зафаќа 1 ха. во неговата средина се забележува основа на зграда ориентирана исток – запад, т.е. црква, а на северниот и јужниот крај од нивата се забележуваат урнатини од повеќе згради. Во Брежани и во Велмеј е проширено преданието дека во оваа манастирска црква бил погребан царот Самоил, па во 1935 – 1939 година овој простор го преорале диви копачи, барајќи злато. Тоа барање не било без основа зашто во Јаорец еден брежанец нашол златна змија, но не знаејќи што е, некои му ја украле.
  • Наоѓалиште Писан Камен. Ова наоѓалиште е сместено во Горни Јаорец. На една карпа има неколку знаци со црвена боја, а на висина од 2 м. од земјата на неа е испишана буквата П и под неа има крст. Преданието на ова место е сврзано со златото на Цар Самоил.

Самоуправа и политика уреди

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1321 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[19]

Спорт уреди

Иселеништво уреди

Во поодамнешно време во ниското полско село Горно Средоречие се иселиле родовите Марковци, Миленковци и Божиноски. По Втората светска војна започнал масовен бран на иселувања при што околу 50 куќи се иселиле во Охрид, околу 40 куќи во селото Трновци во околината на Битола, 6 куќи во демирхисарското село Суво Дол и Битола[4].

Брежанци во Австралија во чест на празникот Св. Атанасиј Велики

Во Голден стар Ресепшон селското друштво „Брежани - Охридско“ секоја година го прославува големиот православен празник Свети Атанасиј Велики (Атанасовден). На игранката присуствуваат голем број иселеници од Брежани и многу други гости од охридскиот крај.

Според податоците од 1988 година иселеници од Брежани има во: Охрид (164 семејства), Трновци (36 семејства), Австралија (20 семејства), Суводол (10 семејства), Битола (9 семејства), Скопје (7 семејства), Сопотница (5 семејства), Белград, Подмоље, Свето Тодори и во Прилеп (по 3 семејства), Велмеј и Ботун (по 2 семејства), а во Куприја (Србија), Шабац, Кавадарци, Дебар, Велгошти, Струмица, Сараево, Нови Сад, Црна Гора и во Бугарија (по 1 семејство).[5]

Песна за Брежани уреди

Под Илинска планина и Мазатар во Дебрца славна е Брежани колку се песни испеани а малку се зборови кажани Реф: Горе на брегот високо манастир внебо се издигнал Петар и Павел пресветли народот денес се насобрал Петровден да ни поможи Со молитва благослов побарав За здравје со среќа и берикет Во храмот свеќа запалив Петровден да ни поможит Брежанци да дојдат од печалба Со песни и ора сплотени Да славиме цел ден и векови Јаорец стада заблеале Водите бистри надошле Брежани мое најубаво Птиците вгора запеале.

Личности уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр. 38
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Трифуноски Ф. Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 г. стр. 272
  4. 4,0 4,1 4,2 Трифуноски Ф. Јован „Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања“. САНУ, Белград, 1990 г. стр. 273
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 Степаноски, Наум (1988). Брежани. Охрид.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 162-163.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 31.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. Русиќ, Бранислав. Дебрца-Брежани. Архивски фонд на МАНУ АЕ 89/1.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  19. Археолошка карта на Република Македонија, Том 2, 1996, издание наМАНУ, Скопје, Македонија.
  20. 20,0 20,1 20,2 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  21. 21,0 21,1 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  22. Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  23. 23,0 23,1 23,2 23,3 23,4 23,5 23,6 23,7 Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  24. Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том I, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија.
  25. 25,0 25,1 Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва том II, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија.

Надворешни врски уреди