Свето Тодори
Свето Тодори — село во областа Пелагонија, во Општина Могила, Битолско.
Свето Тодори | |
Поглед на селото Свето Тодори | |
Координати 41°13′45″N 21°20′12″E / 41.22917° СГШ; 21.33667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Могила |
Област | Пелагонија |
Население | 129 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7245 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02104 |
Надм. вис. | 604 м |
Свето Тодори на општинската карта Атарот на Свето Тодори во рамките на општината | |
Свето Тодори на Ризницата |
Потекло на името
уредиИмето на селото потекнува од светецот на селската црква, Теодор Стратилат.[2]
Географија и местоположба
уредиСелото се наоѓа речиси во средишниот дел на Пелагонија, во северниот дел на Битолското Поле и во северниот дел на територијата на Општина Могила.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 660 метри.[3]
Селото е потпланинско, сместено во подножјето на планината Древеник на запад и висорамнината на исток. Околни села се: Подино на север и Трновци на југ.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Крс, Богдан Манастир, Липа, Папрадиште, Дебела Леска, Гнојиште, Мрцкоа Падина, Мечкина Дупка, Свињи, Локви, Широка Бука, Тумбиња, Широки Дол, Страна, Јазбина, Петрегла, Лезоица, Лозишта, Чешмиња, Кутлина, Татарица, Пашиница, Чоролица, Црна Река, Чаирица, Ќосовица, Гладно Поле, Крге, Стеваница и Ќерамидница.[4]
Селото има збиен тип и е поделено на маала, кои се именувани по родовите во нив.[4]
Селото се наоѓа во котлината Пелагонија, југозападно од Прилеп и североисточно од Битола.
Историја
уредиСелото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од Прилепскиот вилает под името Исвети Тодор кога имало 25 семејства, 1 неженет и 4 вдовици, сите христијани.[5]
Околу илјада метри југозападно од селото се наоѓал манастир, кој подоцна запустел. Мештаните во 1954 година почнале да копаат на таа месност и наишле на ѕидови високи еден метар. На нив се познавале одредени траги од живописот. Подоцна биле ископани и 10 стари гробови.[4]
Во првата половина на XIX век тука се населиле Арбанаси, кои имале околу 20-30 домаќинства. Нивните гробишта биле сместени на патот за соседното село Подино, а во селото постоела и џамија. Сепак, сите овие се иселиле од селото и главно се преселиле во градот Битола. На нивните места дошле предците на денешните македонски родови.[4]
Во XIX век, Свето Тодори било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Вкупно 3 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]
Стопанство
уредиАтарот зафаќа простор од 11,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 510 хектари, на шумите отпаѓаат 339 хектари, а на пасиштата 224 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
Население
уреди
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Свето Тодори живееле 210 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Свето Тодори имало 128 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Свети Тодори се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 22 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 300 Македонци.[10]
Од селото, речиси, половина население се иселиле и тоа преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото имало 481 жител, а во 1994 година бројот се намалил на 256 жители, македонско население.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Свето Тодори живееле 210 жители, сите Македонци.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 129 жители, од кои 124 Македонци и 5 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 210 | 128 | 406 | 477 | 481 | 453 | 447 | 264 | 256 | 210 | 129 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
уредиСвето Тодори е македонско село. Сите родови во селото се доселени.[4]
Родови во селото се: Мицевци (4 к.), најстар род во селото, доселени се од Охридско, го знаат следното родословие: Васил (жив на 80 г. во 1950-тите, роден 1870), Божин (роден 1840), Мице (роден 1810), основачот на родот кој се доселил; Димчевци (2 к.), деленици се од Мицевци; Нолевци (17 к.), доселени се од селото Трновци, имаат роднини во Ивањевци (Буџаковци), го знаат следното родословие: Спасе (жив на 30 г. во 1950-тите) Ристе-Димче-Ноле, основачот на родот кој се доселил; Анѓелковци (9 к.), Ѓурчиновци (6 к.), Чорбевци (5 к.) и Грашковци (3 к.), и тие се доселени од Трновци; Горјановци (2 к.), доселени се во турско време од Бела Црква, таму се доселени од Смилево; Костевци (1 к.), доселени се однекаде; Ќеменовци (5 к.), доселени се од Добрушево; Прдлевци (2 к.), доселени се во турско време од Обршани, и таму се доселени однекаде; Пановци (2 к.), доселени се во турско време од Подино, таму биле доселени од Старо Подино; Стојановци (3 к.), шетале по сите села, овде се доселени од Српци во турско време; Бакревци (2 к.), доселени се од селото Света, Железник, а некое време живееле и во Трновци.
Општествени установи
уредиСамоуправа и политика
уредиСелото влегува во рамките на Општина Могила, која била создадена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото се наоѓало во рамките на некогашната рурална општина Могила.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Тополчани.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Ивањевци, во која селото Свето Тодори, се наоѓале и селата Беранци, Вашарејца, Древеник, Ивањевци, Лознани, Новоселани, Подино, Српци и Трновци. Во периодот 1950-1952, селото било исто така дел од Општина Ивањевци, во која влегувале селата Древеник, Ивањевци, Новоселани, Подино, Свето Тодори и Трновци.
Избирачко место
уредиВо селото постои избирачкото место бр. 0185 според Државната изборна комисија, сместено во основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 149 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 146 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
уреди- Археолошки наоѓалишта[20]
- Црквиште — населба од римско време;
- Василичини Гробишта — некропола од средниот век;
- Кале — населба од хеленистичко време;
- Крчин — светилиште и некопола од доцноантичко време;
- Кутлина — осамен наод од римско време;
- Кучкина Леска — населба од средниот век;
- Чешмина — населба од доцноантичко време;
- Манастир — осамени наоди од римско време; и
- Над Чаир — населба од неолитско време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Теодор Стратилат“ — главната селска црква, потекнува од 1840 година; и
- Црква „Св. Теодор Стратилат“ — главната манастирска црква на Светотодорскиот манастир.
- Манастири
- Светотодорски манастир — манастир над селото
Редовни настани
уреди- Свети Тодор (21 јуни) — селска и црковна слава
Личности
уреди- Родени во Свето Тодори
- Бранко Мицевски (р. 1958) — македонски зоолог, универзитетски професор на ПМФ, Скопје.
Иселеништво
уредиСе знае за следните иселени македонски родови од селото: Рујановци (1 к.), живеат во Новоселани; Мориовчиња (4 к.), живеат во Граешница; Порталко (1 к.), живее во Кадино Село и Ночевци (2 к.), живеат во Долно Оризари.[4]
Од селото се имаат иселено над 200 лица. Најмногу се имаат преселено во градовите Битола, Прилеп и Скопје, како и во прекуокеанските земји и Европа.[2]
Галерија
уреди-
Куќи во селото
-
Панорама на влезот од селото
-
Дел од селото
-
Поглед на манастирската црква
Наводи
уреди- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2020-06-29. Посетено на 2019-09-01.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 268. Посетено на 1 септември 2019.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.68
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 237.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 168-169.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 11.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 септември 2019.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 2 септември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-09-02. Посетено на 2 септември 2019.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 17 октомври 2021.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- Свето Тодори на Ризницата ?