Син сомот
Син сомот (англиски: Blue Velvet) е американски нео-ноар, детективски трилер филм режиран од Дејвид Линч, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Кајл Меклахлан, Изабела Роселини, Денис Хопер и Лора Дерн. Насловот „Син сомот“ е земен од насловот на истоимената песна на Боби Винтон.
„Син сомот“ | |
---|---|
Специјалното издание на филмот | |
Режисер | Дејвид Линч |
Продуцент | Фред С. Карузо |
Сценарист | Дејвид Линч |
Главни улоги | Кајл Меклахлан Изабела Роселини Денис Хопер Лора Дерн Дин Стоквел |
Музика | Анџело Бадаламенти |
Кинематографија | Фредерик Елмс |
Монтажа | Дуејн Дунам |
Дистрибутер | De Laurentiis Entertainment Group |
Премиера | Канада: 12 септември 1986 (Toronto Film Festival) САД: 19 септември 1986 Австралија: 26 февруари 1987 |
Времетраење | 120 минути |
Земја | САД |
Јазик | Англиски |
Буџет | $6,000,000 (проценка) |
Бруто заработка | $8,551,228 (Северна Америка) |
Осврт кон филмот
уредиСин сомот е позитивно оценет од критичарите[1][2][3] и, имајќи го предвид емитирањето во ограничен број кино-сали, се смета и за успешен комерцијален филм. За овој филм, Дејвид Линч се здобил со втората номинација за „Оскар“.
Денес, заедно со Кјубриковите Пеколен портокал и 2001: Вселенска одисеја, и Евтини приказни на Квентин Тарантино, „Синиот сомот“ се смета за еден од најзначајните и најуспешни култни класици на сите времиња.[4][5][6]
Кратка содржина
уредиЏефри Бомонт (го игра Кајл Меклахлан) се враќа во својата населба од колеџ откако дознава дека неговиот татко (го игра Џек Харви) има претпрпено тежок мозочен удар. Додека се враќа дома од болницата, минува крај еден напуштен имот и таму наоѓа исечено и сериозно оштетено уво кое го пакува во хартиена ќеса. Џефри го носи увото кај локалниот детектив Џон Вилијамс (го игра Џорџ Дикерсон). Кога подоцна повторно го посетува домот на семејството Вилијамс со цел повторно да зборува за инцидентот, Џефри ја среќава и ќерката на детективот - Сенди (ја игра Лора Дерн). Таа му соопштови поподробни детали за најденото уво и му навестува постоење на една сомнителна жена, пејачката Дороти Валенс (ја игра Изабела Роселини). Изразено љубопитен, Џефри разработува план да го посети домот на Дороти, преправен како работник во служба за чистење и одржување. Вниманието на Дороти ѝ одвлечено кога еден човек во жолто палто (го игра Фред Пиклер) тропа на нејзината врата, па Џефри го краде резервниот клуч од нејзиниот стан.
Џефри и Сенди потоа го посетуваат ноќниот клуб Slow Club каде пее Дороти. Додека таа ја изведува својата точка, Џефри се провлекува до нејзиниот стан. Бидејќи Дороти се враќа брзо, тој е приморан да се скрие во нејзиниот плакар. Сепак Дороти, со кренат нож, го пронаоѓа и се заканува дека ќе го повреди. Кога сфаќа дека Џефри не е ништо повеќе од обично љубопитно момче, таа претпоставува дека неговите намери се од сексуална природа, па се возбудува од неговата наводна склоност кон воајеризам. Дороти го принудува Џефри да се соблече, по што орално го задоволува. Тогаш, во станот доаѓа Френк Бут (го игра Денис Хопер). Дороти го замолува Џефри да се врати во плакарот; по ова, во една од иконските сцени на филмот, Џефри ги посведочува бизарните сексуални склоности на Френки - еротско гушење, фротаж и садомазохизам. Френк е аморален, гневен социопат чиј оргазмички климакс вклучува и задоволство и гнев. Кога Френк си заминува, тажната и очајна Дороти се обидува повторно да го заведе Џефри. Бара од него да ја удира, но откако тој одбива, му наредува да си оди и да ја остави сама. Џефри повторно го посетува ноќното шоу на Дороти во Slow Club, каде таа ја изведува Син сомот (Blue Velvet) од Боби Винтон. Френк е исто така присутен во клубот: додека ја слуша баладата, тој плаче. Подоцна, во возниот парк, Џефри ги набљудува Френк и неговите придружници додека си одат и повторно тргнува кон станот на Дороти.
Френк ги начекува Џефри и Сенди заедно и ги принудува да го придружуваат до типично куќата на Бен (го игра Дин Стоквел), софистициран денди, негов партнер во криминалните дејствија. Во култната филмска сцена, Бен го имитира пеењето на Во сништата (In Dreams) од Рој Орбисон, доведувајќи го Френк на работ на емотивно лудило, кое се претопува во разуздан гнев. Френк го одведува Џефри надвор од градот и дивјачки го претепува, додека ги рецитира воведните стихови на In Dreams кои, искажани од неговата уста, добиваат сосема друго значење. Следниот ден Џефри се буди и си оди дома, каде е обземен со чувства на вина и очај. Решава да оди во полицијата. Во полициската станица, Џефри забележува дека партнерот на таткото на Сенди, Гордон — Жолтиот Човек (Џефри им доделува имиња на непознатите личности на кои наидува во својата истрага). Подоцна, во домот на Сенди, нејзиниот татко е шокиран од приказната на Џефри, но го предупредува за опасноста. Џефри и Сенди одат на игранка заедно, ја искажуваат својата новооткриена љубов и невино се прегрнуваат. Бидејќи забележуваат дека некој ги следи додека се враќаат дома - и двајцата се преплашени. На Џефри му олеснува кога дознава дека се работи за Мајк - поранешното момче на Сенди. Тепачката е избегната кога двајцата ја забележуваат голата и видно вознемирена Дороти во дворот на Џефри. Џефри ја носи Дороти во домот на Сенди, каде повикуваат брза помош.
Од болницата, Џефри ѝ соопштува на Сенди дека мора да се врати во станот на Дороти и ја замолува да го извести нејзиниот татко. Кога влегува во станот, Џефри наидува на сурово лоботомизираниот Гордон и на безживотното тело на мажот на Дороти, на кое му недостасува увото. Кога се обидува да си замине, го здогледува Добро облечениот маж како се качува по скалите и забележува дека тоа е Френк. Џефри зборува со детективот Вилијамс преку полициското радио и лаже за својата локација во собата. Френк влегува во станот, фалејќи се дека го слушнал разговорот и дека го знае местото каде се крие Џефри. Откако не успева да го најде, Френк се враќа во дневната соба. Џефри испукува во него со пиштолот што го зема од полицаецот Гордон. Во тој миг, детективот Вилијамс, придружуван од Сенди, влегува во собата.
Неколку денови подоцна, Џефри и Сенди се повторно заедно, а нивните животи се нормални. Во последната реплика на филмот, Сенди, откако здогледува една црвеногушка на рамката на прозорецот (за која претходно во филмот вели дека ја симболизира Љубовта), вели: „Ова е чуден свет, нели?“. Пред да се прикажат завршните кредити од филмот, камерата ги покажува Дороти и нејзинот син како си играат среќно во парк.[7]
Улоги
уреди- Кајл Меклахлан како Џефри Бомонт
- Изабела Роселини како Дороти Валенс
- Денис Хопер како Френк Бут
- Лора Дерн како Сенди Вилијамс
- Хоуп Ланџ како г-ѓа Вилијамс
- Дин Стоквел како Бен
- Бред Дуриф како Рејмонд
- Џек Ненс како Пол
- Френсис Беј како вујна Барбара
- Џорџ Дикерсон како детектив Вилијамс
- Џек Харви како г-н Бомонт
- Присила Поинтер како г-ѓа Бомонт
- Фред Пиклер како детектив Гордон/Жолтиот Човек
Развој и продукција
уредиРазвој
уредиСин сомот за Линч е неговиот најличен филм, па оттука и самиот признава дека тоналитетот на истиот е преплавен со низа автобиографски нијанси:
"Кајл е облечен како мене. Татко ми беше истражувач при Одделот за земјоделство во Вашингтон. Многу време минувавме во шума. Додека заминав, на некој начин, ми беше веќе доста од шуми, но сепак, дрво и дрвари, и сето на нив слично - токму тоа е Америка за мене, исто како и дрвената ограда и ружите на почетокот на филмот. Толку е врежана таа слика во мене, што и ме прави среќен."[8]
Самата приказна во филмот своето потекло го начнува во три различни идеи што кристализираат во мозокот на Линч еден подолг период чиј почеток режисерот го датира уште во 1973 година. Првата идеја, всушност, не е ништо повеќе од "чувство" и наслов - Син сомот - , како што Линч вели во едно интервју за Синеаст во 1987 година.[9] Втората идеја е слика на оштетено, исечено уво во трева. "Не знам зошто мораше да биде уво. Само знам дека мораше да биде некој отворен дел на телото, нешто што е влез во нешто друго... Увото е сместено на главата и неговите канали водат кон мозокот, па изгледаше совршено," забележува еднаш режисерот.[10] Третата идеја, пак, е сместена во песната на Боби Винтон со ист наслов како и филмот, и, пред сѐ, "атмосферата што ја носеше таа песна... чувствата, периодот, нештата што му припаѓаа на некое друго време."[11] Линч и Рот го пишуваат сценариото и истото го доставуваат во студиото на Warner Bros., кое покажува интерест за проектот. Следните две години, режисерот пишува две драфт-верзии, кои, според него, воопшто не биле добро. Проблемот со нив, вели на едно место Линч, "беше тоа што филмот сѐ уште ги содржеше сите неудобности, но ништо повеќе од нив. Многу недостасуваше. Па затоа се оддолжи."[12]
Кастинг
уредиУлогите во Синиот сомот во главно се дадени на низа тогаш непознати и недокажани глумци. Изабела Роселини има претходно постигнато некаков успех преку рекламите за козметичката компанија Ланком во раните 1980-ти. Денис Хопер е најголемото "име" во филмот, пред сѐ, поради неговите улоги во Непромислен јавач (1969) и Апокалипса сега (1979), а Кајл Меклахлан се појавува како главен протагонист во претходниот филм на Линч - Дина (1984), научно-фантастичен еп, работен по истоимениот роман на Френк Херберт, и кој, и покрај култниот статус што го има постигнато во последниве години, сѐ уште се смета за голем критички и комерцијален неуспех на американскиот режисер. Неможноста да се најмат повидни имиња се должи на самото сценарио на Син сомот како и ограничениот буџет одвоен за самиот филм. Улогата на Френк Бут најпрво му била понудена на Роберт Лоџиа, потоа на Вилем Дефо па на Ричард Брајт, но сите ја одбиле со објаснување дека ликот на Френк е и премногу вулгарен и избувлив.[13] Сосема спротивно на нивната реакција, Денис Хопер — четвртиот избор на Линч — ја прифаќа улогата, наводно гласно извикнувајќи: "Јас морам да го играм Френк! Јас сум Френк!"[14] Хопер ја потврдува оваа информација во документарецот посветен на правењето на Син сомот - Тајните на Љубовта (The Mysteries of Love), продуциран во 2002 година за специјалното издание на филмот.[15] Пред да ја добие улогата за овој филм, Хоперовата кариера е безмалку на работ на својот крај од причина што по неговата рехабилитација не му се доделувани многу улоги. Токму Син сомот ќе ја оживее неговата филмска кариера.
Улогата на Дороти Валенс ѝ ја доделува на Изабела Роселини откако ја сретнува во еден ресторан. Џефри Бомонт, пак, во првичните планови на Линч, требало да биде Вал Килмер, но, тој ја одбива улогата, со појаснение дека сценариото не е ништо повеќе од "порнографија". Сепак, подоцна, Килмер ќе рече дека кога денес би му ја понудиле повторно улогата - би ја играл, додавајќи дека многу му се допаднала конечната верзија на филмот.[13] На познатиот пејач Крис Ајзак исто така му била понудена улогата на Џефри во филмот, но тој ја одбил. Две песни од неговиот дебитантски албум од 1985 година Силвертоун Линч ќе ги искористи во Син сомот. Кајл Меклахлан, кој претходно игра во еден филм на Линч - веќе споменатиот Дина (1984) - бил трет на листата за избор на режисерот. Веднаш се согласува, иако, за него - се појавува безмалку во секоја сцена од филмот - распоредот за снимање бил исцрпувачки.[15] Во едно интервју, Линч споменува дека првично сакал Моли Рингволд, тогаш општо-позната како "тин-идол", да ја глуми Сенди Вилијамс; но мајката на Рингволд се противела на нејзината улога во филмот, верувајќи дека неговата експлицитна содржина, ќе ѝ наштети на кариерата на нејзината ќерка.[14]
Сценарио и снимање
уредиПо завршувањето на Човекот слон во 1979 година, Линч се запознава со продуцентот Ричард Рот. Рот го имал прочитано и уживал во сценариото за Рони Рокит - филм кој Линч сѐ уште го нема комплетирано - но му рекол на режисерот дека не би сакал да го продуцира. Затоа побарал други сценарија од Линч, кој, пак, немал ништо повеќе од идеи. "Му реков дека отсекогаш сум сакал да се прикрадам во собата на некоја девојка и да ја гледаме навечер и дека можеби така, во еден или друг момент, ќе откријам некоја трага од некое мистериозно убиство. На Рот му се допадна идејата и ми рече да ја напишам. Отидов дома и помислив на увото во ливадата."[5][9] Во август 1984 година, објавено е дека Син сомот ќе почне да се снима.[16]
Линч пишува уште две драфт-верзии пред да ја добие онаа што конечно му се допаднала. Во овој момент сите околности му одговараат на режисерот: има договор со Дино де Лаурентис кој му гарантира потполна уметничка слобода и низа други привилегии со единствено ограничување на буџетот на $6 милиони. Ова значи дека Син сомот е најевтиниот филм во опусот на де Лаурентис. Поради ова, но и поради договорот - безмалку никој нема да го набљудува Линч во текот на снимањето.[17] "После Дина бев толку депримиран што сѐ беше одење нагоре! Па така, бев еуфоричен. А со такво чувство - ризикуваш. Можеш да експериментираш."[12] Интересно е што де Лаурентис бил приморан да отвори своја продукциска куќа за да го дистрибуира филмот. Причината: неговиата содржина била сѐ само не комерцијално прифатлива.[14][18]
Сцената во која Дороти се појавува гола на улицата откако е силувана и тепана е инспирирана од вистински настан што Линч го искусил во текот на своето детство кога тој и неговиот брат виделе гола жена како чекори низ една улица во соседството. Искуството било толку трауматично што Линч веднаш почнал да плаче и никогаш не заборавил.[19] Работата на фотографијата на Син сомот започнува на 10 февруари 1986. Сцените што се одвиваат во Ламбертон всушност се снимени во Вилмингтон, Северна Каролина.[13]
Пост-продукција
уредиПрвичната делумно монтирана Линчова верзија на Син сомот трае речиси четири часа.[13] Сепак, во договорот со Лаурентис стои дека Линчова обврска е филмот да трае околу два часа, па тој е приморан да скрати многу придружни делови и да елиминира неколку помалку важни споредни фабули.[20] Исто така, низа сцени се исфрлени по барање на цензорите. На пример, кога Френк ја удира Дороти по првото силување, публиката всушност требала да види како Френк ја удира. Наместо тоа, во конечната верзија на филмот, камерата се врти кон Џефри кој одмавнува со главата и замижува пред она што го видел. Овој потег е направен бидејќи MPAA смета дека Син сомот е пренасилен, па една ваква интервенција би имала ублажувачки ефект. Сосема напротив, за Линч, токму ваквата промена ја направила сцената уште повознемирувачка.[13] До денес, снимките од изгубените сцени не се најдени, а остануваат само неколку фотографии. На крајот, Линч успева да го скрати филмот кој во својата конечна верзија трае безмалку точно два часа.[13]
Теми и интерпретација
уредиСин сомот многу му должи на ноар филмовите од 1950-тите, бидејќи ги содржи и анализира истите конвенционални ликови на femme fatale (Дороти Валенс), навидум незаприлив злосторник (Френк Бут), како и херој со сомнителен морал (Џефри Бомонт); неизбежно е секако спомнувањето на сенишната, понекогаш и сосема мрачна кинематографија.[21] Син сомот ја инаугурира и воспоставува познатата Линчова искривена визија на светот (askew vision),[22] но и воведува неколку универзални елементи што стануваат заштитни знаци во неговите филмови, како на пример извештачените ликови, поларизираниот универзум, ужасувачка повреда на черепот или мозокот, како и мрачното подземје на големите, или како што е во овој случај - малите градови. Исто така, во клучните сцени се појавуваат црвени завеси, и тоа особено во станот на Дороти - нешто што денес се гледа како една од клучните одлики на неговите филмови.[23] Син сомот се споредува со Хичкоковиот Психо (1960) пред сѐ поради неговиот третман на психотичното зло, како и со уште еден класик на истиот режисер - Прозорец на задната страна (1954), кој и самиот Линч го смета за еден од неговите омилени филмови [се бара извор]. Премисата во двата филма е љубопитноста, која води кон истрага што ги вовлекува протагонистите во еден скриен, војаеристички потсвет на злоба.[24] Тематски филмот се навраќа и на делата на Едгар Алан По, Џејмс и раната готска книжевност, но исто така и на филмови од типот на Сенката на сомнежот (1943) и Ноќта на Ловецот (1954), а во помала мера и на целокупната линија на ноар филмовите [се бара извор]. За Линч, Син сомот е "филм за скриени нешта — во мал град, во самите луѓе".[25]
Феминистичкиот психоналитичар и филмски теоретичар Лора Малви ја разработува Ојдиповата димензија на Син сомот — "детето" е Џефри Бомонт, а неговите "родители" се Френк Бут и Дороти Валенс — и тоа преку директни и јасни наводи кон дела од ноар жанрот и самиот мит за Ојдип.[26] Насилството, за неа, може да се гледа како симболична слика на домашното, семејно насилство. На пример, Френковото насилие може да се гледа како рефлексија на семејното насилство во повеќе верзии, а контролата што тој ја има над Дороти може да биде метафорична претстава за контролата што ја има мажот над својата жена што ја злоупотребува. Мајкл Еткинсон во Џефри го гледа невиниот младич кој е истовремено и престрашен од насилната природа на Френк, но и искушуван и самиот да ја поседува Дороти.[16][27] Мајкл Еткинсон зазема еден фројдовски пристап велејќи дека "Дороти ја претставува сексуалната моќ на мајчинската [фигура] бидејќи е забранета, но и бидејќи се претвора во објект на нездрава, инфалтилна зависност во потсвеста на Џефри".[16]
Најприсутен симбол во Синиот сомот е мотивот на инсектот што се појавува на крајот на првата сцена, кога камерата зумира во внатрешноста на еден добро-сочуван тревник од преградието до миг кога самат земја се раздвојува покажувајќи под земјата гнездо на раздвижени, одвратни бубачки. Општо прифатено е мислењето дека токму тука се согледува метафората за страшното подземје со кое ќе се соочи Џефри под површината на неговиот град - навидум прекрасен, реганескнен рај.[16] Мотивот за бубачката констатно се провлекува низ филмот - во ужасната инсектолика маска за кислород на Френк но и во самото оправдување што Џефри го користи за да влезе во станот на Дороти: вели дека е истерувач на бубачки.[16] Еден од помошниците на Френк постојано се идентификува низ жолтото палто што го носи. Жолто-палто, всушност, е и име на еден вид на северноамериканска оса што пак може да отвори еден сосема нов пристап кон анализа. Имено, на англиски оса се нарекува wasp, а економски доминантна група во САД се Белите Англо-Саксонски Протестанти (White Anglo-Saxon Protestants, или скратено токму WASP). На крајот на филмот, една црвеногушка јаде бубачка на оградата од куќата на Џефри. Оваа сцена е особено интересна за анализаторите. За некои од нив, ова е "само една бубачка" што значи остануваат уште многу во подземјето. Оштенето уво што Џефри го открива е исто така клучен симбол; токму тоа е она што го води Џефри во опасност. И навистина, кога запичнуваат неволјите на Џефри, на публикатаим е покажана кошмарна секвенца во која камерата зумира во ушниот канал на самото уво што се распаѓа. Камерата не излегува од ушниот канал сè до крајот на филмот. Имено, кога конечно Џефри излегува неповреден од своето пеколно патешествие, повторно камерата покажува во кадарот ушен канал. Овој пат, патеката на камерата зазема спротивен тек - од внатрешноста на увото на Џефри кон надворешниот свет кој е овој пат дворот на Џефриевата куќа во кој самиот тој се одмора на еден прекрасен летен ден.
Музика
уредиСаундтракот на Син сомот е надгледуван од Анџело Бадаламенти. Бадаламенти се појавува во една кратка камео-улога како пијанист во Slow Club каде што пее Дороти. Саундтракот е исполнет со низа класични поп-песни, како Син сомот на Боби Винтон или Во сништа на Рој Орбисон, контапозиционирани со инструментална музика инспирирана од Шостакович. Во текот на снимањето, Линч поставил неколку мегафони на сетот на снимањето и на улиците и на секој од нив била пуштена музика од Шостакович; целта била да се долови атмосферата воспоставена со самото дејство на филмот.[15] Музиката на места и јасно асоцира на 15тата симфонија на Шостакович, композиција што Линч редовно ја слушал додека го пишувал сценариото.[28]
Entertainment Weekly ја рангира музиката од Син сомот на 100та позиција на својот список на 100 најдобри филмски саундтраци. Критичарот Џон Александер има напишано дека "саундтракот сосема соодетствува на воведните титлови, потоа се провлекува низ наративот, акцентирајќи ја ноар димензијата на филмот."[се бара извор] Линч работи со композиторот Анџело Бадаламенти за првпат во овој филм и бара од него да напише музика која ќе биде “како Шостакович, особено руска, но и прекрасна, мрачна, но и малку страшна.”[29] Успехот на Бадаламенти со музиката од Син сомот ќе овозможи негова соработка со Линч на сите натамошни филмови.[13] Алан Сплет, долготраен соработник на Линч, е исто така вклучен како монтажер на звук; Сплет претходно има добиено и оскар за својата работа на Црниот пастув (1979), а номиниран е за истата награда за саундтракот на Кога волците плачат (1983).[30]
Рецензии и реакции
уредиУспех
уредиПремиерата на Син сомот се случува на Светскиот филмски фестивал во Монтреал во август 1986 година, како и на Торонто филмски фестивал на 12 септември 1986 година,[31] а неколку дена подоцна и во САД. Во обете земји, на 26 февруари 1986 година дебитира и во широк оптек, иако се работи за само 98 кина во САД.[31] Во текот на својот прв викенд на прикажување, Син сомот заработува $789,409. Поради ова, почнува да се емитува уште во петнаесет кина за на крајот да собере дури $8,551,228 во својата изворна земја.[6] На меѓународен план, филмот набрзо е пуштен и во Австралија, најголем дел од Западна Германија, Кина, Канада, Хонгконг, Западна Европа и Јапонија, по што следи и неговата видео верзија. Филмот успева да собере $900,000 во Австралија и $450,139 во Хонгконг.[13] За филмот, Линч добива номинација за оскар за најдобар режисер.[32] Изабела Роселини добива Independent Spirit Award за најдобра женска улога во 1987 година.[13] Дејвид Линч и Денис Хопер добиваат награди од Здружението на критичари на Лос Анџелес во 1987 година во категориите за најдобар режисер (Линч) и најдобра изведба во споредна машка улога (Хопер).[13] Во 1987 година Американското национално здружение на филмски критичари го прогласува Син сомот за најдобар филм и Линч за најдобар режисер, а со награда се здобиваат и Фредерик Елмс (за најдобра кинематографија) и Денис Хопер (за најдобра споредна улога).[13][25]
Реакција на критичарите
уредиФилмот наидува на особено позитивна критика од најголем дел од американските критичари.[1] Пол Атанасио од The Washington Post ќе рече дека "филмот укажува на визуелен стилист кој има потполна контрола над својот талент" и дека Анџело Бадаламенти "создва вонреден склоп на музички дела, кои незабележливо се прелеваат од провокативен џез до звуци на виолина, па сè до романтичарски низ на класични холивудски ноти"; исто така Атанасио вели дека Линч "не е заинтересиран да комуницира, туку само да парадира со сопствената персона. Филмот не напредува, ниту пак се продлабочува, само станува се почуден и почуден со не сосема убав крај."[33] Критичарот на The New York Times Џенет Меслин го покажува својот восхит од филмот и особено ги пофалува изведбите на Хопер и Роселини: "Г. Хопер и г-ѓа Роселини се поставени толку далеку од границите на нормалното што нивната глума може да се сфати само доколку се гледа од другата страна; и двајцата се предаваат на материјалот, кој токму тоа и го бара од нив." На крајот заклучува дека филмот "е исто толку фасцинантен колку и чуден. Уште еднаш го докажува статусот на иноватор што го има г-н Линч, а го потврдува и како совршен техничар, како најдобриот што не сакате да го сретнете во темна уличка."[34]
Потсетувајќи се на своето резиме издадено во Guardian/Observer, критичарот Филип Френч пишува дека "филмот сѐ уште се држи добро и без притоа да стане комерцијален или да го изгуби својот статус на култен филм."[35] Син сомот држи 90% "свеж" рејтинг на Rotten Tomatoes и постојано висок на Семрежната филмска база на податоци. Питер Траверс, филмски критичар за списанието Rolling Stone го поставува Син сомот на врвот на својата листа Најдобри филмови од 1980те и го нарекува истиот "американско ремек-дело".[се бара извор] Филмскиот критичар Џин Сискел на својот список на Најдобри филмови од 1986 го поставува Син сомот на шесто место.
Од друга страна, Син сомот наидува и на низа негативни критики. Општо, истите се насочени кон вулгарниот начин на кој филмот ги третира сексуалноста и насилството што за некои го одвлекува вниманието од неговата сериозна страна.[36][37] Еден од најголемите критизери на филмот е можеби најпознатиот филмски критичар, Роџер Еберт, кој во својата рецензија во Chicago Sun-Times единствено ја пофалува изведбата на Роселини, која ја смета за особено "убедлива и храбра". Сепак, Еберт го критикува начинот на кој таа е прикажана во филмот, па дури и го обвинува Дејвид Линч за мизогонизам: "деградирана, силувана, понижена и разголена и сето тоа пред камера. И кога ќе ѝ побарате на една глумица да ги издржи сите тие нешта, барем треба да го исполните својот дел од договорот - да ја ставите во важен филм".[36]
Статус
уредиИако на почетокот Син сомот е емитуван во сосема мал број на кина во САД поради контраверзност околу неговата содржина и уметнички мерила, за кратко време филмот станува центар на "национална бура" во 1986 година.[36] Станува општо-познат и признат култен класик, се појавува во неколку верзии на ВХС, ласерски диск и ДВД, сосема иронично - го означува влезот на Дејвид Линч во холивудскиот мејнстрим и ја оживува кариерата на Денис Хопер после една долга и забележителна пауза. Токму успехот на Син сомот ќе го отвори Холивуд кон филмови со графички експлицитна содржина, нешто слично како и во случајот со Хичкоковиот Психо (1960), филм со кој Син сомот често се споредува.[38] Денес се смета за еден од најзначајните и најдобро познати филмови од ова епоха, причина поради која истиот инспирира низа имитации и пародии. Мрачната, стилистична и еротска продукција служи како инспирација за низа филмови, вклучувајќи ги и повеќето наредни во опусот на Линч, меѓу нив - особено Твин Пикс (1990-91) и Булевар на ѕвездите (2001). Филмови од типот на Американска убавина (1999) и Дони Дарко (2001) во голема мера наликуваат на стилистички план на Син сомот и го докажуваат неговото значење и влијание.[се бара извор] Питер Траверс од списанието Rolling Stone ќе го нарече Син сомот "еден од највлијателните американски филмови," нешто слично како и Мајкл Еткинсон, кој посветува една цела книга на мотивите и темите опфатени во филмот.[се бара извор]
Син сомот често се појавува на листите на најдобри филмови на сите времиња, а речиси секогаш на врвот на листите на најдобри филмови од 1980-тите. Двајца американски критичари го вклучуваат филмот во своите списоци на "најдобри филмови на деценијата", и тоа на третото и четвртото место, зад Разјарен бик (1980), И-ти (1982) и германскиот филм Небото над Берлин (1987).[39] Во обид да се направи список на најдобрите филмови во изминатите дваесет години, на анкета во 2002 година, по разгледвањето на оценките на педесет британски критичари, Син сомот излегува на петтото место. Во 1999 година, Entertainment Weekly го прогласува Син сомот за триесет и седми најдобар филм на сите времиња.[40] The Guardian исто така го вклучува филмот на својот список на 100 најдобри филмови.[41] Film Four го прави истото.[41] Филмот го освојува петтото место на списокот на Sight and Sound' за најдобри филмови од изминатите 25 години.[41] На една анкета спроведена во семрежната филмска заедница во 2007 година, Син сомот е избран за деведесет и петти најдобар филм на сите времиња.[42] Total Film го вклучува Син сомот на своите списоци на најдобри филмови направени и од критичарите и од неговите читатели во анкети спроведени во 2006 и 2007, соодветно.
Американскиот филмски институт го има почестено филмот со три награди: едната на листата 100 години.. 100 возбуди во 2001, која се обидува да ги рангира највозбудливите филмови; втората, во 2003 година, на списокот на 50 најголеми негативци која е дел од серијата 100 години...100 херои и негативци на која Френк Бут го освојува 36 место; и третата, во јуни 2008, кога АФИ спроведува анкета меѓу 1,500 интелектуалци во обид ги избере најдобрите десет филмови во најкласичните десет американски филмски жанрови - Син сомот е прогласен за осми најдобар филм во жанрот мистерија.[43] Списанието Premiere го става Френк Бут, кој го глуми Денис Хопер на #54 на својот список на 100 најдобри филмски ликови на сите времиња, нарекувајќи го "најчудовишната чудна творба во филмската индустрија".[44] Филмот е рангиран на #84 на четиричасовната програма на Bravo Television со наслов 100 најстрашни филмски моменти (2004).[45] Често се користи и неговиот саундтрак.[46]
Белешки
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Син сомот (1986)“. Rotten Tomatoes.
- ↑ „Син сомот (1986): Рецензии“. Metacritic. Архивирано од изворникот на 2009-05-22.
- ↑ „Син сомот(1986) - информации за филмот“. Yahoo! Movies. Архивирано од изворникот на 2007-10-26.
- ↑ Култни филмови на Film Site; посетена на 5 октомври 2007.
- ↑ 5,0 5,1 Пери, Дени (1988). Култни филмови 3. Њујорк: Simon & Schuster Inc. стр. 38–42. ISBN 0-671-64810-1.
- ↑ 6,0 6,1 „Син сомот“. Box Office Mojo.
- ↑ IMDb, Blue Velvet (1986) (пристапено на 25 февруари 2019)
- ↑ Шут, Дејвид (1986). „Надвор кон Линч“. Film Comment: стр. 35. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ 9,0 9,1 Бузеру, Лоран (1987). „Интервју со Дејвид Линч“. Синеаст: стр. 39. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help) - ↑ Робертсон, Нен (11 октомври 1986). „Сѐамериканецот зад Син сомот“. The New York Times. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Лизи, Борден (23 септември 1986). „Светот според Линч“. Village Voice. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ 12,0 12,1 Линч, Дејвид; Крис Родли (уредник) (24 март 2005). Линч за Линч. Faber & Faber. ISBN 0-571-22018-5.
- ↑ 13,00 13,01 13,02 13,03 13,04 13,05 13,06 13,07 13,08 13,09 13,10 „Син сомот (1986)“. Семрежна филмска база на податоци.
- ↑ 14,0 14,1 14,2 „Интересно за Син сомот (1986)“. Семрежна филмска база на податоци.
- ↑ 15,0 15,1 15,2 Тајните на Љубовта: снимањето на Синиот сомот, Син сомот документарец на Специјалното ДВД издание, [2002]
- ↑ 16,0 16,1 16,2 16,3 16,4 Еткинсон, Мајкл (1997). Современи Класици за БФИ: 'Сега е темно': Сонот на Детето во Линчовиот Син сомот", Фаталната жена: изворите за машката вонемиреност во американскиот филм ноар". Медисон: British Film Institute. стр. стр. 144–155. ISBN 0-671-64810-1.
- ↑ Син сомот Есеј за филмовите на Линч и нивната позадина; посетена на 24 јули 2007
- ↑ „Син сомот - Дејвид Линч“. LynchNet. Надворешна врска во
|publisher=
(help) - ↑ Еберт, Роџер. „Гризејќи го Синиот сомот“. Chicago Sun-Times. Архивирано од изворникот на 2007-05-23.
- ↑ Син сомот; дводелна потрага по изгубените сцени на DVD Talk; посетена на 24 јули 2007.
- ↑ Рубин, Мартин (1999). Трилери. Велика Британија: Cambridge University Press. стр. страни 175. ISBN 0-521-58839-1.
- ↑ Џонсон, Џеф (2004). "Изопаченик на проповедницата: моралноста во делата на Дејвид Линч", стр. 38–39.
- ↑ Биографија на Дејвид Линч.
- ↑ Ор, Џон (2005). "Хичкок и филмот во дваесеттиот век", стр. 167.
- ↑ 25,0 25,1 „Критичарите го прогласија Син сомот за најдобар филм во 1986“. The New York Times. 5 јануари 1987. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ Малви, Лора (1996). Етеричните култни светови и Несвесното: Ојдип и „Синиот сомот“, фетишизам и љупобитност 3. Сафолк: British Film Institute. стр. стр. 137–154. ISBN 0-671-64810-1.
- ↑ Принс, Стефан (2007). Американските филмови од 1980-тите. Њу Бранзвик: Rutgers University Press. стр. стр. 160–167. ISBN 0-8135-4034-8.
- ↑ Музиката од Син сомот на Градот на Апсурдот; посетена на 24 јуни, 2007
- ↑ Кион, Мајкл (1995). British Film Institute, Лондон: стр. 89. Проверете ги датумските вредности во:
|year=
(help); Отсутно или празно|title=
(help) - ↑ „Алан Спелт“. Academy of Motion Picture Arts and Sciences. 1979, 1983. Проверете ги датумските вредности во:
|date=
(help) - ↑ 31,0 31,1 Дати за излегувањето на Син сомот на Семрежната филмска база на податоци; посетена на 11 мај 2008.
- ↑ „Син сомот“. Американска филмска академија. 1987.
- ↑ Атанасио, Пол. „Син сомот“. The Washington Post.
- ↑ Меслин, Џенет. „Син сомот, комедија за ексцентриците“. The New York Times.
- ↑ Френч, Филип. „Син сомот“. Guardian Unlimited.
- ↑ 36,0 36,1 36,2 Еберт, Роџер. „Син сомот“. Chicago Sun-Times. Архивирано од изворникот на 2013-03-24.
- ↑ Рецензија на Син сомот на Movie Snobs Архивирано на 14 октомври 2007 г.; посетена на 30 септември, 2007.
- ↑ Милер, Јирген (2002). 25те најдобри филмови од 1980-тите. Taschen Books. стр. 325 ISBN 3-8228-4783-6.
- ↑ На списокот на најдобри домашни филмови од 1980-тите составена од четириесет и пет видни американски критичари првите десет места ги заземаат следниве филмови по слегувачки редослед - Разјарен бик, И-ти., Син сомот, Хана и нејзините сестри, Атлантик Сити, Индијана Џонс: крадците на изгубениот ковчег, Вод, Се случи еднаш во Америка, Прициевата чест, Кралот на комедијата и Мувата, (Милиген и Роланд, стр. 23-29)
- ↑ „100 најдобри филмови на сите времиња“. Entertainment Weekly.
- ↑ 41,0 41,1 41,2 Син сомот на Filmsite.org; посетена на 11 септември, 2007.
- ↑ Ен Томпсон. „Најкотирани 100 филма: семрежни кинофили“. Variety.com. Архивирано од изворникот на 2008-04-22.
- ↑ „АФИ 10 Топ 10“. Американски филмски институт.
- ↑ „100 најдобри филмски ликови на сите времиња“. Premiere. Архивирано од изворникот на 2008-03-17.
- ↑ „100 најстрашни филмски моменти“. BRAVOtv.com. Архивирано од изворникот на 2008-05-17.
- ↑ Питер Киген (2004-09-01). „Топ 1319 извори за семплови (верзија 60)“. Sloth.org. Архивирано од изворникот на 2004-10-13. Посетено на 2008-07-07.
Надворешни врски
уредиОпшто
уреди- (англиски) LynchNet - Син сомот
- (англиски) Син сомот[мртва врска] на All Movie Guide.
- (англиски) Мистеријата зад Синиот сомот: дводелна потрага по изгубените сцени во филмот.
- (англиски) Син сомот на Семрежната филмската база на податоци
Рецензии
уреди- (англиски) Анализа на Син сомот од Тим Дирк во циклусот "Најдобрите филмови" на Filmsite.org.
- (англиски) Син сомот на Rotten Tomatoes.
Статијата „Син сомот“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |