Едип

(Пренасочено од Ојдип)

Едип (старогрчки: Οἰδίπους; латински: Oedipus) — херој од старогрчката митологија, син на кралот Лај и Јокаста, бил владател на Теба.[1]

Животот на Едип

уреди
 
Едип и свингата

Според митот, на тебанскиот крал Лај претскажувачите му претскажале дека синот што ќе му се роди ќе му донесе голема несреќа: ќе го убие него и ќе се ожени за својата мајка. Лај, за да го избегне пророштвото, кога се родил Едип наредил да го однесат и да го остават на планината Китерон. Едип останал жив и го одгледале Полиб и Меропа за кои тој верувал дека му се татко и мајка. Кога пораснал, на една гозба, некој пијан гостин му кажал дека луѓето што ги смета за родители, не му се татко и мајка. Сакајќи да ја дознае вистината, Едип отишол во светилиштето Делфи. Штом слушнал дека ќе го убие татка му и дека ќе се ожени за својата мајка, мислејќи дека они ешто го одгледале се неговите родители, тој не се вратил дома за да не се исполни претскажувањето. Наспроти тоа, Едип упатил кон Теба и случајно се судрил со Лај на еден крстопат. Во кавгата, Едип го убил кралот Лај, без да знае дека му е татко.[2][3] Потоа, тој отишол во Теба, каде со својата бистрина и поникливост ја одгатнал загатката што ја поставила сфингата:

„Двоножно и четириножно оддава еднакви звуци;

а и со три нозе; менува става сал тоа од сите
коишто се движат по земја, во воздух, или, пак, во море;
сепак, додека потпрено на четири нозе оди

тогаш баш телото негово најмала брзина има“.

Одговорот на гатанката што го кажал Едип гласел:

„Злокрила сфинго, музо на Мрија, нерадо макар,

слушни ја мојата реч - тоа ќе биде твој крај:
Загатнуваш човек, којшто, кога се движи по земјата,
прво - во телото слаб, тој четириножник е;
стар пак, се потпира с бастун ко с трета нога да оди,

грпка носејќи на врат, стуткан во старечки грч“.


Точниот одговор на Едип значел крај и за Сфингата, која сама скокнала во бездната, во која претходно ги фрлила сите луѓе што се обиделе да ја одгатнат загатката и не успеале. За награда што го спасил народот од поморот, Едип го добил престолот и раката на кралицата Јокаста (во „Одисејата“ наречена Епикаста), вдовицата на кралот Лај и неговата мајка.[4] Со неа, Едип имал четири деца: Антигона, Исмена, Полинејк и Етеокле. По повеќе години среќен живот се појавил страшен помор во Теба. Едип сакал да го открие виновникот за гневот на боговите кои немилосрдно го казниле градот. Кога дознал дека тој е виновникот, т.е. дека е таткоубиец и родоскверник, самиот си ги ископал очите, а жена му - мајка му, Јокаста, се обесила.[2][3] Според патописецот Павзанија, гробот на Едип се наоѓал во Атина, во дворот на Ареопагот.[5]

Едип како тема во уметноста

уреди

Митот за Едип му послужил на Софокле како содржина за трилогијата: „Кралот Едип“, „Едип на Колон“ и „Антигона“. Исто така, една поема на ирскиот поет Вилијам Батлер Јејтс се вика „Едип во Колон“ (Oedipus at Colonus).[6]

Наводи

уреди
  1. Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 321 - 324.
  2. 2,0 2,1 Георги Сталев, „Софоклева Антигона - Или приказна за поразените“, во: Софокле, Антигона. Скопје: Наша книга, 1976, стр. 70.
  3. 3,0 3,1 „Митот за цар Едип“ во: Софокле, „Цар Едип“. Скопје: Детска радост, 2013, стр. 127-128.
  4. Хиган, Митови, Три, Скопје, 2016, стр. 56 - 57.
  5. Јован Дучић, Благо Цара Радована (друго издање). Београд: Laguna, 2018, стр. 320.
  6. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 133-134.

Предлошка:Старогрчка митологија-никулец