Детективски роман

Детективски роман — поджанр на криминалистичкиот роман и на мистеријата, во кој истражувач или детектив, професионалец или аматер, истражува злосторство, кое најчесто е убиство.

Почетоците на детективскиот роман

уреди

Во античката литература

уреди

Некои проучувачи на оваа област, сметале дека одредени антички и религиозни текстови имаат сличности со она што подоцна ќе се нарече детективски роман. Во приказната за „Сузана и Старешините“, која припаѓа на Стариот завет (во протестантската Библија, оваа приказна е дел од апокрифот), приказната на двајцата сведоци паѓа во вода кога Даниел накрсно ги испрашува. Авторот Џулијан Симонс ги коментирал писателите кои оваа приказна ја гледаат како детективска приказна со аргументот дека „оние кои бараат фрагменти од откривање кај „Библијата“ и Херодот бараат само загатки“ и дека овие загатки не се детективски приказни. Во драмата „Кралот Едип“ од старогрчкиот драмски писател Софокле, истоимениот лик ја открива вистината за неговото потекло откако испрашува различни сведоци. Иако „Едиповото добивање на податоци се засновува на натприродни, нерационални методи кои се видливи во повеќето раскажувања за злосторства сè до развојот на идејата за Просветителство во XVII и XVIII век“, ова раскажување ги поседува „сите главни одлики и формални елементи на една детективска приказна, вклучувајќи мистерија поврзана со одредено убиство, затворен круг на осомничени лица, и постепеното разоткривање на затаеното минато.“

Раниот арапски детективски роман

уреди

Најраниот познат пример на детективска приказна бил “Трите јаболка“, една од приказните раскажана од Шехеразада во „Илјада и една ноќ“. Во оваа приказна, рибар открива тежок, заклучен ковчег по текот на реката Тигар и го продава на Абасидскиот Калифат, Харун Ал Рашид. Кога Харун го отвора ковчегот, во него наоѓа тело на мртва жена исечено на парчиња. Харун му наредува на својот везир Џафар Ибн Јахј да го реши убиството и да го најде убиецот во рок од 3 дена, во спротивно ќе биде погубен за неговиот неуспех. Повеќето заплети кои се случуваат за време на приказната создаваат чувството на исчекување кај читателот. Поради тоа, оваа приказна може да се смета дека е прототип на детективскиот роман.

Главната разлика меѓу Џафар („Трите Јаболка“) и подоцнежните детективи како што се Шерлок Холмс и Херкул Поаро, е дека Џафар не пројавува желба да го реши случајот. Мистеријата наречена „кој го направи тоа“ се решава кога убиецот самиот го признава злосторството, што води до друга задача во која Џафар треба да го најде виновникот кој иницирал убиството во рок од 3 дена, во спротивно ќе биде погубен. Џафар повторно не успева да го најде виновникот пред истекот на даденото време, но како резултат на неговото случајно откривање на клучен предмет, тој најпосле успева да го реши случајот со помош на логично размислување, за да го спречи сопственото погубување.

Раниот кинески детективски роман

уреди

Гонг-ан романот (公案小说 , буквално: „евидентирани случаи на еден јавен правен суд“) е најраниот познат жанр на кинескиот детективски роман.

Некои добро познати приказни ги вклучуваат приказната „Кругот од креда“ на династијата Јуан, збирката приказни „Бао гонг ан“ (Bao Gong An) и збирката приказни „Ди гонг ан“ (Di Gong An) од 18 век. Последно споменатата збирка била преведена на англиски како „Прочуените случаи на судијата Ди“ (Celebrated Cases of Judge Dee) од холандски синологист Роберт Ван Гулик, кој подоцна го искористил стилот и ликовите за да создаде оригинален серијал на романи „Судијата Ди“.

Херојот/детективот во овие романи е еден традиционален судија или сличен човек на функција создаден врз основа на историски личности како што се Судијата Бао (Bao Qingtian) или Судијата Ди (Di Renjie). Иако историските личности живееле во поран период (како што се Сонг или Танг династиите), повеќето приказни се напишани во подоцнежниот Минг или Кинг (Ming or Qing) период.

Според Гулик, овие романи се разликуваат од западната традиција во неколку факти:

  • детективот е локален носител на правдата кој обично е вклучен во неколку неповрзани случаи истовремено;
  • криминалецот е претставен на почетокот од приказната и неговото злосторство и причините се внимателно објаснети, создавајќи притоа обратна детективска приказна, наместо „сложувалка“;
  • приказните имаат натприроден елемент при што духовите им кажуваат на луѓето за нивната смрт, па дури и го обвинуваат криминалецот;
  • приказните се исполнети со дигресии во филозофијата, целосни текстови од официјални документи, и многу повеќе, резултирајќи во мошне долги книги;
  • романите најчесто имаат огромен број на ликови, обично стотици, чија врска со различните главни ликови во приказната е објаснета.

Ван Гулик одбрал да го преведе делото „Ди Гонг Ан“ поради тоа што, според него, тоа било поблиско до западната традиција и би било попримамливо за некинеските читатели.

Забележителен е податокот, дека одреден број на Гонг Ан дела биле загубени или уништени за време на Литературната Инквизиција и војните во античка Кина. Денес може да се најдат само мал број или пак некомплетни изданија, на пример, единствената копија од Ди Гонг Ан била пронајдена во книжара за користена литература во Токио, Јапонија.

Раниот западен детективски роман

уреди
 
Едгар Алан По, 1898г.

Еден од најраните примери за детективски роман е делото „Задиг“ (Zadig) (1748г.) од Волтер, во кое главниот лик прави храбри анализи. „Нештата какви што се“ (Things as They Are); или „Авантурите на Кејлеб Вилијамс“ (The Adventures of Caleb Williams) од Вилијам Годвин, го прикажуваат законот како нешто што ги штити убијците, а ги уништува невините. Данската криминалистичка приказна „Ректорот од Веилби“ (The Rector of Veilbye) од Стин Стинсен Бличер била напишана во 1829 година, а норвешкиот криминалистички роман „Убиството на изработувачот на машини Ролфсен“ (The Murder of Engine Maker Rolfsen) од Мауриц Хансен бил објавен во 1839 година.

„Госпоѓата од Скудери“ (Das Fräulein von Scuderi), куса приказна од 1819 година напишана од Е.Т.А. Хофман, во која Госпоѓата од Скудери ја докажува невиноста на главниот осомничен на полицијата во случајот на убиството на еден златар, некогаш се смета за првата детективска приказна и директно влијание на делото на Едгар Алан По, „Убиство во улицата Морг“ (Murders in the Rue Morgue). Исто така, како можно влијание на Едгар Алан По се смета „Тајната ќелија“, куса приказна издадена во септември 1837 година од Вилијам Еванс Бартон, во која се раскажува за тоа како еден полицаец од Лондон ја решава мистеријата на едно киднапирано девојче. Измислениот детектив на Бартон се служи со практични методи – испрашување сведоци, познавање на подземјето и прикриено надгледување – наместо брилијантност, имагинација или интелект, но се смета дека оваа приказна може да му била веќе позната на По, кој во 1839 година работел за Бартон.

Воспоставување на жанрот

уреди

Вистинскиот детективски роман во земјите во кои се зборува англискиот јазик се смета дека започнал во 1841 година со издавањето на „Убиство во улицата Морг“ од Едгар Алан По, во кое се појавува „првиот измислен детектив, ексцентричниот и брилијантен Ц. Август Дупин. По создал „рецепт за заплет кој оттогаш па до денес се покажал успешен, со или без неколку променливи.“ По продолжил да издава натамошни приказни кои се вртат околу ликот на Август Дупин: „Мистеријата на Мари Роже“ (The Mystery of Marie Roget) во 1843 и „Украденото писмо“ (The Purloined Letter) во 1845 година.

По, овие приказни ги нарекол „сказни на логично разоткривање“. Во ваквите приказни, главната цел на заплетот е утврдување на вистината, а вообичаениот начин на откривање на вистината е сложен и мистериозен процес кој ги комбинира интуитивната логика, остроумното забележување и мудрото донесување заклучоци. „Раните детективски приказни биле наклонети кон следење на протагонистот од првата до последната сцена, правејќи го разоткривањето практична, наместо емоционална, случка.“ „Мистеријата на Мари Роже“ е особено интересна приказна поради тоа што е едвај измислена приказна која се заснова на теоријата на По, за тоа што се случило со вистинската Мери Сесилија Роџерс.

Емил Габорио бил пионир на детективскиот роман во Франција. Во „Господин Лекок“ (Monsieur Lecoq) (1868г.), истоимениот лик е вешт во маскирање, клучна одлика на еден детектив. Се смета и дека делата на Габорио го содржат првиот пример за детектив кој детално го истражува местото на злосторството.

 
Чарлс Дикенс во 1858г.

Друг ран пример за „кој го направи тоа“ е подзаплет во романот „Мрачна куќа“ (Bleak House) (1853г.) на Чарлс Дикенс. Препредениот адвокат Талкингхорн (Tulkinghorn) е убиен доцна навечер во неговата канцеларија и злосторството го истражува инспекторот Бакет од полициската единица на Метрополис. Таа ноќ, на скалите кои водат до канцеларијата на Талкингхорн се појавиле повеќе ликови, од кои некои маскирани, и инспекторот Бакет мора да навлезе во овие мистерии за да го пронајде убиецот. Исто така, со својата смрт, Дикенс оставил еден недовршен роман, „Мистеријата на Едвин Друд“ (The Mystery of Edwin Drood).

 
Вилки Колинс

На ученикот на Дикенс, Вилки Колинс, понекогаш именуван како „дедо на англискиот детективски роман“, му се припишува првиот успешен роман-мистерија, „Жената во бело“ (The Woman in White). Томас Елиот го нарекол романот на Колинс „Месечевиот камен“ (The Moonstone) (1868г.) „првиот, најдолгиот и најдобриот од англиските детективски романи....во жанр создаден од Колинс, а не од По“, а Дороти Сејерс го нарекла „најверојатно најдобрата детективска приказна некогаш напишана“. „Месечевиот камен“ содржи повеќе идеи, кои во жанрот вовеле неколку класични составни делови на детективската приказна од 20 век:

  • Грабеж на англиската куќа на село
  • „работа на внатрешен човек“
  • одвлекувачи на вниманието
  • истакнат, вешт, професионален истражувач
  • неспособен локален шериф
  • детективски испрашувања
  • голем број на погрешни осомничени лица
  • „најнеочекуван осомничен“
  • најпросто убиство во „затворена соба“
  • реконструкција на злосторството
  • краен пресврт на настаните во заплетот
 
Артур Конан Дојл

Иако „Месечевиот камен“ обично се смета за прв детективски роман, постојат и други кандидати. Повеќе критичари тврдат дека помалку познатото дело „Мистеријата од Нотинг Хил“ (1862-63 година), напишано од псевдонимот Чарлс Феликс (подоцна идентификуван како Чарлс Ворен Адамс , му претходело повеќе години и прво поседувало техники кои подоцна ќе го дефинираат жанрот.

Литературните критичари Крис Вилис и Кејт Вотсон, ја сметаат првата книга на Мери Елизабет Бредон, уште пораната „Трагата на змијата“ (“The Trail of the Serpent” -(1861 година), за прв британски детективски роман. Романот „ја вклучува необичната и иновативна детективска личност, господин Питерс, кој е нем припадник на пониската класа, и кој најпрво, низ текстот и преку ликовите во текстот е прикажан како неважен.“ Подоцнежното и позапомнетото дело на Бредон, „Аурора Флојд“ (Aurora Floyd) (испечатено во форма на роман во 1863 година, но направено во серијал во 1862-63 година), исто така го вклучува занесниот детектив Гримстон од Скотланд Јард.

Мелодрамата на Том Тејлор, „Човекот со карта за излез“ (The Ticket-of-Leave Man), адаптација на „Леонард“ од Едуард Бризбер и Јуџин Нус, се појавила во 1863 година и го претставила детективот Хокшо. На кратко, тешко е да се утврди кој бил првиот писател на англискиот детективски роман, поради тоа што различни автори ја истражувале оваа тема истовремено.

Во 1887 година, Артур Конан Дојл го создал ликот на Шерлок Холмс, најпознатиот измислен детектив. Иако Шерлок Холмс не е оригиналниот измислен детектив (создаден бил под влијание на ликот Дупин на Едгар Алан По и ликот Лекок на Габорио), неговото име станало отелотворение на улогата. Конан Дојл изјавил дека ликот на Холмс бил инспириран од Д-р Џозеф Бел, за кој Дојл работел како службеник во Кралската амбуланта во Единбург. Како и Холмс, Бел бил познат по извлекувањето големи заклучоци од најмалите забелешки. Брилијантниот „детектив-консултант“ кој живее во Лондон, на 221Б Бејкер Стрит, Холмс, е познат по неговата интелектуална способност и е познат по неговото вешто користење на остроумни забелешки, дедуктивно расудување и форензички вештини за да реши тешки случаи. Конан Дојл напишал 4 романи и 56 куси приказни со Холмс, и сите освен четири приказни се раскажани од пријателот, асистент и биограф на Холмс, Д-р Џон Вотсон.

Детективски романи од Златната доба

уреди
 
Агата Кристи

Периодот од 1920-те и 1930-те е општо наречен „Златна доба на детективскиот роман“. За време на овој период се појавиле поголем број писатели, од кои најголем број британски, но и со значајно учество на писатели од Америка и Нов Зеланд. Писателките претставувале голем дел од истакнатите писатели од Златната доба, вклучувајќи ја Агата Кристи, најпознатата од писателите на Златната доба и една од најпознатите автори од кој било жанр на сите времиња. Четири писателки од Златната доба се сметаат за оригиналните четири „Кралици на злосторството“: Агата Кристи, Дороти Сејерс, Нгаио Марш и Марџери Елингем. Тие биле Британки, со исклучок на Нгаио.

Различни елементи на детективскиот жанр биле стандардизирани за време на Златната доба и во 1929г. некои од нив биле кодифицирани од писателот Роналд Нокс во неговиот „Декалог“ на правила за детективскиот роман, меѓу кои, било, да се избегнуваат натприродни елементи, од кои сите имале за цел да гарантираат дека, кажано со зборовите на Нокс, една детективска приказна „како главна тема мора да го има откривањето на мистерија; мистерија чии елементи јасно му се пренесени на читателот во почетната фаза на настаните и чија природа има за цел да разбуди љубопитност, љубопитност која е наградена на крајот од делото.“ Во детективските приказни од Златната доба, надворешен човек, понекогаш платен истражувач или полициско лице, но најчесто надарен аматер – истражува убиство извршено во затворена околина од еден од ограничениот број на осомничени лица.

Најраспространетиот под-жанр на детективскиот роман станал „кој го направи тоа“, каде може да се јави голема генијалност при раскажувањето на злосторството, најчесто убиство, и на последователната истрага на таков начин на кој се сокрива идентитетот на криминалецот од читателот до крајот на книгата, кога начинот и виновникот се откриваат. Според учениците Керол Мисмерик и Марви Хајферман, „Златната доба на детективскиот роман започна со аматерски детективи од високата класа кои мирисаат убијци кои се кријат во цветни градини, селски патишта и живописни села. Многу елементи од детективскиот роман се развија во оваа ера, со тоа што голем број писатели – од забавувачи на обичниот човек, до почитувани поети – се обиделе во создавањето мистериозни приказни.“

Голем број од популарните книги од Златната доба ги напишала Агата Кристи, која создала голем серијал книги, вклучувајќи ги нејзините детективи Херкул Поаро и Госпоѓица Марпл, покрај другите, и обично вклучуваат сложена сложувалка која читателот треба да се обиде да ја реши. Романите на Агата Кристи ги вклучуваат: „Убиство во Ориент Експрес“ (1934г.), „Смрт на Нил“ (1937г.) и „Десет мали црнци“ (And Then There Were None) (1939г.). Исто така, популарни биле приказните со Лорд Питер Вимзи на Дороти Л. Сејерс и Фило Венс на С.С Ван Дајн.

Пристапот „сложувалка“ бил користен и понатаму во прегенијални и навидум невозможни заплети од Џон Дикинсон Кар – кој исто така пишувал под псевдонимот Картер Дикинсон – за кој се смета дека е господарот на „мистеријата во затворена соба“, и Сесил Стрит, кој исто така пишувал под псевдонимот Џон Роуд, чиј детектив, Д-р Присли, специјализирал за сложени технички направи, додека пак во Соединетите Американски Држави, „кој го направи тоа“ бил, покрај другите, прифатен и продолжен од Рекс Стаут и Елери Квин,. Акцентот на формалните правила за време на Златната доба бил причина на различни реакции. Повеќето писатели биле задоволни со следењето на овие правила како робови, одредени писатели ги игнорирале некои или сите правила, а други ги експлоатирале овие елементи за да постигнат нови или застрашувачки резултати.

Романот за приватниот детектив

уреди

Мартин Хјуит, создаден од британскиот автор Артур Морисон во 1894 година, е можеби првиот пример на модерниот стил на фиктивниот приватен детектив.

До крајот на 1920-те години, Ал Капоне и мафијата не само што инспирирале страв, туку и буделе широко распространета љубопитност за американското подземје. Популарните евтини списанија во кои се објавувале приказни како што е Блек Меск (Black Mask) профитирале од ова, додека автори како Керон Џон Дели објавувале насилни приказни кои се фокусирале на хаосот и неправдата која ги обвивала криминалците, а не условите позади злосторството. Од оваа литературна околина произлегле многу приказни и романи за приватни детективи, исто така познати како приватни истражувачи, „ПИ“ и „приватни детективи“. Многу често, никаква мистерија воопшто не постоела: книгите се движеле околу донесувањето правда на оние кои заслужиле груб однос, кој бил објаснет во експлицитни детали.

Во 1930-те години, жанрот за приватниот детектив бил целосно усвоен од американските писатели. Силната, стилска детективска фикција на Дешиел Хамет, Џонатан Летимер, Ерл Стенли Гарднер и други, ги истражувале „лошите улици“ и корумпираното подземје на Соединетите Американски Држави. Нивниот стил на криминалистичка фикција станал познат под името „тврд“, кој опфаќа приказни со слични ставови, кои не се концентрираат на детективи, туку на гангстери, крадци и други престапници или жртви на злосторства. „Пренесени на јасен и понекогаш елегантен јазик преку неемоционалните очи на новиот херој-детектив, овие приказни биле американски феномен.“

Во доцните 1930-ти години, Рејмонд Чендлер ја збогатил формата со својот приватен детектив Филип Марлоу кој му донел поинтимен глас на детективот одошто пооддалечениот стил на „оперативен извештај“ од приказните на Континенталниот оперативец на Хамет. Занемарувајќи ја неговата битка да разработи една приказна, неговиот ритмичен дијалог и енигматичните нарации биле музикални, будејќи ги темните сокаци и грубите разбојници, богати жени и моќни мажи, за кои тој пишувал. Неколку играни и телевизиски филмови за ликот на Филип Марлоу биле снимени. Џејмс Хедли Чејс напишал неколку романи со приватен детектив како централен херој, вклучувајќи ги „Реквием на русокосата“ (Blonde’s Requiem) (1945г.), „Положи ја кај лилјаните“ (Lay Her Among the Lilies) (1950г.), и „Откриј самиот“ (Figure It Out for Yourself) (1950г.). Херои на овие романи се типични приватни детективи многу слични на Филип Марлоу.

Рос Мекдоналд, псевдоним на Кенет Милар, повторно ја збогатил формата со својот детектив Лу Арчер. Арчер, како и фиктивните херои на Хамет, имал око за детали, со едвај познато минато. „Сврти го Арчер странично, и ќе исчезне,“ напишал еден рецензент. Две силни страни на Мекдоналд биле неговото користење психологија и неговата прекрасна сликовита проза. Како и сите други „тврди“ писатели, Мекдоналд целел кон оставање впечаток на реализам во неговите дела преку насилство, секс и соочување; меѓутоа, ова е илузија, и кој било приватен детектив што врши типична фиктивна истрага би бил набргу мртов или онеспособен. Филмот „Харпер“ (Harper) од 1966 година, со Пол Њуман, бил снимен според првата приказна на Лу Арчер, „Движечката Мета“ (The Moving Target) (1949г.). Њуман ја повторил улогата во „Базен за давење“ (The Drowning Pool) во 1976 година.

Мајкл Колинс, псевдоним на Денис Линдс, се смета за авторот кој го повел романот за приватниот детектив во Модерната доба. Неговиот приватен детектив Ден Форчун, постојано бил вмешан во истиот вид на „Давид и Голијат“ приказни кои Хамет, Чендлер и Мекдоналд ги пишувале, но Колинс направил социолошки свиок, истражувајќи го значењето на местото на ликовите во општеството и влијанието кое општеството го имало врз луѓето. Полни со коментари и куса и јасна проза, неговите книги биле поинтимни отколку оние на неговите претходници, нагласувајќи дека злосторство може да се случи во сечиј дом.

Романот за приватниот детектив било поле во кое доминирал машкиот пол и во кое ретко можеле да се најдат изданија од женски автори, сè до издавањето на делата на Марша Милер, Сара Перетски и Су Грефтон кон крајот на 1970-те и почетокот на 1980-те. Секој од детективите на авторите, исто така женски лик, бил паметен, физички спремен и можел да се снајде сам. Нивното прифаќање и успех предизвикале издавачите да бараат други женски автори.

„Кој го направи тоа“ против „обратната детективска приказна“

уреди

Мнозинството детективски приказни го следат форматот на „кој го направи тоа“. Настаните за време на злосторството и оние настани кои следат за време на истрагата се претставени на начин на кој читателот со помош на дадените траги може да го идентификува сторителот со помош на дедукција. Решението на случајот не се открива сè до крајот на книгата.

Кај „обратната детективска приказна“, решавањето на злосторството и вообичаено откривањето на идентитетот на сторителот е прикажано или пак опишано на почетокот. Остатокот од приказната, притоа, ја опишува последователната истрага. Наместо тоа, загатката претставена на читателот ги наоѓа трагите и доказите кои сторителот ги оставил зад себе.

Полициска процедура

уреди

Многу детективски приказни имаат полициски службеници како главни ликови. Овие приказни може да имаат различна форма, но многу автори се обидуваат реалистично да ги доловат вообичаените активности на одредена група полициски службеници кои често работат на неколку случаи истовремено. Некои од овие приказни спаѓаат во видот „кој го направи тоа“; во други криминалецот е добро познат и случајот се состои од собирање доволно докази.

Други под-жанрови

уреди

Исто така, постои под-жанр на историски детективи.

Првиот аматерски детектив кој бил стручњак за железници, Торп Хејзл бил создаден од Виктор Вајтчрч и неговите приказни ги импресионирале Елери Квин и Дороти Л. Сејерс.

„Интимните мистерии“ започнале во доцните години на 20 век како повторно воспоставување на „кој го направи тоа“ од Златната доба; овие романи вообичаено се оттргнуваат од насилството и исчекувањето и често вклучуваат женски аматерски детективи. Модерните интимни мистерии“ се често, но не задолжително, хумористични и тематски (кулинарска мистерија, животинска мистерија, мистерија за правење јоргани).

Друг под-жанр на детективскиот роман е мистеријата за серискиот убиец, за која може да се смета дека е разоткривање на полициската процедура. Постојат рани мистериски романи во кои полициската единица се обидува да се соочи со видот криминалец познат во 1920-те како манијак кој убива, како што се неколку рани романи на Филип Мекдоналд и романот на Елери Квин, „Мачка со многу опашки“ (Cat of Many Tails). Сепак, овој вид приказна станала многу попопуларна по ковањето на фразата „сериски убиец“ во 1970-те и издавањето на „Кога јагнињата ќе стивнат“ во 1988 година. Овие приказни често ги прикажуваат активностите на повеќе членови на една полициска единица или владина агенција во рамки на нивните напори да го фатат убиецот кој ги избира жртвите според некоја непозната причина. Тие се исто така често понасилни и исполнети со повеќе исчекување од други мистерии.

Анализа

уреди

Зачувување на тајните на приказната

уреди

Иако го немаат тоа за цел, огласниците, рецензентите, проучувачите и познавачите, понекогаш оддаваат детали или делови од заплетот, и понекогаш – на пример во случајот на романот на Мики Спилејн, „Јас, поротата“ (I, the Jury), дури и од расплетот. По заслугите на крајот од филмот на Били Вајлдер, „Сведок на обвинителството“ (Witness for the prosecution), гледачите во кината биле замолени да не зборуваат за заплетот со никого, за идните гледачи да можат да уживаат во разоткривањето на мистеријата.

Возможност и коинциденција

уреди

За серијали со аматерски детективи, нивните чести судири со криминалот често ги тестираат границите на возможното. Ликот на Госпоѓица Марпл, на пример, се справувал со отприлика две убиства годишно; Де Андреа го опишала градот на Госпоѓица Марпл, малото тивко селце по име Св. Мери Мид, како приредување натпревар по човекова изопаченост чиј единствен соперник е онаа од Содома и Гомора. Слично, телевизиската хероина Џесика Флечер од „Убиство, напиша таа“ се среќавала со тела каде и да одела, но најмногу во нејзиниот мал роден град Кебот Коув во Меин; Њујорк Тајмс процениле дека, до крајот на 12 годишниот серијал, скоро 2% од населението во градот било убиено. Би било поубедливо доколку полицијата, форензичарите или слични професионалци се главни ликови во серијал од криминалистички романи.

Телевизиската серија Монк честопати се потсмевала на честото среќавање на ова невозможно нешто. Главниот лик, Адријан Монк, е често обвинуван дека носи несреќа и е магнет за убиства како резултат на честото случување на убиства во негова близина.

Исто како и Монк, Когоро Мори од манга серијалот „Детектив Конан“ се здобил со со истата непосакувана репутација. Иако Мори е приватен детектив со своја агенција, полицијата никогаш не се консултира со него и покрај тоа што тој постојано се појавува од едно место на злосторството на друго. Улогата и легитимноста на коинциденцијата често бил тема која иницирала разгорени дискусии откако Роналд А. Нокс категорично рекол дека „никаква случајност не треба да му помогне на детективот“ (Заповед бр. 6 во неговиот „Декалог“).

Влијанието на технологијата

уреди

Напредокот на технологијата ги направил некои заплети невозможни и застарени. На пример, зачестувањето на мобилните телефони, пејџерите и џебните компјутери значително ги промениле поранешните опасни ситуации во кои истражувачите вообичаено би можеле да се најдат. Некои автори не успеале во приспособувањето на промените кои ги донела модерната технологија; други пак, како што е Карл Хајасен, успеале.

Една тактика која го избегнува проблемот со технологијата е историскиот детективски жанр. Со глобалната меѓуповрзаност која го отежнувала доловувањето на легитимна неизвесност, неколку писатели – вклучувајќи ги Елизабет Питерс, Пол Чарлс Доерти, Стивен Сејлор и Линдзи Дејвид –со цел да предизвикаат тензија, избегнувале создавање комплексни заплети и наместо тоа целеле кон поставување на нивните ликови во некој изминат период. Таквата стратегија го принудува протагонистот да се потпира на поинвентивни методи на истрага, што не е случај кај модерните детективи кои користат технолошки алатки.

Вовед во регионалните и етничките поткултури

уреди

Детективскиот роман, се родил во 1960-тите години и достигнал слава во подоцнежните децении и бил начин на кој авторите ги претставувале приказните за различни поткултури до сите читатели, особено во Соединетите Американски Држави. Еден проучувач, за детективските романи на Тони Хилерман со теми поврзани со Индијанците во Ново Мексико, напишал, „многу американски читатели веројатно повеќе се запознале со традиционалната култура на народот Навахо преку неговите детективски приказни одошто преку кои било други скорешни книги.“ Други забележителни писатели кои ги истражувале регионалните и етничките заедници во нивните детективски романи се Хери Кемелман, во чиј серијал „Раби Смол“ (Rabbi Small) дејството се одвива во заедницата на конзервативни Евреи во Масачусетс; Волтор Мосли, во чии дела за Изи Ролинс, дејството се одвива во заедницата на Афроамериканци во Лос Анџелес во 1950-тите години; и Сара Паретски, чии дела за Викторија Ифигенија Варшавски ги истражувале различните поткултури во Чикаго.

Предложени правила

уреди

Неколку автори се обиделе да постават еден вид листа од „Детективски заповеди“ за потенцијални автори во жанрот.

Според „Дваесет правила за пишување детективски приказни“ од Ван Дајн во 1928 година: „Детективската приказна е еден вид интелектуална игра. Всушност дури и повеќе – таа е спортски настан. За пишувањето детективски приказни има многу дефинирани закони – можеби непишани, но не помалку обврзувачки; и секој почитуван, како и оној творец на литературни мистерии кој самиот се почитува се придржува до нив. Со тоа, ова е еден вид доктрина, која делумно се темели на творењето на сите познати писатели на детективски приказни, а делумно и на убедувањата на совеста на искрените автори.“ Роналд Нокс напишал листа од Десет заповеди или „Декалог“ во 1929 г.