Павел Шатев

македонски револуционер

Павел Шатев (15 јули 1882 во Кратово30 јануари 1951 во Битола) — истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство. Бил и слободен ѕидар.[1]

Павел Шатев
Портрет на Шатев
Министер на правосудието
На должноста
16 април 1945 – 18 април 1946
Претходник нова функција
Наследник Васил Калајџиски
Лични податоци
Роден(а) 15 јули 1882
Кратово, Отоманско Царство
Починал(а) 30 јануари 1951(1951-01-30) (возр. 68)
Битола, НР Македонија, СФРЈ СФР Југославија
Потпис

Животопис уреди

Образование уреди

Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.

Гемиџија уреди

 
Павел Шатев
 
Шатев со Гемиџиите, споменик на плоштадот Македонија во Скопје

Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.

Прогонство уреди

Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.

Амнестија и дообразување уреди

Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.

Меѓу македонската емиграција во Бугарија уреди

 
Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ [2]

Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.

Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател.

Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР.

Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија.

Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.

Учесник во создавањето на современата македонска држава уреди

 
Септември, 1944 година Апел до Македонците во Бугарија. Еден од потписниците е и Павел Шатев.

По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, потписник е на Апелот до Македонците во Бугарија заедно со други видни револуционери и дејци како: Ангел Динев, Туше Делииванов, Петар Шанданов, Михаил Герџиков и др.[3] Се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.[4] На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.

Судир со новите македонски комунистички власти уреди

 
Група стари македонски револуционери снимени во април 1948. Седат од лево на десно: Ризо Ризов, Крсто Гермов, Александар Мартулков. Стојат од лево на десно: Димитар Поп Евтимов, Анастас Митрев, Панко Брашнаров и Павел Шатев.

Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“[5]

На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.

Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Мисли уреди

Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и еконеомски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава... Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот... [6]

Наводи уреди

  1. Масоните в България: Членовете на Българските масонски ложи, родени в Македония (до 1944 г.), Брошура на Главно управление на архивите към Министерски съвет на Р. България, С., 2003 г.
  2. Обраќање на Павел Шатев, Туше Делииванов и Божин Проданов во 1938 година до светската јавност за положбата на македонскиот народ и како треба да се реши македонското прашање.
  3. Динев, Ангел (1983). Одбрани Дела во три книги - Втора книга. Скопје: Култура - Скопје. стр. 333–337.
  4. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 49-50 стр.
  5. „Панко Брашнаров и Павел Шатев за обстановката във Вардарска Македония през 1944-1948 г. — изложение до ВКП(б)“
  6. Иван Катарџиев, Македонската национално политичка мисла меѓу двете војни, Култура, 1991.

Литература уреди

Надворешни врски уреди

 
Гемиџии
 
Јордан Поп Јорданов - Орцето | Константин Кирков | Павел Шатев | Марко Бошнаков | Цветко Трајков | Георги Богданов | Милан Арсов | Димитар Мечев | Владимир Пингов | Илија Трчков | Димитар Коштанов