Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ
Иницијативен одбор за свикување на АСНОМ — тело на народноослободителното движење на Македонија во текот на Втората светска војна задолжено за подготвување и свикување на Првото заседание на АСНОМ. Основан е во ноември 1943 година во селото Црвена Вода (Дебрца) и е активен до одржувањето на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. Негов претседател е Методија Андонов - Ченто.
Формирање
уредиОдлуката за формирање на посебно тело што ќе има задача свикување на АСНОМ е донесена на Преспанското советување одржано во август 1943 година. Активностите за негово формирање течат до ноември, кога е формиран Иницијативниот одбор (ИО). Во негов состав влегуваат: Методија Андонов - Ченто (претседател), Страхил Гигов (секретар), Цветко Узуновски, Венко Марковски и Михаило Апостолски. Во својата работа ИО тесно соработува со Главниот штаб на НОВ и ПОМ, кој постапно ги префрла политичките ингеренции на ИО.
Активности
уредиНа 14 март 1944 година ИО заедно со Главниот штаб го објавува одговорот на приговарачите на Манифестот на Главниот штаб од октомври 1943 година.[1] Покрај тоа, ИО на 14 март 1944 година испраќа и писмо до сите народно-ослободителни одбори за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ.[2]
На состанокот на ИО одржан на 30 април во кумановското село Стајовце, меѓу другото, е одлучено ИО да се прошири со нови членови. Во проширениот состав на ИО влегуваат и членови од групата приговарачи на Манифестот на Главниот штаб. По проширувањето неговиот состав брои 22 члена:[3] Методија Андонов - Ченто (претседател), Емануел Чучков и Бане Андреев (потпретседатели), Киро Миљовски и Киро Глигоров (секретари), Михаило Апостолски, Цветко Узуновски, Кирил Петрушев, Епоминонда поп Андонов, Страхил Гигов, Никола Минчев, Петре Пирузе, Мара Нацева, Благој Хаџи Панзов, Владимир Полежиновски, Ристо Бајалски, Борко Темелковски, Тодор Циповски, Панко Брашнаров, Тодор Ѕвездин, Генадие Лешков и Милан Стефанов.
На почетокот од мај 1944 година Методија Андонов - Ченто, Емануел Чучков и Кирил Петрушев заминуваат за Вис на средба со Народниот комитет за ослободување на Југославија на чело со Јосип Броз Тито. Средбата се одржува на 24 јуни при што македонската делегација го поставува прашањето за обединување на Македонија по ослободувањето од окупацијата. Тито начелно се согласува, но не смета дека тоа треба да биде непосредна задача.
Во периодот јуни-јули ИО ги интензивира своите активности во подготовка на Првото заседание на АСНОМ. При тоа го подготвува текот на заседанието, го изготвува политичкиот реферат „Борба против окупаторот“, рефератот „Народно-демократската власт во Македонија – нејната саштина, организација и задачи“, како и извештајот за дотогашната работа на ИО.
Со успешното одржување на Првото заседание на АСНОМ, Иницијативниот одбор престанува со работа, а неговите членови главно преминуваат во состав на Президиумот на АСНОМ.
Наводи
уреди- ↑ Одговор на ГШ на НОВ и ПОМ на приговорот од АНОКМ, 14 март 1944 г.
- ↑ Писмо до сите народно-ослободителни одбори за избор на делегати за Првото заседание на АСНОМ, 14 март 1944 г.
- ↑ Записник од првото заседание на проширениот Иницијативен одбор, 30 април 1944 г.