Народна федеративна партија
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
Народната федеративна партија[1] или некаде се сретнува како Народна федеративна партија (бугарска секција)[2] (бугарски: Народна федеративна партия (българска секция)) — легална политичка партија која произлегла од левото крило[3] на ТМОРО, создадена по Младотурската револуција во Отоманското Царство. Опстојува една година, од август 1909 до август 1910 год. кога е забранета. Нејзин главен идеен противник е Сојузот на бугарските конституциони клубови.[4], основан од страна на десното крило на ТМОРО и на дел од структурите на поранешниот Врховен комитет.[5]
Народна федеративна партија | |
---|---|
Претседател | Димитар Влахов |
Генерален секретар | Христо Јанков |
Основана | 3 август 1909 | (конгрес)
Штаб | Солун |
Весник | Народна волја |
Идеологија | Османизам |
Државна припадност | Отоманско Царство |
Отомански парламент | 2 / 288 |
Партијата била планирана да претставува федерација од повеќе нејзини секции, формирани од сите незадоволни народности во Отоманското Царство, но пошто била формирана единствено секција од страна на МОРО, а други секции никогаш не биле формирани, останала само Бугарската секција.[6][7][8]
Народната федеративна партија под ова име се појавила во јануари 1909 г. Во периодот од јули до декември 1908 таа делувала под името Македоно-одринска револуционерна организација (МОРО) и ја сочинувале окружните организации на Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ, предводена од Серската група на Јане Сандански.[9] По Илинденското востание, особено по Рилскиот конгрес левото крило се ориентирало кон барање соработка со сите прогресивни сили во Турција, врз основа на борбата против султанскиот апсолутизам и за запазување на национално-територијалната целост на Македонија.[10]
Предуслови за формирање на партијата
уредиПо расцепот (поларизацијата) на ВМОРО што се случил на Рилскиот конгрес 1905 год. на лево (македонско национално) и десно (врховистичко) крило дејствувањето на Организацијата продолжило во две насоки, десното крило под името ВМРО, именувано на Ќустендилскиот конгрес одржан во почетокот на март 1908 год., а левото крило под името МОРО, именувано на Мајскиот конгрес во Банско одржан во втората половина на мај 1908 година. Во согласност со одлуките на конгресот, левото крило се ориентирало кон соработка со сите прогресивни сили во Турција, а врз основа на борба против султанскиот апсолутизам и за запазување на национално-територијалната целост на Македонија. Јане Сандански и Христо Чернопеев стапиле во контакт со Младотурскиот комитет и Грчкиот комитет во Неврокоп и заедно ја донеле таканаречената Неврокопска програма за соработка и заедничко делување во условите по Младотурската револуција. По Мајскиот конгрес и Младотурската револуција од јули 1908 г. МОРО преминала во легално делување.
На 31 јули 1908 година бил издаден „Манифест до сите народности во Османлиското Царство“[11] напишан од Павел Делирадев, кој работел и на изготвување устав и програма за Народната федеративна партија, а е потпишан од Јане Сандански. Во повикот, упатен до сотатковинците, сите што ја населувале Македонија, се вели:
„Денешниот момент е голем. Во него ќе се реши големото прашање: ќе биде или не слободен нашиот народ? Кој ќе биде победник - тоа зависи исклучиво од вас, од вашата волја и готовност да умирате за слободата. И зарем вие, граѓани, што веќе вкусивте од слатките плодови на слободата, ќе се поколебате да ја исполните својата пресуда и да не го закопате злосторничкиот апсолутизам?“ Обраќајќи се кон сонародниците, во Манифестот се вели: „Вие, кои сте дале толку скапи жртви пред олтарот на слободата, можете радосно да здивнете. Сега вие не сте сами - ете зошто и вашата борба станува полесна и понадежна. Со заедничките усилби на сите народи ние ќе ја извојуваме нашата слобода. Не подавајте им се на престапната агитација која можеби ќе ја поведат официјалните власти во Бугарија против вашата заедничка борба со турскиот народ и неговата интелигенција којашто се стреми кон слобода.“[11]
До крајот на септември 1908 год. трите окружни организации од левицата дејствувале на организирање нов општ конгрес на организацијата. На 8 август 1908 год. групата серчани почнала да го издава весникот „Конституциона зарја“ со уредници: Димо Хаџи Димов и Димитар Мирасчиев, што:
„ | претставувал средство за идејно-политичко дејствување сред македонското население во правец на политичко собирање на сите националноослободителни сили [12] | “ |
Атентатот над Сандански, на 24 септември 1908 год. извршен во Солун од група врховисти испратени од Софија [13] влијаел да се одложат подготовките за формално формирање на НФП и подготовките за конгрес при што се јавила и колебливост во Организацијата и некои дејци се откажале од МОРО и нејзината изготвена проект програма, како Христо Чернопеев и Струмичкиот револуционерен округ и од 27 септември 1908 год. излегле со одделно свое гласило „Единство“ под редакција на Делирадев и со активна соработка со Димитар Влахов и Ангел Томов. Подоцна се издвоил и Солунскиот револуционерен округ. Сепак, засилената активност на Конституционите клубови во Отоманското Царство повлијаела кон зближување на револуционерните окрузи во потесна соработка.
Формирање на партијата
уредиНа 15 јануари 1909 година се постигнало организациско обединување на трите револуционерни групи кое се манифестирало како решеност за изградба на нова политичка организација под името Народна федеративна партија на местото на дотогашната МОРО. Една од пречките за прибирање на граѓанството била отстранета, но се изгубило многу драгоцено време. Наместо претходните два било одлучено како партиски весник да се издава еден, под името „Народна волја“ кого го редактирал Ангел Томов. Во следните месеци до одржувањето на основачкиот конгрес, партијата била во фаза на организационо-политичка изградба, дејствувајќи исклучиво со легални политички средства. Во периодот до основачкиот конгрес се случила контрареволуцијата на опозицијата во Царството, во чие задушување значајна улога одиграла помошта на доброволните вооружени одреди предводени од Јане Сандански, Тодор Паница и други.
Основачки конгрес
уредиОсновачкиот конгрес на Народната федеративна партија е одржан од 3 до 10 август 1909 год, во кафулето „Сплендид палас“ во предградието на Солун. На конгресот присуствувале 33 делегати од цела Македонија: Христо Јанков и Димитар Влахов од Солун, Христо Мадникаров и Т. Клифов од Горни Порој, Стоју Хаџиев и Илија Бижев од Демирхисарско, Јане Сандански и Георги Казепов од Мелник, Стојко Пашкулов и Алексо Божиков од Неврокоп, Димитар Коштанов и Г. Захариев од Горна Џумаја, Г. Огњанов од Малешевијата, Коне Самарџиев и Христо Чернопеев од Струмица, Панде Попманушев од Петрич, Методи поп Гошев и Димитар Мирасчиев од Велес, Добри Даскалов и Дончо Лазаров од Тиквеш, Иван Икиљулев и Никола Петров од Кукуш, Иван Манолев од Битола, Јордан Шурков и Ф. Бајрактаров од Скопје, Георги Скрижовски и Иван Елезов од Разлог, Таската Спасов Серски и Христо Стамболиев од Сер, Тодор Паница од Драма, Ангел Попкиров од Одринско, Б. Христов од Долни Порој и Анастас Митрев од Охрид.
Конгресот го отворил секретарот на Солунскиот револуционерен округ Христо Јанков кој истовремено поднесол и извештај за активностите во подготвителниот период на конгресот. На првите заседанија на конгресот се избрани шест комисии за изработка на основните програмски документи и резолуции на Партијата. Најважната комисија онаа за изработка на програмата ја сочинувале; Димитар Влахов, Јане Сандански, Христо Чернопеев, Димитар Коштанов и Иван Манолев. Со учество во дискусиите се истакнале особено: Јане Сандански, Димитар Влаахов, Ангел Томов, Добри Даскалов, Јордан Шурков и Димитар Коштанов.
На конгресот биле усвоени основните програмски документи (програма, статут, декларација и неколку резолуции). Во Централното биро биле избрани: Димитар Влахов - претседател, Христо Јанков – секретар и Анастас Матлиев - касиер, како и шест членови на партискиот совет: Александар Бујнов, Христо Чернопеев, Добри Даскалов, Димитар Коштанов, Јане Сандански и Јордан Шурков. Со тоа организационо-политичката изградба на партијата била завршена. Димитар Влахов, кој бил претходно избран на изборите во 1908 г. станал претставник на партијата во Отоманскиот парламент, а по основачкиот конгрес го презел редактирањето на „Народна волја“.
На конгресот Партијата застанала зад оној дел од населението што го сочинувал и најглавниот елемент на таа партија - лишените од државни грижи, безимотните и малоимотните чифлигари, ситните стопанственици, занаетчии и трговци. Партијата се заложила да се реформира Османлиското Царство во Источна федерација при што да се создадат и автономни вилаети во Македонија, Албанија и Ерменија.
Во програмата се бараат мерки за заштита на трудот, бесплатно основно образование, училиштата да се под управа на локалните општини и надвор од религиозни организации, да се воведе прогресивен данок, аграрни реформи и земја за безимотното земјоделско население, реформи во индустријата, трговијата, во работните односи - права на работниците итн.
За аграрното прашање конгресот донел резолуција со низа барања. Во резолуцијата за училишните прашања се барало и Македонците да учествуваат во уредувањето на просветните прашања, да се отстрани централизмот и бирократизмот во просветата. Данокот што се плаќал за просвета да се распределува праведно на сите, да престане секакво влијание и дејствување на бугарската влада и бугарскиот двор врз просветата на Македонците-отомански граѓани итн.
„На крајот основачкиот Конгрес на НФП изјави дека Партијата ќе се бори за отстранување на секакво влијание и воздејство на бугарските влади и на бугарскиот двор врз просветното дело на Македонците – отомански граѓани и против претворањето на училишниот оддел од еден национален институт во партизански институт којшто ги прогони сите оние учители што не сакаат во својата општествена дејност, да се пројавуваат како орудија на бугарскиот монархизам и ги фаворизира оние што работат за победата на одделни интереси, а не за слободата и народниот суверенитет.[14]
Состојби и цели на партијата
уредиВо наредните неколку месеци до почетокот на 1910 година, НФП покажувала тенденции на постепено опаѓање, кое уследило не само како резултат од рекционерната политика на младотурците, туку и од значителните опортунистички тенденции на нејзиното централно биро.
По појавата на секташки делувања во партијата, во јануари 1910 г. Христо Чернопеев со неколку свои најблиски приврзаници од Струмичкиот округ, отишол во илегалство, придружувајќи и се на обновената ВМРО. Централното биро на чело со Димитар Влахов го исклучило од партијата Јане Сандански, со цел сосема да се ослободи од револуционерните елементи во Партијата, иако тој бил општопризнат раководител. По ова Серескиот револуционерен округ, во април 1910 г. организирал и одржал вонреден конгрес на кој е отстрането Централното биро на чело со Влахов. Делегатите, вкупно 29, ја осудиле политиката на Бугарската егзархија, на Грчката патријаршија и на младотурците кон црковно-училишните прашања во Македонија.
Во врска со работата на Централното биро, конгресот констатирал дека тоа му „останало туѓо на политичкиот развиток на земјата, не презеде ништо за победа на утврдената партиска линија и со тоа го доведе во прашање и самиот опстанок на Партијата“[15]. Новоизбраното Централно биро е во состав: д-р Христо Тенчев - претседател и Димитар Мирасчиев, Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов и Таската Спасов - Серски - членови. Весникот „Работническа искра", орган на Македоно-одринската социалдемократска група на Васил Главинов во уводната статија „Партиите и работниците“ дава своја одлика на Народната федеративна партија:
„ | Бугарската федеративна партија се јавува како представителка на дребните трговци, занаетчии и селани-сопстевници, на бакалите и крчмарите - со еден збор, на тое коешто се нарекува воопшто дребна буржоазија. Така што, таа е дребнобуржоазна. Од друга страна, и Бугарската народна федеративна партија исто така е националистичка, како и Сојузот на бугарските конституционии клубови. Разликата е само во тоа што, првата сака содинување на Бугарите кон Бугарија при сите услови, додека втората тоа го сака само под услов во Бугарија да нема монархизам и др. Барем тоа се разбира од нивните зборови.[16][17][18][19][20][21] | “ |
Распаѓање
уредиИако положбата на НФП со конгресот била делумно санирана, Партијата не можела да се одржи за подолго време како организирана политичка сила. Поради неединството на силите што ја сочинувале НФП, односно поради разединетоста на левицата во македонското национално движење, таа не можела да изгради релативно цврсто внатрешно единство. Сето тоа придонело за безболна ликвидација на партијата од страна на младотурскиот режим со законот за забрана на граѓанските партии во август 1910 година.
Историски погледи
уредиВрз основата на написот на насловната страница на „Решенија на конгресот“ Народна федеративна партија (бугарска секција) и текстот од членот еден на Правилникот во кој се вели ; „член може да биде секој Бугарин, отомански граѓанин кој наполнил 20 г...“ итн. Бугарската историографија НФП ја смета за бугарска национална партија „која се залагала за правата и напредокот на бугарскиот народ во Македонија и Отоманското Царство.“.
Партијата била планирана да претставува федерација од повеќе нејзини секции, формирани и од други незадоволни народности во Отоманското Царство[22] но, пошто е формирана прва и единствена секција од страна на МОРО,а други секции потоа не се формирани, на основачките документ на партијата „решенија“ и во член 1 од „Правилникот“, а заради задоволување на рестриктивните законски прописи кои во Отоманското Царство не признавале македонска народност, стои како Народна федеративна партија (бугарска секција)[23].
Освен во тие два наводи и во написи во некои весници од тоа време додавката – бугарска секција не се сретнува на други места. За тоа во „Историјата на македонскиот народ“ том три на страна 438 издание 2003 г. Скопје, се напомнува дека „Народната федеративна партија останала само со една своја секција што се регрутирала од средината на македонскиот народ“.,поради што останокот на додавката по името на партијата станало нерелевантно, неважно за идентификување и било изоставено, ја изгубило смислата да постои затоа што немало во релациите од кого да се диференцира.
Во број 6 на весникот од 21 февруари 1909 година под наслов "Национално обединување", членовите на партијата истакнуваат:
„ | Против обединување на нациите ништо не може да се спротивстави. Тоа е едно природно стремление ... И нашата партија стои решително на идејата за национално обединување на сите балкански нации. Стоејќи на овие позиции, ние сме и за обединување на бугарската нација.[24] | “ |
Наводи
уреди- ↑ „Историја на македонскиот народ“, ИНИ, Скопје, 2003, том III, стр. 433.
- ↑ Решенија на основачкиот конгрес на Народната федеративна партија, Солун, 1909 г.
- ↑ Треба да се истакне дека еден дел од историчарите сметаат дека поделеноста на ТМОРО не била врз идеолошка основа, туку станува збор за групи кои се бореле за контрола на организацијата.
- ↑ Бугарското национално дело за време на хуриетот
- ↑ Црнушанов, Коста, „Македонизмот и спротивата на Македонија срешту него“, Унив. изд. „Св. Климент Охридски“, Софија, 1992.
- ↑ We, the People: Politics of National Peculiarity in Southeastern Europe, Diana Mishkova, Central European University Press, 2009, ISBN 9639776289, pp. 130-131.
- ↑ Historical Dictionary of the Republic of Macedonia, Dimitar Bechev, Scarecrow Press, 2009, ISBN 0810862956, p. 75.
- ↑ Entangled Histories of the Balkans: Volume One: National Ideologies and Language Policies, Roumen Daskalov, Tchavdar Marinov, BRILL, 2013, ISBN 900425076X, p. 303.
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, ИНИ, Скопје, 2003, том III, страна 433.
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, ИНИ, Скопје, 1969, книга втора, стр. 307.
- ↑ 11,0 11,1 Манифест до сите народности во империјата
- ↑ Историја на Македонскиот народ, II том стр. 308, Скопје, 1969 г.
- ↑ Историја на македонскиот народ, Скопје, 1969, том II, стр. 308.
- ↑ Мемоари од Димитар Влахов, Скопје, 2004, 118 стр.
- ↑ „Историја на македонскиот народ“, Скопје, 1969, том II, стр. 311.
- ↑ Исторически преглед, Том 37, Българско историческо дружество, Институт за история (Българска академия на науките), 1981, стр. 37.
- ↑ Bulgarian Academy of sciences, Institute of History, Bulgarian Language Institute, Macedonia, Documents and materials. Sofia 1978, p. 367
- ↑ Političkite partii i organizacii vo Makedonija, Manol D. Pandevski, 1965, str. 318.
- ↑ Македонија на Балканот: XIV-XX историски координати, Манол Д. Пандевски, Мисла, 1990, ISBN 8615001626, стр. 153.
- ↑ Balkanskite socijalisti i makedonskoto pras̆anje, od 90-tite godini na XIX vek do sozdavenjeto na tretata internacionala, Sovremena opštestvena mislaq br. 1, Orde Ivanoski, Kultura, 1970, str. 273.
- ↑ Работническа искра, бр. 4, Битола, 5.11.1909 година.
- ↑ ,small>Манифест на Јане Сандански од 31 јули 1908 г.
- ↑ Решенија на конгресот
- ↑ Весник "Народна волја", бр. 6 од 1 февруари 1909, статија "Национално обединување"
Користена литература
уреди- „Историја на македонскиот народ“, 2003 г. Скопје
- „Мемоари“ од Димитар Влахов,2003 год, Скопје.
- „Бугарското национално дело за време на Хуриетот“
- Бојан Кастелов „Димо Хаџидимов, Живот и дело“, Софија 1985.
- Димитар Влахов, „Борбите на македонскиот народ за ослободување“
- Антони Гиза, „Балканските држави и македонското прашање“
- Манол Пандевски, „Политички партии и организации во Македонија (1908-1912)“, Скопје, 1965.
Надворешни врски
уреди- „Народна федеративна партија“, Македонски документи
- Mercia MacDermott “For Freedom and Perfection: The Life of Jané Sandanskи”, “Journeyman”, London, 1988, chapter 22
- "Гоце Делчев", весник "Народна Волjа" на Народна федеративна партија, број 19, Солун, 1909 година