Регулација на банките
Регулација на банките — збир на прописи и мерки кои се однесуваат на основањето на банките, нивните активности и однесувањето на нивните органи на управување.
Причини за регулација на банките
уредиВообичаено се наведуваат три основни аргументи за потребата од регулација на банките:[1]
- корисниците на банкарските услуги немаат пазарна моќ и поради тоа подлежат на експлоатација поради монополската положба на банките.
- депозиторите не се доволно информирани и не можат да вршат надзор над банките, па затоа им треба заштита.
- регулацијата на банките е потребна за да се обезбеди стабилен банкарски систем.
Кога некоја банка се соочува со недостиг на ликвидност и не може да ги исплати обврските кон нејзините клиенти (во прв ред, штедачите), тоа може да предизвика нервоза и паника кај штедачите која лесно може да се претвори во „навала на банката“ (bank run) - состојба кога голем број штедачи истовремено сакаат да си ги повлечат парите од своите сметки во банката. Бидејќи секоја банка држи сам мал дел од своите средства во форма на пари, таквиот притисок води до ликвидносна криза во банката. Поради меѓусебната поврзаност на банките, или како последица на зголемената перцепција за ризик кај штедачите, понекогаш се случува проблемите што се присутни во работењето на една банка да предизвикаат навала на штедачите и во другите банки, дури и кога тие се во сосема добра финансиска положба и не се никако поврзани со проблематичната банка. Оваа појава на истовремена навала на повеќе банки се нарекува „банкарска паника“ (bank panic). Во тој случај, во опасност е доведен целокупниот банкарски и финансиски систем, т.е. станува збор за „системски ризик“ (systemic risk) којшто лесно може да се пренесе и надвор од националниот банкарски систем и да ги зафати банкарските системи на други земји или на целиот свет - појава наречена „зараза“ (contagion). Имајќи предвид дека банките го извршуваат платниот промет, системскиот ризик предизвикува сериозни проблеми во функционирањето на целата економија, зашто проблемите во работењето на банките го нарушуваат нормалното функционирање на претпријатијата и на населението. Поради тоа, државите ги регулираат активностите на банките со цел да ја спречат појавата на системскиот ризик и да ја обезбедат финансиската стабилност.[2]
Цели на регулацијата
уредиОсновните цели на банкарската регулација се:[3]
- Прудентно работење на банките
- Намалување на системскиот ризик
- Механизми за поддршка на целиот банкарски систем
Регулаторен процес
уредиРегулаторниот процес се состои од две основни компоненти: лиценцирање и супервизија. Првата компонента опфаќа прописи и стандарди со кои се утврдуваат условите за основање банка. Втората компонента опфаќа надзор над работењето на банките со цел да се утврди дали тие ги почитуваат регулаторните прописи, како и преземање поправни и казнени мерки ако се утврди непочитување на регулативата. Притоа, супервизијата вклучува непосредна контрола на документацијата и процесите во банките („теренска супервизија“) и индиректен надзор преку анализа на финансиските и другите извештаи кои банките ги доставуваат до регулаторните тела („вонтеренска супервизија“). Супервизијата на банките ја вршат или централните банки или посебни независни агенции.[4]
Кредитирање во краен случај
уредиЗа да ја обезбедат финансиската стабилност, централните банки реагираат превентивно во случаите кога некоја поединечна банка има проблеми со ликвидноста. Тогаш, централната банка делува како позајмувач во краен случај, т.е. ѝ дава пари на заем на банката која не може да позајмува на финансиските пазари.[5]
Меѓународна регулација на банките
уредиПоради важноста на банките за стабилноста на финансискиот систем и за целата економија, нивната регулација не е оставена само на националните регулаторни тела, туку постои и меѓународна регулација, која започнала да се спроведува во 1988 година, со донесувањето на Базелската спогодба.[6]
Наводи
уреди- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 163.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went, Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, 2009, p. 57-62.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 62.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 62-63.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 63.
- ↑ Richard Apostolik, Christopher Donohue, and Peter Went (2009), Foundations of Banking Risk. Hoboken, New Jersey: John Wiley and Sons, p. 65.