Девизен курс (англиски: exchange rate) претставува непосреден сооднос меѓу вредноста на домашната валута и странските валути. Во поширока смисла, девизниот курс се однесува на вредносниот сооднос на домашната валута и валутата на која гласат краткорочните побарувања. Следствено, валутниот курс претставува цена на една единица странска валута изразена во домашни пари. Според тоа, секоја странска валута односно краткорочно побарување кое гласи на странска валута, на домашниот пазар претставува девиза и има своја цена т.е девизен курс на домашниот пазар.

Националните парични единици ги извршуваат функциите на пари внатре во рамките на сопствените национални економии. Од тоа следува дека македонскиот денар служи како национaлно платежно средство за плаќање во границите на Македонија, хрватската куна служи за плаќање во рамките на Хрватска, швајцарскиот франк е средство за плаќање во Швајцарија итн. Меѓутоа, секоја земја реализира голем број меѓународни економски трансакции со бројни други земји. При увоз на добра и услуги од САД, не е возможно плаќање во валутата на земјата-увозник, туку неопходно е плаќање во валутата на земјата извозник или во случајот за увоз на добра и услуги од САД, се плаќа во долари, т.е националната валута на САД. За извршување на ваквите трансакции се врши размена на валути на девизниот пазар по цената по која што се разменуваат валутите.[1]

Девизен курс

уреди

Нивото на промените на девизниот курс имааат значајни импликации првенствено во надворешно-трговската размена на земјата, односно врз извозот и увозот. Со оглед на тоа што нето-извозот е компонент на агрегатната побарувачка, девизниот курс има свое влијание врз најважните индикатори за економскиот развој на земјата, т.е врз вкупното производство на економијата на земјата (БДП), врз вработеноста, врз инфлацијата итн. Доколку девизниот курс на домашната парична единица е преценет (се одржува на повисоко ниво од тоа што е одредено од односите на понудата и побарувачката на девизниот пазар), тогаш поскапува извозот на стоки и услуги на земјата во странство, но поевтинува увозот на странски стоки и услуги.

Дефиниција на девизниот курс

уреди
 
Курс на еврото во однос на доларот од настанокот на еврото

Девизниот курс претставува цена по која една валута се разменува за друга или искажаната вредност на една валута со цел за претворање со и во однос на други валути.[2] Кај флуктуирачки девизен курс, тоа е тековниот пазарно ориентиран однос на една валута во однос на друга, додека фиксниот девизен курс е врзан за некој објективен стандард - за златото или за вредноста на некоја странска единица.

Вообичаениот начин на искажување на девизниот курс (котација на девизните курсеви), кој покажува колку домашни единици се потребни за да се купи една странска валута е познат како европски начин. Постои и британски начин на искажување на девизниот курс, кој го покажува бројот на странски парични единици за една домашна.[3]

Фактори кои го детерминираат девизниот курс

уреди

Факторите кои ги условуваат промените на извозот и увозот на добра и услуги помеѓу земјите едновремено се и фактори кои ги условуваат и промените на понудата и побарувачката на соодветните валути, а со тоа и промените во девизните курсеви:[4]

  • Промените на вкусовите на потрошувачите. На пример, напредокот на технологијата во САД води кон производство на американски компјутери со високи перформанси. Тоа ја зголемува потрошувачката на американски компјутери на странските пазари: во Македонија, во Хрватска, во Бугарија итн. Оттука, побарувачката на американски долари на пазарите на соодветните земји расте, така што доларот апрецира во однос на македонскиот денар, хрватската куна, бугарскиот лев итн.
  • Промените во релативниот доход. Побрзиот економски раст во САД во однос на други земји, на пример во однос на Англија и Македонија, ќе предизвика побрз пораст на доходите на американските граѓани, а со тоа и пораст на нивната куповна моќ. Американските граѓани ќе купуваат повеќе добра и услуги на домашниот пазар, но и на странските пазари - во конкретниот случај од Англија и Македонија. Тоа ќе ја зголеми понудата на долари на соодветните странски пазари и доларот ќе депрецира во однос на нивните валути.
  • Општото ниво на цените (стапката на инфлација). Повисока стапка на инфлација во САД, во однос на Македонија, ќе предизвика пораст на побарувачката на американските граѓани за македонски производи. Понудата на долари на девизниот пазар ќе порасне и вредноста на американскиод долар во однос на македонскиот денар ќе депрецира.
  • Висината на реалната каматна стапка. Ако Федералните резерви на САД ја намалат понудата на пари заради контролирање на инфлацијата, реалната каматна стапка во САД ќе порасне во однос, на пример, на Јапонија. Јапонците ќе бидат заинтересирани да купуваат повеќе американски трезорски обврзници, бидејќи тие ќе носат повисоки каматни стапки. Понудата на јапонски јени на девизниот пазар (во замена за американски долари), ќе расте и доларот ќе апрецира во однос на јапонскиот јен.

Наводи

уреди
  1. Таки Фити, Основи на економијата, Економски факултет, Скопје, 2010.
  2. Economics[мртва врска]
  3. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 473.
  4. Таки Фити, Економија. Скопје: Економски факултет – Скопје, 2006, стр. 476-477.