Електронски пари (англиски: e-money, e-cash) или дигитални пари (англиски: digital cash) претставуваат синоним за разнородна група електронски средства кои ги извршуваат традиционалните функции на парите, т.е. служат како средство за плаќање и како средство за чување на вредноста. Електронските пари ги вклучуваат: парите кои се наоѓаат на сметките во интернет-банките или на сметките поврзани со интернет-банкарството (сметките од кои може да се плаќа преку интернет), кредитните картички, паметните картички, картичките со претплата итн. Електронските пари постојат само во електронска форма, на пример, зачувани на магнетна лента, како електронски запис во дискот на компјутерот или во чипот на картичката.[1]

Дефиниции на електронските пари

уреди

Во литературата и во националните и меѓународни законодавства може да се сретнат различни дефиниции на електронските пари. На пример, според една дефиниција, електронски пари претставуваат каков било електронски медиум – материјал, уред или систем со кој плаќањето се извршува со помош на пренос на електромагнетно складирани информации.[2] Вака поставената дефиниција за електронските пари подразбира дека и кредитните картички се своевиден облик на електронски пари. Со ваквото плаќање се исклучува анонимноста, во плаќањето нужно мора да се вклучат сметката на купувачот и сметката на трговецот. Ваквата дефиниција не прави разлика помеѓу поимот „електронски пари“ и електронските начини за доставување на безготовински платни инструменти, бидејќи е нејасно дали електромагнетните информации кои се трансферираат се даден номинален износ на пари или налог со кој жиралните пари треба да се префрлат од сметката на купувачот на сметката на трговецот.

Повеќето автори од САД поимот „електронски пари“ го разгледувале во рамките на системите за електронски пренос на средствата (EFT – Electronic fund transfer). Така што со примена на некоја електронска метода (банкомати, POS терминали, телефон, домашно банкарство) можат да се вршат плаќања од едно лице на друго или најразлични трансфери на средства помеѓу депозитните сметки на едно лице. Уште повеќе, во оваа дефиниција се вклопува и првиот телеграфски трансфер на пари извршен од страна на „Western Union“ во втората половина на 19 век, кој може да се смета за првиот пример на електронски пари, независно што станува збор за аналоген електронски метод, а не за дигитален електронски метод.[3]

Во САД, конечното дефинирање на електронските пари, во смисла на сурогат на парите, е направено со Законот за изедначување на дејностите од областа на парични услуги на национално ниво – Uniform Money Service Act, донесен во 2001 година. Со него се дефинираат поимот и условите под кои се обавува дејноста од областа на парични услуги (Money Service Business – MSB). Даден нефинансиски ентитет се смета дека врши MSB дејност, доколку ги нуди следниве финансиски услуги: трансмисија на пари (пренос на парични средства и вршење на плаќања); продажба на платни инструменти (патнички чекови, складирана вредност); и размена на чекови за готовина и менувачки работи. Притоа, во оовј закон за првпат биле дефинирани поимите „монетарна вредност“ и „складирана вредност“ (stored value), т. е. монетарна вредност која постои во форма на електронски запис. Во Законот е оставена флексибилност во поглед на оценката од страна на надлежните институции кога даден издавач на билатерална вредност со тек на време прераснува во издавач на монетарна вредност. Така, поимот „монетарна вредност“ станува многу поуниверзален од поимите „пари“ и „електронски пари“, со оглед на фактот дека електронските пари се една посебна форма на монетарна вредност – складирана вредност. Во вака поставената дефиниција за складираната вредност нејасно е во чии посед се наоѓа уредот во кој се води записот за складираната вредност. Согласно Законот, постојат две алтернативи: уредот да се наоѓа во сопственост на корисникот или тој да се наоѓа кај издавачот. Во вториот случај, трговецот нема податоци за тоа кој му плаќа, но затоа издавачот на располага целосно со податоците за направената трансакција.[4]

Европската Унија (ЕУ), особено Европската централна банка (ЕЦБ) ги има анализирано, проучувано и дефинирано електронските пари уште во 1998 година. Според ЕЦБ, под поимот „електронски пари“ се подразбира електронски складирана монетарна вредност на уред кој е широко прифатен како средство за плаќање и може да се користи за плаќања кон трета страна различна од издавачот на уредот, без да има потребаво процесот на плаќањето да се користат банкарски сметки туку истото при плаќањето се користи како претплатнички (pre paid) инструмент на доносителот.[5] Оваа дефиниција е прифатена и од страна на НБРМ, така што сите носители на платниот промет во Македонија, согласно Упатството за доставување податоци за платниот промет (Службен весник на РМ бр. 38/04) мораат да доставуваат податоци и за употребата на картичките со функција на електронски пари.[6] Во ЕУ, сепак постои суштинска разлика помеѓу дефиницијата на ЕЦБ и директивата[7] од страна на Европскиот парламент и Европскиот совет, која претставува законска рамка за работењето со електронските пари во ЕУ. Според директивата, под електронски пари се подразбира монетарната вредност изразена онака како што е декларирана од страна на издавачот и која е:[8]

  • Складирана на електронски уред
  • Издадена со прием на средства на износ не помал од износот на монетарната вредност која е издадена, и
  • Прифатлива е како средство за плаќање кон трети страни различни од издавачот.

Дефиницијата на ЕЦБ за електронските пари е целосно поставена како сурогат на готовите пари особено во поглед на некористењето на банкарски сметки од каде што произлегува и целосната анонимност на плаќачот во поглед на направените трансакции, додека дефиницијата дадена според 2000/46/EC го испушта фактот дали во процесот на плаќањето се вклучени сметките на плаќачот и примачот на средства. Под електронски пари се подразбираат и случаите кога монетарната вредност на сопственикот е складирана на уред кој е во сопственост на издавачот при што, евиденцијата за монетарната вредност која е во сопственост на корисникот се води преку корисничка сметка. Ваквата сметка не претствавува банкарска сметка и монетарната вредност во сопственост на корисникот не претставува паричен депозит. Со оглед на фактот дека тој на својата сметка располага со складирана вредност, а не со пари, и таа не може да биде прифатена како универзално средство за плаќање туку единствено може да се користи во мрежата на издавачот.

Одлики на електронските пари

уреди

Електронските пари се најголемото технолошко достигнување во развојот на електронското банкарство. Тие претставуваат замена за хартиените пари и како такви може да се користат за плаќање на производи и услуги преку интернет, или во деловната активност на банкарските мрежи (на пример, SWIFT).[9] Електронските пари бележат брз подем и може да се претпостави дека со текот на времето нивното значење само ќе се зголемува. Сепак, не се остварија првичните предвидувања дека тие ќе предизвикаат исчезнување на книжните пари, кои дури и во развиените земји претставуваат најчесто користено средство за плаќање, особено за малите плаќања.[10]
Електронските пари се издаваат од некоја банка или друга финансиска институција. За таа цел, корисникот прво депонира пари во банката и за вредноста на депонираните пари добива електронски пари. Електронските пари имаат броеви кои се уникатни (како и сериските броеви на хартиените пари). Потоа, користејќи соодветни кориснички програми може да се повлечат електронските пари и да се постават на локалниот компјутер. Вака означените дигитални пари може да се користат за купување одредени производи (притоа, продавницата од каде се купуваат производите мора да прифаќа електронски пари, односно треба да постои одредена инфраструктура). Трговецот кој ги добил електронските пари може подоцна повторно да ги употреби за некоја трансакција или да ги размени во хартиени пари во банката која работи со електронски пари.[11]
Една од најважните одлики при користење на електронските пари е тоа што при нивната употреба не се разменуваат информации за купувачот (исто како и при користење на хартиените пари). Со тоа се зголемува сигурноста при трансакциите. Оваа одлика кај електронските пари претставува и клучна разлика помеѓу нив и кредитните и дебитните картички. Исто така, електронските пари може да се користат повторно, односно оној кој ги примил може да ги користи за некоја друга трансакција.[12]

Видови електронски пари

уреди

Во принцип, постојат два различни типа e-пари:

  • идентификувани е-пари (identified e-money)
  • анонимни е-пари (anonymous e-money).

Идентификуваните е-пари содржат информации за идентитетот на корисникот (односно, лицето кое првично ги зелo парите од банката). Идентификацијата овозможува банката да ги следи парите што се движат низ економијата, на сличен начин како и при користењето на кредитните картички.
Анонимните е-пари работат на сличен принцип како и вистинските хартиени пари. Откако анонимните е-пари ќе се повлечат од сметката, тие може да бидат потрошени без можност за нивно следење, односно следење на трансакциите во кои учествуваат. Анонимните е-пари се проверуваат само кога трговецот ќе ги депoнира во банка за да ги претвори во вистински хартиени пари. Притоа, банката може да го идентификува само сопственикот на е-парите, односно лицето на кого банката првично му ги издала парите.
Според една друга поделба, двата основни вида на електронски пари се:

  • Електронска готовина (Е-готовина, digital cash, cyber cash, e-cash)
  • Електронски чек (E-Cheque)

Е-готовина

уреди

Е-готовината (E-Cash) ги има сличните особини како и готовите (книжни и ковани) пари, а тоа се следните:

  • Универзално прифаќање
  • Прифатена е за плаќање од правни и физички лица
  • Купувачот при употребата останува анонимен
  • Верификацијата за автентичноста на банкнотите лесно се врши при самото купување
  • Не е потребна сметка во банка
  • Пренослива е меѓу физички и правни лица
  • Корисниците не мора да бидат деловно способни (на пр. полнолетни)
  • Високи трошоци за производството и дистрибуцијата
  • Непрактични се за носење во поголеми количини
  • Непогодни се за плаќање во мали износи (микроплаќања)
  • На располагање се само одреден број на номинации
  • Подложни се на кражба
  • Може да се фалсификуваат
  • Постојат поцеќе валути, а претворањето е поврзана со одредени трошоци.


Совршената Е-готовина би требало да ги има следните особини:[13]

  • Мора да биде овозможено едноставно претворање на вистинската готовина во е-готовина и обратно,
  • Мора да се оневозможи фалсификување и плаќање двапати со иста е-банкнота
  • Купувачот мора да остане анонимен,
  • Мора да биде овозможена off-line проверка на автентичноста,
  • Мора да биде овозможен пренос без авторизација на трета страна (банка),
  • Мора да биде употреблива без сметка в банка
  • Мора да се обезбеди раситнување во саканите износи.


Во литературата најчесто споеменувани модели за е–готовина се: Chaumov-виот модел[14] и Brands-овиот модел.[15] Chaumov-виот модел предвидува детекција на двојната потрошувачка, а Brands-овиот нејзино спречување со хардверски склоп.
При преносот на е-готовината меѓу два учесника се појавуваат два проблема:

  • При секој пренос расте е-банкнотата, бидејќи на неа се додаваат податоци за новиот сопственик и
  • Со оглед на фактот дека положувањето на парите во банка се одложува на неодредено време, се одложува и потенцијалната детекција од повеќекратно користена банкнота.


Освен Chaum-овиот и Brands-овиот модел, во литературата се споменува и Fergunson-овиот модел,[16] чиј пропуст е во сигурносниот систем, како и Okamoto-виот модел, кој е надограден на Brands-овиот модел ги задоволува барањата на совршената е-готовина, но е премногу сложен.[17]

Е-чек

уреди
  • Е-чекот е еквивалент на класичниот книжен чек. Така, чеко му го издава купувачот на трговецот, а трговецот го приложува во својата банка, која ја врши наплатата од банката на издавачот. Процесот на наплата се извршува на следниов начин:
  • Банката му издава чек на купувачот
  • Купувачот го запишува во електронскиот чек износот и датумот, го потпишува со својот дигитален потпис и му го предава на трговецот. Празниот чек претходно е потпишан со дигитален потпис од банката која го издала. Трговецот му ја дава стоката на купувачот.
  • Трговецот ја запишува на чекот својата сметка во банка и го проследува е-чекот до својата банка потпишувајќи го со својот дигитален потпис.
  • Банката на трговецот го проверува потписот на трговецот и потписот на банката на издавач и го проследува чекот до банката на издавачот за наплата.
  • Банката на издавачот го проверува својот дигитален потпис и дигиталниот потпис на купувачот на пристигнатиот е-чек, ја проверува состојбата на пари на сметка и ако се е во ред, ги префрла парите од сметката на купувачот на сметката на трговецот.
  • Е–чекот носи ризик за трговецот бидејќи тој не може да знае дали купувачот има доволно пари на својата сметка во банка за да го покрие чекот. Ако сака да биде сигурен, трговецот мора да има on-line врска со банката на издавачот на чекот, што ја комплицира и поскапува трансакцијата.

Плаќање со е-пари

уреди

Постојат два модела на Е-готовина, во зависност од тоа дали во моментот трговецот има или нема on-line врска со издавачот на електронската готовина. Оттука, процесот на плаќање со е-пари може да биде:

  • On-line
  • Off-line

On-line плаќање

уреди

Ако трговецот има on-line врска со издавачот на е-готовината во моментот на купување, тогаш прометот со е-готовина оди на следниот начин:[18]

  • Купувачот поднесува налог до банката за издавање на е-банкноти, банката го прима барањето и го проверува идетитетот на подносителот на барањето.
  • Доколку проверката е успешна, банката го намалува салдото на сметката на подносителот на барањет и издава е-банкноти во бараниот износ, со единствен сериски број и со дигитален потпис од банката и банкарски приватен клуч.Во базата на податоци се забележуваат сериските броеви на банкнотите.
  • Купувачот оди во виртуелна продавница каде што купува стоки и услуги од трговецот, предавајќи му ги електронските банкноти.
  • Трговецот контактира со банката и бара проверка на исправноста на добиените банкноти. Ако банкнотите се исправни, трговецот веднаш ги префрла на своја сметка и на купувачот му ја предава стоката.

Off-line плаќање

уреди

Во off-line системот трговецот нема обезбедено врска со банката во моментот на плаќање и затоа моделот изгледа вака:[16]

  • Купувачот и поднесува на банката налог за издавање на е-банкноти.
  • Банката го добива барањето, го проверува идентитетот и ако проверката е успешна, го намалува салдото на сметката на подносителот на барањето, му издава е-банкноти во бараниот износ, со единствени сериски броеви и дигитален потпис од банката со банкарски приватен клуч. Во базата на податоци се забележуваат сериските броеви на банкнотите.
  • Купувачот ја посетува виртуелната продавница, каде што ја купува стоката или услугата од трговецот, па ги предава е-банкнотите на трговецот. Тргоецот ја проверува исправноста на банкарскиот потпис со помош на банкарскиот јавен клуч, но не може да провери дали истите банкноти се веќе употребени. Трговецот му ја издава стоката на купувачот.
  • Трговецот периодично ги префрла примените е-банкноти во банка, слично како готовите пари од реализираниот дневен промет. Банката ја проверува автентичноста на потписот на издавачот и преоверува дали овие пари претходно биле префрлени. Ако сè е во ред, го зголемува износот на сметката на трговецот.


Недостатоци на овој поедноставен модел се:

  • Со оглед дека банката во моментот на издавање на банкнотите на купувачот го знае неговиот идентитет, може за секоја издадена банкнота преку серискиот број во базата на податоци да го забележи датумот и времето, како и идентитетот на купувачот. Откако трговецот ќе ги префрли парите во банката, таа може точно да знае кога и каде за одреден износ купувачот купил нешто, а ова ја нарушува прватноста на купувачот.
  • Со оглед на тоа дека е-банкнотите се само податоци(на диск или во меморијата на картичката) купувачот би можел дредена банкнота едноставно да ископира и со неа да плати двапати во две различни продавници. Тогаш оној трговец кој како и другиот се обидел да ги префрли парите наишол на одбивање од банката која не сака да му ја признае оваа банкнота, бидејќи веќе претходно била потрошена. Исто така трговецот може да ја умножи пред да ја префрли во банка. Овој проблем се нарекува проблем на двојна потрошувачка и е клучен во имплементацијата на е-готовината.
  • За да може да се провери дали банкнотата веќе е искористена, трговецот мора да се обрати до истата онаа банка која ја издала или со банката на издавачот да има on-line врска или некаде да постои централен регистар на сите банкноти во оптек.


Според тоа, off-line плаќањето може да се изврши директно меѓу купувачот и трговецот, без да биде вмешана банката. Притоа, автентичноста на парите се проверува во моментот кога трговецот ќе посака да ги претвори е-парите во банката во вистински хартиени пари. Off-line анонимните е-пари се најсложената форма на е-пари поради проблемот на двојното трошење (double-spending problem).[19]

Проблемот на двојно трошење кај е-парите

уреди

Бидејќи е-парите претставуваат збир од битови, тие може многу лесно да се копираат. Поради тоа, потребни се механизми (различни криптографски методи) кои ќе го откријат можното дуплирање на е-парите. Поради тоа, потребно е да се сместат одредени податоци за корисникот на електронските пари кои ги издава банката. Притоа, идентитетот на корисникот е гарантиран од страна на банката, односно тој би се “објавил” само ако корисникот се обиде да ги искористи своите е-пари по вторпат.
Проблемот со двојната потрошувачка може да се реши на два начина:

  • Со превенција од двојна потрошувачка,
  • Со детекција на двојната потрошувачка.

Превенцијата може да се изведе ако електронските пари се наоѓаат под надзор на набљудувач, што значи одреден софтвер или хардвер во кој издавачот (банката) има доверба. Проблемот кај ова решение лежи во тоа што може да се случи да нема доверба во набљудувачот. Ако не постои набљудувач, не постои ниту можност за спречување на двојната потрошувачка, но најдобро што може да се направи е да се открие случајот кога тоа ќе се случи, како и идентитетот на винонвикот. Најчестиот проблем кај електронските плаќања се т. н. микроплаќања. Овој вид на плаќања се потребни за плаќање на многу евтини содржини, кои мора да се купат многу брзо. Пример за вакви плаќања се телефонските говорници. Оттука, на микроплаќањата се поставува горна граница за дозволен износ на плаќања, а тоа е износот од 1 долар. Благодарејќи на ова ограничување, потребата за сигурносен механизам е намалена, па и поедноставните системи ја задоволуваат намената.

Проблемот на анонимноста

уреди

Со оглед на тоа дека банката ја потпишува банкнотата чија содршина е непозната (купувачот може да каже дека тоа е банкнота од 1 долар, а таа всушност е од 100 долари), се применува техниката „подели и одбери“ (cut and choose). Во шемата која ја предложил David Chaum, купувачот поднесува n банкноти со ист износ, но секоја од нив носи друг сериски број. Ако прегледот покаже дека сите n-1 банкноти навистина гласат на износот што го пријавил купувачот и доколку сериските броеви се исправни, тогаш банката “на слепо” ги потпишува преостанатите банкноти. Техниката на „слепи“ потписи на купувачот му гарантира анонимност, а банкнотите што ги добил имаат исправен потпис со банкарски таен клуч. Проблемот со наведеното решение на Chaum се состои во непрактичноста на техниката “подели и одбери”, бидејќи комуникацијата меѓу банката и купувачот е многу пообемна отколку што е потребно. Затоа, Stefan Brands предложил користење на рестриктивен „слеп“ потпис, кој се заснова на математички проблем на репрезентацијата на групи од прв ред. Оваа метода во литературата е наречена „zero knowledge proof“.

Како се проверува автентичноста на е-банкнотите?

уреди

Банката содржи база од веќе потрошени е-банкноти, па ако една е-банкнота се појави по вторпат при една трансакција, тогаш банката ќе знае за тоа и ќе го извести корисникот. Бидејќи ова се смета за кривично дело (фалсификување пари), корисникот кој се обидел да направи дупликат на е-банкнотите ќе биде соодветно санкциониран.

Системи засновани врз е-пари

уреди

На интернет постојат неколку системи засновани на е-пари. Најпознати on-line системи се: ''еCash'' од фирмата DigiCash и ''NetCash'', развиен на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Најпознати off-line системи се: ''Mondex'' и ''VisaCash''.[20]

Основач на фирмата е познатиот криптограф David Chaum, чии трудови се темелат на технологијата на електронските пари. Фирмата била формирана во 1990 година, но и поради лошото деловно управување и неуспешните преговори со инвеститорите (меѓу кои биле „Visa“, „Microsoft“, „Netscape“, „Citibank“, „ABN Amro“ и др.), фирмата банкротирала во 1998 година и ги продала сите свои 16 патенти на фирмата „Е-Cash Technologies“.[21]

eCash се нарекуваат електронските пари кои ги создала фирмата „DigiCash“. Системот заснован на овие банкноти претставува off-line процес на плаќање, каде се користи слеп дигитален потпис, преку кој се постигнува анонимност. Банкнотите „eCash“ гласат на фиксен износ. При плаќање со овој тип банкноти мора да се плати точната сума, затоа што системот не овозможува враќање на разликата. Ако корисникот нема точен износ, тогаш може да изврши раситнување на банкнотата во банка. Користењето на „eCash“ е возможно само со користење на посебна апликација која е инсталирана на компјутерот на клиентот и преку која се овозможува подигнување на е-парите, плаќање со е-парите, како и депонирање на е-парите во банка. Валутата која се користи се вика „eBuck“ и 1 „eBuck“ вреди 1 долар.

За да може клиентот да користи „eCash“, прво мора да отвори сметка во банката која нуди ваков тип пари и да депонира вистински пари. Потоа, преку инсталираниот софтвер на својот компјутер, клиентот може да повлече одреден износ е-банкноти, кои имаат шифрирани сериски броеви, да ги складира на својот компјутер и да ги употреби кога ќе има потреба од нив. При купување на одреден производ, клиентот ги испраќа е-банкнотите со шифрираните сериски броеви до банката. Банката ги запишува во својата база сериските броеви на е- банкнотите и му ги враќа „заверените“ банкноти на клиентот. Клиентот (во случајот, купувачот) врши дешифрирање на сериските броеви и ги испраќа на трговецот од кого сака да купи одредена стока.Трговецот потоа ги испраќа е-банкнотите во својата банка. Притоа, банката на купувачот и на трговецот треба да стапат во контакт за да се провери автентичноста на е-банкнотите. Ако тие се во ред, банката го известува трговецот и ги става е-парите на неговата сметка.

Дигиталните банкноти „eCash може да се користат во системот само еднаш. Банката која работи со ваков тип на банкноти треба да овозможи специјални сметки за клиентите кои работат со „eCash“. Таа, исто така, треба да обезбеди и претворање на дигиталните банкноти во реални пари. Безбедноста кај овој систем е гарантирана со употреба на асиметричен алгоритам за криптирање. Пристапот до сметките може да биде обезбеден со лозинка. Регистрирањето на банкнотите со различни сериски броеви овозможува да се спречи проблемот на двојно трошење. Проверката на автентичноста на банкнотите се одвива on-line, па поради тоа и трошоците сè поголеми.

Системот NetCash е развиен на Универзитетот во Јужна Калифорнија. Главна одлика е што ги користи постоечките сметководствени системи и процедури во финансиски институции. Системот се заснова на независно дистрибуирани парични опслужувачи, на кои анонимните е- банкноти се заменуваат со неанонимни. Притоа, потребно е да се овозможи меѓусебна комуникација на овие парични опслужувачи, односно еден опслужувач треба да може да прима е-банкноти од друг опслужувач. Електронските пари на „NetCash“ имаат номинална вредност и сериски број. Освен тоа, на една е-банкнота е означена и адресата на опслужувачот кој ја испраќа и датумот кога истекува е-банкнотата.

CyberCash

уреди

CyberCash е формирана во 1994 година, а две години подоцна станала јавна компанија која при почетната емисија на акции успеала да собере завиден капитал. Но, бидејќи работата на фирмата стагнирала, на крајот во 2001 година таа објавила стечај. Потоа, таа била откупена од фирмата „VeriSign“, која се занимава со издавање на дигитални сертификати.

Billpoint

уреди

Фирмата „Billpoint“ е основана во 1998 година. Нејзиниот успех најмногу се должел на фактот што освен електронските плаќања (е-чекови), таа вршела и класична наплата на кредитни картички. Компанијата „EBay“ во 1999 година ја купила „Billpoint“. Благодарејќи на осигурената работа од „eBay“ и од повеќе од 300 интернет сајтови, вклучувајќи ги и „Yahoo“ и „Банка на Америка“ кои ги прифаќаат нивните е-чекови, „Billpoint“ станал најмасовен облик на примена на електронски пари.

Chipknip

уреди

Chipknip е холандски off-line систем на електронски пари заснован на смарт-картички. Тој е најголемиот систем на електронски пари во светот. „Chipknip“ функционира како дигитален паричник, кој се полни со пари на секој банкомат, а после ова може да се троши за плаќање во продавници, за телефонирање, патарина, паркинг и др. Фирмата од Холандија која ги издава овие картички се вика „Interpay“. Системот „Chipknip“ е заснован на технологијата на фирмата „Bull S. A.“, водечка светска фирма на подрачјето на смарт-картичките и на картичките од типот СС 60 и СС 1000.[22]

Mondex е систем на електронска готовина која се заснова на технологијата на смарт-картичките. На картичката се наоѓа обработувач и меморија, кои имплементираат електронски паричник. Паричникот на „Mondex“ има пет прегради, во кои може да се држат различни валути. Компјутерот во картичката работи под операцискиот систем „MULTOS“. Тоа е повеќенаменски операциски систем кој бил замислен освен за извршување на задачи во врска со електронските пари и други потреби, за лича идентификација, за здравствена книшка, телефонски импулси и др.
Овој систем бил развиен една од водечките банкарски институции во Велика Британија, „Nat West“ во 1990 година. Овој систем е произведен од различни фирми меѓу кои „Panasonic“, „OKI“ и „Hitachi“. Банката „National Westminster“ од Лондон прва го пуштила системот во пробна работа, делејќи им на своите вработени картички со кои можеле да купуваат на ограничен број на продажни места. „Mastercard“ во 1997 година го купила најголемиот дел од „Mondex“.
Иако зад него стои една од најсилните институции во светот, овој систем останал во ограничена употреба. „Mondex“ функционира на следниот начин: картичката најпрво се полни со пари од банкомати користејќи специјален телефон со читач на смарт-картички. Обработувачот на картичката воспоставува сигурносен комуникациски канал со уредот кој се вика „Mondex value box“, кој е посредник меѓу картичката и банкарскиот информациски систем. Постои можност и за плаќање преку интернет, но во овој случај купувачот мора да има читач на смарт-картичка. Компјутерот на картичката воспоставува сигурен комуникациски канал со картичката на трговецот и се извршува префрлањето на парите. „Mondex“ е off-line систем со ограничена анонимност. Секоја картичка ги памети последните 300 трансакции и затоа е ограничено следењето на трансакциите. „Mondex“ собира и разни статистички податоци за текот на парите, кои се користат за спречување на злоупотреба.[23]

PayPal овозможува пренос на парите помеѓу корисниците и продавачите, користејќи ги традиционалните методи со плаќање со чекови, налози, како и разни видови на кредитни/дебитни картички. ‘’Pay Pal’’ овозможува претворање на парите од кредитна картичка или банкарска сметка во е-пари, како и испраќање преку e-mail на фирми или лица во 38 земји во светот. Феноменот на успехот на „PayPal“ лежи во фактот дека неговиот концепт за е-пари се заснова на постоечката инфраструктура на банките и кредитните картички и користењето му е многу едноставно. Примачот добива порака „You’ve Got Cash“, а потоа кликнува на линкот кој ќе му овозможи преку неколку едноставни on-line чекори парите да ги префрли на својата сметка во банка или со нив да плати нешто или да ги испрати по e-mail.[24]PayPal“ не е банка, но извршува слична функција. Тоа е систем кој работи како посредник помеѓу купувачот и продавачот. Притоа, и купувачот и продавачот мора да имаат отворена сметка на „PayPal“. Плаќањето се одвива преку трансфер на пари од една на друга сметка, при што, „PayPal“ наплаќа одредена провизија. PayPal најчесто се користи за купување од аукциски мрежни места, како што е eBay. Во 2002 година компанијата „eBay“ го купила „PayPal“.

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание, Скопје: Економски факултет, стр. 345.
  2. Connel Fullenkamp and Saleh M. Nsouli, „Six Puzzles in Electronic Money and Banking“, International Monetary Fund, 2004.
  3. „Mark Benkopf, „Electronic Cash and Monetary Policy", 1996 (пристапено на 20.1.2016)“. Архивирано од изворникот на 2013-03-24. Посетено на 2016-02-03.
  4. „UNIFORM MONEY SERVICES ACT – ARTICLE 1 Section 102 Definitions (пристапено на 18.4.2012)“. Архивирано од изворникот на 2012-06-14. Посетено на 2016-02-03.
  5. ECB, Glossary (пристапено на 18.4.2012)
  6. НБРМ, „Упатство за доставување податоци за платен промет“ (пристапено на 18.4.2012)[мртва врска]
  7. DIRECTIVE 2000/46/EC OF THE EUROPEAN PARLIAMENT AND OF THE COUNCIL of 18 September 2000 on the taking up, pursuit of and prudential supervision of the business of electronic money institutions
  8. DIRECTIVE 2000/4/EC Article 1 – Scope, definitions and restriction of activities (пристапено на 20.4.2012)
  9. K. Iwai, „Evolution of money“, Paper presented at the Workshop on Evolution and Economics, Certosa di Pontignano, Siena, 1997.
  10. Горан Петревски, Управување со банките - второ издание. Скопје: Економски факултет, стр. 346.
  11. B. J. Cohen, The Future of Money. Princeton: Princeton University Press, 2004.
  12. European Central Bank, Report on electronic money. European Central Bank, 1998.
  13. Tatsuaki Okamoto and Kazuo Ohta, „Universal Electronic Cash“, Advances In Cryptology - CRYPTO '91.
  14. „Chaum D., Fiat A. and Naor M., „Untraceable Electronic cash", Crypto '88, LNCS 403 (пристапено на 20.1.2012)“. Архивирано од изворникот на 2004-01-06. Посетено на 2016-02-01.
  15. „Brands S., „Untraceable Off-line Cash in Wallets with Observers", Advances in Cryptology - CRYPTO '93“. Архивирано од изворникот на 2003-12-28. Посетено на 2016-02-01.
  16. 16,0 16,1 Niels Fergunson, „Single Term Off-Line Coins“, Advances in Cryptology - EUROCRYPT ’93.
  17. Tatsuaki Okamoto and Kazuo Ohta, „Universal Electronic Cash“, Advances in Cryptology - CRYPTO ’91.
  18. „Chaum D., Fiat A. and Naor M., „Untraceable Electronic Cash" Crypto '88, LNCS 403“. Архивирано од изворникот на 2004-01-06. Посетено на 2016-02-01.
  19. S. Gerald, The Electronic Purse: An Overview of Recent Development and Policy Issues. Bank of Canada, 1996.
  20. BIS, Survey of developments in electronic money and internet and mobile payments. Basel: Bank of International Settlements, 2004.
  21. Declan McCullagh, „Digging Those Digicash Blues“, 2001. (пристапено на 20.4.2012)
  22. „www.bull.co.kr (пристапено на 18.4.2012)“. Архивирано од изворникот на 2002-09-22. Посетено на 2016-02-02.
  23. www.mondex.com (пристапено на 18.4.2012)
  24. www.paypal.com (пристапено на 18.4.2012)