Таргетирањето на девизниот курс (англиски: exchange rate targeting) или врзувањето на девизниот курс (англиски: exchange rate peg) претставува стратегија на монетарната политика каде што централната банка ја одржува вредноста на домашната валута во однос на една или неколку странски валути. Во рамките на оваа стратегија, девизниот курс претставува посредна цел на монетарната политика, т.е. преку контролата врз девизниот курс, централната банка настојува да ја одржува стабилноста на цените.

Предности и недостатоци

уреди

Таргетирањето на девизниот курс претставува делотворна стратегија за контрола на инфлацијата поради повеќе причини: прво, преку врзувањето на девизниот курс се стабилизира увозната компонента на инфлацијата, т.е. се спречува порастот на цените на увозните производи; второ, оваа стратегија ги дисциплинира монетарната и фискалната политика; трето, врзувањето на девизниот курс испраќа јасен сигнал до јавноста за намерата на централната банка да ја елиминира инфлацијата; четврто, таргетирањето на девинзиот курс овозможува лесно следење и проверка на исправноста на монетарната политика што ја води централната банка, бидејќи јавноста лесно може да провери дали курсот се одржува на поставеното ниво.[1]

Сепак, таргетирањето на девизниот курс се одликува и со одредени недостатоци, како што се: прво, преку врзувањето на девинзиот курс, централната банка ја презема монетарната политика од земјата-сидро, со што ја земјата губи можноста за водење самостојна, независна политика. Освен тоа, сите шокови што ја погаѓаат земјата-сидро се пренесуваат врз домашната економија;[2] второ, голем недостаток се јавува тоа што врзувањето на девизниот курс предизвикува реална апрецијација на домашната валута, со што извозот станува поскап, а увозот поевтин, па на тој начин се влошува трговскиот биланс и тековната сметка од билансот на плаќањата.[3] Поради овие недостатоци, се препорачува оваа стратегија да се напушти за брзо време откако ќе се стабилизира инфлацијата, на пример, за неколку месеци,[4] или најдоцна по една година, а потоа, фиксниот курс да се замени со некоја пофлексибилна форма;[5] трето, во услови на слободно движење на меѓународниот капитал, врзаниот девизен курс е подложен на шпекулативни напади на домашната валута, кога централната банка не може да го одбрани девизниот курс дури и по цена на драстично намалени девизни резерви;[6] и четврто, постои сомневање дека врзувањето на девизниот курс, само по себе, може да обезбеди кредибилитет на монетарната политика во услови кога другите политики не се дисциплинирани.[7]

Форми на таргетирање на девизниот курс

уреди

Наједноставна форма на таргетирање на девизниот курс е фиксниот девизен курс (fixed exchange rate), каде централната банка одредува фиксна вредност на домашната валута во однос на некоја странска валута. Притоа, централната банка го одржува така избраниот паритет или пак дозволува движење на девизниот курс само во многу тесни граници, на пример, 1% или 2% околу избраниот паритет. Во оваа форма на таргетирање на девизниот курс спаѓа и случајот кога вредноста на домашната валута е врзана за група странски валути, позната како кошница (basket). Друга форма на таргетирање на девизниот курс е т.н. ползечко врзување (crawling peg), каде што, одвреме-навреме, централната банка дозволува зголемување на девизниот курс за одреден процент. Понатаму, ако централната банка го фиксира девизниот курс, но дозволува негово слободно движење во одреден интервал околу паритетот (на пример, 5%, 10% или 15% под или над паритетот), тогаш станува збор за целни зони (target zones) или рамки (bands). Најпосле, во праксата често се применува одредена комбинација на одделните форми на врзување на девизниот курс, како што се ползечки рамки (crawling bands), каде што централната банка го фиксира девизниот курс, дозволува негово слободно движење во одреден интервал околу централниот паритет, при што одвреме-навреме го зголемува паритетот.

Таргетирањето на девизниот курс во праксата

уреди

Таргетирањето на девизниот курс, во една или друга форма, претставува многу применувана стратегија за водење на монетарната политика. Така, фиксните девизни курсеви како стратегија за борба против инфлацијата, за пр впат почнале да се применуваат во доцните 1970-ти, во земјите од Јужна Америка: Аргентина, Чиле и Уругвај. Исто така, како успешен пример се посочува употребата на оваа стратегија во стабилизационите програми на Израел од 1985 г., на Мексико (во периодот 1987-1994 г.), како и во земјите во транзиција, во 1990-тите. Притоа, во примената на таргетирањето на девизниот курс се забележани следниве емпириски регуларности: бавно опаѓање на стапката на инфлација, почетна експанзија на економската активност, проследен со подоцнежна рецесија,[8] силна и постојана реална апрецијација на домашната валута, влошување на трговскиот биланс и на тековната сметка од билансот на плаќањата итн.[9] Оттука, како последица на овие негативни последици од врзувањето на девизните курсеви, во поново време, тие забрзано се напуштаат и земјите преминуваат кон пофлексибилни девизни курсеви. На пример, во 1975 г., дури 87% од земјите во развој имале некој тип на врзани девизни курсеви, додека во 1996 г., тој процент се намалил на 50%.[10]

Според ММФ, успешното спроведување на фиксниот девизен курс зависи од следниве услови во земјата:[11]

  • мала интеграција во меѓународните пазари на капитал
  • висока надворешнотрговска размена со земјата чија валута се користи како сидро
  • земјата која го фискира девизниот курс и земјата на валутата-сидро се соочени со слични шокови
  • подготвеност да се жртвува монетарната автономија и да се користи кредибилитетот на земјата на валутата-сидро
  • заснованост врз економскиот и финансискиот систем на земјата на валутата-сидро
  • оваа стратегија е посебно привлечна ако инфлацијата во домашната економија е висока
  • земјата да се одликува со флексибилен пазар на труд
  • флексибилна фискална политика
  • значително ниво на девизни резерви

Оттука, оваа стратегија е особено привлечна за: малите земји чиј најголем трговски партнер е земјата на валутата-сидро, земјите во развој кои се одликуваат со висока инфлација и транзиционите економии со стремеж за членство во ЕУ.

Таргетирањето на девизниот курс во Македонија

уреди

Во Македонија, таргетирањето на девизниот курс беше формално воведено во октомври 1995 г., иако Народна банка на Република Македонија (НБРМ), уште во пролетта 1994 г., започна да го одржува во тесни граници курсот на денарот во однос на германската марка. Преку врзувањето на денарот за германската марка и за политиката на Бундесбанката, НБРМ упати јасен сигнал до јавноста дека е цврсто решена да се придржува кон дисциплинирана, неинфлаторна политика. Исто така, усвојувањето на оваа стратегија беше условено и од фактот дека Македонија е мала, отворена економија со високо учество на увозните фактори во производството. Најпосле, како дополнителен аргумент во прилог на фиксирањето на девизниот курс беше високиот степен на доларизација на економијата, т.е. раширената употреба на германската марка.

Стратегијата на таргетирање на девизниот курс се покажа како мошне делотворна во одржувањето на инфлацијата на ниско, едноцифрено ниво. Така, уште во првата година од примената на оваа стратегија (1996 г.), стапката на инфлација беше сведена на -0.6%. Исто така, во годините што следуваа, инфлацијата се одржуваше на ниско ниво. Во продолжение, оваа стратегија успеа да обезбеди и одржување на стабилен курс на денарот во однос на германската марка на нивото околу 27 денари за една марка до средината на 1997 година, т.е. околу 31 денар за една марка потоа. На 8 јули 1997 година била извршена девалвација на денарот, која претходно била побарана од генералниот директор на ММФ, Мишел Камдеси, за време на неговата посета на Македонија, во мај 1997 година.[12] Стабилноста на курсот на денарот продолжи и по прифаќањето на еврото како номинално сидро.

Што се однесува до успешноста на таргетирањето на девизниот курс од аспект на реалните променливи, тука резултатите се измешани при што генерално не може да се даде позитивна оценка. Од една страна, уште во првата година на примената на таргетирањето на девизниот курс е забележан пресврт во движењето на производството, т.е. по неколку години рецесија, остварен е пораст на реалниот бруто-домашен производ. Ме|утоа, од друга страна, ниту оваа стратегија не успеа да даде позитивни резултати во поглед на невработеноста и надворешната нерамнотежа.[13]

Извори

уреди
  1. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005.
  2. Frederic S. Mishkin, "International Experiences with Different Monetary Policy Regimes", NBER Working Paper 7044, March 1999.
  3. Enrique G. Mendoza and Martín Uribe, "Devaluation Risk and the Syndrome of Exchange-Rate-Based Stabilisations", NBER Working Paper 7014, March 1999.
  4. Rudiger Dornbusch, "Experiences with Extreme Monetary Instability", CEPR Discussion Paper No.455, September 1990.
  5. Stanley Fischer, "Devaluation and Inflation", во Rudiger Dornbusch and F. Leslie C.H. Helmers, eds. The Open Economy - tools for policymakers in developing countries, EDI Series in Economic Development, Oxford: Oxford University Press for The World Bank, 1988.
  6. Maurice Obstfeld and Kenneth Rogoff, "The Mirage of Fixed Exchange Rates", NBER Working Paper 5191, July 1995.
  7. Maurice Obstfeld and Kenneth Rogoff, Foundations of International Macroeconomics, Cambridge, Mass.: MIT Press, 1996.
  8. Sergio Rebelo, "What Happens When Countries Peg Their Exchange Rates? (The Real Side of Monetary Reforms)", NBER Working Paper 6168, September 1997.
  9. Guillermo A. Calvo and Carlos A. Végh, "Inflation Stabilization and BOP Crises in Developing Countries", NBER Working Paper 6925, February 1999.
  10. Francesco Caramazza and Jahangir Aziz, "Fixed or Flexible?", Economic Issues No.13, IMF, 1998.
  11. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 97.
  12. Љубе Трпески, „Успехот на Народна банка не падна од небо и преку ноќ“, Економија и бизнис, година 19, број 228, јуни 2017, стр. 18.
  13. Горан Петревски, Монетарна политика - Теорија и искуството на Македонија, Здружение за социо-економски развој, Скопје, 2005, стр. 238-246.