Монетарна политика

(Пренасочено од Монетарната политика)

Монетарната политика (англиски: monetary policy) претставува дел од макроекономската политика на една земја. Со нејзините мерки и инструменти, во комбинација со мерките и инструментите на другите макроекономски политики, се остваруваат целите на економската политика. Монетарната политика ја води државата, но за нејзината реализација е задолжена централната банка, која преку регулирање на парите во оптек и кредитите влијае врз вкупните економски движења во една земја. Монетарната политика се остварува преку одредени инструменти, преку кои централната банка дејствува пред сè антиинфлаторно. На овој начин, монетарната политика може да даде значаен придонес во стабилизирањето на економијата и во доближувањето на фактичкиот бруто-домашен производ кон потенцијалниот.

Цели на монетарната политика

уреди

Монетарната политика е инструмент на економската политика за остварување на неjзините цели. Оттука, основните цели на монетарнта политика се:[1]

  • Одржување на одредена стапка на економски раст;
  • Одржување на одредено ниво на производство и вработеност;
  • Одредување на стабилноста на општото ниво на цените;
  • Одржување на урамнотежен платен биланс и стабилен девизен курс на домашната валута.

Првите две цели на монетарната политика имаат развоен карактер, а вторите две стабилизационен. Развојните и стабилизационите цели на монетарната политика често се противречни. Ако акцентот се стави, на пример, врз динамизирање на стопанскиот раст, тоа може да ја наруши стабилноста на цените, односно да предизвика инфлаторни тенденции. Затоа во практиката доаѓа до комбинација на мерките и инструментите на другите макроекономски политики (фискалната, политиката на цени и др.), со што доаѓа до исправка на деформациите предизвикани од двете групи на цели на монетарната политика. Стимулирањето на штедењето како битна претпоставка за пораст на инвестициите и динамизирањето на економскиот раст претставува и најбитна задача на монетарната политика во доменот на остварувањето на развојните цели. Одржувањето на стабилност на општото ниво на цените се остварува со регулираъе на масата на пари во оптек. Со тоа што монетарната политика се грижи за остварување на стабилноста на општото ниво на цените, таа придонесува и за реализација на четвртата цел односно, урамнотежување на платниот биланс и одржување стабилен девизен курс на домашната валута.

Монетарната политика е една од двете позначајни макроекономски политики со чија примена директно се влијае врз економијата. Со монетарната политика се определува стапката на раст на парите во оптек и неа ја спроведува посебна државна институција, наречена централна банка. Според многу економисти, масата пари во оптек има влијание врз реалните економски променливи, како што се: производството, вработеноста, економскиот раст, па следствено на тоа, со правилна примена на монетарната политика може да се промовира стабилен економски раст и развој.[2] Монетарната политика е активно средство за водење на стабилизациона економска политика. Во воспоставувањето и спроведувањето на стабилизациона економска политика, монетарната политика може да биде експанзивна и рестриктивна. Кога стопанската активност и вработеноста опаѓаат, преку експанзивна монетарна политика, изразена преку зголемување на масата пари во оптек, се настојува да се врати економијата во рамнотежа. Кога во економијата постојат инфлаторни притисоци, изразени преку нагло покачување на цените, со водење на рестриктивна монетарна политика се намалува масата пари во оптек, со што инфлаторните притисоци се намалуваат, цените се стабилизираат и економијата се враќа повторно во рамнотежа.[3]

Поставеност на монетарната политика

уреди

Вообичаено, при остварувањето на крајните цели, монетарната политика се води во две фази: прво, централната банка треба да избере некоја посредна цел (интермедијарен таргет) која има големо влијание врз остварување на крајната цел и, второ, таа треба да избере оперативен таргет кој има големо влијание врз остварување на интермедијарниот таргет. Потоа, монетарната политика се води според следниов редослед: со помош на своите инструменти, централната банка настојува да влијае врз оперативниот таргет, со негова помош, таа го остварува интермедијарниот таргет и така, таа ги постигнува своите крајни цели.[4]

Оперативни таргети на монетарната политика

уреди

Оперативните таргети ја претставуваат првата алка во трансмисиониот механизам на монетарната политика и тие се променливи кои се под директна контрола на централната банка. Имено, централната банка не може со употреба на инструментите на монетарната политика директно да влијае врз остварување на нејзината крајна цел и заради тоа, трансмисиониот механизам на монетарната политика вклучува голем број на променливи и функционални односи преку кои монетарните импулси се пренесуваат во реалниот сектор во економијата.

Генерално во практиката постојат два вида на оперативни таргети на монетарната политика:[5]

  • Tаргетирање на каматната стапка (ценовно таргетирање), при што преку регулирање на понудата и побарувачката на примарните пари, централната банка настојува да го реализира поставениот оперативен таргет;
  • Tаргетирање на монетарната база (квантитативно таргетирање), каде што преку директно квантитативно регулирање на монетарната база се настојува да се оствари поставениот оперативен таргет.

Така, во земјите каде постојат развиени и длабоки финансиски пазари, оптимален оперативен таргет би била каматната стапка. Во овој случај, централната банка ги толерира осцилациите на каматните стапки сè додека тие се доследни со оперативниот таргет. Спротивно на тоа, во земјите каде финансиските пазари се недоволно развиени, монетарната база претставува оперативен таргет кој дава адекватни сигнали за движењето на интермедијарниот таргет, евентуалните отстапувања од таргетираното ниво и, следствено, активностите кои централната банка треба да ги преземе во остварување на крајната цел.

Интермедијарни таргети на монетарната политика

уреди

Интермедијарен таргет претставува променлива преку која централната банка индиректно влијае врз остварување на крајната цел. Истовремено, интермедијарниот таргет овозможува јавноста да ја следи и оценува политиката што ја води централната банка. При изборот на интермедијарниот таргет, централната банка посебно внимание посветува на можноста за негово следење, односно да ги добива потребните податоци со помало задоцнување. Понатаму, при изборот важна е и можноста за контрола, односно централната банка да може преку контрола на интермедијарниот таргет да влијае врз остварување на крајната цел. Исто така, при изборот на интермедијарниот таргет, се претпоставува дека постои стабилна врска меѓу интермедијарниот таргет и крајната цел на монетарната политика. Во зависност од изборот на соодветниот интермедијарен таргет, централната банка применува соодветна монетарна стратегија. Како интермедијарни таргети, централната банка ги користи: парите, кредитите, девизниот курс, каматните стапки итн., а нивното остварување води кон остварување на крајната цел на монетарната политика.

Инструменти на монетарната политика

уреди

Инструментите на монетарната политика, кои централната банка ги користи за остварувањето на своите цели се делат на:

  • квантитативни и
  • квалитативни.

Со квантитативните инструменти, централната банка ја регулира потребната количина на пари во оптек. Квантитативни инструменти се:[6]

Трансмисиониот механизам кај монетарната политика

уреди

Анализата на начините и на маханизмите преку кои промените во понудата на пари предизвикуваат промени во најзначајните макроекономски агрегати е прашање со кое се занимава монетарниот трансмисионен механизам. Влијанието на промените на понудата на пари врз најзначајните макроекономски големини е посредно, индиректно, преку промените на каматните стапки. Логиката на преносот односно преносот на ефектите од промената на понудата на пари врз најзначајните макроекономски големини е следната:[7]

  • Промените на понудата на пари предизвикуваат промена на висината на каматната стапка;
  • Променетата каматна стапка предизвикува промени во компонентите на агрегатната побарувачка кои се чувствителни на каматната стапка: инвестициите на претпријатијата и потрошувачката на домаќинствата на трајни потрошни добра;
  • Промените на инвестициите предизвикуваат промени на номиналниот бруто-домашен производ.

Поголем дел од економистите го прифаќаат претходно изложеното, но монетаристите ја поддржуваат квантитативната теорија за парите, чијашто суштина се искажува преку формулата: МV = РQ (каде што М = понуда на пари, V = брзината на обртот на парите, Р = нивото на цените и Q = вкупниот физички обем на добрата и услугите во економијата). Оттука се изведува тврдењето дека врската помеѓу промените на понудата на пари и промените на номиналниот бруто-домашен производ е директна, непосредна односно дека промените на понудата на пари предизвикуваат промени на агрегатната побарувачка, а тие пак предизвикуваат промени на номиналниот бруто-домашен производ.

Временско задоцнување кај монетарната политика

уреди

Во најширока смисла, терминот временско задоцнување кај монетарната политика упатува на потребното време да се спознаат потребите за промени во политиката, да се имплементираат промените и да се почувствуваат нивните ефекти врз економијата. Потребно е да помине определено време од моментот на промената на понудата на пари до моментот кога зголемената или пак смалената понуда на пари ќе почне да дејствува и да се одразува врз макроекономските агрегати. Тој заклучок е донесен при емпириските испитувања, во прв ред на професорот Фридман кој исто така смета дека таа временска дистанца трае од 6 до 24 месеци, а понекогаш и повеќе. Крајниот заклучок од ваквите испитувања е дека самата нестабилност за задоцнувањето ја потенцира нестабилноста на вкупната економија, бидејќи монетарните власти не можат со сигурност да предвидат кога зголемената или намеланата маса пари во оптек ќе предизвика соодветни ефекти врз вкупните макроекономски движења.

Експанзивна и рестриктивна монетарна политика

уреди

Експанзивната монетарна политика се применува во услови кога во економижата владее рецесија. Во тој случај фактичкиот бруто-домашен производ е под потенцијалниот. За стабилизација на еконимијата централната банка ќе ги активира инструментите на монетарната политика кои ќе ја зголемат понудата на пари со што ќе се зголеми кредитниот потенцијал на комерцијалните банки. Таквата зголемена понуда на пари ќе предизвика намалување на каматната стапка и поттикнување на инвестициите со што ќе се зголеми агрегатната побарувачка, ќе порасне реалниот бруто-домашен производ и ќе се намали невработеноста. Рестриктивната монетарна политика се применува ако економијата е соочена со експанзија којашто, доколку не се контролира може да премине во висока инфлација. Во овој случај централната банка ќе продава државни обврзници, ќе ја зголеми стапката на задолжителни резерви и ќе ја зголеми дисконтната стапка. Со тоа ќе се дестимулираат инвестициите, агрегатната побарувачка ќе опадне, реалниот бруто-домашен производ ќе се намали, како и општото ниво на цените.

Дискрециона монетарна политика или правила во спроведувањето на монатарната политика

уреди

Правото на централната банка да води дискрециона монетарна политика фактички се сведува на нејзино право да ја менува понудата на пари и на тој начин активно да влијае врз клучните макроекономски агрегати, а во зависност од состојбата во економијата и дали економијата е соочена со експанзија или пак со рецесија.

Иако во современата макроекономска наука долго време се води дискусија околу дилемата дискрециона монетарна политика или правила во спроведувањето на монетарната политика, согласност по ова прашање сѐ уште отсуствува. Во последната декада се разви еден нов пристап наречен таргетирање на инфлацијата, кој во основа се следува на компромис меѓу дискреционата монетарна политика и правилата во спроведувањето на истата. Суштината на таргетирањето на инфлацијата се сведува на следново: владата и централната банка се определуваа за ниска и стабилна инфлација на среден и долг рок; се соопштува бројчено, бројчена цел за стапката на инфлација во определен ранг (распон). Таргетирањето на инфлацијата, како монетарна стратегија, има две значајни предности: Прво, таа ги елиминира инфлационите очекувања во економијата. Второ, монетарната политика станува пофлексибилна, поприлагодлива на конкретната економска ситуација, бидејќи не е обврзана да се фокусира на одржување на фиксна стапка на инфлација на подолг период. Најголема слабост на овој пристап е кредибилитетот на централната банка и владата.

Централната банка и нејзината улога

уреди

Централната банка претставува највисока банкарска институција во секоја земја. Таа се наоѓа во надредена положба во однос на другите банки и затоа често се нарекува „банка на банките”. Првата централна банка во светот е основана во Шведска, во 1668 година. Во 1694 година е формирана Банката на Англија која била национализирана дури во 1947 година. Другите држави свои централни банки ги формирале многу подоцна. Карактеристично е дека овие банки во минатото биле приватни. Централната банка на САД (Федералниот систем на резерви) била организирана како државна централна банка во 1913 година. Во 1999 година почнала да функционира и Европската централна банка (ECB). Оваа институција е фактички централна банка на ЕУ и ги обединува централните банки на поголем број земји членки на ЕУ кои ги замениле своите национални парични единици со еврото, како: Франција, Германија, Италија, Шпанија и др.

Централната банка директно е одговорна за регулацијата на монетарните текови, со задача да одржува внатрешна и надворешна стабилност на националната валута, да го поддржува стопанскиот раст и да влијае на одржување на стабилноста на цените и вработеноста, како и да ги контролира понудата на пари и кредитните услови во земјата. Во услови на експанзија, придружена со висока инфлација, централната банка ја намалува понудата на пари, со тоа го забавува растот на агрегатната побарувачка и ја намалува или стабилизира инфлацијата. А во услови на контракција, придружена со пад на производството и со висока стапка на невработеност, централната банка ја зголемува понудата на пари. Со тоа се зголемува количеството на пари во оптек, се зголемува агрегатната побарувачка и се дејствува врз пораст на производството и вработеноста. На тој начин, економијата излегува од рецесија.

Местото и улогата на централната банка во една земја се детерминирани од:[8]

  • основните цели и функции на централната банка;
  • односите и надлежностите меѓу централната банка, од една страна, и државата (владата и парламентот), од друга, во врска со водењето на монетарната политика и
  • начинот на управување со централната банка.

Основни цели и функции на централната банка

уреди

Основните цели на централната банка во секоја земја произлегуваат од општата економска политика на земјата, а денес нејзината основна цел најчесто се дефинира со формулацијата: Банката се грижи за одржување на ценовната стабилност во земјата. Ваквата формулација на основната цел на централната банка, има сосема конкретна содржина:

  • ценовната стабилност претставува одржување на ниско општо ниво на цените, односно ниска стапка на инфлеција;
  • ниската стапка на инфлација е битна претпоставка за квалитетен и одржлив економски раст и развој;
  • ценовната стабилност е и една од претпоставките за одржување на стабилноста на домашната парична единица.

Идентична е и основната цел на Европската централна банка и да осигури ценовна стабилност во економиите на земјите членки на ЕУ. Од целите на централната банка произлегуваат нејзините функции. Функциите на централната банка се од посебно значење за нормалното функционирање на банкарскиот систем на една земја, а следствено и на националната економија.

Најзначајни функции на централната банка се:[8]

  1. Издавање пари;
  2. Спроведување на монетарната политика;
  3. Извршување работи во име и за сметка на државата;
  4. Регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем и ликвидноста на плаќањата во земјата;
  5. Чување и ракување со монетарните резерви;
  6. Регулирање на монетарните работи со странство и др.

Покрај овие функции, централната банка ги регилира кредитните операции на банките, го организира платниот промет на земјата и др. Централната банка на некои земји, заради нивната економска положба во светската економија учествува во разрешување на некои меѓународни финансиски пробелми.

Управување и раководење со централната банка

уреди

Иако постојат извесни нијанси во уредувањето на управувањето на централнита банки, во најголем број земји, тоа е воспоставено на повеќе нивоа. Како органи на управување и раководење со централната банка се [9]: Гувернерот на банката, Советот на гувернери (Board of Governors) или Советот на директори (Board of Directors) и Извршниот комитет.

Гувернер - Првата личност на централната банка е лице со висок авторитет во финансиските, стопанските и политичките кругови во земјата. Тој е самостоен само во донесувањето одлуки кои се однесуваат на тековното работење на банката. Гувернерот ја претставува банката пред јавноста, а него го избира законодавниот орган и неговиот мандат може да биде подолг од мандатот на владата, заради обезбедување негова поголема независност. Покрај гувернерот со централната банка раководат Заменикот гувернер и Вицегувернерот, односно Вицегувернерите, според овластувањата.

Советот на директори - Советот на централната банка е највисок орган на управување. Тој се состои од внатрешни и надворешни членови.

Советот на гувернерите - има контролна и советодавна функција.

Извршен комитет - Извршниот комитет го сочинуваат неколку лица кои се вработени во банката. По правило во него влегуваат: гувернерот на банката, неговиот заменик и еден или двајца вицегувернери. Извршниот комитет донесува одлуки во врска со секојдневното работење на банката.

Независноста и односот меѓу централната банка и државата

уреди

Во економски високоразвиените земји, а во поново време и во земјите во развој и во земјите во транзиција се тежнее кон што е можно повисока независност на централната банка, наспроти извршната власт, односно владата. Централната банка треба да ја има моќта и одговорноста во свои раце со цел монетарната политика да ја утврдуваат и имплементираат професионалци, а не политичари. Едноставно денес се настојува „парите да се држат подалеку од рацете на политичарите“, бидејќи политичарите лесно можат да ја злоупотребуваат моќта на парите. Експанзивната монетарна политика, на долг рок, неизбежно води кон инфлација со сите негативни последици што од неа произлегуваа и токму поради тоа независна централна банка и одговорен гувернер, тоа не би го дозволиле. Независноста на централната банка се обезбедува во повеќе полиња:[10]

  • Во легислативата, т.е. законските прописи што ја регулираат проблематиката на работењето на централните банки често стои строго одредба според која централната банка не смее да прима и спроведува никакви инструкции од владата или од други државни функционери и таква обврска, на пример, е предвидена за Европската централна банка, а таква обврска стои и во Законот за Народна банка на Република Македонија;
  • Гувернерот на централната банка и членовите на советот на централната банка ги избира законодавната власт (парламентот), а не извршната власт (владата);
  • Мандатот на гувернерот и членовите на советот трае подолго од мандатот на владата, најчесто седум години.

Наводи

уреди
  1. Таки Фити,Вовед во современата економија, Економски факултет, Скопје, 2002.
  2. Andrew А. Abel, Ben S. Bernanke, Dean Croushore, Macroeconomics (6th Edition), Addison - Wesley, 2008, p. 9.
  3. Александар Живковиќ, Градимир Кожетинац, Монетарна Економија (10. издање), Центар за издавачку делатност Економског Факултета у Београду, Београд, 2012, стр. 452.
  4. Мелита Трајковиќ, “Цели и инструменти на монетарната политика: современи искуства”, Работен материјал бр. 16, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006.
  5. Ана Врбоска, “Оперативни таргети на монетарната политика (со посебен осврт на Република Македонија)”, Народна Банка на Република Македонија, Економски истражувања, број 3, II/ 2002.
  6. Таки Фити, Вовед во современата економија, Скопје, 2002.
  7. Таки Фити, Економија - макроекономски пристап, Економски факултет, Скопје, 1998.
  8. 8,0 8,1 Tаки Фити, Економија и основи на економијата, Скопје, 2006.
  9. Tаки Фити, Економија и основи на економијата,Скопје,2006.
  10. Таки Фити,Економија - макроекономски пристап, Економски факултет, Скопје, 1998.