Конкуренцијата во биологијата, екологијата и социологијата е натпревар меѓу организми, животни или луѓе (поединци или групи) за територија, за живеалиште, за ресурси и материјални добра, за углед, за почит, за награди, за статус во групата или општеството или за моќ. Оттука, поимот „конкуренција“ означува нешто што е спротивно од соработка. Таа настанува секогаш кога најмалку две страни тежнеат кон една цел која не може да се дели или која е посакувана само поединечно, а не заеднички и со соработка. Конкуренцијата настанува по природен пат помеѓу живите организми кои имаат соживот во иста животна средина. На пример, животните се натпреваруваат меѓу себе за пристап до вода, храна, партнери или други биолошки ресурси. Луѓето најчесто се натпреваруваат меѓу себе заради храна и партнери, иако кога овие потреби се задоволени, конкуренцијата произлегува од потрагата по богатство, углед и слава. Конкуренцијата е, исто така, важно начело во пазарната економија и бизнисот често се поврзува со конкуренцијата, бидејќи повеќето компании се во натпревар со најмалку една друга компанија за истата група потрошувачи.

Последици уреди

Конкуренцијата може да има и добри и штетни влијанија. Многу билолози од полето на еволуцијата, ја гледаат конкуренцијата меѓу исти и различни видови како водечка сила на адаптацијата, и на крај и на самата еволуција. Меѓутоа, некои биолози, од кои најпознат е Ричард Докинс (анг. Richard Dawkins), претпочитаат да ја сметаат еволуцијата како конкуренција помеѓу гени-поединки, кои мислат на благосостојбата на организмот само доколку таа благосостојба ги потпомогне нивните себични нагони за размножување. Некои приврзаници на идеологијата на социјален дарвинизам тврдат дека конкуренцијата исто така служи и како механизам за одредување на политички, економски и еколошки најсоодветната група. Со сигурност, конкуренцијата може да послужи како форма на рекреација или предизвик под услов да е на пријателска база. Од друга страна, конкуренцијата може да доведе до повреда на организмите кои се вклучени, како и искористување на важни ресурси и енергија. Кај човековиот род, конкуренцијата може да биде штетна во многу погледи, не само во изгубени животи во војна, физички повреди и оштетени психолошки состојби, туку и во последиците врз здравјето од секојдневниот општествен живот предизвикани од стрес на работно место, долго работно време, мобинг на работно место и лоши работни услови, што го намалува „животното задоволство“, дури и кога таква конкуренција ќе резултира во финансиска добивка за работодавците.

Економија и бизнис уреди

Речникот Merriam Webster ја дефинира конкуренцијата во бизнисот како „обидот на две или повеќе страни кои дејствуваат независно, да го овозможат бизнисот на третата страна со понудување на најпогодни услови“. Адам Смит (англиски: Adam Smith) во делото „Богатството на народите“ (1776 година) ја опишал конкуренцијата како распределување продуктивни ресурси на нивните највисоко вреднувани употреби и поттикнување ефикасност. Микроекономската теорија заклучува дека ниту еден систем на распределување на ресурси не е поефикасен од совршената конкуренција. Конкуренцијата, според теоријата, придонесува претпријатијата да развијат нови производи, услуги и технологии, кои би му пружиле на потрошувачите поширок избор и подобри производи. Поширокиот избор вообичаено придонесува до пониски цени на производите, во споредба со цената во случај кога би немало конкуренција (монопол) или кога би имало ограничена конкуренција (олигопол). Покрај сето тоа, конкуренцијата може да води кон залудно вложување труд и зголемени трошоци (и цени) во некои околности. На пример, силната конкуренција за малиот број на добри работни позиции во сферата на музиката и глумата води многу амбициозни музичари и глумци значајно да вложуваат во подготвување, што е притоа ненадоместливо, затоа што само дел од нив стануваат успешни. Критичарите тврдат дека конкуренцијата може да биде и дестабилизирачка, особено конкуренцијата меѓу одредени финансиски институции. Исто така, се тврди дека целите насочени кон конкуренцијата се контрапродуктивни за зголемување на приходите и профитабилноста, бидејќи тие ги ограничуваат можностите за стратегии на претпријатијата, како и нивната способност да понудат иновативни одговори на промените на пазарот. Покрај тоа, конкуренцијата доведува до голема веројатност за појава на „војна на цените“.

Конкуренцијата во бизнисот уреди

Во бизнисот постојат три видови конкуренција:

  • Формата која има најограничена употреба е директната конкуренција (наречена исто така и конкуренција по категорија или бренд конкуренција), каде што производите коишто ја вршат истата функција се натпреваруваат помеѓу себе. На пример, еден бренд на комбиња се натпреварува со неколку други брендови на истиот производ. Постојат случаи каде две конкурентски компании се натпреваруваат на баш на овој начин. Едната компанија воведува нови производи во својот асортиман, што доведува до воведување на истите видови производи и од страна на другата компанија.
  • Втората форма е „конкуренција на супститути“ или индиректна конкуренција, каде што се натпреваруваат производи коишто се скоро па еднакви едни со други. На пример, путерот се натпреварува со маргаринот, мајонезот со други разни сосови и намази.
  • Најшироко распостранетата форма на конкуренција е вообичаено наречена „буџетска конкуренција“. Во оваа категорија е вклучено се она на што потрошувачот би сакал да ги потроши своите расположливите финансиски средства. На пример, семејство кое располага со дваесет илјади долари може да одбере да ја потроши сумата на многу различни производи, кои можат да се гледаат како конкуренти едни на други за потрошувачката на семејството. Оваа форма на конкуренција во некои наврати е опишана и како „конкуренција на добивка“.
  • Освен тоа, компаниите се натпреваруваат и за инвестирање на финансиските пазари (капитал во акции или долг) со цел да се создаде потребниот капитал за нивно дејствување. Знаејќи ги ризиците, еден инвеститор по обичај ќе има предвид и други можности за инвестирање и нема да се фокусира само на компании кои се натпреваруваат за производот (директните конкуренти). Проширувањето на обемот на инвестирање за да се вклучат и индиректните конкуренти води кон поширока група на слични компании кои се натпреваруваат посреднички.

Конкуренцијата може да се сретне и во друг вид, различен на оној меѓу две или повеќе компании. На пример, писатели од областа на бизнисот понекогаш упатуваат на внатрешна конкуренција. Овој вид е конкуренција во рамките на компаниите. Поимот за првпат е претставен од Алфред Слоан (англиски: Alfred Sloan) во General Motors во 1920 година. Слоан промислено создал точки во работниот процес кои се совпаѓаат меѓу оддели на компанијата, за да секој оддел се натпреварува еден со друг. На пример, одделот на Chevrolet ќе се натпреварува со одделот на Pontiac за одредени сегменти од пазарот. Конкурентските брендови од истата компанија одобриле да некои делови бидат направени од еден оддел и да бидат користени од други оддели, на пример, делови направени од одделот на Chevrolet да се користат и од одделот на Pontiac. Во 1931 година, и Procter & Gamble започнале промислен систем на конкуренција меѓу самите брендови во рамките на компанијата. Компанијата се состоела од различни брендови, секој од нив со свои предвидени ресурси, вклучувајќи и посветена група на вработени кои се борат за брендот. Секој бренд менаџер се сметал за одговорен и бил соодветно награден за успехот или неуспехот на самиот бренд. Ова е познато како „конкуренција во рамките на брендот“. Оттука, најголем дел од компаниите придонесуваат за конкуренција меѓу вработените како поединци. Пример за овај случај е натпревар меѓу продажни агенти. Продажните агенти со највисоко остварен процент на продажба (или најдоброто подобрување во продажбата) за одреден период, се наградени од страна на работодавецот. Шалев (англиски: Shalev) и Асбџорнсен (англиски: Asbjornsen) откриле дека и крајниот резултат од обратните аукции е најтесно поврзан со конкуренцијата. Специјализираната литература во голема мера го поддржала значењето на конкуренцијата како основа за успех на обратната аукција. Нивните заклучоци го поддржуваат тоа тврдење, дека конкуренцијата е силно поврзана со успехот на обратната аукција, како и со бројот на наддавачи.

Мерење на конкуренцијата уреди

Постојат повеќе на чини на мерење на степенот на конкуренција во економијата. Еден од нив е показателот на Panzar и Rosse (т.н. H-статистика), заснован врз односот меѓу приходите на фирмата и излезните трошоци. Во совршена конкуренција, Н-статистиката е еднаква на еден, бидејќи секое зголемување на влезните трошоци треба да доведат до соодветно зголемување на вкупните приходи. Кога вредноста на H-статистиката се движи помеѓу 0 и 1, тогаш постои конкурентски пазар со многу производители и многу потрошувачи при што ниту еден бизнис нема целосна контрола над пазарната цена. Спротивно на тоа, H-статистиката ќе биде негативна ако фирмата функционира како монопол.[1]

Ограничување на конкуренцијата уреди

Бизнис-конкуренцијата и економската конкуренција во најголем дел земји честопати е ограничена или забранета. Во голем број случаи конкуренцијата подлежи на законски рестрикции. На пример, конкуренцијата може да биде законски забранета, како во случајот на државен монопол или монопол со државно овластување. Државата може да воспостави тарифи, субвенции и други заштитни мерки со цел да ја спречи или намали конкуренцијата. Во зависност од односната економска политика, чистата конкуренција во поголема или помала мера е регулирана од конкурентската политика и Законот за заштита од конкуренција. Друг составен дел на овие активности е процесот на разоткривање, со случаи на високи државни регулативи кои водат кон започнување на помал број конкурентски бизниси.

Конкурентност на економиите уреди

Светскиот економски форум изработува и објавува индекс на глобалната конкурентност, која ја оценува конкурентноста на секоја национална економија во светот. Индексот се пресметува врз основа на бодување во 12 категории, поделени во четири групи:[2]

  1. Поттикнувачки амбиент, со следниве категории: институции, инфраструктура, информатичка и комуникациска технологија и макроекономска стабилност.
  2. Човечки капитал, со следниве категории: здравје и вештини.
  3. Пазари, со категориите: пазар на производи, пазар на работна сила, финансиски ситем и големина на пазарот.
  4. Екосистем за иновации, со категориите: бизнис динамизам и способност за иновации.

Во рамките на секоја категорија се доделуваат бодови за повеќе одлики на економијата. На пример, столбот наречен „институции“ содржи 20 елементи, како: трошоци предизвикани од организиран криминал, број на терористички настани, независност на судството, корупција, слобода на медиумите, заштита на сопственичките права, регулативата на конфликтот на интереси, итн.[2]

Според извештајот за 2018-2019, САД имаат најконкурентна економија, со 85,6 индексни бодови (од можните 100), а потоа следуваат: Сингапур со 83,5 бода, Германија со 82,8 бода, Швајцарија со 82,6 бода, Јапонија со 82,5 бода, Холандија со 82,4 бода, Хонгконг со 82,3 бода, Обединетото Кралство со 82 бода, Шведска со 81,7 бода и Данска со 80,6 бода. Според овој извештај, Македонија се наоѓала на 84. место во светот, со 56,6 бода.[2][3]

Заштита на конкуренцијата уреди

Законот за заштита на конкуренција, познат како закон против монопол на цени во САД, има три основни функции. Како прво, забранува договори кои имаат за цел да ја ограничат слободната трговија меѓу произведувачите и нивните потрошувачи. На пример, картел на продавници за спортска опрема кои заеднички одредуваат цени на фудбалски дресови повисоки од вообичаените е нелегално. Како второ, законот за конкуренција може да го забране работењето или неправилното однесување на фирма која доминира на пазарот. Веќе познат пример е софтверска компанија која преку својот монопол на копмјутерски оперативни системи, ги обврзува потрошувачите да го користат нејзиниот софтвер за мултимедијално репродуцирање. И како трето, за да ја задржи конкурентноста на пазарот, законот ја надгледува и корпоративната стратегија и менаџмент на припојување и преземање на големите корпорации. Надлежните власти би можеле на пример, да побараат од една голема компанија за амбалажа да даде лиценци за пластична амбалаза за флаширање на конкурентите пред преземање на голем PET производител. Во овој случај (како и во сите три), законот за заштита на конкуренција има за цел да ја зачува благосостојбата на потрошувачите осигурувајќи се да одреден бизнис се натпреварува за својот дел од пазарот на економија.

Во поново време, законот за заштита на конкуренција се користи како средство за обезбедување на подобри јавни услуги, вообичаено финансиски потпомогнато од даночни обврзаници и спроведено од демократските влади. Според тоа, законот за заштита на конкуренција е тесно поврзан со законот за либерализација на пристап кон пазарите, со обезбедување државна помош и субвенции, приватизирање на државен имот и со употребата на независни секторски регулатори, како на пример, Ofcom, телекомуникацискиот регулатор на Обединетото Кралство. Позади практиката се наоѓа и теоријата, која во последните педесет години е под влијание на неокласичната економска теорија. Пазарите се сметаат за најефикасниот начин на распределба на ресурси, и покрај тоа што повремено тоа не е случај, а регулативите стануваат потребни за да се зачува идеалниот пазарен модел. Позади теоријата се наоѓа историјата, која води потекло и пред Римската Империја. Работната практиката на трговците, здруженијата и владините гарнитури секогаш подлежела на надбљудување и строги санкции. Почнувајќи од 20 век, законот за заштита на конкуренција се раширил на глобално ниво. Двата најголеми, најорганизирани и највлијателни системи за регулирање на конкуренцијата се законот против монопол на цени на САД и законот за заштита на конкуренција на Европската заедница. Задолжените државните институции, Министерството за правда и Федералната комисија за трговија на САД и Департманот за конкурентска политика на Европската Комисија формирале бироа за меѓународна поддршка и контрола. Законот за заштита на конкуренцијата добива на значење од ден на ден, што алармира за негово внимателно проучување.

Политика уреди

Конкуренцијата се наоѓа и во политиката. Во демократските уредувања, изборите претставуваат натпревар за функцијата што се избира. Со други зборови, двајца или повеќе кандидати се стремат кон и се натпреваруваат еден против друг за да се здобијат со влијателна функција. Оној што ќе победи го добива функционерското место на претходно определен временски период, кон чиј крај вообичаено се одржуваат други избори за да се одреди кој ќе биде наредниот што ќе го наследи тоа место. Покрај тоа, постоа неизбежна конкуренција во рамките на управната власт. Бидејќи се избираат неколку функции, потенцијалните кандидати се натпреваруваат едни со други со цел да се здобијат со одредена функција. Конкуренцијата може да постои и помеѓу министерства поради ограничени ресурси, како што се финансиски средства. На крај, таму каде постојат партиски системи, избраните водачи од различни партии ќе си ги одмеруваат силите со другите партии околу донесување на закони, финансиски средства и политичка моќ. Најпосле, постои конкуренција и меѓу управни власти на различни земји. Секоја земја или националност се бори за власт во светот, моќ или воени сили. На пример, Соодинетите Држави се натпреварувале со Советскиот Сојуз во Студената војна за власт во светот, но и за различното државно уредување (во овој случај посредна демократија и комунизам). Последиците од овој вид на конкуренција честопати водат кон тензии во светски рамки, а понекогаш можат да прераснат и во војна.

Конкурентни спортови уреди

Додека одредени спортови (како риболов и планинарење) се сметаат пред сè како рекреативни, повеќето спортови се натпреварувачки. Најголемиот дел на спортови вклучуваат натпревар меѓу две или повеќе лица (понекогаш користејќи коњи или коли). На пример, на еден кошаркарски натпревар, две екипи се натпреваруваат една против друга за се одреди која екипа може да постигне најмногу погодоци. Многу играчи стекнуваат чувство на гордост кога не е понудена награда за победничката екипа. Сепак може да се доделат и награди од трета страна. Покрај натпреварувањето со други натпреварувачи, спортистите се натпреваруваат и со природата, во спортови како кајакарство на брзи води или планинарење, каде што целта е да стигнеш до определено место имајќи ги само природните препреки кои стојат на патот. Натпревар кој редовно се закажува ( на пример на годишно ниво) со цел да го одреди најдобриот натпреварувач за тој временски период се нарекува првенство. Професионалните спортови, вклучувајќи го и бизнисот поврзан со нив, се интензивни и крајно конкурентски, додека рекреативните спортови се често поумерени и се сметаат пријатни за гледање и за избистрување на мислите. Сепак според психолошки укажувања се смета дека поагресивните спортови доведуваат до агресивно однесување кога не се одржуваат натпревари. Кај ние што победуваат, се ослободува ендорфин кој ги поттикнува или во крајни случаии ги прави зависни во голема мера од натпреварување, посветеност и уживање во спортот. Сличен е случајот и кога станува збор за посетитетиле на натпревари кои учествуваат на индиректен начин. Најчесто кај спортските конкуренти од професионална лига, за време на натпреварите, публиката е поделена на половина навивачите на домашниот тим и половина на гостинскиот. Конкурентките спортови се раководат по кодифицирани правила во согласнот со учесниците. Прекршување на овие правила се смета за нечесно натпреварување. Според тоа, спортовите овозможуваат не природна конкуренција, на пример, натпреварување за контрола врз топката, или бранење на територија на терен не вроден биолошки фактор кај човекот. Спортистите во спортови како што се гимнастиката и скокови во вода се натпреваруваат еден против друг со цел да дојдат најблиску до замислен идеал на совршена изведба, што вклучува важни критериуми и стандарди што се преточуваат во бројчени оцени и бодови од страна на назначени судии. Спортското натпреварување е во основа поделено на три категории: поединечни спортови, како што е стрелаштво, спортови во двојки, како што е тенис во двојки, и екипни спортови, како што е крикетот или фудбалот. Додека поголем дел од спортското натпреварување е рекреативно , постојат неколку поголеми и помали професионални спортски лиги низ светот. Олимписките игри , кои се одржуваат на секои четири години, обично се сметаат за врв на меѓународното спортско натпреварување.

Образование уреди

Конкуренцијата е битен фактор во образованието. На глобално ниво, националните образовни системи кои имаат за намера да ги откријат најдобрите во наредната генерација, поттикнуваат конкурентност помеѓу студентите преку стипендии. Земји како што се Англија и Сингапур имаат образовни програми за лица со посебни потреби кои ги згрижуваат студентите од тој тип, предизвикувајќи критики за академски елитизам. По добивање на теоретските резултати, студентите ги споредуваат нивните оцени за да видат кој е подобар. Во екстремни случаи, притисокот во некои земји е толку голем што може да резултира во стигматизација на студенти со интелектуален недостиг, или дури и во самоубиство како последица од паѓање на испитите. Јапонија е одличен пример за тоа. Ова резултира во суштинско преиспитување на тестирањата во целост од страна на експерти од областа на образованието. Критичарите на конкуренцијата како мотивирачки фактор во образовните системи, како што е Алфи Кон (анг. Alfie Kohn) тврдат дека конкуренцијата всушност има јасно негативно влијание врз успешноста на студентите, а тоа „не претвора сите нас во губитници“. Економистот Ричард Лејард (анг. Richard Layard) искоментира за штетните ефекти, изјавувајќи „луѓето чувствуваат дека се под голем притисок. Тие сметаат дека нивната главна животна цел е да се биде подобар од другите. Тоа е со сигурност она на што младите секојдневно се учат во школите. А тоа не претставува добра основа за општеството“.

Литература уреди

Книжевни натпревари, како што се натпреварите спонзорирани од страна на книжевни списанија, издавачки куќи и театри, значително прераснаа во средство преку кое надежни писатели стекнуваат признание. Престижни награди за фикција ги вклучуваат и оние спонзорирани од страна на списанијата Missouri Review, Boston Review, Indiana Review, North American Review и Southwest Review. Наградата Алби спонзорирана од страна на годишниот меѓународен натпревар Yale Drama Series е помеѓу најпрестижните награди за драми.

Потрошувачка конкуренција уреди

Во Австралија, Нов Зеланд и Обединетото Кралство, натпревари или лото се еквивалентот на она што е општо познато како игри со обложување на среќа Соединетите Американски Држави. Правилното техничко име за потрошувачката конкуренција во Австралија е наградна или лото. Учесниците во наградната игра или натпреварот учествуваат за да освојат една или повеќе награди, заради тоа многу учесници вложуваат се во игра или се натпреваруваат за ограничен број на награди. Наградна лотарија или натпревар е лотарија со слободен влез која се одржува за да се промовират производи или услуги кои ги набавува одреден трговец. Пример за тоа е кога некој купува одредени производи или услуги а потоа добива шанса да учествува во лотаријата и веројатно да освои некоја награда. Овој вид лотарија може да се сретне и под името томбола, натпревар, обложување на среќа или промотивно наградување. Луѓето на кои учествувањето на натпревари им претставува задоволство се познати како „компери“. Голем број „компери“ присуствуваат на национални собири кои се одржуваат секоја година. Во 2012 година, повеќе од сто луѓе од ширум Австралија се сретнаа во Голд Кост, Квинсленд за да дискутираат на оваа тема.

Биологија и екологија уреди

Конкуренцијата во рамките на еден вид, или помеѓу два или повеќе видови живи организми претставува една од движечките сили во биологијата, особено во полето на екологијата. Конкуренција помеѓу претставници од еден вид („интравидова“) за ресурси како што се храна, вода, територија и сончева светлина можа да заврши со поголема зачестеност на варијанти од самиот вид кои се најсоодветни за опстанок и размножување сè до нивна целосна асимилација во една популација. Постои и конкуренција помеѓу различни видови („интервидова“). Кога ресурсите се ограничат, многу видови може да зависат од нив . Според тоа, секој од видовите се натпреварува со другите за да се здобие со тие ресурси. Како последица на тоа, оние видови кои се способни да се натпреваруваат за ресурсите можат да изумрат доколку не се адаптираат како на пример, со групирање по природни особености. Според теоријата на еволуцијата, оваа конкуренција за ресурси помеѓу еден ист вид или помеѓу различни видови, игра значајна улога во природната селекција. Во пократки временски размери, конкуренцијата е и еден од најважните фактори кој го контролира диверзитетот во еколошките заедници, особено кај растенијата каде што обично е присутна асиметрична конкуренција и конкурентна доминантност.

Конкурентност уреди

Многумина филозофи и психолози откриле една особина кај повеќето живи организми која може да го поттикне одреден организам да се натпреварува. Оваа особина, не случајно наречена конкурентност, се смета за вродена биолошка особина која коегзистира заедно со нагонот за опстанок. Конкурентноста, или склоноста на натпреварување, сепак стана синоним со агресивноста и амбицијата во англискиот јазик. Понапредните култури ги спојуваат агресивноста и конкурентноста во взаемно дејство, како начин на распределување на ресурси и адаптирање. Повеќето растенија се натпреваруваат за повисоко место со цел да примат повеќе сончева светлина. И покрај тоа, Стивен Џеј Голд (анг. Stephen Jay Gould) и други тврдат дека додека некој се искачува по еволуционата хиерархија, конкурентноста (инстинктот за опстанок) станува помалку вродена, а повеќе стекната особина. Истото важи и за соработката. Кај луѓето, во најмала мера, и соработката и конкуренцијата се сметаат за стекнати особини, бидејќи човечкиот вид учи како да се прилагоди на еколошките притисоци. Затоа, доколку е потребна конкуретност за да се опстане, единката ќе се натпреварува, а доколку е потребна соработка единката ќе соработува. Во случајот кај луѓето, според тоа, агресивноста може да биде вродена одлика, но човекот не мора да е конкурентски настроен истовремено, на пример при искачување на карпа. Од друга страна, изгледа дека луѓето поседуваат и инстинкт за грижа, да ги заштитат новородените и слабите. Тоа помага, сè додека не бара здружен начин. Терминот се однесува и на економетријата исто така. Во овој случај, претставува компаративна мерка на способноста и работењето на едно претпријатие или оддел да продаде и произведе/набави стоки и/или услуги во одреден пазар. Двата теоретски начини на размислување за проценката на конкурентноста се „парадигмата структура-работење-успех“ и посовремениот „моделот на нова емпириско индустриска организација“. Предвидување на промени во конкурентноста на бизнис секторите станува составен и јасен чекор во јавното кроење на политика. Во капиталистичките економски системи, целта на претпријатијата е да ја одржат и подобрат својата сопствена конкурентност.

Хиперконкурентност уреди

Тенденцијата кон екстремната, штетна конкуренција е наречена хиперконкурентност. Овој концепт произлегол од теориите за невроза на Карен Хорнеј (анг. Karen Horney), особено видот на високо агресивна личност кој е карактеризиран како „опасен по опкружувањето“. Од нејзина гледна точка, некои луѓе имаат потреба да се натпреваруваат и победат по секој цена како начин да го одржат своето достоинство. Овие поединци можно е да ја претворат секој активност во натпревар, и тие ќе се почувствуваат загрозено доколку се најдат во ситуација да губат. Истражувачите пронашле дека мажи и жени кои постигнуваат висока оценка за хиперконкурентност се повеќе нарцисоидни и помалку психолошки здрави од оние кои постигнуваат ниски оцени. Хиперконкурентни личности обично веруваат дека „победата е единствена опција“.

Критика уреди

Марксистичката етика уреди

Маркс настојувал на тврдењето дека „капиталистичкиот систем ја гаи конкуренцијата и егоизмот кај сите приврзаници и темелно ги поткопува сите вистински форми на заедничко живеење“. Создадена е таква „клима на конкурентски егоизам и индивидуализам“ со движење на конкуренцијата во двата правци, конкуренција за работни места и конкуренција помеѓу работници, Маркс дури велел конкуренцијата помеѓу работниците е поголема отколку онаа помеѓу сопствениците на компании. Тој исто така нагласува дека конкуренцијата ги разделува луѓето еден од друг и додека концентрацијата на работници и развивањето на подобра комуникација го ублажуваат ова, тие не претставуваат правило.

Гандиева критика уреди

Ганди зборува и за егоистичка конкуренција. За него, кога таквите квалитети се величат и/или не се скротени, тоа би водело кон насилство, конфликт, несогласувања и деструктивност. За Ганди, конкуренцијата потекнува од егото, и поради тоа општеството мора да се заснова на заедничка љубов, соработка и жртвување за благосостојбата на човештвото. Во општеството кое Ганди го посакувал, секој поединец ќе соработува и служи за благосостојбата на другите и луѓето меѓусебно ќе ја делат својата радост, тага и успех како правило на социјален живот. За него, не постои место за конкуренцијата во едно општесво без насилство и ова треба да се сфати со што повеќе луѓе ќе донесат лична одлука за имаат помалку тенденции кон егоизам и себичност.

Наводи уреди

  1. R. G. Gelos, J. Roldos, „Consolidation and market structure in emerging market banking system“, Emerging Market Review, Vol. 5 No. 1, 2004, 39-59.
  2. 2,0 2,1 2,2 Зоран Јовановски, „Која земја каде е на светската ранг список на конкурентноста?“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 20.
  3. Зоран Јовановски, „Економијата на САД најконкурентна во светот, македонската економија на 84. место“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 10.