Перење пари
Перењето пари (англиски: money laundering) претставува криминална активност преку која се настојува да се прикрие вистинското потекло на средствата и да им се даде легитимитет. Криминалците тоа го прават преку прикривање на изворите, формата и видот на средствата или нивни трансфер во средини каде што не можат да привлечат внимание.[1]
Дефинирање на перењето пари
уредиПостојат бројни дефиниции на „перењето пари“. На пример, Претседателската комисија на САД за организиран криминал, перењето на пари го дефинира како процес каде што секој го прикрива постоењето на илегалното потекло или илегалната употреба на приходите, со цел да биде прикажан на таков начин кој го прави да изгледа како легален.[2] Директивата на Европската заедница 2005/60/ЕЗ за спречување на користење на финансискиот систем со цел перење пари и финансирање на тероризам, перењето на пари го дефинира како „прикривање на вистинската природа, изворот на парите, претворање и пренос на имотот (средства) во смисла на прикривање на незаконско потекло, односно здобивање, поседување или употреба на средства стекнати од казниво дело“.[3] ФАТВ го дефинира поимот за перење пари како „процес преку кој добивките за кои основано се верува дека потекнуваат од криминална активност се транспортираат, трансферираат, трансформираат, претворат или се вградуваат во легалните фондови, со цел да се прикрие нивното потекло, изворот, движењето или сопственоста“.[4]
Според Кривичниот законик на Република Македонија, во член 273, под поимот перење на пари се подразбира:[5]
- пуштање во оптек, примање, преземање, заменување или раситнување пари од поголема вредност што се добиени со казниво дело или за кои се знае дека се прибавени со казниво дело.
- продажба, подарување или пуштање во друг вид промет имот или предмети од поголема вредност прибавени со казниво дело, или купување, примање во залог имот или предмети за кои се знае дека се прибавени со извршување на казниво дело.
Во „Прирачникот за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризмот“, под поимот перење пари се подразбира процес на претворање на приходи од нелегални активности во фондови кои потекнуваат од привидно законски извори, без притоа да се открие нивниот вистински извор, природа или сопственост.[6]
Мотиви за перење пари
уредиПостојат неколку причини зошто криминалците перат пари:[7]
- Криење на богатството – криминалите можат да кријат нелегално стекнато богатство за да се избегне запленување од страна на државните органи;
- Избегнување на кривичното гонење – криминалците избегнуваат кривично гонење од страна на властите со ограничување или дистанцирање на себеси од нелегалние средства;
- Избегнување на даноците – криминалците можат да избегнат плаќање на даноците на приходите на средствата;
- Зголемување на добивката – криминалците може да го зголемат профитот од реинвестирање на илегалните фондови во бизниси;
- Легитимност – криминалците можат да ги користат легализираните средства да започнат бизнис и да обезбедат негов легитимитет.
Фази на перење пари
уредиПерењето пари е процес кој поминува низ три фази:[7]
- Фаза на пласман – во оваа фаза се врши првото воведување на нелегално стекнатите средства од криминалните активности во легалната економија. Целта на ова е да се прикрие криминалното потекло на парите. Перачите на пари се користат со различни техники со цел да се обезбедат од разоткривање од властите, а истовремено да ја исполнат својата задача во успешно пласирање на „валканите“ пари и нивно „прочистување“. Ова се постигнува по пат на купување на добра или депонирање на парите во финансиски институции. Доколку нелегалните пари се измешаат со легалните и редовните приходи од работењето и како такви се уплатат во банка тогаш потешко е да се открие криминалиот елемент на пласман. Најпозната техника на пласирање е smurfing, постапка со која се разделуваат валканите пари на поситни суми и како такви се уплаќаат во повеќе банки и од повеќе поединци, а целата постапка не предизвикува сомнеж и не привлекува внимание кај банкарските службеници.
- Фаза на прикривање – во оваа фаза се настојува да се прикрие потеклото на нелегалните средства и да се прекине документациската врска која се создала во првата фаза со изворот на средствата. Со многубројни трансакции и префрлање на парите од една на друга сметка од една во друга банка се настојува парите што повеќе да се оддалечат од изворот на средствата и да се обезбеди анонимност на сопственикот на средствата односно корисникот. Во фазата на прикривање се вклучуваат повеќе субјекти, со цел да се оневозможи следење на движењето на парите. Исто така се формираат и off-shore компании кои се користат за лажни трансакции, се инвестира на меѓународни пазари во акции и други хартии од вредност, се купува скапоцена стока и уметнички дела, се плаќаат фиктивни фактури и се даваат заеми и слично.
- Фаза на интеграција – ова е последна фаза од процесот на перење на пари во која веќе испраните пари се влеваат во легалната економија и може слободно да се користат од страна на сопственикот без ризик. Без разлика на своето нелегално потекло откако ќе се инвестираат во легални бизниси и валканите пари добиваат третман на чисти пари. Најпопуларни се инвестициите во недвижности, купување деловни згради или станбени од кои подоцна се остварува приход кој е сосема легален.
Техники на перење пари
уредиПостојат повеќе техники за перење на парите:[8]
- Smurfing – оваа метода подразбира раситнување на сумата на повеќе делови и разделено депонирање на тие делови со цел да се избегне контрола и да не се предизвика сомнеж.
- Шверцување на готовина – оваа метода подразбира физичко пренесување на готовината преку границата и нејзино инвестирање во финансиска институција, најчесто во некоја off-shore банка, која ги чува во тајност податоците за лицето депонент или пак во која е слаба контролата за потеклото на парите.
- Cash-intensive businesses – фирми од кои се очекува да генерираат високи приходи често кон редовниот приход ги приклучуваат и нелегално стекнатите средства и заедно ги пласираат, а подоцна тврдат дека целата сума е стекната од легалното и редовното работење на фирмата. Најпогодни за ваквиот начин на перење на пари се фирми кои се занимаваат со давање услуги за кои е тешко да се провери обемот на работа и да се раздели сумата од легалниот бизнис и од криминалните активности. Примери за вакви бизниси се казината, стриптиз-клубови, паркинг-објекти, салони за перење автомобили и сл.
- Перење со купопродажба – ова метода подразбира фактурирање на производи и услуги со преценување или потценување на нивната вредност со цел да се прикрие движењето на парите
- Shell companies и фондови – Ваквите компании и фондови го прикриваат вистинскиот сопственик. Зависно од законодавството фондовите не мораат да го откријат идентитетот на сопственикот.
- Кружно движење – во овој случај парите се депонираат во контролирана странска корпорација, по можност во земја позната како „даночен рај“ каде што се чуваат минимални записи, а после истите средства се враќаат назад во земјата од која потекнале како директна инвестиција ослободена од оданочување.
- Bank capture – во овој случај перачите на пари купуваат мнозински пакет од акции на некоја банка во земја со слаба контрола над перење пари од страна на властите и потоа ја користат таа банка за трнсфер на пари без да им се врши надзор.
- Казино – перачот на пари ги користи парите да купи чипови во казино, а после кратко време на коцкање повторно ги заменува чиповите во готовина со потврда дека истите се приход од коцкање, или пак ги заменува за чек.
- Обложувања – перачот на пари ги користи парите за обложување и тоа по можност на резултати со високи коефициенти. Ризикот од губење на сите пари го елиминра обложувајќи се на сите можни настани. Така обложувачот ја губи само провизијата што ја платил за облогот, а парите што ќе ги добие од добитните облози може лесно да ги оправда како добивка од обложување.
- Недвижен имот – со нелегалнте пари се купува недвижен имот кој подоцна се издава под закуп и приходот од закупнина се прикажува како легален. На ист начин стекнатиот имот може подоцна да се продаде и пак приходот од продажбата да се пријави како легален. Алтернативно, продавачот на имотот може да се согласи да го продаде имотот по пониска вредност од вистинската, а разликата да ја наплати во готовина и да прими нелегални пари.
- Црни плати – компанијата може да ангажира работници без договор и без да ги пријави а истите да ги плаќа во готовина. Исплатата на плати на ваквите работници може да биде од нелегални пари.
- Даночна амнестија – оваа техника подразбира легализирање на нелегално стекнатите средства и готовина во т.н. даночни раеви
- Фиктивни кредити
- Приватна потрошувачка – „валканите“ пари може да се искористат за плаќање во готовина за набавка на производи наменети за крајна потрошувачка.
Последици од перењето пари
уредиПерењето пари ги предизвикува следниве негативни последици во економијата:[9]
- претставуваа нелојална конкуренција на регистрираните фирми
- го пореметува економскиот развој
- влијае врз трговскиот развој
- ги намалува даночните приходи на државата
- им нанесува штета на финансиските институции
- поттикнува корупција
- ја поткопува довербата на населението
Финансирање тероризам
уредиФинансирањето на тероризам претставува активност на секое лице кое со какви било средства, директно или индиректно, незаконски и по своја желба обезбедува или собира средства со намера тие да се искористат или со знаење дека ќе бидат целосно или делумно искористени за вршење дело или кое било друго дело со кое ќе се предизвика смрт или сериозни телесни повреди на цивилно лице или кое било друго лице кое не е активно вклучено во непријателство во ситуација на вооружен конфликт, кога целта од таквиот напад по природа или содржина е да се заплаши населението или да се принуди владата или некоја меѓународна организација да стори или да се воздржи од некој чин.[10]
Значењето што Меѓународната заедница го дава на финансирањето тероризам може да се види и од тоа дека во глобалната акција за координација на борбата против тероризмот во рамките на системот на Обединетите нации, се вклучени повеќе значајни меѓународни организации директно или индиректно инволвирани во борбата против тероризмот, како што се: Меѓународниот монетарен фонд, Канцеларијата на ООН за дрога и криминал, Светска банка, Извршниот директорат на комитетот за борба против тероризмот, Интерпол и тимот за мониторинг на Резолуцијата 1267.
Поврзаност меѓу процесите перење пари и финансирање тероризам
уредиТехниките кои ги користат перачите на пари се во голема мерка исти како и оние кои се користат за финансирање тероризам. И двете имаат иста цел – прикривање на изворите на средства. Финасирањето тероризам може да се врши и од легални и од нелегални средства:[11]
- криминална активност;
- добротворни придонеси и донации;
- законска или полузаконска активност;
- спонзорства од влади или од држави.
Криењето на изворите на финансирање на тероризмот, без разлика дали потекнуваат од легални или нелегални активности е важно затоа што ако изворите се скријат еднаш тие понатаму ќе бидат достапни за финансирање на идни терористички акции.
Меѓународна правна рамка за борба против перењето пари
уредиПерењето пари е предмет на повеќе меѓународни документи, како што се:
- Виенската конвенција – Конвенција на ООН против нелегална трговија со наркотични дроги и психотропни супстанци од 1988 година. Таа е донесена во 1988 година како зајакнување на правните механизми од Конвенцијата за наркотични дроги од 1961 година и Конвенцијата за психотропни супстанци од 1971 година. Одредбите од конвенцијата стапиле на сила на 11 ноември 1990 година. До 2014 година оваа конвенција ја ратификувале 189 земји членки. Целта на оваа конвенција е да се промовира соработката помеѓу страните за поефикасно разгледување на различните аспекти на недозволената трговија со опојни дроги и психотропна супстанција со меѓународна димензија.[12]
- Базелска декларација за превенција на злоупотреба на банкарскиот систем за целите за перење пари од 1988 година. На 12 декември 1988 година била донесена Базелската декларација во која се предлагаат некои основни принципи за борба против операции на перење пари преку банкарскиот систем. Базелската декларација бара: идентификација на клиентите, усогласеност со законските прописи кои се однесуваат на финансиските трансакции и одбивање на извршување трансакции за кои постои сомневање дека се поврзани со перење на пари и соработка со надлежните органи во рамките на дозволеното согласно со начелата за доверливост на клиентите.[13]
- Препораки на ФАТФ – Оперативна група против финансиски дејствија на перење на пари, објавени во извештајот од 1990 година.
- Стразбуршка конвенција – Конвенција на Советот на Европа за перење, откривање, смрзнување и конфискација на приноси од криминал од 1990 година. Таа била изработена во периодот од октомври 1987 година до јуни 1990 година од страна на комисија составена од владини експерти во надлежност на Европскиот комитет за кривични прашања (CDPC), била одобрена од страна на Комитетот на министрите во септември 1990 година, а стапила во сила на 1 септември 1993 година. Конвенцијата настојува да обезбеди комплетен систем од правила коишто ги покриваат сите степени на постапката, од истрагата на криминалните дела до правосилноста на мерките за конфискување на заработките од нив. Стразбуршката конвенција го проширува криминализирањето на перење на пари, без притоа да се ограничува на прецизирање на претходното кривично дело „трговија со дрога“, како во Виенската конвенција туку дозволува секоја земја сама да одреди кои криминални дела ќе ги смета за претходно кривично дело на делото перење пари. Оваа Конвенција била ревидирина во 2004 година и во мај 2005 година била усвоена нова Конвенција на Европа за перење, откривање, замрзнување и запленување на приносите од казниите дела и од финансирање на тероризмот. Во новата Конвенција се додадени одредби за криминализирање на делото финансирање на тероризмот.[14]
- Конвенција од Палермо – Конвенција против транснационалниот организиран криминал на ООН од 2000 година. Конвенцијата на Обединетите Нации против транснационалниот организиран криминал од 15 ноември 2000 година е главниот меѓународен инструмент во борбата против транснационалниот организиран криминал. Таа стапила во сила на 29 септември 2003 година. Конвенцијата е збогатена со три протоколи, кои се насочени кон специфични области и манифестации на организираниот криминал: Протокол за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе , особено жени и деца, Протоколот за борба против криумчарење на мигранти по копнен, воден и воздушен пат и Протоколот против недозволено производство и трговија со огнено оружје, нивни делови и компоненти и муниција. Целта на оваа Конвенција е да ја промовира соработката за поефикасно спречување и борба против транснационалниот организиран криминал (United nations, 2004). Протоколот за превенција, сузбивање и казнување на трговија со лица, особено жени и деца влегол во сила на 25 декември 2003 година. Протоколот за борба против криумчарење на мигранти по копнен, воден и воздушен пат влегол во сила на 28 јануари 2004 година. Протоколот против недозволено производство и трговија со огнено оружје, нивни делови, компоненти и муниција влегол во сила на 3 јули 2005 година.[15]
- Дополнување на Стразбуршка конвенција – Конвенција на Советот на Европа за перење, откривање, смрзнување и запленување на приноси од казниво дело и финансирање тероризам од 2005 година.
Најпознати случаи на перење пари во светот
уреди- Во 2012 година, банката HSBC била казнета со 1,2 милијарди фунти поради немање соодветни контроли за перење пари. Така, таа им обезбедила банкарски услуги на некои банки во Саудиска Арабија, и покрај нивната поврзаност со финансирање на тероризам; ги игнорирала ограничувањата во извршувањето трансакции со субјекти од Иран, Северна Кореја и други земји кои биле предмет на меѓународни санкции; и не го третирала својот деловен партнер од Мексико како високо ризичен, иако истиот имал проблем со трговијата со дрога и со перењето пари. Проценето е дека недостигот од контрола овозможил да се исперат 5,57 милијарди фунти во текот на седум години.[16]
- Од средината на 1980-тите, банката BCCI и нејзините клиенти вршеле измама и перење пари низ целиот свет, со проценета вредност од 17,6 милијарди фунти. Банката имала деловни односи со официјални претставници во повеќе земји (Аргентина, Зимбабве итн.), кои се рангирани од сомнителни до целосно корумпирани. Во 1990 година, по спроведената истрага, банката се изјаснила за виновна за перење пари и била казнета со 11,3 милиони фунти, а веќе следната година таа била затворена. BCCI користела низа комплексни механизми да ги сокрие трагите, како што се: техника на школка-компании и тајни засолништа.[16]
- Во 1998 година, руските криминалци испрале околу 53,7 милијарди фунти преку банки-школки на островот Науру. Тие успеале да го направат ова, бидејќи надлежните органи во Науру им дозволиле на своите банки да функционираат без да ги потврдуваат идентитетите на своите клиенти или да истражат од каде доаѓаат депонираните пари. Поради ова, врз островот Науру биле наметнати строги санкции и островот морал да ги затвори своите 400 банки-школки во 2005 година.[16]
- Во 2012 година, британската банка Standard Chartered била обвинета од страна на Одделот за финансиски услуги во Њујорк (DFS) за помагање на иранската влада да ги заобиколи регулативите на САД за перење пари во износ од околу 191,8 милијарди фунти во текот на 10 години. Поради тоа, во 2012 година, банката била казнета од страна на DFS и Министерството за правда на САД во износ од 262 милиони фунти, заради неуспех во контролата против перењето пари и за кршење на санкциите на САД за Иран, Бурма, Либија и Судан . Откако банката не успеала да ги исполни ветувањата и да ги подобри своите системи за контрола против перење пари, морала да плати и дополнителни 232 милиони фунти во 2014 година.[16]
- Во 2010 година, една од најголемите банки во САД, „Ваховија“ (Wachovia) се согласила на Одложен обвинителен договор, откако била извршена истрага во која било откриено дека мексиканските картели шверцувале американски долари, заработени од продажба на дрога во САД. Доларите потоа им биле дадени на разменувачите на пари кои ги депонирале на своите мексикански банкарски сметки, а потеклото на парите не било воопшто истражено од страна на мексиканските банки. Овие средства подоцна биле повторно вратени на сметките на „Ваховија“ во САД која, исто така, не го проверила потеклото на парите. Останатиот дел од парите бил вратен во САД, користејќи го системот за „масовна готовина“ на „Ваховија“. Банката била обвинета за доброволно непоставување на програма против перењето пари, со што овозможила од 2004 до 2007 година да се трансферираат 292,5 милијарди фунти во Мексико, од кои околу 10 милиони фунти. За овој прекршок, „Ваховија“ била казнета со 123,7 милиони фунти.[16]
- Друг попознат случај на перење пари на светско ниво е аферата „Глобална пералница“. Се работи за случај на перење пари од Русија, при што биле испрани 20,8 милијарди долари, кои завршиле во 5,140 компании низ светот. Трансакциите се правеле преку сметки во 732 банки што имаат свои седишта или претставништва во 96 држави низ светот. Меѓутоа, претпоставките се и дека сумата на испраните пари може да достигне и до 80 милијарди долари. Се проценува оти во измамата учествувале околу 500 луѓе меѓу кои банкари, олигарси и лица поврзани со Федералната служба за безбедност (ФСБ). Измамата се извршувала со помош на 21 компанија (фиктивни или со непознат сопственик), а седиштата им биле регистрирани во Велика Британија, Кипар и Нов Зеланд.[17]
- На 3 август 2017 година, АUSTRAC ја обвинила најголемата австралиска банка, Commonwealth Bank, за перење на пари и поднесла вкупно 54,000 обвиненија при Сојузниот суд на Австралија.[18]
Борба против перењето пари во светот
уредиВо Австралија, борбата против перењето пари е во надлежност на Центарот на Австралија за финансиски трансакции и анализи (AUSTRAC). Законот за известување за финансиски трансакции од 1988 година бара субјектите кои работат со готови пари да доставуваат податоци до АУСТРАК и предвидува ригорозни процедури при отворање на нови сметки во австралиските банки.[19] Законот за приноси од криминал од 1987 година предвидува казни за лицата кои се занимаваат со перење на пари и конфискување на имотот. Законот за спречување на перење на пари и борба против финансирање тероризам од 2006 година е основен правен инструмент во борбата против перењето пари.[20]
Во Канада, во 1991 година бил донесен закон за приноси од криминал според кој се бара идентификување на клиентот и чување на податоци од страна на финансискиот сектор, со цел да се олесни истрагата за перењето пари. Во 2000 година овој закон бил изменет со цел да се прошири опсегот на негово дејствување при што била формирана Агенција за финансиско разузнавање (FINTRAC). Во 2001 година, законот повторно бил изменет. Новиот назив на законот бил Закон за приноси од криминал и финансирање на тероризам, а агенцијата го проширила своето подрчје на дејствување во насока на откривање на изворите и каналите на финансирање на тероризмот. Во Канада, законска обврска за известување и чување на податоци имаат банките, осигурителните компании, дилерите на хартии од вредност, другите бизниси за готовински услуги, казината, нотарите, сметководителите, агентите за продажба на недвижен имот и трговците со одредени метали и скапоцени камења.[21]
Законодавството на Обединетото Кралство за борбата против перењето пари и финансирање на тероризам се заснова на Законот за тероризам од 2000 година, Законот против тероризам, криминал и безбедност од 2001 година, Закон за приноси од криминал од 2002 година, Закон за сериозен организиран криминал и полицијата од 2005 година и други правни акти. Законодавството на Обединетото Кралство се разликува од Законодавството на поголем број земји како, на пример САД и земјите од Европа. Во Обединетото Кралство обвинението за перење пари не е ограничено само на приносите од криминал или други монетарни ограничувања. Било кое лице што ќе изврши криминално дело во Обединетото Кралство и притоа оствари добивка, без разлика дали е во парична или некоја друга форма или избегне да плати обврска и со тоа нанесе штета на доверителот (на пример, избегнување на плаќање данок), тоа автоматски ќе се соочи и со обвинение за перење пари. Орган задолжен за откривање и спречување на криминални активности во Обединетото Кралство е Националната Агенција за борба против криминал. Обврска за доставување извештаи до државните органи имаат адвокатите, сметководителите, даночните советници и експертите за проценка на несоодвентноста. Под истите регулации потпаѓаат и финансиските институции, кредитните институции, агентите за недвижности, трустовите и услужните компании, дилерите со високи вредности (над 15.000 евра со противвредност во фунти) и казината.[22]
САД применуваат превентивни мерки за спречување на перењето пари, како и мерки за казнување на криминалот. Превентивните мерки се гледаат во законите што се донесени и се применуваат во САД. Законот за банкарска тајна од 1970 година предвидува финансиските институции да доставуваат извештаи за одредени трансакции до Министерството за финансии на САД. Известување мора да се достави за сите трансакции над 10.000 американски долари. Податоците од известувањето се администрираат од Агенцијата за финансиско разузнавање на САД (Finance Criminal Enforcement Network - FinCEN). Делото перење пари е криминализирано од 1986 година со Законот за контрола врз перењето пари со кој се забранува вклучување во трансакции на средства кои се поврзани со криминал. Во 1988 година бил донесен Законот против злоупотреба на дроги кој бара и дилерите на автомобили и недвижен имот да доставуваат извштаи. Во 1994 година бил донесен Законот за сузбивање на перењето пари кој бара банките да организираат обуки и да спроведуваат истражување на процедурите против перењето пари, проверка и развивање на процедури за известување на агенцијата за сомнителните случаи, рационализација на извештајот за валутни трансакции, бизнисите за готовински услуги (МБС) да бидат регистрирани од сопственикот или одговорно лице, обврска за МБС да обезбедат список на бизниси овластени да нудат услуги од МБС, водењето нерегистриран МБС да се смета за федерално кривично дело и унификација на законите кои се однесуваат на МБС меѓу земјите-членки. Законот за стратегија на перење пари и финансиски криминал од 1998 година бара банкарските агенции да развијат обуки за борба против перењето пари, Министерството за финансии и други агенции да развијат Национална стратегија за перење на пари, да се направат напори законите на федерално, државно и локално ниво да се наметнат во зоните каде што е распространето перењето пари. Законот за разузнавачки реформи и заштита од тероризам од 2004 година го заменил Законот за банкарска тајна, барајќи од секретарот на Министерството за финансии да се обврзат финансиските институции да доставуваат податоци за прекугранични електронски префрлања на средства.[23]
Првата Директива против перењето пари во Европската Унија стапила во сила во 1991 година и таа се засновала на препораките на ФАТФ. Европската Унија ги усвоила препораките на ФАТФ во 1989 година со цел хармонизирање со глобалните законски прописи и регулативи против перењето пари. Последната (четврта) Директива против перењето пари во Европската Унија била донесена на 5 јуни 2015 година од страна на Европскиот парламент.[24] Европската комисија е членка на Оперативната група против финансиски дејствија на перење пари (ФАТФ). Освен тоа, во рамките на Советот на Европа постои работно тело - Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување на перењето пари и финансирањето на тероризмот (MONEYVAL), кое има задача да ја процени усогласеноста со главните меѓународни стандарди за спречување на перењето пари и финансирањето на тероризмот, како и да дава препораки до националните власти во врска со неопходните подобрувања на нивните системи.
Перењето пари во Македонија
уредиЗаконодавна рамка во областа на перењето пари во Македонија
уредиЗаконското санкционирање на перењето пари во Македонија започнало со донесувањето на Законот за спречување на перење на пари во 2001 година (Службен весник на Република Македонија, број 70/01), кој бил изгласан на 29 август, а стапил на сила на 13 септември 2001 година. Но, поради одредени недостатоци и неусогласеноста на законот со меѓународната регулатива, по две години бил донесен Законот за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело (Службен весник на Република Македонија, број 46/04), кој стапил во сила на 20 јули 2004 година. На 10 јануари 2008 година бил донесен нов Закон за спречување на перење на пари и други приноси од казниво дело и финансирање на тероризам (Службен весник на Република Македонија, бр. 4/08), кој стапил на сила на 18 јануари 2008 година. Најпосле, на 3 септември 2014 година бил донесен нов Закон за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам (Службен весник на Република Македонија, број 130/14) кој стапил на сила на 11 септември 2014 година. Со овој закон се утврдуваат мерките и дејствијата за откривање и спречување на перење пари, поврзаните казниви дела и финансирањето на тероризмот и се утврдува надлежноста на Управата за финансиско разузнавање. Во продолжение, перењето пари е регулирано и со Кривичниот законик од 1996 година (член 273 - Перење пари и други приноси од казниво дело), кој бил донесен како резултат на ратификувањето на Виенската Конвенција во 1993 година, со што Македонија се вклучила во глобалните активности за превенција и борба против перењето пари. Други закони со кои е регулирано перењето пари се: Законот за полицијата, Законот за девизно работење, Законот за брз трансфер на пари, Законот за спречување на корупцијата итн.
На 26 јуни 2018 година бил донесен нов закон за спречување на перењето пари и финансирањето на тероризмот (Службен весник на Република Македонија, број 120/18), со кој биле направени следниве промени во законското регулирање на оваа област:[25]
- биле воведени нови дефиниции на бројни поими, како: терорист, терористички акт, терористичка организација, труст, група, високото раководство на субјектот, повремена трансакција, итн.
- се проширил опсегот на носителите на јавни функции кон кои се применуваат засилени мерки на анализа
- Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризмот добил надлежност да ги координира активностите за спроведување на националната проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризмот и да учествува во изработката на извештајот на проценката на овој ризик
- биле вовоедени дополниелни субјекти кои се задолжени да преземаат мерки против перењето пари и финансирањето на тероризмот, како: лица кои организираат аукции, приредувачи на игри на среќа, итн.
- обврските поврзани со идентификацијата на клиентите биле усогласени со четвртата директива на ЕУ и со стандардите на ФАТФ
- биле воведени решенија за засилување на капацитетот на финансиските институции за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот
- законските одредби во врска со вистинските сопственици биле усогласени со четвртата директива на ЕУ и бил воведен регистар на вистински сопственици како дел од Централниот регистар
- на правните лица им била наметната обврската за евиденција на нивните вистински сопственици
- максималниот износ за извршување на готовински плаќања бил намален од 15 на две илјади евра
- биле прецизирани надлежностите на Управата за финансиско разузнавање
- одредбите што се однесуваат на вработените во Управата за финансиско разузнавање биле усогласени со Законот за административни службеници и со Законот за вработените во јавниот сектор
- биле извршени промени во прекршочните одредби и казните
Институционална структура во борбата против перењето пари
уреди- Советот за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот е формиран на 8 ноември 2011 година, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка. Советот почнал да функционира во 2012 година, а во него членуваат следниве државни институции и органи: Министерство за внатрешни работи, Министерство за финансии, Министерство за правда, Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Управа за финансиска полиција, Царинска Управа, Народна Банка на Република Македонија, Управа за јавни приходи, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на осигурување, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенција за пошти, Адвокатска Комора и Нотарска Комора. Советот има обврска да ја координира реализацијата на активностите планирани со Националната стратегија, да ја унапредува функционалноста на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам и да предлага активности за зголемување на неговата ефикасност, да ја следи реализацијата на заклучоците усвоени од Владата на Република Македонија кои се однесуваат на унапредување на политиката за борба против перењето пари и финансирањето на тероризмот, а вклучено е и во подготовка на материјали и извештаи побарани и доставени до Moneyval или други оценски мисии.
- Управата за финансиско разузнавање е административен орган за финансиско разузнавање кој функционира од март 2002 година во состав на Министерството за финансии. Оваа институција неколкупати го променила својот назив: од Дирекција за спречување на перење пари во Управа за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, а потоа во Управа за финансиско разузнавање. Основна надлежност на Управата е да прибира податоци од субјектите, да ги обработува и доставува до органите на прогонот за целите на спречување на перењето пари и финансирањето на тероризам. Управата за финансиско разузнавање го иницирала формирањето, а потоа и организирањето на работата на Советот за борба против перење пари и финансирање на тероризам.
- Управата за финансиска полиција е специјализиран државен орган за извршување специфична надлежност - откривање на сторителите кои се вклучени во незаконити активности од областа на финансискиот криминал, перењето пари и други приноси од кривични дела, недозволена трговија, даночно затајување, криумчарење или други кривични дела кои вклучуваат неплаќање на поголеми и значителни износи на данок, царина и др. давачки. Финансиската полиција е формирана на 26 јуни 2003 година, а со новиот Закон за финансиска полиција, во 2007 година таа била преименувана во Управа за финансиска полиција. Управата за финансиска полиција е надлежна за спроведување на предистражната постапка и постапката на истрага во кривичните дела: даночно затајување, перење пари и други приноси од казниво дело, криумчарење, недозволена трговија и други кривични дела кои вклучуваат поголеми и значителни износи на данок, царина или други приходи.
- Министерство за внатрешни работи: За спроведување на дејствија за откривање на перење пари и финансирање на тероризам надлежено е Одделението за перење пари и корупција, како дел од Секторот за финансиски криминал при Одделот за брорба против организираниот криминал во состав на Бирото за јавната безбедност и Централните полициски служби.
- Јавното обвинителство има надлежност во откривање на кривични дела и нивните сторители, прибирање на докази и кривично гонење на сторителите. Гонењето се презема според службена должност, а надлежностите на Јавното Обвинителство се утврдени со Законот за јавно обвинителство и Законот за кривична постапка.
- Во рамките на својата супервизорска функција над банките, штедилниците, менувачниците и давателите на услуги брз трансфер на пари, Народната банка на Република Македонија врши и контрола на спроведувањето на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот кои овие институции се должни да ги преземаат согласно со соодветната законска регулатива. За соодветно спроведување на оваа своја активност, Народната банка применува интерни процедури и постапки за контрола на системите за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот, кои ги следат меѓународните стандарди и искуства во овој домен. За сите утврдени неправилности и неусогласености со законската регулатива, Народната банка презема соодветни корективни мерки, за што ја известува и Управата за спречување на перење пари и финансирање на тероризмот.
Меѓународна соработка
уредиОд 1998 година, Македонија е членка и на Комитетот на експерти за евалуација на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам при Советот на Европа (MONEYVAL).[26]
Субјекти во процесот на перење пари
уредиОсновните субјекти кои вршат следење на сомнителните трансакции, вршат контрола на клиентите и доставуваат извештаи за сомнителните случаи на перење пари се: банките, штедилниците, осигурителните друштва, брокерските друштва, нотарите, итн.
- Банки и штедилници: Банките имаат унифицирани индикатори кои ги користат во своето работење како насока за вработените за препознавање на сомнителни активности и сомнително однесување на клиентот при правење трансакции: индикатори кои се однесуваат на клиентот, индикатори кои се однесуваат на трансакциитe, индикатори кои се однесуваат на готовински трансакции, индикатори кои се однесуваат на користење на сметки или други производи, индикатори кои се однесуваат на трансакции поврзани со вложувања, индикатори кои се однесуваат на работење со странство, индикатори кои се однесуваат на вработените, индикатори кои се однесуваат на обезбедени или необезбедени кредити, индикатори кои се однесуваат на плаќања со платежни картички , и индикатори поврзани со здруженија на граѓани и фондации.[27] Штедилниците задолжително треба да ги преземаат и спроведуваат законски определените мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, пред сè: изготвување на програма, спроведување и постапување по истата, како и доследна примена на индикатори за препознавање на сомнителни трансакции. Индикатори кои ги користат штедилниците се: перење пари со помош на готовински трансакци, перење пари со користење на сметки во штедилницитe, перење пари со вклучување на вработените во штедилницатa и перење пари со обезбедени и необезбедени кредити.[28]
- Осигурителните компании мора да ги спроведуваат општите обврски за спречување на перење на пари, а имаат и посебни обврски, како на пример, при вршење работи на осигурување на живот, друштвата за осигурување се должни да го идентификуваат и потврдат идентитетот на клиентот во случаите каде што износот на поединечната или неколку рати на премијата која треба да се плати во период од една година надминува 1.000 евра, во денарска противвредност или кога плаќањето на единствената премија го надминува износот од 2.500 евра во денарска противвредност.[27]
Мерки и процедури против перењето пари
уредиМерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кои ги преземаат субјектите се: анализа на клиентите, следење на одредени трансакции, собирање, чување и доставување на податоци за трансакциите и клиентите кои ги вршат и воведување и примена на програми. Субјектите се должни да спроведуваат процедура на анализа на клиентот во случаи кога се воспоставува деловен однос; кога се извршуваат една или неколку поврзани трансакции во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе; кога постои сомневање за перење пари или финансирање на тероризам и кога постои сомневање за вистинитоста или адекватноста на податоците за идентитетот на клиентот.
Процедурата за анализа на клиентот вклучува:[29]
- идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;
- идентификација на ополномоштувачот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;
- идентификација на вистинскиот сопственик и преземање на соодветни мерки за потврдување на неговиот идентитет, со цел, субјектот да е уверен дека знае кој е вистинскиот сопственик, со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори;
- обезбедување на информации за целта и намерата на деловниот однос;
- постојано следење на деловниот однос и на трансакциите кои се остваруваат во рамки на воспоставениот деловен однос со клиентот со цел да се осигура дека овие трансакции се доследни со профилот на ризик и бизнисот на клиентот, а доколку е потребно и утврдување на изворите на средствата.
Втората компонента од обрските за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, се однесува на следење одредени активности и трансакции. Посебно внимание треба да се посвети на следење на сложените и невообичаено големи трансакции или трансакции кои се извршени на невообичаен начин, трансакциите кои немаат очигледна економска оправданост или видлива правна цел, како и на деловните односи и трансакциите со физички или правни лица од држави кои не ги имплементирале или недоволно ги имплементирале мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. За спроведеното следење треба да се подготви извештај кој ги елаборира преземените мерки и спроведените анализи. Кога постои сомневање дека трансакцијата, клиентот или крајниот сопственик се поврзани со перење пари или со терористичка активност или дека парите / имотот што се предмет на трансакцијата се наменети за финансирање на тероризам, потребно е да се извести Управата. Во рок од 24 часа од доставувањето на известувањето до Управата треба да се достави и Извештај за сомнителни трансакции. Освен за сомнителни трансакции субјектите треба да достават известување до Управата и кога се работи за една или неколку поврзани готовински трансакции во износ од 15.000 евра во денарска противвредност или повеќе и кога се во прашање трансакции од и кон потенцијално ризични држави. За сомнителните трансакции се издава налог за привремено задржување на трансакцијата односно запирање на извршување на секоја активност во корист на клиентот во рок од 72 часа, во рамките на кој надлежниот суд треба да донесе одлука дали налогот ќе се изврши или не.
Субјектите се должни да изготват програми односно интерен акт кој определува правила, процедури и упатства за примена на мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Овие програми треба да содржат и обезбедат:[30]
- процедури за прифатливост на клиенти;
- процедура за анализа на клиентот;
- процедури за анализа на ризик и индикатори за анализа на ризик;
- процедури за проценка на ризикот на носител на јавна функција;
- процедури за препознавање на невообичаени трансакции и сомневање на перење пари и финансирање на тероризам;
- процедури за чување на податоците и документите и за доставување на извештаи до Управата;
- план за постојана обука на вработените кај субјектот од областа на спречување на перење пари и финансирање на тероризам, која обезбедува реализација на најмалку две обуки во текот на годината;
- податоци за овластено лице;
- начин на соработка со Управата;
- процедура и план на вршење на внатрешна контрола и ревизија на спроведување на мерките и дејствијата.
Анализа на клиентите
уредиСпоред Законот, мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање на тероризам, кои ги преземаат субјектите се:[29]
- анализа на клиентите,
- следење на одредени трансакции,
- собирање, чување и доставување на податоци за трансакциите и клиентите кои ги вршат и
- воведување и примена на програми.
Секогаш кога остваруваат соработка со нови клиенти субјектите треба да направат анализа на клиентот и идентификување. Истата анализа треба да се спроведе и за веќе постоечките клиенти за кои субјектот се сомнева дека не се обезбедни доволно податоци или пак има сомневање за вистинитоста на истите. Анализа на клиентот се прави и во случаи кога клиентот остварува поголеми трансакции. Законскиот праг за висината на трансакциите е 15.000 евра, во денарска противвредност. Во случаи кога субјектот се сомнева дека клиентот врши перење на пари треба да спроведе процедура за анализа на клиентот без разлика на износот на трансакцијата.
Процедурата за анализа на клиентот подразбира:[29]
- идентификација на клиентот
- идентификација на ополномоштувачот
- идентификација на вистинскиот сопственик
- обезбедување на информации за целта и намерата на деловниот однос
- постојано следење на деловниот однос и на трансакциите кои се остваруваат во рамки на воспоставениот деловен однос.
Поедноставената анализа на клиент подразбира:[29]
- потврдување на идентитетот на клиентот или вистинскиот сопственик по воспоставувањето на деловниот однос;
- намалување на зачестеноста на ажурирањето на документите и податоците за клиентите;
- намалување на степенот на следење на деловниот однос и трансакциите на клиентот и
- утврдување на целта и намерата на деловниот однос врз основа на типот на трансакции кои ги врши клиентот.
Субјектите во Република Македонија може да применат поедноставена проедура за анализа на клинетите во случај кога клиентот е:[29]
- финансиска институција во Македонија која има дозвола за основање и работење издадена од надлежниот орган и има воспоставено адекватни мерки за спречување на перењето пари и финансирање на тероризам;
- финансиска институција од земја членка на Европската Унија која е основана и работи во согласност со правните прописи на Европската Унија;
- финансиски институции од трети земји во кои прописите предвидуваат најмалку исти барања за преземање мерки за спречување на перењето пари и финансирање на тероризам, како барањата утврдени со овој закон;
- домашни државни органи;
- јавни претпријатија основани согласно Законот за јавни претпријатија, доколку податоците за истите и нивните ревизорски и сметководствени извештаи се јавно достапни и транспарентни;
- носители на полиси за осигурување на живот кај коишто годишната премија не е поголема од 1.000 евра во денарска противвредност или поединечната премија не е поголема од 2.500 евра во денарска противвредност;
- носители на полиси за осигурување за пензија каде што нема услов за предавање и полисата не може да се употреби како залог;
- правни лица чии акции се предмет на тргување на регулирани пазари на капитал, членки на земји од Европската Унија или на трети земји чии барања се исти како и во земјите членки на Европската Унија и
- правни лица од земји членки на Европската Унија кои се основани и работат во согласност со правните прописи на Европската Унија и доколку податоците од регистрацијата и нивните ревизорски и сметководствени извештаи се јавно достапни и транспарентни.
Наспроти поедноставената анализа, субјектот може да одлучи да спроведе и засилена анализа на клиентот, ако оцени дека е висок ризикот од перење пари и финансирање на тероризам. Во вакви случаи, субјектот треба да обезбеди дополнителни податоци за клиентот, да практикува зачестено ажурирање на документите и податоците за клиентот, да обезбеди дополнителни податоци за природата на деловниот однос и трансакциите на клиентот, да обезбеди дополнителни податоци за изворот на средствата и изворот на богатство на клиентот, да обезбеди информации за причината на планираните или извршените трансакции, да обезбеди одобрение од управниот одбор за воспоставување на нов деловен однос, да спроведе засилено следење на деловниот однос и барање првото плаќање да биде извршено преку сметка на клиентот во банка во Македонија.
Во случај на сомневање за перење пари и финансирање тероризам, банките, штедилниците, нотарите и другите субјекти во борбата против перењето пари се должни до Управата за финансиско разузнавање да достават извештај за сомнителни трансакции. Освен извештаи за сомнителни трансакции, субјектите ги доставуваат до Управата и следниве податоци:[31]
- банките - податоци за сите исплатени кредити во вредност над 15.000 евра и податоци за трансакции кај кои како основа се јавува позајмица;
- нотарите - податоци за составени нотарски акти, потврдени приватни исправи и заверени потписи на договори со кои се стекнува имот во вредност од над 15.000 евра;
- осигурителните друштва - податоци за склучени полиси за осигурување во вредност од 15.000 евра или повеќе;
- од правните и физичките лица чија дејност е купопродажба на возила - податоци за склучените договори за купопродажба на нови возила во вредност од 15.000 евра или повеќе.
По примените извештаи за сомнителни трансакции од страна на субјектите, Управата за финансиско разузнавање спроведува финансиско-разузнавачка анализа и како краен резултат изготвува финален извештај со сомнение дека е сторено кривично дело перење пари или финансирање на тероризам. Исто така, таа изготвува и известувања за сомневање дека е сторено друго кривично дело. Овие извештаи и известувања таа ги доставува до надлежните истражни органи. Притоа во 2016 година, Управата за финансиско разузнавање доставила до надлежните институции вкупно 28 извештаи, од кои: 26 извештаи со сомнение за перење пари и 2 извештаи со сомнение за финансирање на тероризам, 212 известувања, додека 8 предмети се ставени во мирување, откако по извршените проверки не се утврдени сомневања за сторено кривично дело. Од вкупно 28 извештаи, 13 биле доставени до Министерство за внатрешни работи, 13 до Финансиската полиција и 2 до Основното јавно обвинителство.[32]
Случаи на перење пари во Македонија
уредиТабела бр. 1. Регистрирани кривични дела од областа на организираниот криминал во Македонија[33]
2005 | 2006 | 2007 | 2008 | 2009 | 2010 | |
ПЕРЕЊЕ ПАРИ ЧЛ.273 | 40 | 20 | 10 | 4 | 12 | 6 |
Во текот на 2016 година до Управата за финансиско разузнавање биле доставени вкупно 228 извештаи за сомнителни трансакции. Притоа, 223 изветаи се однесувале поради сомнение за перење пари и 5 поврзани со финансирање на тероризам.[31]
За кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, во 2011 година, јавното обвинителство работело на кривични пријави за 8 лица;[34] во 2012 година, јавното обвинителство работело на кривични пријави за 29 лица;[35] во 2013 година, јавното обвинителство работело на кривични пријави за 35 лица;[36] во 2014 година, јавното обвинителство работело на кривични пријави за 11 лица;[37] во 2015 година, јавното обвинителство работело на кривичните пријави за 21 лице.[38]
Наводи
уреди- ↑ FATF
- ↑ President’s Commission on Organized Crime, “The Cash Connection: Organized Crime, Financial Institutions and Money Laundering”, October 1984. (пристапено на 10.11.2017)
- ↑ Директива 2005/60/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 26 октомври 2005 г. за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари и финансирање тероризам, OJ L 309, 25.11.2005, стр. 15.
- ↑ „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, "Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите", Скопје, 2010 (пристапено на 11.11.2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ „Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик“, Службен Весник на Република Македонија, бр. 19/04, Скопје, 30 март 2004.
- ↑ „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, "Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите", Скопје, 2010. (пристапено на 11.11.2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ 7,0 7,1 „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам, „Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите", Скопје, 2010, стр. 17-18. (пристапено на 11.11.2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ Lawrence M. S., Encyclopedia of white-collar & corporate crime, Sage Publications, Thousand Oaks, 2005, стр. 78.
- ↑ Милошевска, Т., „Перење пари-опасен предизвик за националната безбедност на Република Македонија“, Годишен зборник на Филозофски факултет, 2015, стр. 503. (пристапено на 11.11.2017)[мртва врска]
- ↑ Конвенција за потиснување на незаконска заплена на воздухопловни возила, Хаг, 16 декември 1970.
- ↑ Џон Медингер, Перење пари водич за кривични иследници, Скопје, 2009.
- ↑ United Nations Convention against illicit traffic in narcotic drugs and psychotropic substances, United Nations, Viena, 25 Desember 1988. (пристапено на 11 октомври 2017)
- ↑ Prevention of Criminal Use of the Banking System for the Purpose of Money-Laundering, Basel Committee, December 1988.
- ↑ Convention on Laundering, Search, Seizure and Confiscation of the Proceeds from Crime and on the Financing of Terrorism, Council of Europe, Strasbourg, 16 May 2005.
- ↑ United Nations Convention Against Transnational Organized Crime and the Protocols Thereto, United Nations Office on Drugs and Crime, Vienna, 2004.
- ↑ 16,0 16,1 16,2 16,3 16,4 Whitehead, H., „Top 5 Money Laundering Cases of the Last 30 Years“, International Compliance Training, 22 јули 2016 (пристапено на 15 октомври 2017)
- ↑ Нова Македонија „Аферата Глобална пералница“, 25 март 2017 (пристапено на 15 октомври 2017)[мртва врска]
- ↑ Ryan, P. (2017), „Commonwealth Bank will take months to respond to AUSTRAC money laundering case“, ABC News, 4.9.2017 (пристапено на 16 октомври 2017)
- ↑ Financial Transaction Reports Act 1988, Federal Register of Legislation (пристапено на 11 октомври 2017)
- ↑ www.austlii.edu.au (пристапено на 11 октомври 2017)
- ↑ „Money Laundering and Terrorist Financing Trends in FINTRAC Cases Disclosed Between 2007 and 2011, Financial Transactions and Reports Analysis Centre of Canada, Government of Canada, April, 2012 (пристапено на 15.10.2017)“. Архивирано од изворникот на 2016-12-22. Посетено на 2018-03-06.
- ↑ wikipedia.org (пристапено на 15.10.2017)
- ↑ The SAR Activity Review: Trends Tips & Issues, Issue 23, Financial Crimes Enforcement Network, May, 2013, стр. 30. (пристапено на 11 октомври 2017)
- ↑ „AML global alignment: Two steps forwards, one step back“, Regulatory Brief, PwC’s financial sevices regulatory practice, June 2015 (пристапено на 14 октомври 2017)
- ↑ Никола Главинче, „Нов закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам“, Економија и бизнис, година 20, број 243, октомври 2018, стр. 55-57.
- ↑ „www.ufr.gov.mk (пристапено на 12.10.2017)“. Архивирано од изворникот на 2017-03-17. Посетено на 2018-03-14.
- ↑ 27,0 27,1 „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам (2010), „Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите" (пристапено на 1 октомври 2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам (2010), „Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите", стр. 64-66. (пристапено на 1 октомври 2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ 29,0 29,1 29,2 29,3 29,4 Закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, Службен Весник на Република Македонија, бр.130/14.
- ↑ „Управа за спречување на перење пари и финансирање тероризам (2010), „Прирачник за спроведување на мерки и дејствија за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам од страна на субјектите", стр. 39-40. (пристапено на 11 октомври 2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-03-17. Посетено на 2018-02-14.
- ↑ 31,0 31,1 „,,Годишен извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање во 2016 година", Управа за финансиско разузнавање, Скопје, 2017 (пристапено на 15 октомври 2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-09-11. Посетено на 2018-03-15.
- ↑ „,,Годишен извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање во 2016 година", Управа за финансиско разузнавање, Скопје, 2017, стр. 12. (пристапено на 15 октомври 2017)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2020-09-11. Посетено на 2018-03-15.
- ↑ Министерство за внатрешни работи (пристапено на 15 октомври 2017)
- ↑ ,,Извештај за работата на Јавните обвинителства на Република Македонија во 2011 година”, Јавно обвинителство на Република Македонија, Скопје, 2012, стр. 45. (пристапено на 12.10.2017)
- ↑ ,,Извештај за работата на Јавните обвинителства на Република Македонија во 2012 година”, Јавно обвинителство на Република Македонија, Скопје, 2013, стр. 47. (пристапено на 12.10.2017)
- ↑ ,,Извештај за работата на Јавните обвинителства на Република Македонија во 2013 година”, Јавно обвинителство на Република Македонија, Скопје, 2014, стр. 51. (пристапено на 12.10.2017)
- ↑ ,,Извештај за работата на Јавните обвинителства на Република Македонија во 2014 година”, Јавно обвинителство на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 44. (пристапено на 12.10.2017)
- ↑ ,,Извештај за работата на Јавните обвинителства на Република Македонија во 2015 година”, Јавно обвинителство на Република Македонија, Скопје, 2016, стр. 63 и 72. (пристапено на 12.10.2017)