Благајнички запис
Благајничките записи се кусорочни хартии од вредност што ги издава Народна банка на Република Македонија (НБРМ) и кои претставуваат основен инструмент на монетарната политика во Македонија.[1] Благајничките записи за првпат се појавија на 14 февруари 1994 г. како замена на државните записи, кои во тоа време сè уште не постоеја.[2] Благајничките записи се дематеријализирани, т.е. постојат само како електронски запис, а не во хартиена, материјална форма, при што, НБРМ води електронски регистар за сопственоста на благајничките записи. Тие може да бидат со различни рокови на достасување, но најчесто се јавуваат со рочност од 28 денови. Благајничките записи спаѓаат во групата на дисконтни хартии од вредност, бидејќи на нив директно не се исплаќа камата, туку тие се продаваат по пониска цена од номиналната вредност (со дисконт), а на денот на достасувањето, на нивниот сопственик му се исплаќа номиналната вредност. Оттука, разликата меѓу номиналната вредност на благајничките записи и нивната продажна вредност ја претставува заработката (каматата).
Цена на благајничкиот запис
уредиДисконтираната вредност на благајничкиот запис, за 100 единици номинална вредност, се пресметува според следнава формула:
С = 100/(1+р/100)n/365
каде што: С ја означува продажната цена на благајничкиот запис, р е годишната каматна стапка, а n е бројот на деновите до достасувањето на записот.
На пример, ако номиналната вредност на благајничкиот запис изнесува 10 000 денари, при што, тој носи каматна стапка од 10%, годишно, а неговата рочност изнесува 28 денови, продажната (дисконтираната) вредност на записот ќе изнесува:
С = 10 000/(1+10/100)28/365 = 9 927,15 денари.
Аукции на благајнички записи
уредиНБРМ ги продава благајничките записи на аукции на кои може да учествуваат само банките, при што до мај 2004 г., претпријатијата и другите правни лица, како и населението можеа да купуваат благајнички записи со посредство на банките. Аукциите на благајнички записи се одржуваат во редовни термини, при што постојат два типа аукции: тендери со износи и тендери со каматни стапки. Кај тендерите со износи, НБРМ однапред ги одредува вкупниот износ на записите што го нуди на продажба и каматната стапка, а потоа секоја банка поднесува понуда за износот на благајничките записи што сака да го купи. Притоа, ако износот на благајничките записи што го нуди НБРМ е помал од износот што сакаат да го купат банките, тогаш вкупниот износ на благајнички записи пропорционално се распределува на банките, во зависност од нивинте понуди. Кај тендерите со каматни стапки, НБРМ однапред го утврдува само вкупниот износ на благајнички записи што го нуди на продажба, додека секоја банка поднесува понуда за износот што сака да го купи и каматната стапка што ја бара. Во овој случај, НБРМ ги подредува понудите според каматните стапки што ги бараат банките, почнувајќи од најниската. Инаку, кај двата вида тендери, аукциите на благајничките записи се спроведуваат според т.н. американски тип, каде што секоја банка ги купува благајничките записи според каматната стапка, наведена во нејзината понуда.[3] Со издадените благајнички записи, банките може да тргуваат меѓусебно на пазарот преку шалтер, којшто е организиран од страна на НБРМ, меѓутоа на овој пазар се тргува многу ретко, т.е. банките најчесто ги чуваат благајничките записи до крајниот рок на достасување.
Благајничките записи како инструмент на монетарната политика
уредиПочнувајќи од 2000 г., аукциите на благајничките записи се јавуваат како основен инструмент на монетарната политика во Македонија. Така, доколку НБРМ сака да ја намали паричната маса, таа го зголемува износот на записите што ги нуди на продажба, т.е. продава повеќе записи во споредба со износот што достасува за наплата. Обратно, доколку НБРМ сака да ја зголеми паричната маса, таа го намалува износот на благајничките записи што ги нуди за продажба, т.е. продава помалку записи од износот што достасува за наплата. Каматната стапка на благајничките записи претставува референтна каматна стапка на НБРМ, т.е. таа ја сигнализира насоката во монетарната политика и треба да претставува основа за формирање на каматните стапки на банкарските кредити. Исто така, каматната стапка на благајничките записи служи како основа за одредување на каматната стапка на ломбардните кредити што НБРМ им ги одобрува на банките за одржување на нивната ликвидност. Најпосле, каматната стапка на благајничките записи служи како основа за одредување на казнената каматна стапка која се пресметува во случај на задоцнето плаќање на обврските.
Извори
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 270-271.
- ↑ Кики Мангова Поњавиќ, Ванчо Каргов, 60 години централно банкарство во Република Македонија, Народна банка на Република Македонија, Скопје, 2006, стр. 133.
- ↑ Љупчо Трпески, Пари и банкарство, Economy press, Скопје, 2003, стр. 502-506.