Музеј на македонската борба

музеј во Македонија

Музејот на македонската борба за самостојност се наоѓа во Скопје, Македонија, на левиот брег од реката Вардар. За главен архитект при изградбата на објектот бил избран Зоран Јордановски, а музејот бил изграден од претпријатието „Бетон“ од Штип[1].

Национална установа
„Музеј на македонската борба за самостојност“
Музеј на македонската борба - Скопје
www.mmb.org.mk
Поглед кон зградата на музејот
Карта
Општи податоци
Статусдржавен
Видмузеј
Стилбарок
МестоПлоштад Македонија
Адреса„11 Март“ бр.1
ГрадСкопје
ЗемјаМакедонија
Темелот удрен2008
Почната2008
Завршена2011
Отворена8 септември 2011
Трошок за изградба12.000.000 евра
СопственикМинистерство за култура
Проектирање и изградба
АрхитектЗоран Јордановски
Архит. бироБетон
Холот на музејот. Во средината стои изворен примерок на Уставот на РМ

Музејот бил изграден во периодот од 2008 до 2011 година, и официјално отворен на 8 септември 2011 година, по повод дваесет години од прогласувањето на независноста на Република Македонија. Самата негова зграда е прогласена за културно наследство на Македонија.

Музејот работи со работно време од 10 до 18 часот, од вторник до недела, а понеделник е неработен ден.[2] Секоја организирана посета во музејот треба да биде најавена. Бесплатен е влезот во среда за средношколците, бесплатен четврток за студентите, бесплатен влез за социјално загрозените граѓани, децата без родители и за хендикепираните лица. Директор на оваа установа е Анче Илиевска.

Опис

уреди

Музејот на македонската борба за самостојност e проект на Владата на Република Македонија, а реализиран од Министерството за култура на Република Македонија. Формиран е со Одлука на Влада на РМ од 31 јули 2008 година. Изградбата на музејот почнала во 2008 година и траела три години. Музејот е отворен на 20-годишнината од независноста на Република Македонија, на 8 септември 2011 година.

Сместен е во објект од 6.435 квадратни метри нето-површина, музејските изложбени простории опфаќаат 2.500 квадратни метри. Музејот бил официјално отворен од страна на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој во музејот го предал оригиналот од Декларацијата за независноста на Македонија, која е изложена во холот при самиот влез.

Витражот, кој го краси централниот дел на холот на Музејот на македонската борба, е направен од преку 14.248 катедрални и опалесцентни парчиња стакло. Во форма на круг, тој е насловен како Македонско оро. На целата кружница се забележува богата украсна орнаментика со фолклорни и флорални елементи, од традиционалната текстилна орнаментика од македонското поднебје. Формите се повторуваат и го формираат кругот. Помеѓу нив се истакнуваат по два цветни орнаменти- лалиња.. Витражот се наоѓа под куполата на зградата на музејот и го краси централниот дел на холот на музејот.

Автори на музејската поставка се проф. д-р Зоран Тодоровски, проф. д-р Даринка Петреска, проф. д-р Виолета Ачкоска и проф. д-р Никола Жежов. Автор на сценографскиот амбиентален простор архитект Валентин Светозарев.

Внатрешна организација во Музејот

уреди

Работите и задачите во НУ Музеј на македонската борба за самостојност се вршат во организациски облици преку шест самостојни одделенија и една подружница, Порта Македонија, односно:

  • Одделение за административни, општи и правни работи
  • Одделение за финансиско работење и сметководство
  • Одделение за промоција и музејски маркетинг
  • Одделение за одржување и безбедност
  • Одделение за историја и документација
  • Одделение за музејско водење и едукација
  • Одделение за стручно- технички работи
  • Одделение Порта Македонија

Самиот музеј се состои од тринаесет хронолошки подредени одделенија, и секое од нив ја претставува историјата на македонскиот народ од повеќе периоди. Музејската презентација е реализирана на интерактивен начин преку комбинирање на многу различни форми. Прегледот на историските настани, процеси, личности од XIX и XX век, се надополнува со автентичната колекција на 2.749 музејски предмети - оружје, документи, фотографии, мапи, медали, весници, документарен материјал, помошни материјали – восочни фигури (153), масовни сцени и портрети (109), како и амбиентални диорами збогатени со аудио-визуелни ефекти. Музејските фондови постојано се збогатуваат и преку донации или откуп.

Музејска поставка

уреди

Во првата просторија е претставен раниот период на македонската борба, кога ајдутите сè уште немале дефинирано политичка платформа[3]. Сите останати простории понатаму се поврзани хронолошки сè до периодот на комунизмот.

  • Ајдутството, вооружен отпор против османлиското владеење во Македонија

Хронолошки се започнува со Карпош, како водач на првото поголемо востание во Македонија, во 1689 година, Карпошовото востание. Меѓу другите личности од овој период се: Илија Марков Малешевски, Сирма Војвода, Румена Војвода, Толе Паша, и други.

  • Реформите во Османлиското царство и нивно применување во Македонија во 19 век

Во ова одделение се поместени личности како: Вилијам Гледстон, султаните Абдул Азис и Абдул Меџид, како и оригинално оружје од тој период, фотографии и документи.

  • Разловечкото и Македонското (Кресненското) востание

Меѓу восочните фигури во ова одделение се: Димитар Поп Георгиев - Беровски, Поп Стојан Разловски; а одделението содржи и фотографии, документи и печатот на Македонското востание, знамето на Разловечкото востание од 1876 година, како и оружје од тој период.

  • Политичката и културно просветната дејност на македонските интелектуалци во предилинденскиот период

Григор Прличев, Крсте Петков Мисирков, Наим Фрашери, Ѓорѓија Пулевски и митрополитот Натанаил, се дел од оваа поставка, како и стари изданија на книги и весници.

  • Македонската револуционерна организација

Во ова одделение може да се видат основачите на МРО во ентериер на дневна соба, исполнет со оригинален мебел од тој период, како и восочните фигури на Гоце Делчев, Христо Матов, Пере Тошев, Андон Тошев или Дончо Штипјанчето во затвор, Никола Петров Русински, Рафаел Камхи, Јане Сандански и до него Елен Стоун, како и бројни списанија и брошури на МРО, печатот на кумановската околиска револуционерна организација и голем број на уметнички слики на кои се претставени настани од тој период.

  • Востаничката 1903 година, Илинденското востание

Меѓу восочните фигури во ова одделение се: Солунските атентатори, Анастас Лозанчев, Борис Сарафов, Никола Карев, Питу Гули, членовите на привремената влада во Крушево, како и уметнички слики на кои е претставено везење на востаничко знаме, изработка на црешовото топче, убиството на Гоце Делчев, борбата на Мечкин Камен, документи и фотографии, меѓу кои и последната фотографија на која е Гоце Делчев, и друго. Во ова одделение се наоѓа и копија на црешовото топче, изработена според оригиналот кој се чува во Истанбул.

  • Македонската револуционерна организација од крајот на Илинденското востание до Младотурската револуција

Овде се наоѓа восочната фигура на леринскиот војвода Александар Турунџев во ентериер, Ѓорѓи Сугаре, Христо Узунов, како и уметнички слики на кои е претставен масакрот во с. Загоричани во 1905 година, Рилскиот конгрес, убиството на Даме Груев, Битката на Ножот и други.

  • Македонија за време на Младотурскиот режим

Ова е период од историјата на македонскиот народ (1908-1912) кога македонските револуционери ја поддржуваат власта на младотурците. Со восочни фигури претставени се: Ахмет Нијази Бег, Хусеин Хилми-паша, Ибраим Темо, Мустафа Кемал Ататурк, а може да се видат и портретите на австроунгарскиот цар Франц Јосиф I, како и на рускиот цар Николај II.

  • Балканските војни (1912-1913)

Јане Сандански со четите на ВМОРО влегува во Солун, 1912 година е дел од колекцијата во оваа одделение. Овде исто така може да се видат восочните фигури на: Петар Чаулев, Димитрија Чуповски, мајката на тиквешкиот војвода Диме Пинџуров - Наца Пинџурова, како и бројни документи, фотографии воени предмети и оружја од тој период.

  • Македонија за време на Првата светска војна, 1914-1918

Во ова одделение се наоѓаат восочните фигури на: Александар Протогеров, Хасан Приштина,и други. Исто така на уметнички слики е претставенa Битката кај Криволак од 1915 година, а може да се види оригинално оружје од тој период.

  • Македонија во периодот меѓу двете светски војни, 1918-1941

Тодор Александров и Ѓорче Петров се дел од восочните фигури во ова одделение, како и Арсениј Јовков, Панчо Михајлов - Чавдар, Димо Хаџи Димов, Владислав Ковачев, Иван Михајлов, Мара Бунева, Владимир Георгиев - Черноземски, и други. Поставени се документи и фотографии на ЦК на ВМРО, како и повеќе уметнички фотографии на кои се претставени убиства и атентати, меѓу кои на: Тодор Александров, Тодор Паница, Жика Лазиќ.

  • Народноослободителната борба, 1941-1944

Ова е период на македонскиот народ во кој главна улога имаат Методија Шаторов Шарло, Коста Солев Рацин, Кузман Јосифовски Питу, Михаило Апостолски, Никола Вапцаров, Никола Парапунов, Мирка Гинова, Лазо Трповски, Методи Андонов Ченто, Панко Брашнаров и други, кои се претстаени со восочни фигури. Ова е исто така период кога е одражно Првото заседание на АСНОМ, што е претставено во Музејот во посебен амбиент. Оружје и фотографии на партизанските одреди се дел од ова одделение.

  • Жртви на комунистичкиот режим

Последното одделение во Музејот е посветено на периодот кога современата македонска држава е во рамките на југословенската федерација, а приврзаниците на идејата за независна македонска држава беа прогонувани. Овде може да се видат уметнички слики кои претставуваат настани како: демонстрација на македонските војници на плоштадот во Скопје за продолжување на борбата за обединување на Македонија (7 јануари 1945), погубување на велешките затвореници (1945), стрелање на Трајко Попов (1946), судски процес против приврзаници на идејата на ВМРО, крвавиот шпалир на Голи Оток, како и восочните фигури во ентериер на: Методија Андонов Ченто во затворот во Идризово, Ѓорѓи Карев во затворот во Идризово, Павел Шатев во домашен притвор, највисоките раководители на ЦК на КПМ заедно со фигурата на Јосип Броз Тито, Лазар Соколов, Венко Марковски, Панко Брашнаров и Петре Пирузе - Мајски во ентериер на Голи Оток, Александар Ранковиќ, петтемина струмички студенти, Драган Богдановски, и восочните фигури во кафеански ентериер на Ристо Шишков и Јован Котески.

Настани и постојани проекти

уреди

Музејот е организатор или коорганизатор на голем број настани како: промоции, трибини, одбележување јубилеи, изложби, панел-дискусии, концерти, работилници, предавања, хуманитарни базари и други акции. Заедно со објектот на Порта Македонија, вкупниот број на настани, од комерцијален и некомерцијален карактер, организирани во периодот од пет години постоење се над 600 настани. Меѓу нив се: Филателистичко-букистичка изложба по повод педесетгодишнината од постоењето на „Струшките вечери на поезијата“, одржана во ноември 2011г.;[4] Панел-дискусијата за делото на еден од најзначајните политички емигранти во 20 век – Драган Богдановски одржана на 30 мај 2012 г.;[5] шестдневното одбележување на 120 години од Денот на македонската револуционерна борба во периодот од 18 до 23 октомври 2013 г., во чии рамки се промовираше и музејската копија на Црешовото топче изработена од копаничарот Будимир Апостолски;[6] Изложбата на д-р Бранислав Светозаревиќ „Убавините и богатствата на македонските цркви и манастири“ отворена на 3 март 2014;[7] Изложба по повод 70 години од победата над фашизмот под наслов „Обединети сме посилни“ во соработка со Државниот архив на РМ одржана на 6 мај 2015 година;[8] Изложбата на најмалиот етнолошки музеј на светот од Џепчиште на 18 мај 2016[9] и други.

Постојани проекти на Музејот на македонската борба за самостојност се оние кои се реализираат секоја година, а меѓу нив е Музејот - пријател на децата, образовен проект на НУ Музеј на македонската борба кој се реализира од почетокот на 2012 година;

Изданија и публикации

уреди

Музејот се јавува како издавач на десетина изданија, каталози, книги, меѓу кои монографските изданија на македонски и англиски јазик, и македонско-англискиот каталог посветен на уметничките слики во постојаната поставка на музејот, како и водич за слепи и слабовидни лица од 2018 година. Меѓу позначајните изданија се:

  • Монографија (октомври 2012) автори: д-р Зоран Тодоровски, д-р Даринка Петреска, д-р Виолета Ачкоска
  • Слики со историска тематика во Музејот на македонската борба (јануари 2015) автор: д-р Владимир Величковски
  • Музејска сликовница: „Зад големата мисла“ (2020), автори: Ана Вишинова и Даниела Митевска

Награди и признанија

уреди
  • Музејот на македонската борба во 2013 година беше кандидат за наградата „Микелети“ за музеј на годината, што ја

доделува Европската музејска академија. Во конкуренција на 21 врвна институција од Европа, Музејот на македонската борба – Скопје доби посебно признание за ентузијазмот и за големите достигнувања во зачувувањето на националното богатство.[10]

  • Специјална награда ЖИВА за најдобар музеј во словенските земји за 2015 година, жирито додели специјална награда за презентација на Музејот на македонската борба. Наградата која првпат се доделува е признание за иновативниот начин во презентацијата на музејските поставки.[11]

Галерија

уреди

Критики

уреди

Музејскиот комплекс, дел од проектот „Скопје 2014“ предизивкал остри реакции во јавноста, посебно од страна на опозицијата.[12].

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Музејот на македонската борба за државност и самостојност од денеска отворен за посетители“. ТВ Сител. 10 септември 2011. Посетено на 2011-09-19. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. „Ново работно време“. Архивирано од изворникот на 2020-12-31. Посетено на 2018-07-02.
  3. „Отворен Музејот на македонската борба“. 10 септември 2011. Посетено на 2011-09-19.[мртва врска]
  4. http://www.time.mk/cluster/fdb55489ba/foto-so-poezija-osveten-muzejot-na-makedonskata-borba.html[мртва врска]
  5. http://daily.mk/vesti/panel-diskusija-za-zhivotot-i-deloto-na-dragan-bogdanovski
  6. http://www.telegraf.mk/aktuelno/makedonija/ns-newsarticle-52834-nova-kopija-na-cresovoto-topce.nspx[мртва врска]
  7. http://aktuelno24.mk/izlozhba-ubavinite-i-bogatstvata-na-makedonskite-tsrkvi-i-manastiri[мртва врска]
  8. http://vecer.mk/kultura/obedineti-sme-posilni-izlozhba-na-drzhavniot-arhiv[мртва врска]
  9. http://grid.mk/news/512614871/gostuva-najmaliot-etnoloshki-muzej-od-djepchishte
  10. „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2013-07-02. Посетено на 2016-09-10.
  11. http://daily.mk/vesti/specijalna-nagrada-zhiva-muzejot-makedonskata-borba-4
  12. „Музејот на ВМРО се наполни со пензионери“. www.plusinfo.mk. 13 септември 2011. Посетено на 2011-09-19.

Надворешни врски

уреди