Лазо Трповски (Д’мбени, Костурско, 1901 година - Хејбели, Кожанско, 11 април 1943) — знаменит македонски комунист од Егејска Македонија, еден од организаторите на народно-ослободителната борба на македонското население во Егејска Македонија.

Лазо Трповски (лево) со Андреја Чипов (десно) во 1930-тите

Рани години

уреди

Лазо Трповски е роден како прво дете на Насо Трповски, чие семејство дало многу револуционери, активни учесници во револуционерното движење во Егејска Македонија и Грција.

Првата светска војна го затекнала како момче на петнаесетина години. Не е познато кога точно станал активен член на Комунистичката партија на Грција, но честопати го предизвикувал вниманието на полицијата поради своите отворени истапи против експлоатацијата на работниците. Јавно ги жигосувал спогодбите меѓу грчката и бугарската влада за размена на населението од 1919 до 1924 година со кои македонското население од Егејска Македонија било искоренувано од својата земја.

Надвор од Македонија

уреди

Во 1928 година на Лазо Трповски му се заканувало апсење и судење од воен суд поради неговата политичка дејност, така што тој бил принуден да замине од Грција и емигрирал во Канада. Таму, во текот на следните четири години, покрај секојдневната работа за обезбедување на својата егзистенција, активно учествувал во синдикалниот и политичкиот живот на Канада. Се зачленил во Комунистичката партија на Канада, а делувал и во напредните македонски емигрантски организации (МАНС) и други. Притоа, посебно се истакнувал во разобличувањето на ванчомихајловистичките елементи. Луѓето на Ванчо Михајлов во Канада го сметале за опасен човек, го следеле насекаде и на крајот го предале на канадските власти. Канадската полиција, исползувајќи еден политички инцидент во 1932 година, го уапсила Трповски за кого подоцна било донесено решение да биде екстрадиран во Грција. Но, бидејќи во Грција, Трповски го очекувал затвор и интернација заради ставот за самоопределување на Македонците како одделна нација, екстрадицијата во Грција не била поволна опција за него. Сепак, на канадските комунисти им успеало на патот од Канада за Лондон да го ослободат Трповски и тој, наместо за Грција, заминал за Советскиот Сојуз. Во Москва останал три години и учествувал во Високата партиска школа.

Пред да биде депортиран од Канада, Трповски, преку партиски канали, испратил писмо до своите канадски другарите во кое напишал: „Дали ќе останам жив, не е толку важно. Јас нема да бидам ни првиот, ни последниот што ќе го жртвува својот живот во борбата. Жалам само за едно - што не можам да бидам меѓу вас да ги искорениме агентите на фашизмот и врховизмот од редовите на иселениците. Убеден сум дека Вие, моите другари, ќе по продолжите и ќе го завршите тоа дело...“[1]

Затвор и интернација

уреди

Во 1935 година, преку партиски канали, Трповски бил префрлен во Грција. Веднаш се вклучил во партиските активности, како и во активностите на ВМРО (Обединета). Тој бил познат по своите способности за прикривање, така што често патувал низ селата, претставувајќи се како нечиј роднина, пријател или тровец. Неколкупати успешно ги одбегнал полициските заседи, но на 17 јануари 1939 година бил опколен во куќата на еден негов пријател во селото Сливени и уапсен. По долго мачење во визбите на безбедноста во Костур, бил изведен пред судот, заедно со уште неколку комунисти. Осуден е на строг затвор од шест месеци на островот Егина и на уште три години интернација во злогласната крепост Акронавплија, на Пелопонез.

Учество во НОБ

уреди

Капитулацијата и првите денови од окупацијата на Грција од германско-италијанските и бугарските војски, Трповски ги дочекал како затвореник. Меѓутоа, со еден вешт потег на еден од затворениците - дедо Неделко Попнеделков од Солун, успеале да избегаат 27 комунисти (Македонци и Грци), меѓу кои и Лазо Трповски.

По ослободување од затворот, Трповски бил испратен во Егејска Македонија, каде што бил одреден за инструктор на Покраинскиот комитет на КПГ за Македонија. Во тоа својство, тој неуморно ги обиколувал Костурската, Леринската, Воденската и Солунската околија и успеал да ги обнови партиските организации речиси во целата Западна и Централна Егејска Македонија.[2] На еден партиски состанок, одржан во април 1942 година, го изнесол ставт дека партизанската група што требала да се формира во Костурско не треба да излегува со грчки, туку со македонски симболи.

Во пролетта 1943 година Трповски формирал посебен македонски одред со командирот Паскал Михаиловски и комесарот Аргир Валсамов, со задача да агитира сред заведените од окупаторот Македонци за живо разоружување, а во случај ваквата агитација да остане бесплодна, македонскиот одред да биде тој што ќе ги нападне и обезоружи контрачетниците.

Лазо Трповски не доживеал да го види разгорот на НОБ. На одење за Солун, надвор од селото Хејбели (Имера), Кожанско, Лазо заедно со други шестмина, меѓу кои двајца членови на Покраинскиот комитет, на 11 април 1943 година паднале во заседа на националистите од колаборационистичката организација ЕКА и биле масакрирани на дивјачки начин.

Обележја

уреди

Во септември 1943 година, неколку месеци по неговата смрт, во Костурско бил формиран партизанскиот одред составен од Македонци, кој во чест на Лазо Трповски бил именуван според неговото име. Исто така, во спомен на неговите херојства, тој е опеан во народната песна „Песна за Лазо Трповски“.[3]

Денес, повеќе улици во македонските градови и едно основно училиште во скопската населба Карпош 3 го носат името на Лазо Трповски.[4]

Песна за Лазо Трповски

Денес Трповски се проштава
со планина и долини.
Стани, Трповски, од гроба,
ај стани, стани, другар, ти!

Де остави твои другари,
по осои неприбрани.
Стани, Трповски, од гроба,
ај стани, стани, другар, ти!

Твојта снага не угасна,
твојто име порасна.
Стани, Трповски, од гроба,
ај стани, стани, другар, ти!

Наводи

уреди
  1. „Анита Димова, „Заслужен син на македонскиот народ" („Македонско сонце"), 2003“. Архивирано од изворникот на 2008-11-22. Посетено на 2008-01-17.
  2. „Pollitecon Publications - Lazo Trpovski, 2009“. Архивирано од изворникот на 2012-03-21. Посетено на 2012-06-03.
  3. Сокол ми лета високо - Збирка народни песни од Егејска Македонија, Скопје: КУД Гоце Делев - Скопје, 1978, стр. 58.
  4. ОУ Лазо Трповски[мртва врска]

Надворешни врски

уреди