Владо Черноземски
Величко Димитров Керин, повеќе познат под својот псевдоним Владо Черноземски — македонски[1] револуционер и терорист од Бугарија, учесник во македонското револуционерно движење во првата половина на XX век, деец на Внатрешната македонска револуционерна организација. Черноземски е познат атентатор, приврзаник на терористичката тактика, која била карактеристична во овој период за Организацијата. Останува запаметен во историјата како атентатор на кралот на Југославија, Александар I Караѓорѓевиќ во 1934 година. Помеѓу неговите жртви се Димо Хаџи Димов и Наум Томалевски. Познат е и по псевдонимот Владо Шоферот, како и Петар Келеман, името со кое престојувал во Марсеј
Владо Черноземски | ||
Роден | Величко Димитров Керин 19 октомври 1897 Каменица, Велинградско, Бугарија | |
---|---|---|
Починал | 10 октомври 1934 Марсеј, Франција | (возр. 36)|
Познат | Атентатите на:
| |
Занимање | револуционер, шофер, часовничар |
Животопис
уредиСемејство
уредиЧерноземски е Бугарин по потекло.[2] Тој е роден во 1897 година во семејството на Димитар Керин и Риса Балтаџиева од чепинското село Каменица, денес населба на Велинград. Завршил трокласно училиште во своето родно село. Како млад имал склоност кон алкохолот, но подоцна целосно се воздржувал од пиење и станал вегетаријанец. Величко служел како војник најпрво во Пловдив. Учествувал и во Првата светска војна, тогаш служел во инженерските сили. Бил ослободен од воена служба во 1919 година. Една година подоцна се оженил. Работел како шофер и часовничар. Во 1923 се родила неговата ќерка Латинка. Во 1925 година се развел. Подоцна повторно се оженил и живеел во Софија до 1932, кога исчезнал од Бугарија и му се губи секоја трага. Черноземски е идентификуван во 1934 година по ексхумација на телото на дотогаш непознатиот атентатор од Марсеј.
Револуционерна дејност
уредиЧетништво
уредиВо почетокот на 1920-те години Черноземски се преселува во Банско, каде е извршувал задачи за Внатрешната македонска револуционерна организација, која била основана од Тодор Александров.
Владо Черноземски станал член на ВМРО во 1922 и се вклучил во четата на војводата Иван Брло. Во 1923-1924 година е во четата на Трајан Лакавишки. Како четник дејствувал во Штипско, Кочанско и Радовишко. Учествувал во околу 15 престрелки со полиција и жандармерија во Вардарска Македонија. Станал познат како еден од најдобрите стрелци на Организацијата, во акциите се истакнувал со храброст, ладнокрвност и дисциплина.
Во 1924 година Тодор Александров го повикува во Софија и оттогаш Владо Черноземски е на располагање на ЦК на ВМРО за извршување на специјални задачи. Смртта на Александров предизвикала серија на убиства сред македонското револуционерно движење и македонската емиграција.
Атентаторство
уредиНовото раководсто на ВМРО, на чело со Иван Михајлов му ја доверува ликвидацијата на македонскиот деец и бугарски народен претставник Димо Хаџи Димов. Хаџи Димов за време на денските часови на 13 септември разбрал за убиството на Славчо Ковачев, негов пријател и сомисленик, за кој акт тој искоментирал дека повторно започнале физичките истребувања во македонското револуционерно движење и изразил жалење за таквата состојба. Димо Хаџи Димов се упатил кон кафеаната Галик за да се запознае со подробности околу убиството на Ковачев. На улицата Пиротска тој бил пречекан од Владо Черноземски, кој со неколку револверски истрели го соборил на земја, а за да се осигури во неговата смрт се наведнал над трупот на жртвата и пукал уште двапати. Во 1924 година Софискиот окружен суд го осудува на смрт со бесење, но пресудата не е извршена, а во 1925 година Черноземски бега од полицијата.
Неговата пожртвуваност во името на македонската кауза кај него се граничела со фанатизам. Во 1927 година тој изјавил дека е подготвен да организира напад во салата за седници на Друштвото на народите, со цел да го сврти вниманието на Светската организација за судбината на македонското население, но неговиот предлог не бил прифатен.
Во 1930 година го ликвидирал Наум Томалевски, еден од водачите на Протогеровистите. Черноземски по вторпат е осуден на смрт, поради убиството на Томалевски, но во 1932 година тој бил помилуван поради блиските односи на Иван Михајлов со бугарските власти и дворот. Во меѓувреме, во 1929 година во Бугарија, на покана на ЦК на ВМРО е Анте Павелиќ. При оваа посета бил склучен договор за заедничка борба за извојување на независна Македонија и Хрватска.
Марсејски атентат
уредиЗа главен водач на групата атентатори, Павелиќ го поставил Еуген Дидо Кватерник. Атентатори се подготвувале на Јанка Пуста во Унгарија, отаму со фалсификувани пасоши преку Австрија и Швајцарија стигнале во Франција. Во Швајцарија им се приклучил и Дидо Кватерник во придружба на Македонецот, член на ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација), наречен Владо Шоферот. Впрочем, ВМРО одржувало добри односи со усташката организација поради заедничката цел - рушење на Југославија. Затоа (ВМРО б.н) испраќала свои членови како инструктори за диверзански акции. И споменатиот Владо Шоферот бил еден од нив.
— Хрвоје Матковиќ, Историја на Независна Држава Хрватска[3]
На 19 мај 1934 година новата бугарска Влада на чело со Кимон Георгиев законски го забранила постоењето на ВМРО на Иван Михајлов, по што била растурена целата нејзина организациона мрежа на територијата на Бугарија. Поголемиот дел на нејзиното членство било уапсено, додека Михајлов заедно со Менча Карничева и неговио соработник, Петар Ацев, се засолниле во Турција. Со распуштањето на ВМРО, заинтересираните страни за тоа, посебно политичките кругови во Кралството Југославија, мислеле дека ќе престанат терористичките акции на ВМРО, посебно врз Кралството Југославија. Меѓутоа ВМРО неколку години пред нејзиното растурање, а и потоа, се поврзала со некои радикални организации во тогашната Југославија, кои се бореле против нејзиното уставно устројство и за отцепување на територии и формирање на независни држави.
На 20 април 1929 година како гости на Националниот комитет на македонските братства во Бугарија пристигнале водачите на усташката организација од Анте Павелиќ и Густав Перчец, и овде со раководството на ВМРО било разговарано за заедничка борба против српската хегемонија во Кралството Југославија, на оваа средба била донесена Декларација за создавање на независна Македонија и Хрватска, а Павелиќ и Перчец биле прунудени да заминат во илегала бидејќи властите во Белград ги осудиле на смрт [3]. Во истиот тој период македонските и хрватските емигрантски организации во Америка постигнале спогодба за соработка за нивна заедничка борба против српскиот режим во Југославија. Во Женева повторно дошло до средба помеѓу Анте Павелиќ и Иван Михајлов, каде покрај разговорите за продолжување на соработката, Павелиќ настојувал да се изврши атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во содејство на усташката организација и ВМРО, меѓутоа Михајлов изразил воздржаност.
Во 1930 година со помош на Анте Павелиќ во арсеналот на ВМРО влегле 1 000 автоматски пушки, кои биле купени од фабриката Хајнрих Фолмер. За возврат од страна на ВМРО на располагање на усташката организација и бил испратен специјалист за употреба и ракување со експлозивни материи, а како инструктор на усташките терористи во нивниот логор за обука кој бил стациониран во Јанка Пуста во Унгарија, во 1931 година отишол Кирил Дрангов. Во истото време Черноземски тајно патува за Италија, каде е назначен за инструктор во специјалниот логор на усташите во Борготаро. Соработката меѓу двете организации продолжила со тоа што на 12 февруари 1933 година во Горна Џумаја, на Големиот собор на македонската емиграција што тогаш ја истакнал паролата за создавање на независна Македонија и се обратил и пратеникот од усташката емиграција со поддршка на таа идеја - Марко Дошен. Во 1932 г. Черноземски е испратен за инструктор во базата во Јанка Пуста. Сите овие околности во непосредното опкружување на Југославија говореле дека овие две организации се подготвувале за некоја крупна вооружена акција.
На 9 октомври 1934 година во Истанбул, Турција, во домот на бугарскиот митрополит Андреј Велички, по ручекот излегле на терасата за да го испијат попладневното кафе, митрополитот и водачот на распуштената ВМРО, Иван Михајлов. Некаде околу 16 часот, Михајлов погледнал на часовникот и изјавил:
- Во овој момент ќе се случи нешто, коешто ќе биде фатално за човештвото! Започна ново броење на годините. Се начнува календарот на...Втората светска војна![4].
Михајлов му објаснил на бугарскиот митрополит дека бил испланиран атентат врз југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ и дека во тој момент веќе бил убиен во францускиот град Марсеј. Михајлов понатаму дообјаснил дека зад атентатот стоел не само ВМРО, туку и Германија и некои други земји, коишто не ги посочил. Следното утро митрополитот Андреј Велички побрзал да ги купи сите можни весници коишто ги имало во Истанбул. На насловните страни митрополитот го видел и прочитал сето она што претходниот ден му го имал навестено неговиот гостин.
Во октомври 1934 година француската влада го очекувала пристигнувањето на југословенскиот крал Александар во неговата прва официјална посета на Франција. На 9 октомври паробродот Дубровник пристигнал во пристаништето во Марсеј. На палубата на југословенскиот параход се качила француската делегација, која му посакала добредојде на кралот Александар. Југословенскиот крал на брегот бил пречекан од страна на францускиот министер за надворешни работи Луј Барту.
По официјалниот пречек, кралот Александар се качил во подготвениот автомобил за таа цел, до него седнал министерот Барту, а на едно од седиштата на автомобилот седнал и генералот Жорж. Во другиот автомобил се возеле југословенскиот министер за надворешни работи Јефтиќ и францускиот министер Пиетри, позади коишто следувала кралската придружба и луѓето што го организирале дочекот. Југословенската кралица Марија поради тоа што страдала од морска болест кон Франција патувала со воз. Пред посетата на југословенскиот крал службата за државна безбедност на Франција добила анонимно писмо, во кое пишувало дека Александар ќе биде убиен во Франција. Шпекулациите за можниот атентат ги подгреале и натписите во париските весници Пари-миди и Пари-соар, кој на денот на посетата пишувале дека врз југословенскиот крал се подготвувал атентат од страна на терористички организации на хрватската емиграција. Меѓутоа поголемиот број од релевантните безбедносни фактори во Франција не ги сфатиле за сериозно овие закани.
Посетата започнала со бавно придвижување на поворката среде толпата, која се создала за да го види високиот гостин од Југославија. Автомобилите се движеле со брзина од околу 4 км на час, наместо со предвидените по протокол, 20 км на час, што се практикувало при возењето на секој владетел. Однесувањето на луѓето во толпата било смирувачко и не постоеле какви било знаци дека може нешто да се случи. Поворката со автомобилите се движела на средината на улицата помеѓу трамвајските шини. Состојбата укажувала на тоа дека критичните моменти и стравувањата за атентат биле неоправдани.
Меѓутоа кога часовникот покажувал 4 и 20 минути попладне и поворката автомобили веќе се наоѓала пред зградата на берзата во градот од толпата луѓе излегол еден човек. Полковникот Пиоле, еден од обезбедувањето на поворката, во тој момент се обидел да го сврти коњот за да се врати и да го заштити автомобилот во кој се наоѓал кралот Александар од таинствениот напаѓач. Меѓутоа напаѓачот бил побрз од него и успеал да се искачи на платформата на кралскиот автомобил и да се најде непосредно пред самиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Атентаторот извадил револвер и испукал два куршуми во градите на кралот, кој паднал на седиштето целиот облеан во крв. Следниот истрел го погодил во раката францускиот министер за надворешни работи, Луј Барту. Револверските истрели го исплашиле возачот Фуасак, кој го запрел автомобилот и побегнал, додека генералот Жорж кој седел пред кралот Александар се обидел да го онеспособи атентаторот, но бил погоден со револверски истрели, два во градите и по еден во секоја рака. Потоа врз терористот скокнал и се обидел да го собори полицаецот Гали, но и тој бил застрелан. Полковникот Пиоле успеал да го скроти својот коњ и да го сврти кон атентаторот на кој му задал два удари со сабјата, додека во исто време кон него започнале да пукаат и другите полицајци од обезбедувањето. Во општата пукотница што настанала биле убиени и неколку луѓе од масата што се собрала да го пречека југословенскиот крал. После овие настани се случило панично бегство на толпата луѓе, при што настрадал атентаторот, а било констатирано дека кралот е мртов. Атентатот врз југословенскиот крал бил погубен и за францускиот министер за надворешни работи Луј Барту.
Атентаторот во тешка состојба бил пренесен во болница и околу 8 часот навечер, без да дојде при свест, подлегнал на повредите. При прегледот на личните работи на атентаторот, полицијата во неговите алишта пронашла чехословачки пасош на име Петер Келеман, како и револвери. од марката Маузер и Валтер и бомба. При аутопсијата на неговата десна рака била пронајдена тетоважа со иницијалите на ВМРО, череп, вкрстени коски и паролата Слобода или смрт. Атентаторот бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј и неговиот гроб не бил одбележан. При обдукцијата на телото на атентаторот има веројатност дека бил пронајден куршум за кој се сметало дека веројатно бил истрелан од неговиот соучесник од усташкото движење, Мијо Крал. Тоа било договорено пред извршувањето на атентатот за да не проговори нешто во врска со неговото планирање во случај да биде фатен од страна на француските власти. Смртта кај атентаторот настанала од тој куршум, без да може да ја голтне отровната ампула која ја имал во неговата уста и која исто така ја чувал за да не биде жив фатен по атентатот.
Атентаторот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ бил Владо Георгиев-Черноземски, кои во круговите на ВМРО, од каде што потекнувал, бил познат под името Владо Шоферот. Всушност, вистинското име на терористот не било ни горенаведеното, туку Величко Димитров-Керин. Черноземски бил назначен од страна на раководството на ВМРО да ја изврши оваа тешка задача поради неговата храброст и големиот број на атентати што пред тоа ги имал успешно извршено благодарение на неговата умешност во ракувањето со оружје. Черноземски ја напуштил Бугарија во летото 1932 година, по наредба на ВМРО и местото на неговиот престој не било познато. Веројатно од тогаш започнале и подготовките за извршување на атентатот врз кралот Александар.
Непосредните соработници на терористот на ВМРО во извршувањето на атентатот биле членовите на усташката организација Мијо Крал, Иван Рајиќ и Звонимир Поспишил, додека непосреден раководител на акцијата бил еден од првенците на оваа хрватска организација, Еуген Кватерник. Завршните подготовки за атентатот започнале во Швајцарија кон крајот на септември 1934 година.
Веднаш по атентатот врз југословенскиот крал, истрагата на полицијата била насочена кон откривање на сите усташки терористички организации на териториите на поголем број европски држави, додека вниманието кон испитување на учеството на ВМРО во атентатот, било многу мало или воопшто никакво поради тоа што уште не се знаел вистинскиот идентитет на атентаторот.
Во сите овие настани неоспорна била улогата што ја имала ВМРО. Колку и да не била насочувана истрагата во правец на откривањето на вмешаноста на оваа македонска организација во подготовката на атентатот, фактите зборувале поинаку. Директниот егзекутор потекнувал од нејзините редови, туку и улогата на нејзиниот водач Иван Михајлов останала вешто прикриена, бидејќи острицата по извршениот атентат била насочена кон хрватската усташка организација, која судејќи по се одиграла епизодна улога. Атентатот врз кралот Александар Караѓорѓевиќ претставувал круна на сите убиства што организацијата ВМРО ги вршела во периодот помеѓу двете светски војни.
Без да дојде во сознание, атентаторот умира во 8 часот вечерта во болницата. Во алиштата му откриваат чехословачки пасош на име Петер Келемен, револвери Маузер и Валтер и бомба. На десната рака имал тетоважа со иницијалите на ВМРО: череп, вкрстени коски и девиза Слобода или смрт. Погребан е на 12 октомври на марсејските гробишта во присуство на двајца детективи и гробари. Местото на погребот не е означено.
Галерија
уреди-
Статија во весник Winnipeg Free Press за Черноземски.
-
Спомен -плоча во родната Каменица.
-
Главната улица во Каменица - „Владо Черноземски“.
Извори
уреди„Владо Черноземски“ на Ризницата ? |
- ↑ Barton, D. "Croatia 1941-1946". The ChurchHistory Information Centre.
- ↑ * Istoricheski pregled, Books 1-6, Bŭlgarsko istorichesko druzhestvo, Institut za istoria (Bŭlgarska akademia na naukite), 1987, str. 49.
- Велинград - online, публикувано на 12 октомври 2010 г. В памет на Владо Черноземски. Архивирано на 2 јуни 2023 г.
- Атентатът в Марсилия, Владо Черноземски. Живот,отдаден на Македония, Митре Стаменов, (Издание на ВМРО-СМД, София, 1993)[1]
- Request of the Yugoslav government under article 11, paragraph 2, of the Covenant: Communication from the Hungarian government, Hungary - Yugoslavia, League of Nations, Tibor Eckhardt, Publisher League of Nations, 1934, p. 8.
- Stefan Troebst,"Historical Politics and Historical “Masterpieces” in Macedonia before and after 1991 Архивирано на 10 јануари 2004 г.", New Balkan Politics, Issue 6, 2003: "... the suicide-assassin from VMRO, Vlado Cernozemski, who, on orders from Mihajlov and his ethno-national VMRO, which was defined as Bulgarian, killed the Yugoslav king Alexander I Karadzordzevic and the French Minister of Foreign Affairs Louis Bareau in Marseilles in 1934."
- The national question in Yugoslavia: origins, history, politics, Cornell Paperbacks: Slavic studies, history, political science, Ivo Banac, Cornell University Press, 1988, ISBN 0801494931, p. 326.
- Crown of thorns, Author Stéphane Groueff, Publisher Madison Books, 1987, p. 224.
- Balkan Firebrand - The Autobiography of a Rebel Soldier and Statesman, Todorov Kosta, READ BOOKS, 2007, ISBN 1-4067-5375-0, p. 267.
- Violette Nozière: a story of murder in 1930s Paris, Author Sarah C. Maza, Publisher University of California Press, 2011, ISBN 0520260708, p. 230.
- Shadows on the Mountain: The Allies, the Resistance, and the Rivalries That Doomed WWII Yugoslavia, Marcia Kurapovna, John Wiley and Sons, 2009, ISBN 0-470-08456-1, p. 157.
- Yugoslavia's ethnic nightmare: the inside story of Europe's unfolding ordeal, Jasminka Udovički, James Ridgeway, Lawrence Hill Books, 1995, ISBN 1556522150, p. 34.
- Contested Ethnic Identity: The Case of Macedonian Immigrants in Toronto, 1900-1996, Nationalisms Across the Globe, Author Chris Kostov, Publisher Peter Lang, 2010 , SBN 3034301960, p.139.
- Burn this house: the making and unmaking of Yugoslavia, Jasminka Udovički, James Ridgeway, Duke University Press, 2000, ISBN 082232590X, p. 35.
- ↑ 3,0 3,1 Hrvoje Matković POVIJEST NEZAVISNE DRŽAVE HRVATSKE Drugo, dopunjeno izdanje Zagreb, 2002.
- ↑ Петьр Япов,Пьтуване из дневниците на митрополит Андрей,глава на задграничната Бьлгарска православна цьрква,Ню Юрк,1937-1972,Марскилският атентат с участието на Ванчо Михайлов и ВМРО 9 октомври
Надворешни врски
уреди- Атентат на ВМРО 9 октомври 1934 Владо Црноземски
- Марсејскиот атентат Архивирано на 29 септември 2007 г.