Дончо Штипјанчето

(Пренасочено од Андон Тошев)

Андон Стојанов Тошев (Ерџелија, Светиниколско, 20 јуни 1867 - Ќустендил, Бугарија, 15 април 1931) познат како Доне Тошев или Дончо Штипјанчето — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и деец на Македонската револуционерна организација.[1] Станал синоним на револуционерна тврдокорност.

Андон Стоjaнов
Роден 20 јуни 1867
Ерџелија, Светиниколско, Македонија
Починал 15 април 1931(1931-04-15) (возр. 63)
Ќустендил, Бугарија

Животопис

уреди

Тој е роден на 20 јуни 1867 во светиниколското село Ерџелија, тогаш во Османлиското Царство. Негови родители биле Стојан Илиев-Тоше и Мита. Учел шест години во бугарско егзархиско училиште во Штип, а потоа изучувал занат и од 14 години почнал да работи како кожар по селата. Тој активно учествувал во штипското егзархиско читалиште Дејателност каде се запознал со животите и делата на Васил Левски, Христо Ботев и други бугарски револуционери. Некаде околу 1888 година се оженил со Катерина(1863-1958).Таа била ќерка на иконом поп Апостол Поликарев(поп Паликарија) штипскиот делегат кој ја претставувал Ќустендилската епархија на Првиот Црковно-народен собор на Бугарската егзархија во 1871 година.

Братот на Катерина-Григор поп Апостолов бил учител во Кочани и во 1885 година бил осуден поради обид за покренување на вооружена акција против Османлиското Царство, а тој починал кон крајот на 80-те години во Дијарбекир. Околу 1888 година таткото на Дончо бил убиен, и сега Дончо Штипјанчето требало да се грижи за целата фамилија , почнал да се занимава со кираџиство, односно за одредена сума на пари пренесувал разни стоки, а оваа работа му овозможила да оствари разни познанаства кој подоцна му помогнале во револуционерната дејност.

Револуционерна дејност

уреди
 
Дончо со семејството во Ќустендил

Доне бил познат како тивок, скромен, чесен и многу трудољубив човек. Пренесувал стоки или придружувал патници. Од контактите со разни луѓе, Доне разбрал дека во Македонија нешто се подготвувало. Започнал да ги проучува местата на патиштата каде можело да има опасни средби, ги избирал луѓето каде требало да запре да одмори или преноќи. Незабележливо, тој создал мрежа на верни и доверливи луѓе, кои подоцна почнале да се организираат во револуционерни комитети. Со доаѓањето на Гоце Делчев и Даме Груев во Штип, започнало организираното формирање на револуционерни комитети. Во периодот 1894/95 година, во овие комитети членувале мал број луѓе. Во учебната 1895/96 Гоце Делчев и Даме Груев решиле да се разделат во корист на започнатото дело. Делчев останал во Штип, а Даме Груев заминал во Солун како инспектор на Солунската школска околија. На испразнетото место, на предлог на Даме Груев, бил назначен Тодор Станков од Прилеп, исто така доверлив човек на Организацијата. Тодор Станков вели:

За време на летото 1895 година, бев назначен за учител во Штип. Требаше да патувам со единственото превозно средство во тоа време, караваните со коњи, со кои кираџиите пренесуваа различни стоки помеѓу градовите и селата. За пазарот во Битола, преку Прилеп, често поминуваше со товари ориз Доне Стојанов од Штип, познат како скромен и чесен човек...Одевме заедно од Битола за Штип...Доне, во почетокот не беше многу разговорлив, но кога тргнавме по коритото на Брегалница и наближивме кон неговиот крај, тој полека се опушти и јас го искористив тоа да го прашам дали ги познава учителите во градот, дали знае нешто за нивната општествена дејност и друго. Од разговорот сфатив дека имам работа со умен и свесен човек, кој не е рамнодушен спрема настаните... Во Штип се разделивме, но со тоа не ги прекинавме нашите врски. Доне беше роден за организациона работа и за да го проверам, често испраќав по него писма и весници до моите роднини во прилеп, а тој ми донесуваше писма и алишта. Задачите ги исполнуваше точно и на време. Тоа ме натера да му предложам на Гоце, Доне да влезе во Организацијата и да ја преземе курирската работа.[2]

Така Доне станал прв курир на Гоце Делчев.

Првата задача на Дончо во 1895 година, тогаш бил задолжен од страна на Гоце Делчев да ја осуети агитацијата на Александар Чакаров (родум од Велес) во името на Македонскиот комитет. Чакаров требало да покрене востание во Виничко но бил спречен во тоа. Од крајот на 1895 година Дончо покрај оружје, револуционерна литература и коресподенција започнал да пренесува за комитетите и бомби кој во тој период главно биле изработувани во бомболеjaрницата на Наум Туфекчиев во Софија. Една вечер, во почетокот на април, поточно на 3 април 1896 година, Тодор Станков, во куќата на Доне, донел десет празни бомби и заедно ги сокриле во вреќите ориз. Му дал и некои писма за неговиот брат во Прилеп и уште едно писмо адресирано до Аврам во Битола. Писмото било шифрирано без печат и датум. Наредбата била во случај на опасност Доне да го искине писмото и да избега без коњите и опасниот товар. Доне ја прифатил задачата без приговор. Во сабота пристигнал во Прилеп, му го предал пакетот на братот на Тодор Станков и наредниот ден заминал кон Битола. Пред Битола, кога наближил до стражарниците Доне забележал дека сообраќајот се одвива отежнато, бидејќи имало стражари чија работа било да ги пронаоѓаат шверцерите на тутун. Стражарите со долги метални шипки ги проверувале товарите на коњите. При тоа, забележале дека во еден од товарите, железните шипки удирале на нешто метално, па се посомневале во товарот. Кога почнале да го бараат човекот и да се распрашуваат чии се коњите, Доне го искинал писмото од Гоце Делчев, дел од писмото фрлил, дел проголтал. Го фатиле и го приморале да го извади скриениот товар. Доне и самиот се преправал дека е зачуден, кажувајќи дека не знае од каде се нашле во неговиот товар. Стражарите нашле дел од писмото, но само оној дел каде пишувало Аврам. Доне објаснувал дека тоа му било подметнато од евреинот од Виница од кој го земал оризот. Стражарите не му поверувале, па го затвориле. Тука започнале маките на Доне. Тоа се случило на 19 април 1896 година. Бил затворен во темен долап, каде не можел ниту да седне ниту да легне.[2]

Во затворот

уреди

Веста дека Доне е фатен со бомбите во оризот, брзо се разнела, како во Битола, така и низ цела Македонија. Од уста на уста се пренесувало:

Фатен е курирот на Организацијата. Тој насекаде разнесуваше писма и оружје, ја знае целата мрежа и ги познава луѓето што дале клетва за верност. Ако проговори, Организацијата е загубено. Ќе ги фатат и убијат најверните луѓе.

Еден од челните луѓе на Битолскиот револуционерен комитет, Глигор Попев раскажува дека, кога разбрал дека Доне бил фатен од властите, тој го известил Петар Попарсов, па морале да сокријат сè што е сомнително. Но, тој вели:

...штом дотогаш не бев уапсен, Доне не издал ништо.

Од страна на турcката власт бил подложен на најжестоки мачења но тој не издал никого. Тоа му дало можност на Гоце Делчев да се врати во Штип од планирано патување во Софија, бил испитуван од штипскиот кајмакам и бил притворен по еден месец во Скопје но набргу бил оcлободен бидејќи немало докази за поврзаност со оружјето. Дончо пак бил осуден на 101 година затвор во прангии, а оваа казна подоцна му била намалена на 15 години. Ѓорче Петров за апсењето на Дончо вели:

Нашиот ужас од оваа вест беше неописив. Зашто аферата беше прва по ред. Тврдината на карактерот на курирот не ни беше испитана и докажана, а ние самите не бевме прекалени, не ја знаевме судбината на писмото, ниту пак држењето на затвореникот.

Во своите "Спомени" Ѓорче Петров додава:

Доне си создаде име во организацијата како прататко на тврдоста при најголемите страдања. Така се создаде традиција, еден дух да не се искажува, да не се издава ништо...

Неговиот подвиг бил опеан од Пејо Јаворов со кого имале и лично познанство, како и од Димитар Талев кој црпел сведоштва од жена му Катерина, а херојството на Дончо е воспеано од битолчани во позната револуционерна песна Ми товарил калеш Дончо:

Го фрлија калеш Дончо
Во темни занадани,
Го мачеја пусти Турци
Во тесни долапи...

Дончо во битолскиот затвор се нашол со организациските луѓе Јордан Гавазов и Стојан Лазов, а заедно го нападнале просрпскиот настроен Мицко Крстевски кои 4 пати бил прободен со нож, а Дончо поради тоа се нашол нови три месеци во 'долапот' со димензии метар на метар на метар и 50, каде што бил затворен и првите 6 месеци. Од влажните мувлосани долапи во кои бил окован успеал да испрати писмо до Организацијата во кое се вели:

Поскоро ќе умрам, отколку да предадам нешто[3]

По Грчко-турската војна, Бугарија поради својата неутралност меѓу другото издејствувала амнестија за сите политички затворени бугари (Македонци егзархисти), а Дончо заедно со други 9 затвореници бил ослободен на 20 октомври 1897 година. По излегувањето од затвор заминал за Штип, но повторно бил баран од турските власти и затоа со своето семејство заминал за Бугарија зимата на 1897/98 година и се населил во Ќустендил.

Дончо ја продолжил својата револуционерна дејност и продолжил да пренесува товари со своите коњи. По смртта на Даме Груев се приклонил кон Христо Матов и Тодор Александров, а својата дејност ја продолжил во ВМРО (Автономистичка) сè до 1922 година кога му се влошило здравјето.

Дончо умрел на 15 април 1931 година во Ќустендил. На неговиот погреб неговиот пријател и соборник Тодор Станков му донел венец со натписот Gaius Mucius Scaevola (Римско момче, кое било познато по својата храброст).

Извори

уреди
  1. Крупишки Н. Дуков Г.-Дончо Штипjанчето - првиот курир на Гоце Делчев.Според спомените и сведоштвата на неговата ќерка Елена Тошева-Рашенова.Штип 1995/6 изд. Штампа
  2. 2,0 2,1 м-р Глигор Дуков, Никола Крупишки, Дончо Штипјанчето, Андон Тошев Стојанов, Културно-просветна заедница-Штип,1996
  3. Личности од Македонија, Енциклопедиски именик, МИ-АН, Скопје, 2002

Надворешни врски

уреди