Толе Паша односно Стојан Кулески или Стојан Трајков Куликов (Крушевица, Мариовско, 1868 – месност Кленов Дол, до Гуѓаково, Мариовско, 3 февруари 1904) — македонски револуционер, мариовски војвода, и член на ТМОРО.[1]

Толе Паша
Роден 1868
с.Крушевица, Мариовско
Починал 3 февруари 1904
месност Кленов Дол, кај с.Гуѓаково, Мариовско

Животопис

уреди

Стојан Трајков Куликов е роден во селото Крушевица, Мариовско, во 1868 година. Дејствувал како ајдутски војвода пред создавањето на Организацијата. Во 1900 година бил четник во четата на Мирче Ацев - Оровчанецот, и дејствувал во Прилепско, а подоцна бил назначен за војвода во Мариовско. Учествувал во Илинденското востание како војвода на чета. Неговата чета била дел од нападот на турскиот воен гарнизон во селото Витолиште, Прилепско. Откако неговата чета била предадена, загинал на 3 февруари 1904 година, заедно со осум свои четници и со својот син Велјан, во судир со турската војска кај месноста Кленов Дол, во близина на селото Гуѓаково, Прилепско.[1] Во нерамноправната борба со турскиот аскер легендарниот мариовски војвода Толе Паша загинува заедно со сите 11 комити - соборци од неговата чета[2], меѓу кои неговиот син Велјан, Куле од Врпско, Петре Кормако со синот Јован од Маково,Петко од Маково, браќата Цветан и Петре од Шелеверци, Видан од Могила и Милан од Прилеп. За да се уверат дека војводата Толе Паша е убиен, турски офицери пресечената глава на Толета му ја однеле на валијата во Битола, при што валијата наредила главата пак да се врати кај Толевото тело[2], кое пред да биде пренесено во родното село Крушевица долго време почивало со спомен плоча која сѐ уште постои и е обновена во Кленски Дол над Гуѓаково.

Според народните кажувања тој се одметнал и станал комита, откако убил Турчин кој сакал да ја граби неговата невеста. За него се испеани познатите народни песни „Кондисал ми Толе Паша во това село Градешница“ и „Абре бабо, стара бабо, кој војвода беше снпшти у вас на вечера дали беше Толе Паша или Петко од Маково“.

Заснован на животот на Стојан Кулески е и романот Толе паша од македонскиот писател Стале Попов, кој за првпат беше објавен во 1954 година.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Енциклопедија ВМРО, Скопје 2015, стр. 304, 305
  2. 2,0 2,1 Босеовски, Трајко (1994). Револуционерни песни во Мариово сврзани со мариовскиот војвода Толе Паша. Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 264.