Масакр во Велес

(Пренасочено од Масакрот во Велес)

Масакрот во Велес — масовно убиство на 53 затвореници, соработници на бугарскиот фашистички окупатор,[3] што се случил на 15 јануари 1945 година близу Велес извршен од страна на ОЗНА. Масовната гробница била пронајдена дури 1996 година во месноста Пуста Кула во атарот на селото Летевци. Според обдукцијата, затворениците биле усмртени на најсвиреп начин со токмаци и железа, со удари по главата.[4] Ова претставува најголем масакр врз цивили извршен од ОЗНА во ослободена Македонија.[5]

Велешки масакр (1945)
Поглед кон Свети Спас во Велес, каде што жртвите се погребани во масовна гробница позади црквата
МестоВелес,  СР Македонија
Датум14 – 15 јануари 1945
Целприпадници на бугарското крило на ВМРО и ММТРО, како и бугарофили кои ги предавале македонските борци за слобода и нивните поддржувачи од градот Велес.[1][2]
Вид нападМасовно стрелање на предавниците на македонската ослободителна борба.[1]
Мртви53
СторителиЈугославија ОЗНА

Настан

уреди

На 15 јануари 1945 без јавно судење, биле масакрирани 53 затвореници од велешкиот затвор, лица за кои имало сомневање дека биле озлогласени противници на НОБ и соработници со окупаторот. Без заокружена истражна постапка и без јавно судење за докажување на нивната вина, биле групно стрелани и масакрирани, а потоа и закопани во заедничка гробница која била откриена во 1996 година.[6] Посмртните останки на 15 убиени велешани се пронајдени со наредба за ексхумација од тогашната влада, во 1996 година, во атарот на селото Летевци во месноста Пуста Кула, на границата меѓу Велешко и Скопско. Нивните потомци дошле до документот на судска медицина, кој никогаш не го видел светлото на денот.[7]

Сите овие слуги на бугарскиот окупатор биле сослушани од страна на ОЗНА, каде ги признале своите злодела и предавства извршени кон македонскиот народ и ослободителното движење. Покрај многуте убиени, претепани бројката на интернирани токму од постапките на овие 53мина, изнесува околу 9740 лица од Велес и велешките села. Интернираните најчесто завршувале во логорите во Бугарија: Сливен, Хасково, Видбол, Русе и др.[3]

Според обдукцијата, биле пронајдени 15 сочувани черепи од 53 закопани, само четири куршуми и констатација дека починатите биле усмртени со удар од „тапо-тврда сила“ по главата. Блиските фамилии на 53-та велешани барале од Врховниот суд заштита на законитоста, но тој не утврдил дека биле ликвидирани поради нерегуларна судска постапка. Врховните судии го одбиле како неосновано барањето за заштита на законитоста на едно од семејствата на стреланите, кое тврдеше дека нивниот роднина е погубен зашто не се почитувало правото на жалба на обвинетите. Семејствата веруваат дека 53-ра велешани веќе биле убиени на 15 јануари, а Второстепениот суд на 18 јануари 1945 година ја потврдил пресудата на Првостепениот воен суд на Скопската воена област донесена три дена порано. Врховниот суд смета дека нема докази со кои може да се потврди дека стрелањето било извршено пред 18 јануари. Историчари се убедени дека на пресудите е извршено антидатирање, односно дека се напишани подоцна, по погубувањето, за правно да се покрие случајот. Ова е прв и единствен случај на откриена масовна гробница во Македонија, дело на тогашната комунистичка власт.[7]

За ликвидацијата на затворениците од затворот во Велес не јавиле ниту „Нова Македонија“, ниту Радио Скопје, кои обично известувале за судењата и погубувањата на народните непријатели. Информирало само локалното радио, а потоа настанал молк. Шеесет години никој не зборува за случајот. Според историчарите што зборуваа на трибината, вечерта на 15 јануари биле убиени 53 затвореници од затворот во Велес. За ниеден од нив немало пресуда, а две третини од нив, според документацијата, немале никаква вина. Стрелањето го наредил полковникот Евто Шашиќ. Воениот суд ја донел пресудата за стреланите дури по извршувањето на казната. Историчарите потсетуваат дека погубувањето се случило непосредно по бунтот на македонските офицери, кој се случил на скопското Кале.

Во својата книга Мојот татко - Методија Андонов Ченто, авторот Илија Андонов Ченто, вели дека првиот претседател на Президиумот на АСНОМ за таа работа дознал случајно и дека злосторствата започнале откако на крајот на 1944 година, во Скопје, како гостин на Второто заседание на АСНОМ присуствувал Едвард Кардељ.[8] Според бугарскиот историчар Коста Црнушанов од Прилеп затворениците се убиени, затоа што биле Македонци со бугарско национално чувство. Според овој бугарски историчар помеѓу жртвите имало припадници на ММТРО на ВМРО на Иван Михајлов, еден поранешен бугарски учител и други.[2] Според него, за масакрот биле одговорни Ратко Петровски (помошник-началник на ОЗНА), Боро Коробар и Киро Попадиче (командант на Велес), што е во согласност со претходно изнесеното мислење.[9]

По Велешкиот масакр

уреди

Синот на еден од убиените, Борис Поп Ѓорчев, во октомври 1997 година побарал од македонските судови да ја поништат пресудата. Тој и другите блиски бараат од Владата по години талкање низ административните лавиринти да го донесат законот со кој се предвидува поништување на сите пресуди донесени од политички и идеолошки мотиви.[10]

Во 2002 година од страна на најблиските е подигнат споменик за 53-та велешани, соработници на бугарскиот окупатор, на гробиштата до црквата Св. Спас во Велес. Во април 2009 година, непознати вандали ја искршиле спомен плочата на гробницата на 53-та велешани стрелани во 1945-та кај месноста Пуста Кула. Сторителите со токмак ја урнале и искршиле надгробната плоча. Споменикот и ден денес е искршен.[11][12][13][14]

На 15 јануари 2005 година било одбележано 60 години од грозоморниот масакр на 53-та велешани. Организирана била и трибина на која историчарите Виолета Ачкоска, Зоран Тодоровски и Ѓорѓи Малковски, како и професорите Гане Тодоровски и Владо Поповски зборуваа за историските и за правните околности на настанот. Академикот Гане Тодоровски истакнал дека: „Ова е еден пример на реваншизам, тој одбивен декор на слободата. Хајка на одмаздништво што го водеше немакедонското намесништво“. Професорот Ѓорѓи Малковски од Институтот за историја во Скопје најави дека ќе издаде книга за случајот да биде целосно расветлен.[15]

 
Судска пресуда против Бугарофилските фашистички соработници од градот Велес, стрелани во 1945 година.

Стреланите и нивните злодела против македонското ослободително движење

уреди

Масакрираните велешки затвореници - соработници на бугарскиот окупатор,[3] биле[2]:

  1. Д-р Богдан Поп Ѓорчев (40 г.) — лекар, деец на ММТРО, член на Гестапо, соработник на фашистичкиот злосторник Ванчо Михајлов, основач на здружението на бугароманите - Ратници на напредокот на б'гарштината (скратено: РНБ)[3]
  2. Благој Ѓорчев (36 г.) — служител, општински чиновник, директен поткажувач на македонските национални херои Страшо Пинџур и Мирче Ацев, кои потоа се уапсени и ликвидирани од страна на бугарскиот окупатор.[3]
  3. Димко Крепиев (60 г.) — деец на ВМОРО; а во втората светска војна организатор наконтрачети и соработник на бугарската полиција.[3]
  4. Лазар Крепиев (64 г.) — братучед на Димко, народен предавник, член на германската известителна служба Гестапо. Водел списоци кои ги предавал на бугарската полиција.[3]
  5. Арсен Варналиев (34 г.) — часовничар; таен полициски соработник учествувал на состаноци оргнизирани од бугарскиот министер Габровски и Богдан Поп Ѓорчев. Со неговата служба за бугарскиот окупатор придонел за откривањето, затворањето и интернирањето и убивањето на приврзаниците на НОВ.[3] Роднина на Иван Варналиев.
  6. Димитар Панчев Нацев (52 г.) — манифактурист, соработник на окупаторските служби ѝ на Гестапо. Со неговите предавства многу велешани завршиле претепани и затворени од страна на бугарската полиција.[3]
  7. Лазар Илиев Арсов (66 г.) — еден од замениците на Пано Манев. Контрачетник и организатор на контрачети во велешкиот крај. Стојан Ангелов, сведочел за злосторот на Лазар извршен врз Јанко и Велимир од Теово, извршиле ѝ едно убиство врз англичанец кој го ограбиле и при тоа биле наградени од бугарската полиција со пари. Лазар самиот признал дека го претепал Ѓоше Белештевецот, извесен Јане и некој арнаутин. Дека тој лично ги претепал Нацка Димова и нејзиниот сопруг, а на некое мало детенце му го извадил окото со удар на кундакот. Тој лично го претепал Димче Попов од Војница, како и Васе Солева од Велес и Трајко Лазовски.[3]
  8. Тодор Николов Јорданов — предавник и убиец на селанецот Милан Страчков, кој пак бил симаптизер на македонското ослободително движење. Откако го убил телото на Милан го фрлил во водите на реката Вардар.[3]
  9. Панче Караколев (39 г.) — воденичар, таен полициски агент, соработник на групата на Мутаџиев и преданик кој ги предавал активностите на партизанскиот одред „Димитар Влахов“.
  10. Перо Торопанов (50 г.) — шивач, активен соработник на бугарскиот окупатор. Составувал списоци за полицијата. При крајот на војната, избегал во Софија, но таму е откриен од ОЗНА и донесен назад во Велес да му се суди, за предавствата.[3]
  11. Ратко Торопанов — син на Перо. Предавник, кој се ставил во служба на бугарскиот окупатор, кој бил унапреден во полициски агент. Обвинет за убиства и предавства на македонските борци за слобода.[3]
  12. Стефан Филипов (32 г.) — предавник на 5 партизани од велешко, кој им ветил дека ќе ги сокрие, по што ги предал на бугарите, кои потоа ги стрелале. Во полициското сослушување детално ги опишал нивните ликвидации, со што го признал и делото.[3]
  13. Тодор Порецов (62 г.) — касап и таен полициски агент. Земал директно учество во вооружените борби против македонските партизани во велешкиот регион и областа Азот. Обвинет е за малтретирање и стрелање на македонските борци, кои неговата група ги уапсила.[3]
  14. Диме Сребров (35 г.) — контрачетник и заменик на Пано Манев (Ветерски). Покрај тепањето на многу велешани, тој лично е одговорен за претепувањето на мајката (Јордана) и братот (Трајко) на Јордан Лазаревски. Уапсен е од страна на ОЗНА во Софија, а потоа е суден и осудуван за сите злосторства извршени од 1942 до 1944 година.[3]
  15. Георги Унев (40 г.) — соработник на бугарскиот окупатор, припадник на Михајловистичка контрачета. Учествувал во малтретирање и тепање на селаните од велешкиот крај.[3]
  16. Орце Несторов — поштар; предавник и соработник на бугарскиот окупатор. Ја следел и предал Депа Депинова и Киро Петров - Попадичето. Ги потпомагал акциите на контрачетите.[3]
  17. Ганчо Вишинов — бил полициски агент уште од времето на Кралска Југославија. Продолжил да работи како бугарски агент, кој познавајќи ги симпатизерите на движењето, редовно ги предавал и помагал во нивното апсење и интернирање во затворите.[3]
  18. Владо Јорданов Темелков — од с. Славец; бугарски контрачетник и активен соработник на бугарската полиција. Вршел физичко малтретирање на симпатизерите на НОВ.[3]
  19. Ристо Мајсторов — бивш полицаец во Отоманското Царство; предавник на оригиналното ВМРО. Пробугарски четник од 1920 година, заедно со Пано Манев. Бил контрачетник на кого му било понудено да биде војвода во една таква бугароманска чета.[3]
  20. Георги Црвенов - Војводата — полициски соработник на бугарската полиција, личноста која директно ја покажал куќата каде се криеле Страшо Пинџур и Мирче Ацев.[3]
  21. Перо Дрндаров (52 г.) — таен полициски агент. Составувал списоци, со кои ги предавал сите симпатизери на НОВ кои потоа биле интернирани во логорите во Бугарија.[3]
  22. Мирко Божинов — општ работник, кој од симпатизер на НОВ, преминал од страна на окупаторот. Ги предавал списоците со имиња на симпатизерите на НОВ ѝ учествувал во тепањето и малтретирањето на Велешани.[3]
  23. Милан Зафиров Костов — полицаец од времето на Кралство Југославија, кој се ставил во служба на бугарскиот окупатор. Ги следел и апсел куририте на партизаните и учествувал во многу потери по македонските партизани.[3]
  24. Димко Манасиевконтрачетник и командир на одделение. Предавник е на Богдан Каракостев (борец од партизанскиот одред „Димитар Влахов“) и учесник во многу потери и малтретирања на македонските партизани и селани.[3]
  25. Ѓорѓи Петров — предавник и контрачетник. Земал учество во многу потери по македонските партизани како и во масакрот во Богомила. Со неговите предавства 44 лица (5 жени и 39 мажи) од Велес завршиле интернирани низ логорите во Бугарија.[3]
  26. Петар Косевконтрачетник кој учествувал во сите потери против партизаните. Извршувал ѕверства, убиства и пљачкања по селата.[3]
  27. Петре Тончов (43 г.) — ангажиран како бугарски полицаец ѝ како таков учествувал во многу потери и ѕверства извршени против симпатизерите и членовите на македонското ослободително движење. Тој пред судот го признал неговото учество во убиството на оџата Исмаилов, како и дека тој лично ја пресекол главата на Пецо Даскалот од село Десово (прилепско), ја влечел, плукал и ја фрлал пред народот.[3]
  28. Пано Манев (Ветерски) — деец на про-бугарското крило на ВМРО, водач на контрачета. Од 1941 година, бугарскиот окупатор го назначил за кмет во село Ветерско. Вршел потери по партизаните и лично учествувал во сечењето на парчиња на телата на двајца македонски муслимани Ибраим Османов и неговиот син од Горно Врановци.[3] Неговата контрачета е одговорна за сечењето на главата на седумнаесетгодишната Невена Георгиева-Дуња, а по негова наредба, нејзината глава е надената на кол и шетана низ Велешките улици.[16]
  29. Јордан Бошков (30 г.) — Вработен како бугарски полицаец, кој ги откривал, апсел и тепал македонските борци партизани и нивните симпатизери. Убиец е ѝ на еден партизан учесник во Февруарскиот поход.[3]
  30. Владо Јорданов Темелковбугарски контрачетник и активен соработник на бугарската полиција. Вршел физичко малтретирање на симпатизерите на НОВ. Некои од нив ги претепувал до смрт.[3]
  31. Ангел Ставрев Здравков — предавник на Благој Ѓорев од Велес. Контрачетник и агитатор за ширењето на бугароманијата низ Велешко.[3]
  32. Илија Темелковконтрачетник кој учествувал во многу потери, меѓу кои и оние во Габровник, каде учествува во убиството на еден англичанец од кого заплениле 120 долари. За неговите злодела е награден од бугарскиот окупатор со 10 000 лева.[3]
  33. Јован Лаж-Петков — предавник на партизанот Ѓошо Брзаков. Убиен во водите на реката Вардар. Учесник и во блокадата во Речани на 6 јануари, 1943 година, кога се убиени 5 македонски партизани.[3]
  34. Јован (Иван) Теовбугарски контрачетник и учесник во многу убиства низ велешкиот регион како и убиството на партизаните во Речани.[3]
  35. Илија Николов — контрачетник кој учествува во многу потери против македонските партизани. Тој на сослушувањето на ОЗНА, ги признал своите злодела и учеството на некој од останатите злосторници. Тој лично со секира му ги отсекол ногата и раката на Ибраим Османов од Горно Врановци и е убиец на некој англичанец на Габровската планина од кого секој одзел по 41 долар од вкупно 120 долари.[3]
  36. Тодор Мирчев — предавник на седум партизани во пештерите кај село Војница. Верен на бугарскиот окупатор во борба против својот народ.[3]
  37. Стојан Ангелов — контрачетник и учесник во потери и претепувања на партизаните и недожното население. Пред истражните органи признал дека тој учествувал во претепувањето до смрт на Јанко од Теово, полумртвиот Велимир. Признал и учество во убиството на англичанецот близу Габровник.[3]
  38. Александар Костадиновбугарски контрачетник, виновен за убиствата на 12 души. Учествува во директни борби против партизанскиот одред „Димитар Влахов“. Тој и брат му учествуваат и во малтретирањето и мачењето на 16те симпатизери на НОВ од месноста Сеченица.[3]
  39. Тасе Костадиновбугарски контрачетник, виновен за убиствата на 12 души. Учествувал во директни борби против партизанскиот одред „Димитар Влахов“.[3]
  40. Дачо Трајчевконтрачетник и предавник. Соучесник во убиството на Ибраим Османов и неговиот син од Горно Врановци. Учесник во малтретирања и пљачкосувања низ велешките села.[3]
  41. Атанас Ивановбугарски контрачетник, кој земал учество во многу потери против македонските партизани. Во неговото признание пред властите, изјавил дека борејќи се против партизаните кај Ореов Дол, останал со последниот куршум. Му наишол некој партизан и го прашал чиј сѝ, на што Атанас го излажал дека е нивни борец. Само што се свртел партизанот тој го убил и му ја одзел пушката и облеката.[3]
  42. Ганчо Гинов — организатор на контрачета и контрачетник. Извршувал масовни ѕверства врз македонското население.[3]
  43. Славе Ивановски — Вработен како бугарски полицаец, кој бил секогаш во служба на окупаторот и контрачетниците. Учествува во предавството, а со тоа непосредно и во убивањето на 7 припадници на партизанскиот одред „Димитар Влахов“. Тој е директен убиец на партизанката Нада Бутникошарева.[3]
  44. Ангел Бадников — контрачетник и одговорен за убиството на двајцата борци од партизанскиот одред „Димитар Влахов“ - Тодор Јанев и Благој Јосмов, како и ранувањето на Љубе Здравковски - Орлов.[3]
  45. Дачо Игев — бугарски контрачетник, виновен за убиствата на двајца селани (татко и син) од село Горно Врановци. Учествува во директни борби против партизанскиот одред „Димитар Влахов“.[3]
  46. Камче Ацев - Настев — соработник на бугарската полиција, кој освен предавствата, учествувал во масакрите врз македонското население во Сеченица (Богомилско) и Долно Јаболчиште. Познат како многу крволочен човек, кој лично има сечено, раце, нозе, уши и други делови од телата на македонски граѓани.[3]
  47. Герасим Иванов — организатор на контрачета, која одела по селата да врши злосторства врз македонските селани.[3]
  48. Левко Симеонов — обвинет за учество и организирање на убиства на патриоти од Свети Николе. Близок пријател на Раде Радев. Учествувал во многу блокади и тепања кон симпатизери на ослободителното движење. Дел од нив биле затворени а други интернирани во Видбол, Бугарија.[3]
  49. Мијалчо Василев Димитров — роден во Кочани, работел како бугарски полициски агент во Велес. Активно учествувал во откривањето, затворањето, малтретирањето, интернирањето и убивањето на верните синови на македонскиот народ кои се бореле за слобода на Македонија.[3]
  50. Раде Радев — околиски управител во Свети Николе, народен предавник и убиец. Учесник во многу потери, малтретирања кон недолжното население. Тој е еден од предавниците на Коле Цветков и Ќамуран Тахир.[3]
  51. Цветко Арсов Мутавчиев — роден во Враца, Бугарија. Полициски агент кој учествувал во многу акции против македонските партизани и малтретирањето на македонскиот народ кој им помагал на партизаните.[3]
  52. Али Асанов — ковач, агент и предавник. Учесник во многу потери и злосторства кон македонските партизани и населението кое ги подржувало.[3]
  53. Сејфедин Фајазит (Фазлиов) — најпрво бил скоевец, а потоа станал соработник на бугарскиот окупатор, поточно агентите: Цветко и Величко од Бугарија. Тој е предавникот на Коле Цветков и Ќамуран Тахир.[3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Во интерес на вистината
  2. 2,0 2,1 2,2 Църнушанов, Коста, „Македонизмът и съпротивата на Македония срещу него“, Унив. изд. "Св. Климент Охридски", София, 1992.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 3,15 3,16 3,17 3,18 3,19 3,20 3,21 3,22 3,23 3,24 3,25 3,26 3,27 3,28 3,29 3,30 3,31 3,32 3,33 3,34 3,35 3,36 3,37 3,38 3,39 3,40 3,41 3,42 3,43 3,44 3,45 3,46 3,47 3,48 3,49 3,50 3,51 3,52 3,53 3,54 Група автори (1997). Во интерес на вистината. Велес: Семејства на загинатите борци, осуденици, интерници и жртви на фашизмот од народноослободителната и антифашистичка војна во Македонија.
  4. „Токмаци удрија врз стреланите велешани“. Дневник. 13 април 2009.
  5. „Масакрот во Велес“. Македонска нација. 23 јануари 2013.
  6. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 924 стр.
  7. 7,0 7,1 Ѓорѓи Малковски, Ликвидации без јавни судења, „Нова Македонија“, 15 јануари 1995.
  8. Андонов, Илија - Ченто, „Мојот татко - Методија Андонов Ченто“, Скопје, 1999, ISBN 9989-878-89-9
  9. Рунтев, Александар, „Македонија - Долината на плачот и гробница на своите синови за ВМРО“, Штип, ДООЕЛ - Туртел - Принт, 2002
  10. „66 години подоцна, случај 53 стрелани велешани“. tirekovmirece.com. 15 јануари 2011.
  11. „Вандализам на гробиштата во црквата „Свети Спас" во Велес“. Канал 5. 12 април 2009.
  12. „Осквернавен споменикот на убиените велешани“. Утрински. 13 април 2009.
  13. „Сквернавена гробницата на 53-та стрелани велешани“. A1. 12 април 2009.
  14. „Стреланите велешани и понатаму со искршен споменик“. Дневник. 15 јануари 2011.
  15. „Не рехабилитација, туку поништување на пресудите за ликвидираните“. Време. 17 јануари 2005.
  16. Иваноскки - Планински, Стоилко (1998). Невена Георгиева - Дуња. Скопје: Архив на Македонија заедно со Матица Македонска. стр. 147–157. ISBN 9989-662-11-6 Проверете ја вредноста |isbn=: checksum (help).

Надворешни врски

уреди